Министрите на Мицковски во недвижности тежат над четири и пол милиони евра

Министерката за енергетика Сања Божиновска поседува четири стана во странство од кои два во Шпанија, еден во Португалија и еден во Србија. Министерот Љутков има стан во Банско, Бугарија, додека 4 министри не пријавиле живеалишта воопшто

Пишува: Кристијан Трајчов

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска има најмногу пари врзани во недвижности. Таа пријавила живеалишта вредни над 1 милион евра. Таа поседува два стана во Центар, едниот со површина од 87м2, а другиот од 60м2. Поголемиот стан вреди 80,000 евра, а помалиот 60,000 евра. Поседува и четири стана во странство од кои два во Шпанија, еден во Португалија и еден во Србија. Едниот стан во Шпанија вреди 335,000 евра, а другиот 225,000 евра. Станот во Португалија е проценет на 162,000 евра, а станот во Србија 157,476 евра.

Вкупно сите министри од Владата на Мицкоски во недвижности тежат 4,557,682 евра.

Мицкоски пак во својот анкетен лист има пријавено една станбена куќа во Влае која тежи 437,263 евра.


Веднаш под министерката Божиновска, на второто место е министерот за здравство Арбен Таравари кој во куќи или станови вложил 944,322 евра.

Таравари има две станбени куќи, едната во Гостивар а другата во Карпош, како и стан во Карпош. Интересно е што куќата во Гостивар му е проценета на дури 700,000 евра. Куќата во Карпош пак вреди 150,475 евра, а станот 93,847 евра.

Потоа следува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кои само за два стана дал дури 540,000 евра. Тој поседува стан во Центар 1 од 146м2 и истиот вреди 300,000 евра. Стан поседува и брачниот другар во скопската населба Злокуќани со површина од 115м2 кој вреди 240,000 евра.

Инаку СДСМ ги обвини Тошковски и генералниот секретар на Владата на Мицкоски, Игор Јанушев за прекривање на имот од 400.000 евра во зграда во центарот на Скопје.

На четвртото место се наоѓа министерот за јавна администрација Горан Минчев каде поседува станбена куќа со двор кои вредат 352,844 евра. Тој поседува станбена куќа во Бутел со површина од 329м2 и истата вреди 231,869 евра. Пријавен е и двор со површина од 317м2 и истиот вреди 120,975 евра.
Министерот за правда Игор Филков со 309,100 евра е следен на оваа листа. Неговиот брачен другар има два стана, еден во Карпош и еден во општина Струмица. Тој во Скопје е со површина од 115м2 и вреди 230,000 евра, а тој во Струмица има вредност од 79,100 евра.

После Филков е министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска. Таа поседува стан од 59м2 во Центар и станот вреди 94,860 евра. Исто така, нејзиниот брачен другар има стан во истата населба. Станот има површина од 77м2 и вреди 154,751 евра и вкупно двата стана вредат 249,611 евра.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински поседува куќи или станови кои вредат 198,316 евра. Неговите родители поседуваат два стана во Кисела Вода, едниот со површина од 24м2, а другиот со површина од 72м2. Помалиот стан вреди 20,829 евра, а поголемиот 62,487 евра. Постои и уште еден стан во Кисела Вода на име на брачниот другар во вредност од 115,000 евра.

Иван Стоилковиќ кој е министер за политички систем и односи меѓу заедниците на име на брачен другар има пријавено стан од 101м2 во Куманово во вредност од 69,105 евра, а има и стан од 51м2 на негово име во Србија и истиот вреди 117,886 евра со што вкупно ваквиот имот вреди 186,991 евра.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска поседува два стана во Центар и куќа во село Слоештица. Едниот стан е со површина од 95м2, а другиот од 74м2. Првиот стан вреди 78,780 евра, а другиот 75,921 евра, а куќата ја проценила на 20,737 евра. Вкупната вредност на нејзиниот имот е 175,438 евра.

Во однос на недвижниот имот скромен е и министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Пријавена е само една куќа во Скопје и тоа како имот на родителите. Куќата е со површина од 516м2 која ја проценил на 150,000 евра.
Следен е министерот за европски прашања Орхан Муртезани кој поседува станбена куќа во Сарај која е со површина од 248м2 и вреди 120,000 евра.

После него на листата е и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски кој поседува стан во Кисела Вода кој вреди 64,000 евра и станбена куќа во Петровец на име на родителите која вреди 48,780 евра. Ваквиот имот вкупно вреди 112,780 евра.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски е следен на листата каде заедно со сопругата, имаат стан во Центар, истиот е купен годинава и вреди 66,838 евра.

Министерот за транспорт Александар Николоски е меѓу последен на листата каде располага со стан од 60 квадратни метри во Охрид, сопственост на сопругата вреден 58,536 евра со кој се стекнал во 2018 година.
После Николоски, претпоследен на листата е министерот за одбрана Владо Мисајловски каде на негово име е пријавена станбена куќа од 113м2 во Волково и истата вреди 55,284 евра.

Последен на листата е министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој поседува еден стан и тоа во Бугарија. Станот е со површина од 45м2, се наоѓа во Банско и вреди скромни 18,146 евра.

Оние кои немаат недвижности се министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и министерот за спорт Борко Ристевски кој во својот имот има пријавено само еден автомобил и рачни часовници.

Оставете коментар

коментар(и)