Мицкоски зема двојно поголема плата од српскиот премиер Вучевиќ

Христијан Мицкоски е втор најплатен премиер во Западен Балкан. Со покачувањето на платите на функционерите за 70%, повеќе плата од него зема само албанскиот премиер Еди Рама

Пишува: Кристијан Трајчов

Премиерот на Албанија Еди Рама зема месечна плата од дури 3600 евра, додека просечната е 670 евра, што значи платен е повеќе од петпати од просекот.Тој веќе 11 години е премиер на Албанија и е водач на Социјалистичката партија на Албанија од 2005.

Бил и министер за култура и спорт, а во три последователни мандати бил и градоначалник на Тирана (2000–2011).

На второто место се наоѓа актуелниот премиер на Северна Македонија Христијан Мицкоски кој само еден месец е премиер на државата. Деновиве Владата ги објави платите на Мицкоски, како и на министрите од неговата Влада. Мицкоски заработува по 2280 евра, месечно. Платата на министрите е 115.540 денари, односно 1.870 евра. Платата на Тошковски е повисока од платите на другите министри по Одлуката на Владата од јуни 2017-та, со која министерот за внатрешни добива посебен додаток од 20 одсто, што ги изедначува неговите примања со оние на премиерот.

Ваквиот потег Владата рече дека е дел од нивните заложби за поголема дигитална транспарентност и доказ дека висината на платите е јавен податок.

После Мицкоски е премиерот на Босна и Херцеговина Нермин Никшиќ кој заработува 1862 евра на месечно ниво. Тој ја извршува функцијата премиер на Федерацијата на Босна и Херцеговина од април 2023 година, а претходно беше од 2011 до 2015 година.

Тој е и актуелен претседател на Социјалдемократската партија и служеше како член на националниот Претставнички дом од 2018 до 2022 година.

Веднаш зад Никшиќ се наоѓа Милојко Спајиќ со 1813 евра. Милојко „Мики“ Спајиќ е црногорски политичар и финансиски инженер кој ја извршува функцијата премиер на Црна Гора од октомври 2023 година. Тој исто така беше министер за финансии и социјална заштита во Владата на Црна Гора и во кабинетот на Здравко Кривокапиќ од 2020 до 2022 година.

Спајиќ е претседател на центристичката партија Европа сега. Од 2024 година, тој е четвртиот најмлад државен лидер во светот, по Габриел Атал од Франција, Ибрахим Траоре од Буркина Фасо и Даниел Нобоа од Еквадор.

На петтата позиција се наоѓа Албин Курти со 1785 евра месечно. Тој ја извршува функцијата премиер на Косово од 2021 година, а претходно ја извршуваше функцијата од февруари до јуни 2020 година. Освен државјанин на Косово, Курти е и државјанин на Албанија.

Тој стана познат во 1997 година како потпретседател на студентскиот сојуз на Универзитетот во Приштина и главен организатор на ненасилните студентски демонстрации од 1997 и 1998 година.

Курти потоа работеше во канцеларијата на Адем Демачи кога тој стана политички претставник на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Курти е пратеник во Собранието на Република Косово од 2010 година во три последователни законодавни домови.

На последно местото се наоѓа премиерот на Србија Милош Вучевиќ со „само“ 1572 евра. Од 2024 година ја извршува функцијата премиер на Србија, а од 2023 година е претседател на Српската напредна партија (СНС).

Тој стана градоначалник на Нови Сад за прв пат по локалните избори во Нови Сад во 2012 година. Потоа беше реизбран за градоначалник по изборите во 2016. Во 2020 година е избран за потпретседател на партијата, додека од 27 мај 2023 година ја извршува функцијата претседател на СНС.

Функцијата вицепремиер на Владата на Србија и министер за одбрана ја извршуваше од 26 октомври 2022 година до 2 мај 2024 година. Тој е близок соработник и доверлив човек на Александар Вучиќ и неговиот брат Андреј.

Оставете коментар

коментар(и)