Нема состојба во државава што не може да се реши со добра човечка волја и со граѓански активизам каков што развива и Женското лоби“, рече авторката Лилјана Поповска денеска во скопскиот хотел „Холидеј ин“ на промоцијата на својата публикација „Мултикултурни поврзувања во граѓанскиот сектор во Република Македонија – влијание врз јавните политики и социјалната кохезија“.
Издавач на трудот е Македонскиот центар за меѓународна соработка, издавач директор на МЦМС Александар Кржаловски, а промотори Ѓулумсер Касапи и Сашо Клековски.
„Тој што одбива да комуницира сои другите култури засекогаш е осуден никогаш да не порасне и тој за секогаш ќе остане во мракот на својата национална и културна празнина. Запознавањето на културите на другите е богатство на духот и богатството на човештвото“, порача Касапи оценувајќи го трудот на Поповска како вонредно вредна трага во македонското мултикултурно општество.
„Лилјана Поповска со својот „двоен“ идентитет, со својот животен ангажман и во политичките партии и во граѓанските организации, е одличен пример за животна активност која овозможува влез на активистите во државните институции и нивно директно влијание врз општествените процеси“, рече промоторот Сашо Клековски.
Публикацијата „Мултикултурни поврзувања во граѓанскиот сектор во Република Македонија – влијание врз јавните политики и социјалната кохезија“ на Лилјана Поповска го истражува влијанието на мултикултурните поврзувања во граѓанскиот сектор во Република Македонија врз јавните политики и социјалната кохезија како механизам за јакнење на граѓанскиот концепт на државата. Публикацијата е со нагласен акцент врз Македонското женско лоби, мрежа на организации кое ги обедини жените во борба за поголеми права надминувајѓи ги политичките, етничките, верските и културните разлики.
Издавањето на публикацијата е овозможено од „Цивика мобилитас“, проект на швајцарската агенција за развој и соработка СДЦ како и од МЦМС и шведскиот институт за јавна администрација.