Автор: Горазд Чомовски
Излегувајќи од еден елитен ресторан во Скопје, лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски беше спектакуларено приведен од страна на полициските специјални сили. Ден по предвремените парламентарни избори во 2011 година, тој имал средба со човек, за кој се мисли дека му ја дал хартиената торба во која имало 100 илјади евра.
„Ме наместија“, извика бившиот министер за внатрешни работи Бошковски, додека претставници на полицијата му ги ставаа лисиците. Тој беше осуден за кривичното дело „злоупотреба на службената положба“, при што доби казна затвор во траење од 7 години.
Со ова, Бошковски стана единствениот политичар во Република Македонија кој одлежа казна затвор за незаконско финансирање на предизборната кампања. Со тоа што му биле одземени и парите кои ги носел во хартиената торба, тој истовремено стана и единствен политичар на кој му е одземен незаконски стекнат имот.
ФЕДЕРАЛИЗАЦИЈА ИЛИ КОНФИСКАЦИЈА
На 3 јуни 2016 година, само три дена пред да наполни точно 5 години од спектакуларното приведување, Бошковски беше пуштен на слобода. Надвор ја затекна истата ситуација и пред да влезе во затвор – изборна тензија и криза. Во јавноста веќе беа објавени прислушкувани материјали од страна на опозицијата, со кои се стремеше да се покаже дека тој, всушност, бил жртва на монтиран политички процес.
Предизборната кампања која ја затекна, повеќе личеше на борба за убедување на јавноста за тоа што ја очекува земјата по изборите – федерализација или конфискација. Додека ВМРО-ДПМНЕ ја плашеше јавноста дека „ако победи СДСМ Македонија ќе се федерализира“, Социјал-демократите на Зоран Заев се обидуваа да смируваат дека ако победат „ќе има само конфискација“.
“Ни треба канализација“, беше одговорот на жител од скопско Арачиново, во една ТВ анкета. Ова изјава ја отсликува најновата “апатија“ на граѓаните кон очекувањата дека на криминалците од власта ќе им биде одземен имот стекнат на незаконски начин.
Експертите велат дека со конфискацијата од сторителот се одзема непосредната корист која е прибавена со кривично дело. Тоа може да бидат пари, движни или недвижни предмети од вредност, како и секоја друга сопственост, имот или актива, материјални или нематеријални права. Ако нивната конфискација не е можна од сторителот ќе се одземе и друг имот што одговара на вредноста на прибавената корист или штетата што треба да се исплати.
Никој, па дури ниту иницијаторите на масовната конфискација на имот, не веруваат дека е можен брз и ефикасен поврат на стотици милиони евра што илегално се изнесени од државата и станаа приватни депозити во странски банки.
Пред една деценија започна примената на мерките за замрзнување на имотот за осомничените за криминал. Во изминатиот период, неколкуте крупни судски процеси завршија со заплена на имот на актерите во случаите „Бачило“, осудените за приватизацијата на ЕМО и „Славија“, кумановска „Бисерка“, дел од акционерскиот капитал на „Агроплод“.
Но што е со обесштетувањето на напатените од аферата со пирамидалната штедилница ТАТ на Соња Николовска или со банкарските депозити на клиентите од пропадната „Ексим-Импорт Банка“ на Методи Смиленски?
Транзициската дамка на овие афери со инволвираност на гувернер(и), банкари, политичари, им овозможи шанса на владите на Никола Груевски да ја создадат пиар – стратегијата – “и порано така се правело.“
Со таквото релативизирање на политичката одговорност и дезавуирање на кривично – правната заштита досега не се процесираат сомневањата за мито и корупција на партиско – владините елити во меѓународната афера со македонскиот „Телеком“. Јавното обвинителство и натаму “истражува“ колку се веродостојни исказите за милионска подмитливост на министри и пратеници со чие лобирање, во име и за сметка на личните интереси, на мултинационалната компанија и беше дозволена монополска позиција на пазарот.
Во јавноста се појавија и слични сомневања за корупција при купувањето на ОКТА и ЕСМ, како и анекс-договори со сомнителни и повластени позиции на странските инвеститори.
ЛИСТА СО ЕДЕН ПОЛИТИЧАР, ДИРЕКТОР, ГРАДОНАЧАЛНИК И 35 ЛЕКАРИ
Според податоците кои СКУП ги доби од Агенцијата за управување со одземен имот, освен на Бошковски имот му е одземен и на Слободан Богоевски, бившиот директор на ДБК, за кривичните дела „перење пари, злоупотреба на службена положба и овластување и даночно затајување“. За истиот случај имот им е конфискуван и на двајца адвокати.
Имот му е одземен и на поранешниот градоначалник на скопската општина Карпош, Саша Димиќ, за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
И, на крајот на листата се 35 лекари, на кои исто така им е одземен имот за делото „прибавување имотна корист“.
“Само во периодот март – мај 2010 година беа прифатени 40-тина судски одлуки со што се изрекуваа и мерките конфискација на имот. Неговото чување или продажба и е препуштено на Агенцијата за управување со одземен имот“, посочува првиот директор на Агенцијата за управување со одземен имот, адвокатот Ванчо Шехтански.
ДОКТОРИ
– С. Ј. Имотна корист изречена со пресуда- 1.370.693,00 –Платена имотна корист
– Љ. В.- Имотна корист изречена со пресуда-679.551,00 – не е платена имотната корист
– А. К. Имотна корист изречена со пресуда-534.982,00 – Платена имотна корист
– Љ. Б. Имотна корист изречена со пресуда- 1.635.925,00 – не е платена имотната корист
– С. Д. Имотна корист изречена со пресуда- 1.635.925 – не е платена имотната корист
– Љ. С. Имотна корист изречена со пресуда–307.501,00 – ненаплатени 250.560,00 денари
– Љ. П. Имотна корист изречена со пресуда-332.150,00 – уплатил 12.000,00
– С. Т. Имотна корист изречена со пресуда290.216,00 – уплатил 7.418,00
– З. Н. Имотна корист изречена со пресуда–266.052,00 – нема наплата
– М. Д. Имотна корист изречена со пресуда–302.351,00 – нема наплата
– З. Б. Имотна корист изречена со пресуда- 165.184,00 – нема наплата
– Ѓ. Х. А. Имотна корист изречена со пресуда-756.726,00 – уплатил 11.000,00
– В. П. Имотна корист изречена со пресуда-87.142,00 –нема наплата
– О. М. Имотна корист изречена со пресуда-776.042,00 – нема наплата
– Б. Т. Имотна корист изречена со пресуда-405.575,00 – нема наплата
– И. Б. Имотна корист изречена со пресуда- 248.529,00 – наплатено
– Ј. Б. Имотна корист изречена со пресуда 173.572,00 – нема наплата
– Ф. Т. Имотна корист изречена со пресуда 252.791,00 – нема наплата
– Г. Н. Имотна корист изречена со пресуда 232.980,00 – нема наплата
– Ј. М. Имотна корист изречена со пресуда 61.871,00 – нема наплата
– И. В. Имотна корист изречена со пресуда 61.871,00 – нема наплата
– А. А. Имотна корист изречена со пресуда 118.185,00 – нема наплата
– Т. П. Имотна корист изречена со пресуда 30.500,00 – нема наплата
– Љ. Г. Имотна корист изречена со пресуда 45.750,00 – нема наплата
– Е. Ш. Имотна корист изречена со пресуда 15.250,00 – нема наплата
– И. Т. Имотна корист изречена со пресуда 1.139.158,00 – нема наплата
– Д. Б. Имотна корист изречена со пресуда 290.163,00 –уплатил во целост
– В. Д. Имотна корист изречена со пресуда 270.771,00 –должи 8.762,00
– М. А. Имотна корист изречена со пресуда 12.200,00 – нема наплата
Aнализите на СКУП покажуваат дека во последните три години е конфискуван имот во 88 судски пресуди, главно за даночно затајување, но не и за дела од трговија со луѓе, дрога, оружје. При тоа е продаден имот во вредност од само 130 илјади евра.
НЕЗАКОНСКИОТ ИМОТ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРИКРИЕ
Со реформите на ЗКП од 2009 година предлозите за постојниот систем на конфискација дозволува и следење на банкарските трансакции и сметки, овластување за увид во нивните движења и суми, следење на сопственичкото движење на недвижниот имот. Тие оневозможуваат прикривање на имот што би бил замрзнат за осомничениот или осудениот за кривични дела, оценуваат академик Владимир Камбовски и м-р Бобан Мисоски во заедничкото образложение за кривично – правните аспекти на конфискацијата на имотот. “Прифаќањето на овој сет од мерки мора да биде поставена рестриктивно, само за тешки кривични дела од користољубие, во рамките на едно злосторничко здружение или системи на организираниот криминал. Второ претпоставката дека одреден имот е добиен со криминален принос треба да се заснова врз релативни докази што треба да ги обезбедат Обвинителството или Судот. Иако товарот на докажување дека одреден имот има легално потекло, а не е дел од криминалните активности паѓа врз грбот на осудениот, тоа не значи дека надлежните институции кои располагаат со информации за потеклото ан одземениот имот треба да го опструираат осудениот или лицето кому му се одзема
Компаративните сознанија со земјите до југо – транзицијата покажуваат дека криминалот на белите јакни, судските процеси против нив, во Србија и Хрватска, не ги даваат очекуваните ефекти за пошироката јавност.
Владимир Костиќ од Центарот за истражувачко новинарство на Србија вели дека во ова земја конфискацијата воопшто не функционира кога станува збор за политичари.
“Законот за одземање имот во Србија важи од 2009 година и досега не е спроведена конфискација за ниту еден од политичарите или тајкуните кои се огрешиле од кривичниот закон. Неодамна на осудениот Милорад Улемек – Легија му е одземена куќа, иако висок полциски службеник јавно потврдил дека таа е стекната пред осудителната пресуда за командантот на Црвените беретки“, објаснува тој.
Во Хрватска ссотојбата е прилично нејасна, откако Уставниот суд ја укина десетгодишната казна за екс-премиерот Иво Санадер, кој беше обвинет дека земал мито при продажбата на ИНА на унгарската нафтена корпорација МОЛ, со догвор што бил штетен за државните интереси. Токму ова повторена судска постапка се совпадна со Арбитражата во која Хрватската влада го изгуби спорот со инвеститорите од Унгарија.
Аферата Санадер ја потресе ХДЗ, ја покажа корумпираноста на хрватските елити и се очекуваше дека екс-премиерот ќе го изгуби целиот семеен имот, оценува за СКУП Саша Лековиќ, истражувачки новинар.
“Во овој период само во два случаи на осудени за корупција, мито и организиран криминал им беше замрзнат личниот имот поради сомневање дека е стекнат на незаконски начин. Но, се уште нема судска одлука за одеземање на таквиот имот. Имотот на Иво Санадер и претседателот на Хрватската комора Надан Ивошевиќ се уште не е слободен за правен промет, но и не е ниту конфискуван од сопствеништвото на овие, довчера, две влијателни политичко-бизнис фаци во Загреб.“
Но, во далечната Кина, годинава, се повратени 330 милиони долари преку програмата за екстрадиција или апсења на 922 корумпирани високи владини функционери кои парите ги чувале главно во американските банки. Тие средства се конфискувани и вратени во државната каса. Се претпоставува дека кинезите, во последнава декада, успеале да исперат и да изнесат над 5о милјарди долари, стекнати со сомнителни трансакции и да ги чуваат, главно во САД и Велика Британија.
„СИСТЕМОТ ЗА БОРБА ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ Е ЦЕЛОСНО ЕРОДИРАН“
Прислушуваните разговори во Македонија само реторички ги потврдија сомнежите за нечесните зделки при проектот “Скопје 2014”, изградбата на автопатиштата, тенденциозно уништување на имот на политичките противници, криминални зделки и провизии.
Специјалното јавно обвинителство (СЈО), при процесуирањето на првите кривични дела од прислушуваните разговори, побара замрзнување на имотите на осомничените од злосторничкото здружување. Кривичниот суд не ги прифати предлозите на СЈО за замрзнување на имотот на осомничените.
Ване Цветанов, поранешен директор на Управата за спречување на перење пари и финансиски тероризам, во разговор со СКУП вели дека системот за борба против организираниот криминал е целосно еродиран. Ова, според него, била „свесна операција со која ќе се овозможи масовниот грабеж од припадници на власта“.
„До 2010 години на сите позиции во Судството, МВР, ЈО, УЈП, Царина, Финансиската полиција…беа поставени кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Паралелно започнаа притисоци и преку државните инспекции за да се преземат контролните сопственички пакети во попрофитабилните македонски компании. Преку оваа операција се прибираше по еден милион евра дневно“, вели Цветанов.
Адвокатот Петро Јанура вели дека нашиот кривичен законик содржи одредби за проширена конфискација кои се однесуваат на имотна корист прибавена со потешки кривични дела.
Со проширената конфискација, објаснува Јанура, „се одзема имотот стекнат во временски период пред осудата што судот ја изрекува според околностите на случајот, но не подолг од пет години пред сторувањето на делото, кога врз основа на сите околности судот основано е уверен дека имотот ги надминува законските приходи на сторителот и потекнуваат од такво дело“.
„Одземањето имотна корист се применува и врз имотна корист од трети лица кои оствариле сопствен или заеднички бенифит од сторителот, како и на имот од членови на семејството на сторителот или трети лица на кои е пренесен, ако не докажат дека дале противнадоместок што одговара на неговата вредност”, вели Јанура.
Според него, можноста да се одземе и имот на брачниот другар на сторителот на кривичното дело, го соочил со случај кога се одземени пари и накит од личниот банкарски сеф на сопругата. “Имено, со првостепената судска пресуда на сопругата на еден од обвинетите се конфискувани парични средства од нејзиниот сеф. За да се донесе одлука за конфискација треба да постои доказ за поврзаност на имотот со кривичното дело, како и да се даде шанса на поединецот да го објасни потеклото на средствата”.
КАКО СЕ КОНФИСКУВА ВО ЕВРОПА?
Во европското законодавство конфискацијата на илегално стекнатиот имот се враќа како општа мерка, утврдена само со судска одлука. Во битката со организираниот криминал, како и злоупотребите на власта за прибавување лична или корист на организирана група или злосторничко здружување, одземањето на противправната корист и имот се одвива и во таканаречената “потрага по изворот на парите,“ за да се затнат каналите на легализација на криминалните приноси. Во Варшавската конвенција применета во домашните законодавства, судот може да го заплени и целокупниот имот на еден сторител, на неговото семејство и партнери ако биле во незаконски односи. Привремената или трајна заплена ќе ги имобилизира сиот имот и пари на сторителот, вклучително и профитот или имотот стекнат со оплодување на илегалниот капитал или неговата легализација на финансиските пазари. Ако зафаќањата се прекумерни, тогаш обврската на докажување на легалноста на имотот паѓа врз казнетите сторители.
имотот”.
ОПСТАНОКОТ НА АГЕНЦИЈАТА Е ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК
Поранешниот претседател на Комората на извршители Гордан Станковиќ вели дека формирањето и опстанокот на Агенцијата за управување со одземен имот е под знак прашалник. „За постапката пленидба на имот на осудениот, само по судската одлука, се задолжени извршителите. Откако ќе се направи проценка колкав имот е доволен за обесштетување и дали реално постои, се огласува за продажба, се продава и потоа се делат парите меѓу номинираните доверители. Должниците често ги прикриваат своите предмети, машини, стока во склад, се губи трагата на банкарските депозити или тие се недостапни за извршителите. Во таков случај Извршителот е немоќен и престанува со барањето за конфискуван имот за продажба“, вели за СКУП Станковиќ.
„Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.
„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.