Пишува: Сашка Цветковска
Предвремените парламентарни избори завршија, но потсетник за жестоките кампањски денови уште може да се види во големата бројка на билборди кои сѐ уште не нашле нови кираџии. За партиските трошоци за медиумска кампања и пропаганда се зборува многу. За јавноста особено се атрактивни државните милиони кои одат на сметката на медиумите, проследени со обвинувања за фаворизирање на леви или десни, свои или туѓи медиуми. Но, селективните пораки на комуникација платени со државни пари завршија, а добар дел и останаа запечатени на повеќето од вкупно 531 билборд за кои што државата на шест политички партии им плати речиси 600 илјади евра.
Бизнисот со билбордите секогаш бил привлечен. Дотолку што во минатата деценија одредени компании буквално правеa непријателски преземања на други компании, додека политичките партии итаа да обезбедат своја “фиљан” фирма со цел што подобро позиционирање за време на изборите, кои во последните 10 години се одржуваат буквално секоја година. Да се има атрактивен билборд секогаш било важно. Исто како и за медиумите, изборите се златниот сон на секој сопственик за билборд, особено сега, со измените во клучните закони кои го определуваат начинот на финансирање на изборите, а којшто беше донесен во четири очи во Клубот на пратеници со амин на четирите најголеми политички партии и без јавна дебата. Ако порано некои фирми беа политички уценувани или преку донирани билборди им возвраќаа други услуги на партиите, сега на секој му е загарантирано правото на наплата, оти за сите трошоци плаќа државата, а фактури се доставуваат во ДИК.
билборди | партија | сума (денари) | сума(евра) | вкупно евра |
Скрин Медиа ДООЕЛ | Алијанса за Албанците и Алтернатива | 149,494 | 2,431 | |
Коалиција Обнова – ВМРО | 4,848,643 | 78,840 | ||
Глас за Македонија | 68,257 | 1,110 | ||
ДПА | 289,070 | 4,700 | ||
ДУИ | 1,805,598 | 29,359 | ||
Единствена Македонија | 395,612 | 6,433 | ||
Интегра | 104,573 | 1,700 | ||
Левица | 223,366 | 3,632 | ||
Коалиција Можеме – СДСМ | 2,249,924 | 36,584 | ||
Социјалдемократска унија | 131,846 | 2,144 | 166,933 | |
Акцент Медиа ДООЕЛ | ДПА | 242,253 | 3,939 | |
Алијанса за Албанците и Алтернатива | 310,510 | 5,049 | ||
Единствена Македонија | 467,953 | 7,609 | ||
Граѓанско Демократска Унија ГУД | 267,485 | 4,349 | ||
Галас | 93,780 | 1,525 | ||
Интегра | 492,820 | 8,013 | ||
Левица | 384,236 | 6,248 | ||
Социјалдемократска унија | 64,973 | 1,056 | ||
ДУИ | 1,057,543 | 17,196 | ||
Коалиција Можеме – СДСМ | 5,948,483 | 96,723 | ||
Коалиција Обнова – ВМРО | 7,178,930 | 116,731 | 268,438 | |
Лид Комјуникејшнс ДОО | Коалиција Обнова – ВМРО | 1,279,982 | 20,813 | |
Коалиција Можеме – СДСМ | 1,850,393 | 30,088 | ||
Интегра | 151,701 | 2,467 | ||
Социјалдемократска унија | 129,104 | 2,099 | ||
Граѓанско Демократска Унија ГУД | 53,973 | 878 | ||
Левица | 312,157 | 5,076 | ||
Единствена Македонија | 312,157 | 5,076 | 66,495 | |
ОК Медиа ДООЕЛ | Коалиција Обнова – ВМРО | 1,720,499 | 27,976 | |
Коалиција Можеме – СДСМ | 2,866,414 | 46,608 | ||
Интегра | 106,483 | 1,731 | ||
Социјалдемократска унија | 207,137 | 3,368 | ||
Граѓанско Демократска Унија ГУД | 134,933 | 2,194 | ||
Левица | 199,835 | 3,249 | 85,127 |
Мал пазар, крупни риби
Државната изборна комисија со ждрепка ги одредуваше локациите на кои политичките партии ќе ги промовираат своите кандидати за парламентарните избори. Во игра влегоа девет фирми кои ги нудат своите билборди и огласни паноа за политичка реклама. Дел од нив се гиганти во овој бизнис, дел се помали фирми кои стопанисуваат со мал број на билборди, а дел се анонимни во сферата на маркетингот. Истражувањето на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) кое почна со идеја да открие кои се фирмите кои ќе добијат дел од парите од партиите за кампања, нѐ одведе дури до Русија и бизнисменот Сергеј Самсоненко. И во овој бизнис испреплетен со луѓе и фирми сопственост на неговиот пријател Јордан Камчев.
Две фирми од деветте кои ги нудеа рекламните паноа на изборите се лидери во овој маркетинг. „Скрин Медиа“ од Желино и „ОК Медиа“ од Скопје. Првата се поврзува со внукот на починатиот висок функционер на ДУИ, Абдулаќим Адеми, кој што во времето на формирањето на фирмата имa министерска функција. Се сметаше за човек од највисока доверба на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, а бизнисите, вклучително и овој на хартија се водеа на внукот Емљедени Адеми. Нејзиното формирање и брзите профити предизвикуваа новинарски истражувања, а неделникот „Фокус“ прв ги обелодени врските на партијата со бизнисот. Втората е фирма ќерка на „Орка Холдинг“, односно на Јордан Камчев. Овие две фирми имаат најмногу билборди низ целата држава. Фирмата од Желино е формирана во 2008 година и има повеќе од 600 локации низ цела Македонија, а најголем дел се сконцентрирани во Скопје.
Камчев во маркетинг сферата официјално влегува во 2018 година, кога преку неговата фирма „ОК ИДЕА“, ја купува компанијата „Кала Плакат“ од Скопје. Но, документите од Централниот регистар покажуваат дека истите имиња кои се појавуваат како основачи и управители во „Кала Плакат“, а подоцна и во „ОК Медиа“, се поврзани со уште една фирма – „Лид комјуникејшнс“. И оваа фирма се најде во ждрепката на ДИК за парламентарните избори. Основана е во 2013 година на адресата „Скупи“ 3А, седиштето на „Орка Холдинг“. Ја формирале бугарски државјанин-Максим Мончо Бехар и „ОК ИДЕА ДООЕЛ“. Низ годините има многу промени, влегуваат содружници, се продаваат удели, а последната промена е во јануари оваа година кога се најавуваат предвремени избори. Сопственик на „Лид Комјуникејшнс“ станува „Кала Медиа ДООЕЛ“, фирма основана истиот месец, во јануари, од Бобан Величковски. Во април годинава „Кала Медиа“ ја купува фирмата „Импакт Трејд ДООЕЛ“.
Рускиот другар на Самсоненко и Камчев
„Импакт Трејд ДООЕЛ“ е нова фирма, формирана во декември минатата година, а дејноста е одгледување на жита, мешункасти растенија и маслодајно семе. Но, како сопственик на „Лид Комјуникешнс“ сега влегува и во бизнисот за маркетинг и реклама. Сопственик на „Импакт Трејд“, според документите од Централниот регистар, е извесен Ниматула Богавдинов од Романија. Потрагата по дата базите на компании и фирми низ светот името на Ниматула Богавдинов го поврза со руско – македонскиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Богавдинов бил содружник со Самсоненко во неговата фирма со обложувалници „Бет сити“. А, нивното партнерство е заверено и во Англија, каде имаат заедничка фирма Cosabas LLP во Лондон. Богавдинов лесно можеше да се пронајде и на социјалната мрежа Фејсбук, каде има слики од Скопје, од ракометниот клуб Вардар и видеа од Сергеј Самсоненко.
„ОК Медиа“ во последните три години завршува со добивка од неколку стотици илјади евра. Во 2017 остварува 258.000 евра, следната година 302.000 евра, а лани го достигнува рекордот од 513.000 евра остварена добивка.
Скромно низ годините почнува и „Скрин медиа“ од Желино со добивка од дваесетина илјади евра годишно. Бизнисот почнува да расте од 2016 година кога остварува добивка од 228.000 евра, а во 2019 година завршува со чист ќар од 552.000 евра.
На овие избори, први за фирмата на Багданинов, тој заработил 66,495 илјади евра. Најголемиот дел од билбордите ги закупил СДСМ, а потоа како втори се ВМРО ДПМНЕ. Локациите за билборди ДИК ги одредува со ждрепка.
Коалиција Обнова – ВМРО | 1,279,982 | 20,813 |
Коалиција Можеме – Сдсм | 1,850,393 | 30,088 |
Интегра | 151,701 | 2,467 |
Социјалдемократска унија | 129,104 | 2,099 |
Граѓанско Демоктраска Унија ГУД | 53,973 | 878 |
Левица | 312,157 | 5,076 |
Единствена Македонија | 312,157 | 5,076 |
ОК Медиа и сите луѓе на Камчев
Фирмата „ОК Медиа“ е основана во 2006 година од Круме Апостолов и Бобан Величковски. Управител е Бобан Величковски. Првичното име на фирмата е „Кала Плакат ДОО Скопје“. Во 2007 од фирмата излегува Бобан Величковски. А повторно влегува во 2015 година, заедно со Виктор Белевски.
Во 2015 година се менува седиштето на фирмата на Козара бр. 64 Б во Скопје и повторно Величковски излегува, остануваат Круме Апостолов и Виктор Белевски. Во 2016 година фирмата се сели на Скупи бр. 3А, истата адреса на болницата „Систина“. Круме Апостолов излегува од фирмата, останува само Виктор Белевски.
Во 2017 година сопственик станува Благоја Георгиев, брат на Ана Камчева или сопругата на Јордан. Истата година влегува уште еден содружник – Ненад Јосифовиќ, заедно со Белевски и Георгиев.
Во 2018 година фирмата добива ново име „ОК Медиа ДООЕЛ“, а Георгиев, Белевски и Јосифовиќ излегуваат од фирмата. Како единствен сопственик станува „ОК ИДЕА ДООЕЛ“ ( фирма во сопственост на „Орка холдинг“) Управител е Сашо Нефовски.
Последна промена се случила во 2019 година кога на местото на Нефовски доаѓа Владимир Јосифовски.
Како Ниматула Багданинов станува билборд менаџер
Фирмата Импакт Трејд е основана во 2013 година на адреса Скупи 3А во Скопје. Основач е бугарски државјанин Максим Мончо Бехар од Софија и „ОК ИДЕА ДООЕЛ“ фирма во сопственост на Орка Холдинг. Управител е Катерина Зафировска. Во 2015 година, Бугаринот излегува од сопственоста, а останува само „ОК Идеа ДООЕЛ“. Истата година „ОК ИДЕА“ излегува, а влегува Зоран Ристовски како единствен сопственик. Во 2016 година седиштето се сели на Козара бр.64 Б/11, Зоран Ристовски излегува од сопственичка структура на фирмата, влегува Стефанија Величковска како единствен сопственик. Следната, 2017 година Стефанија Величковска излегува од фирмата, а влегуваат Цветанка Апостолова и Милорад Величковски. Истата година Златко Пирузе влегува во содружништво со Апостолова и Величковски. Во јануари 2020 година од фирмата излегуваат овие двајца, останува Пирузе и влегува фирмата „Кала Медиа ДООЕЛ“ (фирма основана на 27 јануари 2020 од Бобан Величковски), а од април 2020 година „Кала Медиа ДООЕЛ“ ја купува „Имапкт Трејд ДООЕЛ“, каде управител е Ели Нефовски.
Друштво за земјоделство, трговија и услуги „Импакт трејд“ е основана на 12 декември 2019 година. Адресата е 1737 бр 24-лок 3. Сопственик е Ниматула Богавдинов од Романија. Дејноста е одгледување на жита (освен ориз), мешункасти растенија и маслодајно семе. ИРЛ направи повеќе обиди преку емаил и телефонски пораки да стапи во контакт со сопственикот, но безуспешно.
Руско – македонско пријателство
Сергеј Самсоненко во Македонија доаѓа есента 2006 година, само неколку месеци по победата на партијата на Никола Груевски. Прв бизнис му се обложувалниците Бетсити Балкан, а до 2011 година како вработен во неговите фирми се појавува поранешниот пратеник на партијата на Груевски, Александар Пандов. Потоа, со години главен менаџер и десна рака му беше Ратко Капушевски, член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на салата „Борис Трајковски“. Блискоста со тогашната владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ не ја криеше и јавно се појави во спот нарачан од ова партија во 2014 година со отворена подршка на Никола Груевски.
„Никогаш не сум побарал ништо од ВМРО, а ВМРО не ми дало ништо“, изјави Сергеј Самсоненко во телевизиско интервју во 2016 година.
Самсоненко во јавноста важи за богат човек, а во едно интервју и самиот се проценува на 100 милиони евра. Од доаѓањето во Македонија неговиот бизнис само се ширеше. Спортски клубови, ланец обложувалници, млекарска и градежната индустрија, хотели…Во јавноста често беше обвинуван дека бизнисот му цвета поради блискоста со тогашната власт. Не само што со партијата беа поврзани менаџерите на неговите компании, туку и неговиот „најблизок пријател и прв сосед во Македонија“. Така зборува за бизнисменот Јордан Камчев со кого живеат врата до врата во приватен елитен комплекс во населбата Бардовци.
“Не, не, не”, вели Самсоненко кога ќе се сугерира дека нивната релација е и бизнис релација. “Тоа не е вистина. Ние со Камчев сме пријатели, соседи, но немаме заеднички бизниси. Јас единствено влегов во еден период во „Здравје Радово“ и тоа беше се.
Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.