Невладините бараат итен избор во државните институции

Десет мрежи на невладини организации, денеска, на прес конференција повикаа на итен избор и именување на кадри во повеќе институции и тела од страна на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Станува збор за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Агенција за слободен пристап до информации од јавен карактер, Државниот завод за ревизија, Програмскиот совет на Македонската радио телевизија, Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, Судскиот совет на Република Северна Македонија и надворешниот механизам за граѓанска контрола врз полицијата при Народниот правобранител.
Јована Јовановска, претставничка од Мрежа за заштита од дискриминација вели дека особено се загрижени што се пролонгира процесот за избор на кадарот и членовите во овие тела и институции. Едно од телата е и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
„Составот на оваа комисија беше распуштен во јули оваа година, а рокот за формирање на оваа комисија истече на 22 август оваа година. Ова значи дека повеќе од четири месеци државата, односно граѓаните го немаат ова тело за еднаквост, со што се пролонгира нивната заштита од дискриминација во областа на приватниот и јавниот сектор“, изјави Јовановска.
Од здруженијата велат дека до распуштањето на Собранието можно е да не се избере овој кадар, а недостигот од него има свои последици врз граѓаните. До пратениците се обратиле со писмено барање непосредно пред одржувањето на овој прес, меѓутоа немаат никаков одговор. Во меѓувреме, тие се обратиле формално и неформално до Собранието.
Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас Цивилис додава дека изборот на кадарот во Државен завод за ревизија и Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер е многу важен, бидејќи овие институции придонесуваат за транспарентноста што е исклучително важно за граѓаните, а воедно тие помагаат и во функционирањето на другите институции затоа што поставуваат параметри за подобрување во нивната работа.
Денешната прес конференција и протест се одржаа пред зградата на Собранието на Република Северна Македонија, а свое обраќање имаа и претставници од другите здруженија кои го поддржаа овој протест. (Б.С.)

Оставете коментар

коментар(и)