Пишува: Горан Лефков
Граѓанските организации се носителите на позитивните промени во секое демократско општество. Тие ги креираат потребите и политиките во високо развиените демократии. За жал во Северна Македонија, овој сектор иако направи големи промени во општеството, сепак од Владите досега не е препознаен партнер. Ова се дел од констатациите кои ги консултираше Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија на Фестивалот на граѓански организации кој се одржа годинава во Градскиот парк во Скопје викендов.
Весна Бочварска, една од основачите на Центарот за управување со промени, е повеќе од 15 години во граѓанскиот сектор. Таа смета дека е направен голем исчекор, но и дека може уште повеќе.
„Развојот на силен граѓанскиот сектор е од исклучителна важност за една демократски развиена земја, каква што тежнееме да бидеме и ние. Граѓаните, преку граѓанските организации влијаат за промовирање и градење на демократската култура во едно општество, во кое граѓаните можат да бидат рамо до рамо со носителите на одлуки и да бидат вклучени во носењето на јавните политики кои нив ги засегаат. Во втората половина од 30 години независност на државата, исклучително многу се направи во оваа насока, иако сè уште има поле за работа и подобрување на овозможувачката средина“, смета Бочварска.
Таа додава дека финансиската одржливост на секторот е оценета како многу слаба и со мали буџети на организациите, доминантно финансирани од странски донатори.
И покрај огромните ентузијастички заложби што ги имаат граѓанските активисти во општеството, сепак нивниот креиран имиџ најдобро го опишува Герман Филков, основач на невладината организација „Центар за граѓански комуникации“.
„Ако работиш во државен сектор ти земаш плата. Ако работиш во приватен сектор, земаш плата. Ако работиш како граѓански активист за доброто на сите претходни, ти си платеник“, вели Филков.
Елена Кочоска, програмски раководител во невладината „Полио плус“ оценува дека има постигнувања, но и дека може да се постигне повеќе.
„Развојот на нашето општество е покренато од страна на граѓанските организации. Со нивното работење се иницираа многу прашања кои, за жал, се уште табу во нашето општество, меѓу кое е и нашето прашање за човековите права на граѓаните со хендикеп. Иницијативите кои што ги имаат покренато граѓанските организации, водат и треба да водат кон едно поинклузивно демократско општество“, смета Кочоска.
Таа се жали на дискриминаторскиот однос на политичките партии кон лицата со хендикеп. За следните избори нема ниту еден кандидат за градоначалник кое е лице со хендикеп.
Во Хрватска 30% од финансирањето на граѓанските организации доаѓа од државниот буџет. Во државава овој процент е околу 7-8%. Во апсолутни бројки, сега е околу 10 милиони евра, во време на ВМРО-ДПМНЕ стигнуваше докај 6-7 милиони евра. Само за споредба, во Хрватска Владата дава 230 милиони евра, додека во Словенија за граѓански организации се издвојуваат и 300 милиони евра
Дистинкција помеѓу условите во кои работеа граѓанските организации пред 5-6 години и сега постави Афродита Муслиу, основач на невладината „Нексус“.
„Граѓанскиот сектор е коректив на власта. Многу закони и политики нема да бидат донесени како што треба ако граѓанскиот сектор не придонесе во нивната подготовка. Имаше периоди кога граѓанскиот сектор и не беше прашуван, но во изминативе неколку години, граѓанскиот сектор се доближи до владините политики, имајќи го во предвид фактот дека во Владата се основа одделение кое е составено од невладини организации кои работат на оваа проблематика повеќе од 30 години и кои на некој начин ја помагаат комуникацијата помеѓу невладиниот сектор и владините институции“, вели Муслиу.
Таа вели дека треба да имаме многу поконкретни резултати како граѓански сектор.
На Фестивалот на граѓански организации годинава за прв пат беше и младинската организација „Старт ап Македонија“. За да останат во земјава младите треба да бидат слушнати од власта.
„Невладините организации придонесуваат многу за развојот на неформалното образование. Младите треба во иднина подобро да се запознаат со невладиниот сектор и повеќе да партиципираат во носењето на одлуките во општеството. Ние како организација сме во мисија да помогнеме на младинското претприемништво за да можат што подобро да се реализираат во земјава, со што ќе се создадат подобри услови за останување на младите во земјава“, вели Благица Ефтимова, од „Старт ап Македонија“.
Петруш Тојниш, експерт за граѓанско општество и развој во Цивика Мобилитас програмата, ја забележува поделбата на граѓанските организации, како и за сите други појави во нашето општество.
„Гледам граѓанско општество кое е многу разновидно и живописно. Професионалниот дел е прилично елитистички и тесно поврзан со структурите на моќ, претежно политички. Ова се често истите граѓански организации кои добиваат најголем дел од ресурсите, вклучително и финансирање од донатори. Ваквите организации не сакаат вистински промени. Тие сакаат статус кво, бидејќи имаат корист од тоа“ вели тој. Според него, постои уште еден дел што прави добра работа посредувајќи помеѓу моќта, како што се властите, или бизнисите и медиумите, и луѓето. Тие, смета Тојниш, „се повеќе вистински, веродостојни и легитимни и сакаат вистинска промена“.
Тој додава: „другиот дел се порепрезентативни граѓански организации. Тие се предводени и го претставуваат народот. Женски, младински организации, организации за правата на лгбти заедницата, малцинствата, лицата со попреченост или за благосостојбата на животните. Или планетата, како што се зелените граѓански организации. Ова се најреалните што се најблиску до луѓето. Многумина не се ни регистрирани“ смета Тојниш.
Тој додава дека има граѓански организации кои прават магични работи за луѓето, миленичињата и планетата и ја заслужуваат целата наша поддршка.
Финансирањето рак рана на граѓанскиот сектор
Граѓанските организации во Северна Македонија се скоро заборавени од државата кога станува збор за финансирањето од државниот буџет. Иако се работи за сектор кој според некои проценки врзува околу 10.000 вработени и волонтери, сепак , многу малку државата вложува во него. Во Хрватска 30% од финансирањето на граѓанските организации доаѓа од државниот буџет. Во државава овој процент е околу 7-8%. Во апсолутни бројки, сега е околу 10 милиони евра, во време на ВМРО-ДПМНЕ стигнуваше докај 6-7 милиони евра.
Оваа Влада се заложи тоа да се зголеми, но во пракса не реализираа толку. Само за споредба, во Хрватска Владата дава 230 милиони евра, додека во Словенија за граѓански организации се издвојуваат и 300 милиони евра.
За Александар Кржаловски, основач на МЦМС, ова е придизвик за иднината на граѓанскиот сектор.
„Битката што треба да ја добиеме е државното финансирање на невладините организации. Кај нас сите сметаат дека странците треба да го финансираат граѓанскиот сектор, а не е така“, вели Кржаловски.
Пандемијата со Ковид 19 остави силен белег на финансиското работење на граѓанскиот сектор, иако Владата на неколку пати распишуваше повици за помош на невладините организации.
„Еден од поголемите проблеми е финансирањето на невладините организации. Од пред 5-6 години, Владата за прв пат започна да дава значителни проекти и донации. Меѓутоа одржливоста на невладиниот сектор е доведен во прашање. Голем број од невладините организации не можат да останат и понатаму да работат“, смета Муслиу.
На Фестивалот на граѓанските организации се потпиша кодекс за граѓанските организации, кој го потпишаа повеќе од 50 невладини организации.