Ангела Рајчевска
Невладината организација Ехо од Штип и Здружението Иницијатива на невработени интелектуалци ќе го мониторираат работењето на општините во Источниот плански регион. Тие треба да го споредат работењето на локалните самоуправи во делот на спроведувањето на Сигма стандардите адаптирани на локално ниво за добро управување на општините, поставени од Европската Унија.
Овие организации имаат капацитети за спроведување на оваа евалуација смета Ивана Ќуркчиева, од Центарот за управување на промени кој е организација носител на проектот на Европската Унија за спроведување Сигма стандардите.
,,Биравме организации од различни региони со цел децентрализација, потикнување и јакнење на капацитетите на помалите граѓански организации во Македонија. Целта е да ги зајакнеме капацитетите на граѓанските организации и да ги поттикнеме на поголема иницијативност во однос на следење на јавната администрација заради нејзино подобрување“ вели Ќуркчиева од Центарот за управување со промени.
За Бети Пеева, претседателка на невладината организација Ехо од Штип која треба да ги мониторира Штип, Свети Николе, Кочани, Карбинци и Пробиштип, ова е значаен предизвик.
„Ќе имаме можност да работиме со експерти кои ќе не научат на одредени мониторинг индикатори, креирани според овие стандарди, кои допрва ќе ги учиме и подоцна ќе го вршиме мониторингот на јавната администрација во локалната самоуправа. Спроведувањето на овие стандарди е знајачно за напредок на македонските општини кон Европската Унија”, вели Пеева.
Претседателот на Здружение Иницијатива на навработени интелектуалци, од Виница, Тодор Цонев, потенцира дека во наредните 15 месеци ќе го следат работењето на Виница, Зрновци, Чешиново-Облешево, Делчево, Берово, Македонска Каменица и Пехчево.
„Нашата невладина организација има капацитет и ресурси да ја спроведе и контролира оваа евалуација на општините. Ќе се посветиме повеќе на исполнувањето на овие стандарди, со нив ќе обезбедиме поефикасно алоцирање на потребите на граѓаните на овие општини од една, и контрола на ефикасноста на потрошените пари на граѓаните од друга страна“, вели Цонев.
За да ги запознаат СИГМА принципите на јавната администрација и алатките на односи со јавност Центарот за управување со промени, Центарот за истражувачко новинарсто СКУП Македонија и Агенцијата за менаџмент консталтинг МЦА 2000 изминативе два дена спроведоа обука на овие невладини организации од Источниот регион во Берово.
Зоран Иванов од СКУП, смета дека транспарентноста на општините е многу значајна за намалување на корупцијата во институциите.
„Ако тргнеме од аксиомата дека ако нешто се работи и тоа е насочено кон некое општо добро, а тоа не го знае јавноста, ниту потесната ниту пошироката, тогаш нашата работа и резултатите ќе останат глуви и неми и ефектите ќе бидат слаби во општеството. Од тие причини, темата за односите со јавноста е многу значајна за да разберат и да научат дека медиумите и јавноста може да се дојде до промена на општествените процеси“, смета Иванов.
Тој смета дека нивниот труд да биде афирмиран во јавноста за да влијае на општествената свест.
Проектот е дел од ИПА компонентата за подршка на граѓанското општество и медиумите и е фокусирана на две глобални теми, стандарди за добро управување на јавната администрација според стандардите на ЕУ и граѓанските организации, медиумите и јавноста.