НОВИНАРИТЕ АЛАРМИРААТ – НОВИНАРСТВОТО И ПОНАТАМУ СЕ ДЕВАЛВИРА

Автор: Мирјана Василева

Новинарот Христо Ивановски смета дека, и покрај модерните трендови, се уште кај нас има медиуми кои се блиски до власта и опозицијата.

„Се додека медиумите се под влијание на различни центри на моќ, нема да има професионално новинарство. Постојано во медиумите се таргетираат новинари за да напишат нарачан текст или само да го прочитаат, иако и самите тие во моментот често пати не знаат која е позадината“, вели Ивановски.

Во последниот период, додава тој, „сведоци сме дека има подобрувања во новинарството, но потребно е поголема одговорност. Во некои редакции постојано има притисоци и често пати доколку новинарот одбие да пишува пристрасно за одредена тема, се соочува со казна од плата или закани за отказ ,доколку не направи онака како што му е кажано“.

„За ова е потребно охрабрување, новинарот со издржани аргументи да ги одбива таквиот вид на текстови. Дополнително, месечните примања на новинарите не одговараат со одговорноста која ја има еден новинар“, вели Ивановски.

Новинарот Тони Гламчевски смета дека професионалноста е на ниско ниво, но тоа не се должи и не е вина само на новинарите.

„Секој од нас има свое политичко, идеолошко и религиозно убедување, но тоа не треба да се претвори во партизанско однесување и претворање на медиумите во партиски гласила на едната или другата партија, таа што е на власт или таа што е во опозиција. Стана навистина тешко да се  разликува што е вест од новинар или пак текст преземен од социјална мрежа или од портпарол на партија или влада“, вели тој.

Другиот проблем, според него, е финансиската зависност на новинарите и на медиумите од политичките и економските центри на моќ. Тој потенцира:

„Во Македонија се создадоа толку многу медиуми, посебно на интернет, но и локални и национални радио и телевизии, без вистински и квалитетен пишуван печат, што сигурно придонесува за непрофесионалноста на медиумите и нивната зафисност.“ Друг аспект, додава Гламчевски, е и недавањето на вистинска заштита на новинарите-како професија. „И покрај постоечките синдикати и здруженија, новинарите сепак се оставени самите на себе си наспроти уредниците и пред се газдите на тие медиуми“, смета тој.

Според новинарот Душко Арсовски, скоро ништо не е сменето кон подобро во медиумскиот простор, иако очекувањата биле големи.

„Истите штетници по медиумите (особено телевизиите) останаа да бидат фактори на медиумскиот пазар така што сопствениците суптилно (некои и брутално) ја свртеа плочата и сега глумат баласнираност во известувањето. Ова им одговора на сите“, нагласува Арсовски.

Според него, новата власт треба да покаже разлика во однос на претходната која ја зароби државата склучувајќи нов пакт во кој сега сите што го урнисаа новинарството стануваат дел од проектот за унапредување на медиумската сфера. „Апсурд од епски размери. Отиде и чекор понатаму. Министри широкоградо и без мерка прифаќаа интервју кај штетниците во новинарството и на тој начин  хранејќи го нивниот легитимитет, но истовремено газејќи сѐ што претходно како опозиција го трубеа и критикуваа“, додава тој.

Според него, ЗНМ продолжува да биде „фотељашка“ дружина која разговара со дипломати, организира тркалезни маси, учествува во дијалог со власта и засега нема конкретни индиции дека медиумите се ослободени од политичко и влијание од други центри на моќ.

За долгодишниот медумски работник од Центар за развој на Медиуми (ЦРМ), Дејан Георгиевски, кој активно учествува во креирањето на медумските политики, најголемиот дел од одредбите од Изборниот законик што се однесуваат на медиумското претставување на изборните кампањи се стандардни за сите слични законодавства.

Дејан Георгиевски

„Тука мислам на обврската за правично, избалансирано и непристрасно информирање и покривање на активностите на кандидатите, обврската на сите учесници во изборите да им се овозможи пристап, под еднакви услови, до сите видови на изборно медиумско претставување…“

Она што, според него, е дискутабилно, наспроти горе спомнатата обврска за овозможувње на еднаков пристап, Изборниот законик активно ги поддржува етаблираните партии преку различниот третман во поглед на квотите резервирани за платено политичко рекламирање, или во поглед на квотите за претставници на владејачкото мнозинство и опозицијата наспроти партиите што не се

застапени во Собранието или политичките субјекти основани во периодот помеѓу претходните избори и изборите што се предмет на медиумско претставување.

ЕВРОПА РЕЗЕРВИРАНА КОН ПОЛИТИЧКИТЕ РЕКЛАМИ

Во Европа не постои унифициран пристап кон тоа прашање. Некои земји, на пример, Велика Британија, Ирска, Швајцарија, но и Шведска, Норвешка или Франција, имаат делумни или целосни забрани за политичкото рекламирање во радиодифузијата. Велика Британија, на пример, дозволува тн. „партиски политички емисии“ што се однесуваат на партиски конвенции, конференции и слични настани, при што се дефинираат специфични временски термини во кои таквата „емисија“ мора да се емитува. Други земји овозможуваат политичко рекламирање само за време на изборна кампања, сметајќи дека пренесувањето на такви пораки е клучно за граѓаните да направат информиран избор на денот на гласањето. Данска, од друга страна, забранува емитување на политички пораки во текот на кампањата за да ги „заштити гласачите од несоодветно влијание“ и да спречи дискриминација на помалите или малцинските партии кои немаат на располагање толку финансиски средства како големите етаблирани партии.

Иако Европскиот суд за човекови права повеќе пати има повторено дека таквите забрани ги смета за недозволено ограничување на правото на слобода на изразување, тие опстојуваат, а регулацијата или саморегулацијата на таквите прашања е оставена на решавање на локално/национално ниво, во зависност од локалниот контекст, ситуација или традиции. Притоа, печатените и онлајн медиуми се предмет на далеку поблаг пристап во регулацијата. Тоа, сепак, се менува, особено по неодамнешните искуства со употребата и злоупотребата на рекламирањето на социјалните мрежи за време на претседателските избори во САД во 2016 година или гласањето на референдумот за останување на Велика Британија во ЕУ (Брегзит). Одредени чекори во областа на регуларањето на политичкото рекламирање на социјалните мрежи веќе се направени, и се очекуваат дополнителни чекори, и од законодавците, и од големите технолошки платформи. Последно на тоа поле ја имаме одлуката на „Твитер“ да забрани политичко рекламирање на платформата, но и одлуката на

„Фејсбук“ дека нема да прави факт-чекинг на политичкото рекламирање на мрежата. Инаку, како и сите други видови на финансирање на политичките партии, и финансирањето на изборните кампањи и медиумско претставување се предмет на прилично строга регулатива.

Бојан Кордалов

Комуникологот Бојан Кордалов, кој што посебно се занимава со современите технолошки  процеси кај медиумите, вели дека е потребно во земјата да се воведе систем на заштита на медиумите со цел да се намали можноста власта да влијае врз нив, вклучително и врз јавниот сервис, а акцентот да биде ставен на медиумската саморегулација. Во однос, пак, на рекламирањето вели дека никогаш не бил гласен противник, ниту поддржувач, од едноставна причина што оваа тема не е црно-бела како што политичките партии и нивните експоненти сакаат да ни ја пласираат.

„Ајде да бидеме пластични. Минатата власт сметаше дека треба да се промовира и фали со народни пари, а тогашната опозиција беше против. Кога опозицијата стана актуелна власт, нејзините гласноговорници за односи со јавност понудија субвенции на печатените медиуми, па дури отидоа чекор нанапред, најавувајќи дека ќе финансираат истражувачки стории во медиумите.„, вели Кордалов.

Тој појаснува дека „Владата сака да ги убеди граѓаните дека ќе им плаќа на медиумите за да ја критикуваат.“ „Верувајте дека во ниту еден од двата пристапи (на претходната и актуелната власт) Владата нема да ги убеди граѓаните и медиумските работници дека има искрена намера во односите со медиумите, односно дека овие мерки имаат за цел оттргнување на политичкото и владиното влијание во медиумската сфера.“

КОМУ МУ СЛУЖИ ЈАВНИОТ РАДИОДИФУЗЕН СЕРВИС?

Со Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, кој досега беше неколку пати изменуван и дополнуван, земјата успеа да се доближи до законодавството на ЕУ, но законот не е целосно спроведен. Остана загриженоста во врска со реформите во јавниот сервис.

Во истражувањето под наслов „Иднината за непостоечката сегашност“ медиумскиот експерт, Климе Бабунски, го третира прашањето каква треба да биде улогата на јавниот радиодифузен сервис, земајќи ги во предвид оценките и препораките на групата искусни експерти за прашања поврзани со владеењето на правото од 2017 година. „Може слободно да се каже она што ги поврзува сите промени, кои од почетокот на 90-те години на минатиот век се случуваат во и околу МРТ е нивниот неуспех во државава да биде востановен и да функционира јавен радиодифузен сервис. Затоа, МРТ е многу повеќе „слепа транзициска улица“, отколку јавно-сервисна радиодифузија“, смета тој.

Во своите препораки за креирање на политиките што би требало да се случат во МРТ, Бабунски препорачува да се случи нужен, голем, коперникански пресврт во МРТ за да одговори на улогата и потребите како вистински јавен сервис .

Според него, со актуелниот нов Закон за измени и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се покажа сериозна намера да се прекине досегашната клиентелистичка пракса, управувачко-одлучувачката структура во МРТ повеќе да не биде резултат на лојалност кон партиско-политичката владеачка елита, туку треба да биде резултат на изборот за модел за ревитализација на МРТ. Сепак, ваквата принципиелна намера, – додава Бабунски – „пред се упатува на јасна цел, на сметка на партиското влијание да го зголеми општетсвеното влијание во управувањето со МРТ, е закочена од опозицијата, што значи политичката реалност и натаму ќе ја држи МРТ во заложништво“.

Од друга страна, генералниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, смета дека финансискиот модел, според законското решение, се почитува за да овој сервис има независност. Но, вели дека има и многу ограничувања во работењето затоа што до крај не е дефиниран правниот статус на МРТ.

„Една од причините за ваквата состојба е тоа што некои државни органи, како што е Државниот  завод за ревизија, според сегашниот закон ја гледа телевизијата како јавно претпријатие, кое треба и така да работи, иако во законот за медиуми јавниот сервис се дефинира како Јавно дифузно претпријатие“, вели Цветковски. Друг проблем, според него, е фактот што од 2015 та година вработените во МРТ се вклучуваат во групата на административни службеници, како даватели на услуги.

„Тука се сочуваме со сериозни последици. На пример, МРТ не може да го реализира проектот за отворање на дописничките центри таму каде што во некои средини треба да се изнајми простор  само од причина затоа што за одобрение за ова не е надлежна владата, туку други институции. Заради ова четири дописни центри, кои се во сопственост на МРТ се опремени и за нив обезбедивме и опрема, но сега не може да се користат“, вели Цветковски.

За министерот за отчетност и транспарентност Роберт Поповски, начинот или моделот на

финансирање за МРТ можеби не е идеален, но тој сепак овозможува поголема финансиска стабилност, со што овој сервис сега има можност да ги враќа долговите, полесно да функционира, да набавува нови програми, кофинансира копродукции.

„Да, има потешкотии околу финасирањето од една страна на гледањата, но од  друга,  пак, треба да се потсети на фактот дека законот за АВМУ беше една година заглавен, а со него требаа да почнат реформите. Дури во 2018 година беше усвоен, но целосно не е иплементиран за да почне процедурата за избор на нови членови на советите на националниот сервис и АВМУ како регулаторното тело“, вели Поповски.

Биљана Петковска од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) вели дека од работата на сите досегашни совети на МРТ генерален заклучок е дека ниту еден од нив ја нема извршено својата улога и задача успешно . „Од истражувањата на МИМ впечаток е дека тие функционирале и функционираат само да ги формализираат одлуките на владеачките партии. Прашањето за деполитизација на програмскиот совет на МРТ е важно прашање за медиумската незвисност, што во изминативе години укажуваме особено за време на политичката криза која заврши со Преспанскиот договор. А ова прашање уште повеќе ќе добие на важност доколку се случи и добивање на датум за преговори со ЕУ“, вели Петковска.

Крај

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)