Најбогат антикорупционер е Салаи со имот вреден над половина милион евра, додека „најсиромашен“ е Софка Пејовска Дојчиновска со околу 18 илјади евра пријавен имот.
Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ
Новите членови на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) пријавиле дека поседуваат вкупно 1.7 милиони евра имот. Како избрани функционери, освен што имаат обврска да ги следат имотите на функционерите, и тие се обврзани да пријават што поседуваат и можните измени во нивната имотна состојба.
По донесувањето на новиот Закон за спречување на корупција во јануари годинава и формирањето на Антикорупциска комисија, на старите столчиња седнаа нови членови. Сега, комисијата брои седум членови, од кои еден претседател.
СКУП, во рамките на проектот ПЕП, ги анализираше имотите на членовите на ДКСК од кои произлезе дека најбогат е Салаи со имот вреден над половина милион евра, додека „најсиромашен“ е Софка Пејовска Дојчиновска со околу 18 илјади евра пријавен имот.
Шемши Салаи е членот на ДКСК со највреден имот и истиот е проценет на 564.274 евра. Поранешниот раководител од Општина Врапчиште поседува куќа со двор и помошни простории, гаража, стан, градежно земјиште и стамбено деловен објект, додека пак неговата сопруга има накит вреден 15.000 евра. Заедно со неа, поседуваат шума, градежно и земјоделско земјиште. Вкупната вредност на недвижниот имот е 481.000 евра, а дел од него се наоѓа во Албанија. Во семејството Салаи се возат две возила „Фиат Чинквеченто“ и „Ауди а4“. До 2017 година, Салаи треба да исплати три кредити во висина од 21.911 евра.
Поранешната ревизорка и актуелна претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска поседува имот вреден 530.500 евра. Таа има два стана, од кои едниот во Дојран, а другиот во Охрид. Ивановска вози „Фиат 126П“ и до 2032 треба да врати два кредита со вкупна сума од 70.750 евра. Сопругот на Ивановска има земјиште и куќа во Дојран и вози автомобил „Форд Фокус“ од 4.000 евра.
Антикорупционерот Владимир Георгиев не ја навел вредноста на шесте земјишта кои ги пријавил, па така, имотот без нив е вреден 319.337 евра. Георгиев заедно со сопругата има три стана во Скопје и два автомобила „Шкода Јети“ и „Фиат Пунто“. Тој има и акции, две девизни сметки од 5.177 евра, кредит од 72.797 евра и банкарски сеф од 8.130 евра.
Бившиот новинар од порталот „Сакам да кажам“, Горан Трпеноски, пријавил имот вреден 142.930 евра. Тој поседува стан во Скопје вреден 81.900 евра и автомобил „Нисан Кашкаи“ од 24.497 евра. Трпеноски има неколку акции, девизна сметка, кредитна картичка, трансакциона сметка од 4.546 евра и кредит од 10.000 евра. Неговата сопруга има девизна сметка, кредитна картичка и кредит од 15.000 евра.
Името кое поттикна најмногу дебати во јавноста при формирањето на оваа комисија е Нури Бајрами, баџанакот на Талат Џафери. Тој има имот вреден 93.548 евра, а најголем дел од него, односно 79.024 евра се однесуваат на неговата куќа и дворот во Гостивар. Бајрами пријавил променлива трансакицона сметка, кредит од 10.363 евра и две кредитни картички од 2.177 евра. Неговата сопруга исто така, има променлива трансакциона сметка. Таа добива месечна плата од 325 евра и има кредит од 1.659 евра.
Имотот на поранешниот ревизор од Државниот завод за ревизија, Катица Николовска е проценет на 45.489 евра. Таа на својата трансакциона сметка има 8.401 евра, орочен денарски депозит од 6,667 евра и променлива состојба на друга трансакциона сметка. Останатиот имот припаѓа на нејзиниот брачен другар, и тоа: куќа во Велес и автомобил „Дачија Соленца“, две променливи денарски платежни картички и акции. Нивните деца имаат две трансакциони сметки.
Според објавените податоци на веб-сајтот на ДКСК, Софка Пејовска Дојчиновска е членот со најмала вредност на имот, односно 18.707 евра, но Пејовска Дојчиновска од 13 ставки за 3 нема наведено вредност. Па така, за двата стана и автомобилот „Ровер 400“ не е наведена вредноста. Нејзиниот сопруг добива месечна пензија од 504 евра, а како имот на деца е наведена плата од 407 евра месечно. Децата имаат и две променливи трансакциони сметки, кредит од 4.878 евра и средства во банкарски сеф во износ од 6.500 евра. Пејовска има кредитни картички вредни 2.276 евра и трансакциона сметка од 630 евра. Нејзиниот сопруг, исто така, има трансакциона сметка од 3.512 евра.
Јавноста од новата антикорупциска гарнитура очекува совесно и одговорно да ја врши својата должност, како и да ги реши сите проблеми кои се таложеа изминатите девет месеци кога во Македонија не функционираше една од најважните институции. Вниманието на медиумите, невладиниот сектор, но и граѓаните се вперени во понатамошната работа на комисијата, со надеж дека овој состав нема да ги злоупотреби своите столчиња, што беше случај во минатото.