Небојша Стајковиќ, од април годинава е поставен за неизвршен член на Одборот на директори на „Македонски Телеком“ АД-Скопје, откако претходно уште од 2009 година ја извршувал истата функција во „Т-мобиле“ Македонија АД Скопје. Во изминативе 9 години тој во исто време работи и како помошник министер во Министерството за внатрешни работи (МВР) надлежен за информатика и телекомуникации. Навидум, ништо спорно, освен фактот што Стајковиќ работи во министерството, кое, законски е надлежно да соработува со операторите, меѓу кои и „Македонски Телеком“ АД-Скопје. Телеком, како што е познато, во последно време е посебно актуелен поради аферата за наводен поткуп на политичари кои се поврзуваат со одолговлекувањето на либерализацијата на пазарот.
Небојша Стајковиќ е неизвршен член на одборот на директори на Македонски Телеком АД-Скопје, а во исто време работи и како помошник министер во Министерството за внатрешни работи, кое, инаку, соработува со операторите на полето на следење на комуникациите
Телеком е една од фирмите, кои Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија, заедно со уште триесетина други ги истражуваше, барајќи одговори по Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер за тоа кој се седи во управните и надзорните одбори во државните претпријатија, како и оние во кои удел има и државата како што е случајот со македонскиот Телеком. Од сите 30 институции кои ги истражувавме, вкупно 18 ни дадоа целосни одговори, додека другите или имаа нецелосни одговори или воопшто не дадоа одговор. Информација за хонорарите не добивме само од Македонски Телеком, Електрани на Македонија и Македонски пошти, кои податоците за примањата на директорите ги чувааат како државна тајна или пак се повикуваат на одредби во Статутот. Додека, во некои претпријатија имаше и дуплирања на членови во управните и надзорните одбори.
Во Одговорот кој СКУП-Македонија го доби од “Македонски Телеком“ АД-Скопје со датум 26 јуни 2015 година, меѓу имињата на членовите во Одборот на директори стои името на Небојша Стајковиќ, помошник-министерот во МВР. Во долгата биографија на Стајковиќ стои дека уште во 2006 година е назначен на местото помошник-министер во Министерството за внатрешни работи надлежен за информатика и телекомуникации, поточно, началник на оддел за информатика и телекомуникации. На листата на фирми за кои претходно работел се наведува и името на фирмата „Ексико“, инаку позната во јавноста со нејзината поврзаност со повеќе македонски компании, меѓу кои и на бизнисменот Орце Камчев.
Инаку, Стајковиќ, како што објави Призма.мк е брат на Владислав Стајковиќ, сопственик на фирмата НВСП, фирма која беше спомната во една од политичките бомби за наводната донација од Израел, во која, наводно, е вмешан и екс-шефот на УБК, Сашо Мијалков.
Според деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Борче Давитковски членувањето на Стајковиќ во Одборот на директори на Телеком е класичен судир на интереси.
„Службено лице кое работи во установа, особено во министерство не може да биде член во управен или надзорен одбор на јавно претпријатие, јавна установа каде што неговото министерство има надзор, врши надзор или некако е поврзано функционално во врска со контролни или надзорни функции. Тоа не е дозволиво и не може да биде. Како што не може да биде советник на градско собрание член на управен или надзорен одбор во претпријатие основано од градско собрание бидејќи фактички они се оснoвачи и вршат контрола над тоа јавно претпријатие. Така што кога ќе дојде утре годишниот извештај за годишна работа, тој треба фактички сам на себе да врши контрола бидејќи е член на управен или надзорен одбор. Тоа е абецеда во законот за спречување корупција или за конфликт на интереси. И особено што високи функционери, по правило, не би требало да бидат членови во управни или надзорни одбори бидејќи автоматски контролната или надзорната функција ќе се изгуби во државата“, смета Давитковски.
Се обидовме да стапиме во контакт со Стајковиќ, и да го прашаме дали смета дека постои конфликт на интереси бидејќи во исто време е помошник-министер како и член во Одборот на директори на Телеком. Од неговиот кабинет за секакви прашања не упатија на службата за информирање на МВР. Иво Котевски, портпарол во МВР ни потврди дека Стајковиќ се уште е актуелен помошник-министер во МВР. Се обративме и до Државната комисија за спречување на корупцијата, но одговор не добивме. Прашањето ни беше дали е поведена постапка или се преземени мерки против Небојша Стајковиќ. На мобилен телефон ја побаравме и Антонија Андонова, лице за односи со јавноста на ДКСК, но таа не одговараше на нашите повици. “Секоја личност која на било кој начин е присутна во органите на власта, на било кое ниво, доколку членува во органите на кое било јавно претпријатие или фирма која врши функции од посебен интерес за државата не смее да членува во органите на таквата фирма и таквото јавно претпријатие, бидејќи постои опасност да ја злоупотреби функцијата за која е именуван. Во конкретниот случај (Небојша Стајковиќ н.з) нема никакво сомнение дека функцијата што ја има во државниот орган на управа му овозможува да врши дирекно влијание во своја полза во управниот орган на едно вакво јавно претпријатие”, смета Тито Петковски, поранешен претседател на собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и од Министерството за одбрана. Тој додава дека додека бил на чело на комисијата, МВР не дозволувала каква било контрола во однос на следењето на комуникациите.
Според Вања Михаилова, поранешен член на Антикорупциската комисија, земањето на пари од две буџетски места се коси со законите. „Законот за спречување на корупција и Законот за спречување на судирот на интереси го забрануваат тоа, едно лице да прима плата од две државни институции. Неспоивост на функција е ако избран или именуван службеник не може да биде член на Управен или надзорен одбор на било која институција. Ова е апсолутно недозволиво“, вели Михаилова. Таа се чуди зошто Државната комисија за спречување на корупција не реагира, ама тоа не им е прв ваков случај. „Ние како држава имаме обврска кон Организацијата за европска безбедност и сработка и Европската Унија да се бориме против корупцијата, но нашата Влада не ги почитува тие обврски. Кај нас антикоруптивното законодавство е само мртво слово на хартија“, вели Михаилова.
Примањата на директорите во “Телеком”-тајна за јавноста
Примањата на членовите во Одборот на директори на Телеком се уште се тајна за јавноста, иако компанијата има делумно и државен капитал, а со самото тоа треба да има и отчет кон граѓаните. Информација за примањата на овие членовите на имаат само акционерите на компанијата, а нивните бенефиции се уредуваат на седниците на Собранието на компанијата. Ова е одговорот на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер што усно го поднесовме до Македонски Телеком.
Ова според Вања Михаилова, поранешен член на Антикорупциската комисија е недозволиво.
„Државните институции, државните фирми или било какви институции кои имаат државен капитал мора да бидат отворени кон граѓаните и приватните фирми, бидејќи тие се финансираат од нивни пари“, вели Михаилова. Податоците за примањата на директорите остана тајна и во Електрани на Македонија, Македонски пошти и Телеком. Македонски пошти не ги доставија ниту имињата на членовите на Управниот и Надзорниот одбор во законски предвидениот рок. „Во однос на бараната информација за висината на месечните примања на членовите на Управниот одбор на АД за производство на електрична енергија во државна сопственост ЕЛЕКТРАНИ НА МАКЕДОНИЈА-Скопје, Ве известуваме дека бараната информација согласно Договорот за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу членот на Управниот одбор и АД ЕЛЕМ-Скопје претставува деловна тајна. Според тоа, бараната информација се одбива, и тоа во согласност со член 6, став 1, точка 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, според кој имателите на информации можат да одбијат барање за пристап до информација ако информацијата се однесува на информација која претставува класифицирана информација со соодветен степен на тајност. Исто така, согласно член 6, став 1, точка 2 од истиот Закон, имателот на информација може да одбие барање за пристап до информација кога се работи за личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци“, се наведува во соопштението што ни го доставија од ЕЛЕМ. Ваквото однесување на државната компанија е несфатливо за борците против корупцијата. Според нив, кога се работи за јавни пари, податоците мора да бидат транспарентни.
Драган Малиновски, поранешен член на Антикорупциската комисија вели:
„Додека бев член на Антикорупциската комисија имавме случај во ЕСМ, кога директорите не сакаа да кажат колкави им се платите. Тоа беше периодот од 2003 до 2006 година. Директорите во тие договори имаа некои екстра, супербонуси и други погодности. Тие се повикуваа на тајност на договорот. Не се сложивме со тоа. Таен може да биде договорот во приватна компанија, но не и во државна. Во приватната компанија, нема јавен интерес, додека во Државните компании има јавен интерес и овде нема тајност на договори. На крај сепак ги доставија договорите“, вели Малиновски. Александар Стојков и професор и член на Одбор на директори во Телеком Освен за Стајковиќ, експертите препознаа конфликт на интереси и кај Александар Стојков, продекан за меѓународна соработка на „Правниот факултет Јустинијан Први“ во Скопје. Тој исто така, е член на Одборот на директори на Телеком.
Според Слаѓана Тасева, поранешна претседателка на Антикорупциската комисија, со ваквите случаи се отвара работа за Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Земањето на плата од две буџетски места го забранува законот за спречување на судирот на интереси. Пракса на Државната комисија за спречување на корупцијата, во овие случаи е да изрекуваат мерки за откажување на една од функциите или јавна опомена ако оваа препорака не се почитува. Не постои друга санкција која би била посоодветна и обврзувачка“, вели Тасева. Од Антикорупциската комисија не добивме одговор дали е поведена постапка или се превземени мерки против Стојков поради конфликт на интереси. Тој досега бил член на Член на националниот одбор за акредитација за високото образование во Република Македонија, член на управниот одбор за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување, член на надзорниот одбор на Македонски пошти, неизвршен член на одборот на директори на доскорешниот Т-мобиле и член на надзорниот одбор на Охис. Се обидовме да стапиме во контакт со Стојков и да го прашаме за неговото членување во Телеком, но на телефонот на Правниот факултет во Скопје не се јавуваше никој. Од сегашниот состав на македонски претставници во Телеком, успеавме да оствариме контакт со доскорешниот советник на премиерот во Владата и екс-министер за образование, Панче Кралев. Тој ни рече дека не сака да дава изјави во име на компанијата и да се обратиме во Телеком за официјални изјави. Кралев ни потврди дека поднел оставка на претходната функција како советник на премиерот Никола Груевски поради конфликт на интереси. Го прашавме и што го мотивирало да ја прифати претседателската функција во Телеком, но ни одговори дека не сака да дава изјави поврзани со Телеком.
(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)
ИНФОГРАФИКА: КОЈ СЕ ЧЛЕНУВА ВО УПРАВНИТЕ И НАДЗОНИТЕ ОДБОРИ НА ДРЖАВНИТЕ И ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА
Македонска радио Телевизија
АГЕНЦИЈА ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА
ФОНД ЗА ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ
ДРЖАВЕН СТУДЕНТСКИ ЦЕНТАР СКОПЈЕ
Македонска радиодифузија
ЈЗУ Универзитетска клиника за Дерматологија
Јавно сообраќајно претпријатие Скопје
Македонски шуми