ОДРЕДЕНА КАЗНАТА ЗА ФИРМАТА „ЕКОЦЕНТАР 97“

Пишува: Љубица Иванова

Одредена е казната за фирмата „Екоцентар 97“ заради хаваријата која се случи во почетокот на претходниот месец во фабриката „Охис“, каде заради несоодветното складирање од страна на фирмата истече опасен отпад. Од Министерство за животна средина велат дека казната е парична и изнесува 3 илјади евра.

„За постапување по недолжно внимание, врз основа на Законот за управување со отпад чл.139, став 1 точка 3, во врска со чл.24 од Законот за управување со отпад, фирмата „Екоцентар 97“, ќе биде парично казнета“, вели за СКУП инспекторот Пејо Кировски.
Тој вели дека добиени се резултати од мерењата од страна на АРМ, и нема некои надминувања на границите на емисии на загаденост на воздухот.

Исто така од страна на лабораторијата на универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, се правени мерења, но Инспекторатот се уште не ги добил писмено официјално тие извептаи. „Доколку официјалните извештаи се такви како што кажуваат и од УГД -Штип, казната ќе остане истата“, додава Кировски.

„ЕКОЦЕНТАР 97“ ЈА ПРИЗНА ВИНАТА ЗА ИНЦИДЕНТОТ ВО „ОХИС“


Правниот субјект може да го прифати платниот налог, а може и не, објаснува инспектор Кировски, доколку не го прифати, вели тој, се носи на прекршочна комисија од Министерство за животна средина, во случајов, фирмата „Екоцентар“ го потпиша налогот, додава надлежниот инспектор. Субјектот има рок од 8 дена, да го плати налогот и да приложи уплатница дека се платени средствата.  

XIII ПРЕКРШОЧНИ САНКЦИИ
Член 139
Општи прекршочни санкции за правните и за физичките лица

1.Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице кое постапува со отпад, доколку:

3) не постапува со должно внимание и ги предизвика последиците наведени во членот 24 (Постапување со отпадот) од овој закон;

Закон за постапување со отпад, врз чија основа е одредена казната за „Екоцентар 97“:

III ПОСТАПУВАЊЕ СО ОТПАДОТ

Член 24
Правила за постапување со отпадот

Постапувањето со отпадот мора да се изведува со должно внимание и на начин со кој се избегнува: 1) загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето; 2) загадување на водите, воздухот и почвата над пропишаните граници; 3) создавање бучава и непријатна миризба; 4) уништување на природните услови за живот на животните и на растенијата; 5) уништување на заштитените природни области и на заштитеното културно наследство и 6) нагрдување и неуредување на објектите и просторот во урбаните зони и во подрачјата надвор од урбаните зони.

Пропишаната казна е заради хаваријата која се случи на 8-ми ноември, кога при перење со вода дојде до протекување на металниот резервоар, во кој порано се чувало метил акрилат мономер.
Инспектор Кировски, кој на денот на инцидентот вршел надзор, објаснува дека течноста од резервоарот се излеала во бетонската када – танквана, која се прави за во случај на инцидент, да не дојде до излевање во почвата, да се загадат подземни води.

КАЗНА ПОД ПРИТИСОК НА ЈАВНОСТА

Во повеќе наврати досега реагираа граѓански иницијативи, здруженија, активисти, очекувајќи казна за фирмата „Екоцентар 97“, ангажирана за чистење на опасен отпад од „Охис“, притоа оценувајќи дека во врска со фирмата „Екоцентар 97“, постојат повеќе потенцијално казниви неправилности.

Казната беше најавена уште минатиот месец, кога во телефонски разговор за СКУП, Директорот на Државен инспекторат за животна средина (ДИЖС) – Фејзула Спахија, откри дека ќе следува казна за фирмата „Екоцентар 97“.

Досега, на виделина излегоа неколку неправилности кои можат да бидат потенцијално казниви. Како прво, оваа фирма не е на листата на фирми кои имаат дозвола за чистење, складирање и транспорт на  опасен отпад. Иако „ЕкоЦентар97“ не се наоѓа на листата на фирми кои поседуваат дозвола за третирање на опасен отпад, сепак таа го има добиено тендерот за да биде задолжена за складирањето на отпадот во „Охис“. Договорот е склучен од страна на стечајниот управник на „Охис“ и стечаен суд, од една страна и фирмата „Екоцентар 97“, од друга страна. Како што и самиот директор на „Екоцентар97“ призна, фирмата немала претходно искуство со третирање на опасен отпад, иако аплицирањето за тендери налага искуство во областа.

Оставете коментар

коментар(и)