ОД СЛАМА И АРПА ДО СТРУЈА И НАЗАД ДО ЕКО АМБИЕНТ

 

Александар Георгиев

Екипа на СКУП Македонија

 

„Во пожар изгоре земјоделска механизација кај село Мојанци кочанско“! Ова е насловот на веста што на 17-ти јануари оваа година ја објавија македонските медиуми. Во неа уште се додава дека пожарот се уште беснее и дека нај сериозна е состојбата меѓу селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог каде што во опасност де доведени повеќе семејни куќи.

Ваква или слични вести во кочанскиот регион  се повторуваат речиси секоја година. Поради палење на стрништата, на оризовата слама после жетвата, немајќи друго решение како да се ослободат од неа за да ја подготват почвата за нова сеидба, и покрај забраната и високите казни, дел од земјоделците преку палење на сламата се ослободуваат од непотребниот проблем.

„Немам што да и правам на сламата. Таа не е сува, да ја изнесам од нивата, а и да ја изнесам. Треба некаде да ја ставам и да се скапи. Не можам да ја искористам за ништо друго, бидејќи таа е мокра и почнува да скапува“, вели Игор Тасев земјоделец од Кочанско.

Тој додава дека не може ниту да ја заора сламата, бидејќи се насукува на плуговите и не може да ора.

Но, токму овој „непотребен“ проблем, сламата, како и лушпите од оризот, односно оризовата арпа, се еколошка закана по средината и по воздухот, а, еве, според веста, и по имотот па и по домовите на земјоделците и по нивните и животите на нивните семејства.                  

Приказните за опасностите и за последиците од неконтролираното, главно ноќно палење на сламата од нивите, ја имаат пожарникарите од локалната бригада.

„Палењето на сламата предизвикува страшни пожари. Секоја година ни се повторува истиот проблем. Се сеќавам во јануари кога се запали куќа во село Мојанци, имавме страшен притисок. И Територијалната противпожарна единица во Кочани и ние како Доброволно противпожарно друштво. Цел ден и цела ноќ бевме на терен да спасиме куќи во селата Грдовци, Долни и Горни Подлог, Мојанци и Облешево. Тоа беше нешто страшно“, велат од Доброволното противпожарно друштво во Кочани.

Но ова за жал не е единствениот пожар на којшто го гасеа. Со појавата на ветерот напролет тие постојано се во очекување на нови палења на стрништа со оризова арпа.

Сламата- убиец, наместо енергенс

Граѓаните реагираат главно поради загадениот воздух. Велат дека чадот им ги разорува градите, а најзагрижени се за децата.

Според Проф. Д-р Драган Ѓорѓев, загадувањето на воздухот е причина за различни компликации кај децата уште во текот на бременоста.

Кај децата што се изложени на аеро загадување имаме помала родилна тежина. Тие деца имаат анатомски помали бели дробови, растот на белите дробови е забавен и самиот процес на дишењето е афектиран ако се погоди кај тие деца да имаме и астма која не мора да биде од аерозагадувањето тогаш имаме чести опструктивни бронхити кај тие деца“, вели Ѓорѓев.

Тој додава дека аерозагадувањето ги афектира децата преку намалена функција на белите дробови, а со тоа и до оштетување на кардиоваскуларниот систем кај децата.

Жителите на градот Кочани и околните села ги подржуваат активностите и се погласните реакции на локалната невладина организација  која собира главно млади луѓе кои се загрижени за се по нездравиот здравиот воздух и воопшто за загрозената животна средина.

Зоран Тодоров е претседател на Здружението „За Здрав живот во Кочани“, кои веќе подолго време работат на заштита на градот Кочани од загадувањето.

„Ние како здружение реагираме во две насоки. Прво апелираме до земјоделците да не ги палат стрништата, но свесни сме дека друго решение немаат. Затоа бараме од државата да се направат капацитети да се собира и преработува сламата. Ем градот ќе има почист воздух, ем нема да горат куќите и имотите на жителите на Кочани и Кочанско, ем нема да се уништува почвениот слој, ем на крај ќе имаме био гас и природни ѓубрива. Од сламата наместо да имаме фертилизери што ќе ги стимулираат позитивните микро организми во почвениот слој, ние ги уништуваме и тие што ги има“, вели Тодоров.

Реагираат граѓаните, реагираме и ние како нивно легитимно здружение. Постојано од надлежните во општината бараме во општинските институции да се отвора темата и да се бараат решенија, раскажува Тодоров.

Со разни надлежни субјекти во Општина Кочани во многу наврати разговараме за можни решенија за конечно да престане палењето на оризовата слама, а сотоа и загадувањето на воздухот како и опасностите од пожари.

Едно од решенијата би било ситно дробење на сламата со помош на комбајн со посебен додаток, со дробилка за ситнење на сламата со цел таа да остане на нивите и да не биде пречка за новите посеви, практика која се користи во некои земји. Разгледуваме и други познати и применливи можности како збогатување на сламата со хумус, вели Орце Николов, активист на Здружението За здрав живот во Кочани.

Сепак, најадекватно, најреално и  нај одржливо би било изградба на еден индустриски погон, практично една био електрична централа во која би се разградувала биомасата од оризовите слама и арпа при што со ослободување на гасот метан би се добивала струја.

На таков начин, о една таква инвестиција во општината земјоделците не само  што че се ослободуваат од сегашниот товар, сламата, туку истата ќе и ја продаваат на компанијата сопственик на био електричната централа. Во еден таков објект би се прибирал и целокупниот друг био отпад од подрачјето на Општина Кочани и  пошироко во регионот.

За жал, за овие идеи општинската администрација е се уште инертна. Ние како здружение на граѓани загрижени за здравјето на  нашите сограѓани, за здравиот воздух, ваквото решение во повеќе наврати сме и го сугерирале на општинските власти но немаме некаков повратен по оптимистичен одговор. Дури нудевме идеа општината да се ангажира и по принципот на јавно приватно партнерство да најде и инвеститори за изградба на соодветна био електрична централа но,  ете, засега ништо. А, со слични примери е докажано дека тоа на кус рок би била економски исплатлива инвестиција.

Ние знаеме дека таква инвестиција сепак ќе се личи наскоро зашто веруваме дека некои инвеститори и овде ќе препознаат дека од оризовата слама и арпа сепак може да се прави бизнис, околината еколошки да се заштити и крајниот ефект да биде добивање струја од метанот како и дополнителни био разградливо ѓубриво пак за потребите на земјоделците. Да не зборуваме за отстранување на грижата од пожари со што и досегашните искуства говорат за сериозни проблеми и опасности кога не толку одамна неколку селски атари во општината беа опожарени и кога неколку семејни  куќи како последица од  неконтролираното и недозволеното палење на стрништата од страна на земјоделците“, појаснува Тодоров.

Идеи имало и од порано

На неколку наврати во минатото се правени некои студии за искористување на оризовата слама и арпа. За такви обиди се сеќава и Гоце Серафимов, поранешен општински еколошки инспектор, а сега директор на Центарот за Јавно Здравје во Кочани.

„Не е проблем само сламата од оризот туку идентично и оризовата лушпа. И едниот и другиот нус производ се доста калорични и од тој аспект навидум употребливи како био енергенси. Меѓутоа, и во сламата и во лушпата има преголема концентрација на силициум, практично многу ситни честички камена маса која го компликува решението за енергетска употребливост на сламата и арпата како евтина биомаса“, вели Серафимов.

Значителното количество силициум попречува нивна лесна горливост, односно нивно брзо разградување и согорување зашто силициумот тешко се загрева, бара значителна топлинска енергија што процесот би го правел прескап, практично неисплатлив, смета Серафимов.

Но за се`, нели, има решенија, додава тој. Така, наместо оризопроизводителите да ги  палат стрништата и со тоа да го загадуваат воздухот и да создаваат опасности од пожари со непосакувани последици, од сламата и од арпата би се добивале ѓубриво за прихрана на оризови насади со што биоеколошки би се затворил сегашниот испрекинат процес на оризопроизводсвото во Кочанско.

И не само тоа, туку со распаѓањето на  оваа биомаса директно би се добивал и корисниот гас метан кој како енергенс има широка енергетска примена. Згора, не согорен метан, негово неконтролирано одлевање во атмосферата е директна закана за глобалното затоплување, за таканаречената „стаклена градина“ што е светски проблем, вели Серафимов и продолжува:

„Но мора да се констатира дека институциите, како општината така и државата, уште се многу инертни спрема идеите за новите биолошки еко енергетски технологии. Еве, на пример Општина Кочани се уште нема локален економски акциски план ниту локален еколошки акционен план, а ниту пак план за управување со локален отпад. А тоа се трите нај стратешки документи со кои би се детектирал и би се потенцирал и проблемот со сламата и со арпата. Без такви планови, впрочем, е неможно аплицирање за ЕУ еколошките фондови“.

Во општинската администрација сепак се наѕираат некои идеи за искористување барем на дел од оризовата слама која наместо да се опожарува на нивите би можела да биде искористена од страна на општинското водоснабдително претпријатие. Целта е, со незначителна инвестиција, оризовата слама да се користи за чистење на цевките низ кои минува отпадната вода.

Испративме прашања до Општина Кочани, но до објавувањето на овој текст, одговори не добивме.

Пресметките се дека од околу 3 илјади хектари, по жетвата на оризот, се добиваат околу 4,6 тони слама по хектар, или вкупно околу 14.000 тони слама.

Оттука, доколку со користењето на сламата во пречистителната станица се спречи нејзиното палење во нивите, не само што осетно ќе се намали загадувањето на воздухот туку и ќе се спречи уништувањето на природните живеалишта на живиот свет во регионот, а ќе се намали и деградацијата на хранливиот слој на почвата, велат во подрачната единица за земјоделство.

Електрана за пример

Во Македонија веќе има позитивни примери за користење на отпадна биомаса. Добар пример е најновата инвестиција на три македонски компании  кои инвестираа и за две години, лани во декември ја пуштија во употреба првата биоелектрана лоцирана во село Сарамзалино во општина Лозово. Во нејзиниот „акцелератор“ се разградуваат разни биоотпади од млекарските и винарските погони во земјата како и отпадни шталски ѓубрива од сточарските фарми и со нивна преработка и со добивањето на гасот метан истиот се трансформира во електрична енергија кој пота се слева  во електро енергетскиот систем.

На идентичен начин отпадните биомаси би можело  да се собираат и да се преработуваат во повеќе погони  во земјава со што и од еколошки и од енергетски аспект, користа ќе е многустрана и долготрајна што е потврдено во многу држави  во  светот.

Биогасната електрана е нај стабилен производител на т.н. чиста и еколошка електрична енергија бидејќи нејзиното производство не зависи од ветер, сонце или вода туку целосно може да се контролира. 

Меѓу инвеститорите на биогасната електрана се и Перо Колевски, сопственик на најголемата фарма за одгледување свињи во Македонија и Петар и Спасе Спасески, сопственици на охридската компанија за амбалажа.

„На овој начин трајно и системски се решава прашањето со екологијата и одложувањето на отпадот од фармите, а во иднина планираат како биогориво да се користи и отпадот од кланиците“, оценува Перо Колевски

Ова биоелектрана ќе биде значаен фактор и во стимулирање на земјоделското производство, смета Спасе Спасевски, косопственик на електраната.

„Биогасната електрана го решава проблемот и со увозот на вештачки земјоделски ѓубрива бидејќи како нуспродукт биогасната електрана дава домашно органско ѓубриво кое останува на крајот на технолошкиот процес по производството на електрична енергија“, дополнува Спасевски.

Електраната во село Сарамзалино се градеше две години и чини 12 милиони евра, целосно е автоматизирана и компјутеризирана, работи нон-стоп, произведува метан, а метанот струја, електричната моќност и изнесува 2 MW и годишно ќе произведува 16.640 MWh електрична енергија која може да ги задоволи потребите на 5.600 домаќинства а ќе испорачува и топлинската енергија која ќе може да  загрева плантажи на 6 хектари земјоделско земјиште, а ќе произведува и испорачува 40 илјади тони природно земјоделско ѓубриво.  

Дали Кочанчани ќе бидат доволно паметни да изградат еден ваков капацитет кој треба да им ја врати инвестицијата за неколку години? Како што засега одат  работите, таква најава во Кочани нема. 

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)