- Во Македонија од 300 до 400 илјади граѓани се хендикепирани или поврзани со хендикепираните лица
- Само 19% од општините имаат целосна пристапност, додека 34% се целосно непристапни
- Хендикепираните лица имаат eдна многу силна порака до институциите и јавноста: Нееднаков пристап е еднакво на престап!
Пишува: Горан Лефков
Елена Кочоска е програмски раководител во невладината организација Полио плус. Голем борец по природа, се обидува преку својата активност да си помогне себеси и на останатата популација на лицата со хендикеп.
„Од 15 до 20% од вкупното население припаѓа на заедницата на лицата со хендикеп, без да го земеме бројот на лицата што индиректно се засегнати од состојбата на хендикеп. Така да во Македонија има доста голем број на лица со хендикеп“, вели таа.
Според стандардите на Светската здравствена организација, во Македонија од 300 до 400 илјади граѓани се хендикепирани или поврзани со хендикепираните лица.
Кочовска потенцира дека правото на пристапност во нашата држава е многу малку сфатено од страна на институциите, но и од страна на лицата без хендикеп. „Во едно од истражувањата што ги имавме оваа година каде ги прашавме самите лица со хендикеп, дали им е остварено правото на пристапност, 99% се изјаснија дека не може да го уживаат правото на пристапност“, вели таа.
„Неостварувањето на правото на пристапност на лицата со хендикеп преставува дискриминација. Тоа значи дека државата прави дискриминација врз лицата со хендикеп“, подвлекува Кочовска.
ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ ВОДАТ СМЕТКА ЗА ЛИЦАТА СО ХЕНДИКЕП
Екипата на СКУП Македонија замина во Куманово за да провери колку институциите се грижат за овие лица. Пред општинската зграда имаше хендикепирано лице кои сакаше да влезе внатре во зградата. Но трите скали кои овозможуваа влез во општинската зграда, за оваа лице беа како три планини. Од Општина Куманово никој не излезе да му помогне нему. Прво помисливме дека не го забележале, но набргу се појави човек на општината. Помисливме дека излегува да му помогне на кутрото момче. Но набргу сфативме дека во фокусот на интересот на општинскиот чиновник е камерата на СКУП Македонија, па не запрашаа што снимаме. На нецели 20 метри од општинската зграда се наоѓа основниот суд, институција која колку-толку пристапна за хендикепираните лица.
Таљат Агуш, млад кумановец дипломиран правник кој учествуваше во истражувањето за спроведувањето на СИГМА принципите за добро управување за територијата на Куманово, Кратово и Крива Паланка, не беше задоволен од резултатите во делот на пристапноста.
„Не се пристапни зградите на општините, односно Општина Крива Паланка е пристапна на влезот, но на другите спратови кај што има скали не е пристапна. Општините не се пристапни за лицата со попреченост.“, вели тој. „Од трите општини, што е најинтересно, само општина Кратово има назначено лице кое е надлежно за лица со попреченост.“
ОКОЛУ ПОЛОВИНА ОД ИНСТИТУЦИИТЕ ЦЕЛОСНО НЕПРИСТАПНИ
Според податоците на Центарот за управување со промени, собрани од општините во рамките на проектот „Следење на принципите на јавната администрација“, пристапноста за лицата со попреченост до општинските згради е неостварена. Само 19% од општините имаат целосна пристапност, додека 34% се целосно непристапни.
Пристапноста исто како во Куманово е проблематична и во Велес. Го прашавме градоначалникот Аце Коцевски колку е пристапна општинската зграда, тој не ни одговори дали е пристапна, туку што во иднина ќе правеле за пристапноста.
„Планираме да изградиме една платформа за да можеме да дозволиме пристап до горниот спрат на инвалидизираните лица. Во другите институции се обидовме да направиме пристапни рампи, дури во библиотеката направивме конструкција да ја направиме да биде достапна за лицата со посебни потреби“, вели тој.
Проблемите кои ги имаат хендикепираните лица се огромни. Општините за нив се недостапни, а влезот внатре е невозможна мисија.
„Генерално општините немаат обезбеденост пристапност до нивните згради, а да не зборуваме во внатрешноста. Немаат соодветна патека да се стигне до нив, немаат обележано паркинг место до нив. Најчесто кога ќе видите обележано или поставиле некоја рампа, рампата не е рампа. Постојат одредени стандарди коишто Македонија се обврзала дека ќе ги почитува и ќе ги применува. Ние за жал тие стандарди не ги применуваме. Не дека не ги признаваме туку не ги применуваме“, вели Кочовска од Полио плус.
Истражувањето на Центарот за управување со промени покажа дека 83% од општините имаат назначено лице за помош на граѓаните со попреченост, но 78% од нив ја немаат објавено оваа информација на општинските веб страници.
За разлика од Велес и Куманово, општинската зграда во Студеничани, има направено нешто за помош на лицата со попреченост.
Бурхаедин Нухиу, секретар на Општина Студеничани, вели дека во општината имаат одговорни лица за комуникација со лица со попреченост, а тие се објавени и на самата веб страница.
„Имаме пристапна рампа поставено на влезот на административна зграда. Имаме испратено обврска до сите јавни институции како што се амбуланти, училишта дека се обврзани со закон да постават пристапни рампи.“
Но дали ова е доволно за да можт да се движат лицата сo хендикеп?
„Лицето мора само да може да ја помине рампата без некој да го турка. Ако некој го турка веќе има проблем. Рампата не е рампа. Ако треба мене да ме испратите да ја поминам рампата тогаш имате проблем.“, вели Кочовска. „Во законот за градба сите јавни и приватни објекти имаат обврска да бидат пристапни до и во нив за граѓаните со хендикеп, и плус имаат дополнителна обврска да направат тактилни патеки за лицата со оштетен вид и да обележуваат паркинг места за лицата со хендикеп со хоризонтална и вертикална сигнализација“.
ЗАКОНИТЕ ГИ ГАРАНТИРААТ ПРАВАТА, ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ
Надлежните велат дека се работи на имплементација на законите кои ги гарантират правата на лицата со попреченост, но на терен состојбите се поинакви.
Но, не само физичката пристапност е пречка за остварување на правата на хендикепираните лица.
„Треба многу повеќе да се работи на физичката пристапност на лица со попреченост во зградите на општините и во зградите на сите државни институции, но она што не треба да се занемари е се поголемиот замав на дигиталните технологии и унапредување на т.н електронска или веб пристапност за лица со попреченост“, вели Мартин Тодевски, Центар за управување со промени.
Елена Кочоска од Полио плус смета дека покрај физичката непристапност, општините немаат, ниту им е регулирано дека ќе даваат пристапни и достапни информации за граѓаните со хендикеп. „Ни една информација не им е пристапна и достапна во потребниот формат“.
Кристијан Лазарев од невладината „Отворете ги прозорците“ вели дека веб-страниците на општините во Република Македонија се многу малку пристапни или делумно пристапни за лицата со попреченост. „Овде морам да напоменам дека за некои категории на попречености, таа пристапност е поголема, за некои категории е помала.“
Сепак работите пионерски се придвижуваат кон имплементирање на асистивната технологија.
„Веб страниците во последно време се до одреден степен пристапни, за разлика од пред 10-тина години кога ни самиот софтвер од асистивниот дел кој ни пмага не беше развиен“, вели Лазарев. „Во Македонија посебно се уште има огромен простор уште многу што да се работи за да се дојде до една пристојна средина во која кога ќе се закачиме на интернет кога ќе отидеме таму, да можеме да работиме и ние што сме лица со некаква попреченост да се чувствуваме еднакво како и останатите лица без попреченост.“
ОПШТИНИТЕ НЕ КОМУНИЦИРААТ СО ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
Центарот за управување со промени веќе подолго време ги следи состојбите на општинските веб сајтови.
„Во рамките на проектот ги анализиравме сите веб страници на општините, во однос на тоа колку го исполнуваат стандардот за веб пристапност, за тоа постојат автоматизирани алатки за тстирање и покажа дека има во просек по 25 грешки на насловната страница на веб страниците, бидејќи ги анализиравме насловните страници на веб страниците“, вели Тодевски од Центар за управување со промени.
Лазарев од невладината „Отворете ги прозорците“ вели дека, во ова време на брз технолошки развој, решение може да се најде во токму во технологијата. „Во софтверскиот дел влегуваат претежно читачите за екран. Тоа е технологија која што ја користат лицата со целосно оштетен вид, и делумно оштетен вид, понатаму влегуваат некои засилувачи на звук. Овде влегуваат и ‘клоусе капчерс’ како да го наречам на македонски. Тоа е технологија што ја користат глувите лица го употребуваат за да разберат некој вербален дел од некој видеа или слично.“
Хендикепираните лица, преку Кочовска од Полио плус, имаат eдна многу силна порака до институциите и јавноста: Нееднаков пристап е еднакво на престап!
*Ова истражување е продуцирано со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредностите на добро управување“. Содржините во видеото се единствена одговорност на Центар за истражувачко новинарство СКУП и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.
* Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.