Автори: Евгенија Јанакиеска и Никола Рашо Радулов
Од месо, млечни производи па се до десерти можат да се најдат во повеќето од отворените пазари низ земјата. Пилешките батаци, џигерот и останати месни производи со почетокот на денот се изложуваат на сонце за да можат побрзо да се одмрзнуваат, додека на крајот на денот не продадениот дел повторно се замрзнува. Иако не се чуваат во соодветни услови и често не е познато нивното потекло, пониските цени во однос на супермаркетите ги примамуваат потрошувачите да ги купуваат овие производи. Неретко завршуваат во болница заради труење.
СЕКОЈДНЕВНО КУПУВААТ, ЕДНАШ НА ДВЕ ГОДИНИ КОНТРОЛИРААТ
Инспекторите често ги има по овие места, но само како купувачи. За контроли се присутни еднаш на две години.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство ни одговорија дека пазарите подлежат на инспекциски посети еднаш во две години, бидејќи, како што велат тие, во Законот се категоризираат со мал степен на ризик.
На прашањето дали за време на летниот период има позачестени контроли, тие ни одговорија дека „тоа се случува вообичаено во есенскиот период“, без да наведат конкретни статистички податоци.
Од Агенцијата рекоа дека имаат процедура за контрола на животинските и живинарските фарми согласно законите, но не ни одговорија како во практика се реализира таа процедура.
Податоците до кои дојде СКУП покажуваат дека најголем број на труења од храна се регистрираат во текот на летото. Особено на удар се купувачите кои намирниците ги бираат на отворените пазари. А, најрасипливата и најопасната храна по здравјето се месото и месните производи, разните видови месни преработки како саламата, колбасот, суџукот итн. Статистиката покажува дека труењето често доаѓа и од млечните производи како сирењето, кајмакот, урдата…
ЛЕТОТО НОСИ ОПАСНОСТ ОД ТРУЕЊЕ СО ХРАНА
Статистиката добиена од страна на Центарот за јавно здравје – Скопје, посочува дека во изминатава 2016-та година, бројот на затруените граѓани со храна се намалил во однос на претходните две години, но се уште е над 150 случаи:
„Во 2016та година пријавени се 179 случаи на труења со храна. Најмногу во месец јули – 29, а најмалку во месец декември – 5. Од 179 случаи на труење со храна, 83 се мажи, а 96 се жени. Статистиката покажува дека најголем број на труења во 2016- та година, 35, биле кај лицата од 20 до 29 години. Додека пак најмалку регистрирани труења имало кај лицата до 1 година.“, покажуваат бројките од Центарот за јавно здравје.
Експертите велат дека високите температури бараат посебни услови за чување на храната, особено на онаа која е на отворено и е од животинско потекло. Иако би требало купувачи без размислување да купуваат од било која тезга и без грижа дали е храната во добра состојба или не, македонските пазари не можат да се пофалат со висок степен на хигиена и најчесто профитот е пред квалитетот.
Оваа фактичка состојба е причината за зголемен број на случаи на труењето со храна на лето, . Од анкетираните граѓани дознавме дека тие на некој начин се самозаштитуваат. Најчесто купуваат од неколку тезги кои им се од доверба и многу ретко ги менуваат продавачите. Самите ги одбираат парчињата кои сакаат да ги купат и детално ги проверуваат бојата, мирисот и текстурата на производот. Но повеќето од нив сведочат дека ним или нивни блиски се затруле од храна, па затоа пазарат со зголемена претпазливост.
ХРАНАТА СE ПО НЕБЕЗБЕДНА
По однос на обвинувањата на селективен инспекциски надзорот, раководителот на одделението за инспекциски надзор Скопје, Соња Солевска вели дека Државниот Пазарен Инспекторат ги почитува законите и инспекциските надзори се вршат и се преточени во околу 40-тина закони.
“Инспекторатот врши инспекциски надзор над примена на законите и прописите донесени врз основа на закон во работењето на трговските друштва, правните и физичките лица, како и примена на прописите од областа на забраната за спречување на вршење на нерегистрирана дејност како и изрекување на инспекциски мерки, а со цел остварување на утврдените неправилности“, вели таа.
Солевска објаснува дека оваа надлежност на ДПИ е содржана во Законот за државен пазарен инспекторат.
„Инспекторатот работите од своја надлежност ги врши преку директор на инспекторатот, државни пазарни инспектори, пазарни извршители и други вработени во инспекторатот. Со работите на инспекторатот раководи директор кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија. Државните пазарни инспектори вршат инспекциски надзор и тоа самостојно и согласно законските прописи, преземаат мерки за кои се овластени. Инспекциските надзори се вршат преку околу 40-тина закони и 120 подзаконски акти.”, вели таа
ЛЕТОТО НАЈРИЗИЧНО
Во 2015-та година се регистрирани 238 случаи на труења со храна. Најголем број во месец јули – 38, а најмалку во месец април – 12.
Бројката на затруени мажи е 109, додека пак на жени е 129 случаи.
Најголем број на труења се регистрирани кај лицата на возраст од 20 до 29 години (52 случаи, меѓу кои 25 мажи и 27 жени). Нема регистрирани труења кај лицата до 1 година.
Статистиката покажува дека бројката на труења во 2014-та е поголема во однос на претходните две години. Имено, во 2014 та година биле регистрирани 285 случаи на труења со храна. Најголем број во август (55), а најмалку во март (6). За разлика од претходните две години, во 2014та регистрирани се поголем број на труења кај мажите (143), додека пак кај жените е регистриран еден случај помалку. Повторно, најголем број на труења имале лицата на возраст од 20 до 29 години (74 случаи), а најмалку децата од четири години – еден случај.
Докторката Лилјана Лазаревска од Центарот за јавно здравје – Скопје вели дека главниот пропуст е чувањето на храна во несоодветни услови што овозможува размножување на инфективни агенси и лачење токсини.
„Како најчести причинители се салмонелата, кое може да даде колективно труење, и стафилококите. Колективните труења со храна се поредок пример. Минатата година имавме 2-3 труења со храна во колективи“, додава таа.
АНКЕТИРАНИТЕ граѓани кога ги прашавме дали мислат дека некој ја проверува храната и дали инспекторатите си ги вршат своите должности, исто така главно одговорат дека само одредени тезги се предмет на проверка и тоа од политички причини, а дека голем дел од продавачите ги подмитуваат инспекторите или пак некој им дојавува дека ќе ги посети пазарна инспекција. Но самите тие немаат никогаш видено на дело ниту еднаш инспекција на терен на пазарите.
Според сликите нивото на хигиена на пазарите е катастрофална. Нема професионални хигиеничари во текот на денот кога пазарите се отворени. Оставената храна пак, онаа чувствителната, на високи температури, не е заштитена во ладилници и е плодна почва за развивање на бактерии.
Горештините брзо ја расипуваат на атмосферска топлина чувствителната храна какви што се месото и млечните производи. Македонија, земја кандидат за ЕУ, е една од последните земји каде што се уште се толерира продажба на месни и млечни производи на отворено, а незаштитено со ладилници и со стаклени боксови.
Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.
„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.