Општина Велес лидер во услугите кон граѓаните во Вардарскиот регион

Општина Велес е лидер според приманите и процесираните барања во Вардарскиот регион се наведува во најновото истражување спроведено од неколку невладини организации предводени од Центарот за управување со промени. Првото место за Велес доаѓа откако беше лидер во воведувањето на информативниот центар за управување со документи и меѓу првите според Исо стандардот.

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски делумно е задоволен од овие резултати, и потенцираше дека се соочува со сериозни проблеми и предизвици.

„Без одлучна и квалитетна администрација нема напредок во општината. Ние сме премногу исполитизирано општество, кои општината ја гледаат како место за вработување на партиските војници и пумпање на пари од неа. Се додека гледаме така на локалната самоуправа сме далеку од Европската Унија“, смета Коцевски.

Тој додава дека тешко му оди да ги убеди и неговите членови во партијата да ги сменат ставовите за општината и да не ја гледаат само како место за вгнездување на партиската војска.

Проблемите во општините и сега се големи. Општина Велес моментално по закон е обврзана да има 40 пожарникари, а таа има само 18. Проблем и е што не може да вработи дополнителни пожарникари заради кочницата од централната власт.

Со него се согласува и Неда Малеска- Сачмароска, извршен директор на Центарот за управување со промени, која смета дека државата треба да ги следи државните интереси, а не партиските.

„Општина Велес објавила само 37% од податоците што се јавни, до 100% има уште многу. Критериумите за избрани и именувани лица мора да се сменат во иднина“, смета Малеска- Сачмароска.

Таа додава дека нивното истражување на национално ниво покажало дека во земјава има 4.000 именувани функционери, кои минатата година потрошиле 7 милиони евра.

Малеска се прашува која е функцијата на тие луѓе во државата.

Ели Чакар државен советник во Министерството за локална самоуправа, има сериозни забелешки за управувањето во администрацијата.

„Препораките на Европската Комисија се да се почитува Мерит системот во администрацијата. Треба општините да го одбегнуваат временото вработување бидејќи токму оваа мерка го руши мерит системот“, вели Чакар.

Таа додава дека во најава е нов бран на децентрализација на функции од централно на локално ниво.

Во Европската Унија 70% од законите кои ги донесуваат телата на Унијата се спроведуваат од општините и локалните власти, а само 30% на државно ниво. Според извештаите на Европската Комисија 54% од вработените во државната администрација се жени, но многу малку припаднички на понежниот пол има на управувачки позиции.

Тодор Ефремов, од невладината организација „Чекор кон Европа“, која ја следеше работата на Општините Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Лозово, смета дека споменатите општини се недоволно транспарентни.

„Само Општина Неготино има објавено 14 услуги на нивниот веб сајт. Ниту една од испитуваните општини немаат достапни формулари на нивните веб страници, а само Општинската зграда во Демир Капија има пристап за инвалидни лица“, прецизира Ефремов.

Тој додава дека општините не се посветени на стратешките документи.

Неговата колешка Славица Ќучукова- Николова, од невладината организација „Извиднички одред Димитар Влахов“, ги мониторира општините Велес, Чашка, Градско, Росоман и Свети Николе.

„Велес минатата година примил 5239 барања, Свети Николе 1460, Градско 600, Чашка 26 а Росоман воопшто не даде податок по колку барања на граѓаните постапиле минатата година“, вели Ќучукова- Николова.

Според нејзе електронски барања граѓаните симнувале само во Велес и Свети Николе, додека во другите општини немале таква опција или не дале податоци.
Ова е прва јавна дебата од проектот за Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредности за добро управување, кој го спроведуваат Центарот за управување со промени, Македонската консалтинг организација и Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија. Проектот е финансиран од Европската Унија, а во следниот период престои презентација и во останатите плански региони во земјава. Инаку во проектот се вклучени 14 партнерски организации.

Оставете коментар

коментар(и)