Општините незаинтересирани и неподготвени за климатските промени

Пишува: Александар Писарев

Разочарувачки мал дел на општини имаат издвоено средства за справување со климатските промени. Само 10 отсто од општините предвиделе средства за оваа намена, и тоа најчесто е за некаква конкретна активност. Општина Делчево издвоила 8.000 евра за прочистување на коритото на Реката Брегалница додека Општина Виница има предвидено пари за плаќање на фактура на компанија која ја третирала депонијата со метода на алги, за да се угасне пожарот на самата депонија.

Ова се само дел од резултатите на истражувањето на Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија, кое покажа дека многу малку пари се издвојуваат за одговор на климатските промени, кои најчесто се користат за популистички проекти. Иако испративме барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер до сите општини во земјава, одговорија само 40-тина од вкупно 80 општини. Од нив, само кај 8 имаше предвидено ставки за справување со последиците од климатските промени.

Општините и градовите се клучна алка во синџирот на фактори за справување со климатските промени. Според Обединети нации (ОН), општините може да играат голема конструктивна улога преку кампања за промени во однесувањето, развивање на поодржливо патување, производство на производи и храна локално, намалување на употребата на енергија во зградите, локални решенија за одржлив енергетски пристап и трансформација, рециклирање на отпад, враќање на зелените површини како и спроведување на економија на споделување.

Иако баравме конкретен одговор од општините на прашањето „Колку пари се издвоени за справување со климатските промени?“, многу општини не одговорија прецизно на ова прашање. Најчесто, нивниот одговор се состоеше од вкупниот буџет за екологија, каде ги опфатиле и чистењето на улиците, комуналната хигиена, собирањето на сметот и слични комунални услуги.

Илинден и Струга со најголем буџет за екологија

Ги собравме сите овие суми и дојдовме до некоја збирна сума од 2,6 милиони евра.

Според оваа пресметка, најмногу пари на оваа ставка издвоиле од Општина Илинден 640.000 евра.

После Илинден, следува Општина Струга со 470.000 евра.

Следна општина на листата е Општина Кавадарци, да напоменеме дека тие исто така немаат посебна ставка за заштита на животната средина.

Потоа следуваат Гевгелија со 252.000 евра, Битола со 170.000, Центар со 110.000 и Пробиштип со 90.000 евра.

На дното од оваа табела се наоѓаат Центар Жупа, Демир Хисар, Градско и Росоман.

Дорјан и Богданци со најголем буџет за екологија по глава жител

Дојран и Богданци се мали општини со по неколку илјади жители, но во нашите пресметки излегоа помеѓу првите општини според издвоените средства по жител.

На последниот попис, во Општина Дорјан се изјасниле дека живеат 3.084 жители, но во буџетот издвоиле скоро по 20 евра од жител за чистење и одржување на животната средина.

Следен на листата со издвоени 12 евра по жител е Општина Гевгелија.

Трета на оваа листа е исто така соседна општина на овие две, а тоа е Општина Богданци со 540 денари по жител за екологија.

На дното на оваа листа се претходно споменатите општини Росоман и Градско, Брвеница, Центар Жупа и Могила.

Скопските општини најзагадени, екологијата не им е приоритет

Општините во Скопскиот регион имаат најмал процент на одговорени барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер во оваа истражување од 17 општини и градот Скопје, или вкупно 18 правни субјекти, само 6 доставиле одговори. Тоа е само една третина од општините. Просекот за другите региони е над 50%.

Од овие општини, најмногу пари издвоила Општина Илинден или 35 евра по жител.

Следна на листата е Кисела Вода со 276 денари.

Потоа следува Општина Центар со 155 денари по жител.

Шуто Оризари има 97 денари по жител за 20% повеќе од Аеродром.

Најмалку пари по жител во Скопскиот плански регион според достапните информации на СКУП Македонија издвојува Општина Бутел, само 50 денари по жител.

Нема системски пристап

Популистички наместо системски пристап во справувањето со климатските промени. Ова е заклучокот до кој дојдовме во оваа истражување. Има некои иницијативи во општините кои даваат навидум добар пример за борба со климатските промени, но кога суштински ќе се навлезе ќе се заклучи сосем спротивното. Таков е примерот со Општина Кочани.

Општина Кочани предвидува субвенционирање при набавка на велосипеди, веќе подолго време со сума од 10.000 евра и е една од најуспешните програми досега. Таа ставка се троши многу брзо. Со користењето на велосипеди се намалува употребата на автомобилите, а со тоа и загадувањето, сепак оваа е многу повеќе популистичка мерка за купување на гласови, вели Орце Николов од Граѓанската иницијатива „За здрав живот во Кочани“.

„Општината нема ниту 1 сантиметар велосипедски ленти. Доколку вистински сакаат да го намалат загадувањето од возилата, Во Кочани треба да постават велосипедски ленти на самиот коловоз, со што ќе се намали просторот за автомобили, а ќе се зголеми за велосипеди. Општина Кочани, бојадиса една велосипедска патека, која порано беше пешачка патека, со што им го одзеде просторот на пешаците. Сега мајки со колички за деца не можат да одат по таа патека“, вели Николов.

Многу места, посебно рурални средини може да останат без вода за пиење, поради идните суши што ќе се појават. Недостасуваат планови како ќе се справуваме на општинско ниво со пожари како тој што беше во Малешевијата или во Кочани пред две години. Скоро и да нема нова опрема и возила за пожарникарите. Како ќе се справуваме со идните поплави кои научниците ги предвидуваат како резултат на глобалното затоплување.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)