автор: Весна Коловска
сторијата е оригинално објавена на страницата на Канал77
Како бомба во јавноста одекна веста дека полицијата му поднесе кривична пријава на претседателот на граѓанското здружение „Пастрмалијада 2013“, под сомение за проневера на пари од Пастрмалијадата во 2013-та и 2014-та година. Според пријавата на СВР Штип до Основното јавно обвинителство, „пријавениот А.Ѓ. во периодот од 11.09.2013 година заклучно со месец октомври 2014 година како одговорно лице, Претседател на здружение на граѓани „Пастрамалијада 2013“ Штип и овластено лице во правниот промет, ја искористил службената положба и овластување и без донесување на писмени одлуки од страна на органите на здружението, незаконски потрошил вкупно 2.718.805 денари по различни основи.
Пријавениот во повеќе наврати противправно присвоил за себе 396.700 денари, на начин што еден дел во износ од 259.800 денари ги префрлил на сметка на Здружението на трансакциски сметки на повеќе физички лица, кои откако ги подигале му ги давале на рака на пријавениот, а останатиот дел од 136.900 денари, пријавениот во повеќе наврати ги подигал од сметката на Здружението на име материјални трошоци без за истите да достави покритие“, стои во пријавата на СВР Штип од 18-ти ноември 2014 година.
Општината се огради
Општината Штип, која претходно соопштуваше дека е организатор на манифестацијата заседно со споменатото здружение, експресно се огради.
„Општина Штип се оградува од случувањата со „Пастрмалијада“, која е здружение на граѓани, невладина и непартиска организација и е регистрирана како посебен правен субјект, апсолутно, независен од Општината. Очекуваме органите на прогонот вистинито и објективно да ги истражат сите наводи и активности од Кривичната пријава“, писмено соопштија од Општината со која управува градоначалникот Илчо Захариев, кој е од редовите на ВМРО ДПМНЕ.
Осомничениот А. Џ. на својот Фејсбук профил одговори:
Angel Dzonov 18 ноември во 00:07 ·
Времето ќе покаже дека ви е залуден обидот да го нарушите угледот на Претседателот и на Здружението. Кривичната пријава ќе биде заборавена како безначајна хартија, а успешните манифестации од страна на здружението ќе останат запаметени.
п.с. Старите велат: „стрпление – спасение“.
Кривичната пријава е во Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Штип. Претеседателот на Ристе Бојаџиев ијзави дека се работи по пријавата и е побарано стручно вештачење, со цел да се испитаат наодите. Потоа, Обвинителството ќе одлучи дали ќе покрене обвинителен акт или ќе ја отфрли пријавата.
Основачите на „Пастрмалијада 2013“ од УМС на ВМРО ДПМНЕ
Според тековната состојба во Централен регистар, пет лица се основачи на Здружението на граѓани „Пастрмалијада 2013“,сите активни членови на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ. Меѓу петтемина основачи е секретарот на младината на ВМРО ДПМНЕ во Штип, Димитар Белич.Прв на листата на основачи е Баже Јорданов, брат на актуелниот лидер на УМС од Штип, Иван Јорданов. Следен е Јован Сичев, син на поранешната директорка во штипската Клиничка болница, Силвана Сичева. Одговорно лице е Ангел Џонов, до неодамна ангажиран во општината Штип. Џонов е внук на Димитар Џонов, десна рака на поранешниот градоначалник Зоран Алексов. На своите Фејсбук профили, речиси сите имаат фотографии од патриски активности и свечености. Илустративни се групните фотографии од свеченоста од годишнината на УМС на која дел од основачите на здружението се рамо до рамо со градоначалникот Илчо Захариев и координаторот Никола Мицевски (фотографииите се во прилог) и таа од отворањето на новите простории на ВМРО ДПМНЕ во Штип.
Здружението е формирано во септември 2013 година, непосредно пред одржувањето на Пастрмалијадата таа година. Тогаш за прв пат беше објавено името на граѓанското здружение, на кое му е доверена организацијата на оваа манифестација. Индикативно е дека на ова ново здружение му се доверува обемната организација на најмасовната манифестација што ја организира општината Штип. Над 50.000 гости на Штип, престојувале во Штип за време на Пастрмалијадата 2013, се пофали општината. Нема документ врз основа на кој се избира токму ова здружение да ја организира манифестацијата. Општината Штип одговори дека со здружението има склучено меморандум за соработка, каде се дефинирани нивните обврски. Овој документи, општината не го испрати во прилог на писмениот договор. Нема ни извештај за потрошените пари. Иако општината од својот буџет одвојува општински пари за организација на Пастрмалијадата, советниците не паметат дека некој им реферирал како се потрошени овие пари.
Во службеното гласило, каде се објавуваат одлуките на општината, единствени неколку документи што можат да се најдат, е од 2011-та и 2012-та година, во време на поранешниот градоначалник Зоран Алексов и еден од 2013-та, во првата година од владеењето на Илчо Захариев.. Во Службениот гласник (12/11 од 27.09.2011год.) објавено е решението за објавување на програмата за организација на Пастрмалијадата, која е усвоена на седницата на Советот една недела порано. Во документот пишува дека за Пастрмалијадата ќе бидат потрошени 860.000 денари, од кои 530.000 денари се од општинскиот буџет, додека останатите 330.000 денари од спонзори. Во прилог на документот се износите за секој од изведувачите и трошоците за поставување бина и организацијата. Во ниту едно издание на Службен гласник во период од една година, про пребарувањето, не наидовме на извештај за тоа како се потрошени одборените пари од буџетот за организација на манифестацијата, ниту пак кога официјално побаравме според Законот за слободен пристап до информации, го добивме тој документ.
„Кога се даваат средства на НВО, здруженијата се должни да поднесат извештаи, заедно со целокупната придружна документација и да ги оправдаат тие пари, бидејќи општината се јавува како донатор. Доколку нема извештај, тоа значи дека грантот не е завршен, дека нешто не „штима“, вели Борис Шарковски од Фондацијата за локален развој, кој го мониторира финансиското работење на општината Штип.
Нема извештаи за потрошените пари
Веќе во 2013-та година, што е прва организација од доаѓањето на новата манифестација, во службеното гласило нема никаква одлука во врска со Пастрмалијадата. Единствено, во програмите за култура и онаа за Локален економски развој во две-три реченици се планира организирање на Пастрмалијадата и износот што го одделува општината. Во октомври 2014 год., Советот со мнозинство гласови донесува одлука со која за дванаесет пати се зголемува износ за Пастрмалијата организирана еден месец порано. Наместо предвидените 300.000 денари од Буџетот, за организација на манифестацијата со ребалансот на општинскиот Буџет износот се зголемува за дванаесет пати, однсно 3.500.000 денари. Исто толку пари се предвидува и во буџетот за следната година. Предлагачот на измената, Кирил Панајотов, образложи дека ова е по барање на донаторите, бидејќи Пастрамалијадата ја организира здружение на граѓани и во најголем дел се финансира од донации.
„Поголем дел од спонзорите сметаат дека побезбедно и посигурно ќе биде ако парите одат преку општината и така сакаат да донираат“, изјави Панајотов од говорницата на Советот на општината Штип.
На ова реагираше опозицискиот советник Јане Миланов.
„Зошто за некое здружение на граѓани спонзорите да ги префрлуваат донациите преку општината? Зошто спонзорите да не склучат договори со општината , па општината потоа да им му ги префрли парите на општината?, праша Миланов, но не доби одговор.
Официјален одговор на општина Штип
Тоа се пари за манифестација, која да потсетиме, ја организира граѓанско здружение. Одлуката излегува во Службен гласник бр.11, од 5-ти ноември 2014 година, додека 13 дена подоцна, полицијата објави дека поднела кривична пријава против овластеното лица на организаторот на Пастрмалијадата, за проневера на над 2.700.000 денари.
Интерсно е дека се повикува на одговорност овластеното лице на здружението поради недонесување на писмени одлуки пред органите на здружениот, а истата одговорност не се бара од општината, која преку склучен меморандум за соработка, треба да му префрли на организаторот, т.е. здружението на граѓани 3.500.000 денари.
Каде се потрошени овие 57.000 евра? Што е со парите од спонзорите? Пејачите од странство, Аца Лукас и Жељко Јоксимовиќ, според зборовите на организаторот, Ангел Џонов, во вкупен износ од 30.000 евра, беа исплатени од спонзорите. Џонов во изјава за интернет страницата „1.мк“, јавно им се заблагодари на спонзорите:
„Лично од име на организаторот сакам да им се заблагодарам на сите што дојдоа во Штип, но и на спонзорите, „Скопско“, „Тиквеш“, хотел „Оаза“, “ЕАМ“, „Варади“, „Ларс“, „Имако“… и многу други, кои со финаниска и логистичка поддршка направија овој настан да биде успешен и позитивен“, изјави Ангел Џонов, организатор.
Општината Штип од поставените штандови наплаќаше комунална такса, додека здружението од поставените 43 штандови од угостителите наплатуваше по 250 евра. Тоа се дополнителни 10.750 евра приход од манифестацијата. Ако се направи проста математика, Пастрмалијадата „свтрела“ 97.750 евра. Каде завршиле остатокот од парите по исплатата на пејачите? Колку заработила општината, а колку здружението на граѓани?
Општината Штип во писмениот одоговор на нашите прашања тврди дека во организацијата на Пастрмалијадата, никогаш не тргнувала од интерес да заработува, туку да вложува и нема никаква заработка од тој настан. „Урбаната опрема која се поставува за време на Пастрмалијадата – бина, озвучување, одветлување, е од страна на генералните спонзори, електричната енергија ја обезбедува општината, секој штанд си го уредува учесникот на Пастрмалијадата, дел од тезгите се на ЈП Исар. Во 2013 година на угостителите не е наплаќано за учество во настанот, а во 2014 година за учество на настанот здружението наплаќа од угостителите 15.000 денари. Тие средства се за хонорарите на учесниците“, стои во одговорот на општината Штип. Што се однесува до спонзорите, општината потврдува дека главен донатор на Пастрмалијадата 2014 беа Скопска пивара со 25.000 евра и обезбедена бина, озвучување и осветлување, потоа Брилијант со 5000 евра, Имако вино со 1000 евра и средствата од угостителите, кои плаќалеп о 15.000 за штандови.
„Општината Штип се појавува во организацијата на Пастрмалијадата како настан, кој е влезен во нашите активности и дава комплетна логистика преку јавние претпријатија. Преговара и со спонзорите околу обезбедувањето на врвни групи и пејачи ,кои настапуваат на овој настан“, ја објасни својата улога општината во писмениот одговор.
Улогата на општината
Според новиот закон за граѓански здруженија и фондации, општината може да делегира одредена надлежност на здружение на граѓани. При тоа, мора точно да се знае за што се потрошени парите, за што се поднесува извештај, кој мора да се разгледува на Советот на општината. За секои средства, не само за овие со делегирана надлежност, објаснува Борис Шарковски од Фондацијата за локален развој, кој го мониторира финансиското работење на општината Штип.
„Меѓутоа, законот не вели дека општините треба да формирааат здруженија за им делегирате надлежност, туку треба да се додели организација на искусни здруженија, кои веќе тоа го прават, веќе знаат и имаат искуство и експертиза, го прават тоа во нивната секојдевна работа и затоа им ја доверувате организацијата, бидејќи ќе ја направат подобро отколку што тоа го може општината. Доверувањето на организаиии, кои се формирани наменски за само една цел, значи злоупотреба на законот, изјави Шарковски.
Има уште вакви „наменски“ здруженија
Здружението „Пастрмалијада 2013“ не е единствено, кое организира манифестација по која е именувано. Во Велес работи невладината „Велешка регата „Гемиџии“, која општината и ја делегирала организацијата на општинската манифестација, истоимената регата по реката Вардар. Според претседателот Себо Шакиров, регатата засега им е единствениот проект.
Разликата во организацијата на Пастрмалијадата и регатата е во тоа што Советот на општина Велес правно тоа ја уредил преку формата делегирање на надлежност на организација, којашто ја избрала преку распишан конкурс. Основачите на организацијата произлегуваат од извидничкиот одред на Велес и самата организирана како здружение на граѓани. Општината Велес е покровител на манифестацијата со 150.000 денари од буџетот. Во одлуката за делегирање на надлежноста се наведува дека субјектот, кој ќе ја добие, организаторот е должен по завршувањето, да достави извештај до Советот. Од општината ни потврдија дека овој извештај ќе се најде на следната седница, поради што не се во можност да ни го достават, додека не биде усвоен.
Во договорот за делегирање на надлежноста за организирање на регатата, што ни го достави општината Велес, нема наведено износ на средства што треба да се доделат на здружението, туку во членот 10 во договорот, стои дека за организаторот ќе добие износ не поголем од предвидениот во Програмата во областа на спорт и млади. Потоа, здружението во извештајот реферира за потрошени 162.000 денари, од кои 150.000 се од буџетот на Велес, останатите од спонзор. Веќе во извештајот за 2013 година, пишува дека регатата чинела 168.800 денари, но не и колку од тие пари се на општината, а колку од останати.
Здружението Вардарска регатата Гемиџии и по промената на локалната власт, продолжува да ја организира регатата. Новиот градоначалник, Славчо Чадиев и самиот долгогодишен извидник, потпишува анекс на договор со здружението. Во одлуката за делегирање на надлежност во членот 4, пишува дека има можност договорот да се продолжи и во следните години, доколку има предвидено средства во програмата. Оваа одлука ја потпишал тогашниот претседател на Советот, Славчо Чадиев, сегашен градоначалник.
Општината Велес оваа форма на делегирана надлежност ја користи и за организација наРацинови средби, Фестивалот на античка драма „Стоби“ и Интернационалниот фолклорен фестивал. Сите се општински манифестации, организирани од граѓански здруженија. Велешката опозиција имаше жесток настап во Советот при усвојување на извештаите. Координаторот на советничката група Благој Коларов изјави дека нивен став е дека овие манифестации треба да ги организира општина Велес и при тоа, да има организационен одбор кој ќе биде под директна ингеренција на Советот.
„Немаме забелешка на тоа кои се луѓето во невладините оргазации, кои ги организираат манифестациите. Суштината е како потоа се трошат парите на граѓаните. Велешката регата има „чист извештај“, каде точно се знае како се потрошени парите. Проблематични се финансиските извештаи на другите манифестации, каде во ставката „други трошоци“ е ставен износ од 30-50 па 60 отсто од буџетот, каде нема преглед за што се потрошени средствата. Тоа се граѓански пари, изјави Коларов.
Тој вели дека откако мнозинството предводено од ВМРО ДПМНЕ го усвоило начинот, со кој на невладини организација им овозможи да учествуваат во делегирана надлежност, единствено што можеле да направат е да апелираат точно и трансарентно да се прикаже како се трошени парите за секоја манифестација.
Два милиони денари од општинскиот буџет на Струмица одат за здружението на граѓани, организатор на фестивалот „Струмица опен“. Фестивалот кој оваа година само во една вечер, на концертот на Здравко Чолиќ собра дури 80.000 луѓе, го организира здружението КЗЖ (Културно – забавен живот) од Струмица, кое се занимава само со овој фестивал. Координатор на фестивалот е триесетгодишниот Петар Божинов, член на Советот на општината Струмица од редовите на СДСМ. Божинов е и член на општинскиот Младински совет. До изборот за советник, Божинов бил претседател на здружениото, по што се повлекол и на негово место доаѓа Томи Печков, негов колега од Младинскиот совет. Божинов останува да го координира фестивалот.
Општината Струмица за фестивалот од буџетот во 2014 година оддели два милиони денари. Божинов вели дека се тоа една третина од потребните пари за организација. И во буџетот за 2015 година, како што образложи градоначалникот Зоран Заев на буџетскиот Форум на заедниците, се предвидени 2.700.000 денари за спонзорство на фестивалот. Во изјавите на отварањето на „Струмица опен“ струмичкот градоначалник рече: „ Вклучени се и општински и државни институции и со тоа сакаме на граѓаните да им понудиме вистинско уживање во богатата културна понуда“.
200.000 посетители дошле изминатото лето на Струмица опен, организиран од здружението со седум членови.
Фестивалот има бројни спонзори, а има приход и од закуп на штандови. Петар Божинов не откри колку чини закуп на еден штанд, со образложение дека тој износ варира во зависност од местото и големината. Рече дека има штандови и за 100 евра. На интернет страницата на фестивалот објавен е документот од огласот за јавен повик за закуп на штандови преку јавно наддавање. Во условите пишува дека секое следно наддавање треба да биде поголемо за 100 евра. Остана непотврдена гласина од струмичани, кои слушнале дека оваа година, еден штанд чинел од 5000 евра па нагоре. 20.000 евра за еден од најголемите штандови наводно, платила една од македонските пивари, која била и донатор на фестивалот.
И овде е мистерија, кој каква улога има, особено, улогата на општината. Координаторот Петар Божинов, сепак рече дека нема заработка од фестивалот и дека го работат од ентузијазам.
Невладините организации не се субјекти кое се амнестирани од одговорност за злоупотреба, казнива со закон. По примерот со „Пастрмалијада 2013“, кое заврши со кривична пријава, останува прашањето, што и кој ќе повлече истрагата, односно колку длабоко ќе сака да истражува Обвинителството.
(Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“.)