ПАНДЕМИЈАТА ГИ ИЗНЕСЕ НА ПОВРШИНА ДЕФЕКТИТЕ НА ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ

Пишува: Екипа на СКУП

Вкупно 37 лекари можат да се избројат на веб сајтот на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, која беше прва на удар за потешките случаи на заразени со Корона вирусот. Но реално, најпрвин биле ангажирани само 7 доктори специјалисти за потоа нивниот број да прерасне во 12, кои работат распределени во 4 групи и на кои им помагаат за цело време само лекарите специјализанти. Нејасно е за јавноста зошто не се ангажирани другите лекари и дали истите се на боледување или имаат други причини. Одделот за респираторни инфективни болести има само 4 доктори и пет сестри. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје од 2018 година, на оваа клиника има 129 кревети. 

НЕДОСТИГ НА ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ

„Обезбеденоста со лекари во општите и клиничките болници е релативно добра, меѓутоа соодносот лекари и здравствени работници со виша и средна стручна подготовка 1:2,4, зборува за недостиг на здравствени работници со виша и средна стручна подготовка, а тоа секако влијае на квалитетот на лекувањето и негата на болниот“, се констатира во Извештајот на Институтот за јавно здравје.

Во Градската општа болница „8ми септември“ на Одделението за пулмологија има 7 лекари, додека на Одделението Инфективни болести и фебрилни состојби има само четворица лекари.

Но, Министерот за здравство, Венко Филипче, уверува дека државава може да се справи со евентуално поголем број заразени од вирусот. „Здравствениот систем е подготвен да апсорбира поголем број на пациенти“, изјави тој на прес-конференција која ја држеше на почетокот на април годинава. Тој тврдеше дека Клиниката за инфективни болести заедно со дополнителниот капацитет за прием на тешко и средно-тешко болни пациенти со коронавирус располага со 250 болнички кревети, а болницата „8-ми Септември“ во Скопје со близу 400 кревети.

КАКО ДА СЕ ПОДИГНЕ ПОДГОТВЕНОСТА ВО ЗДРАВСТВОТО?

Во првиот бран на пандемијата во земјата не беа искористени сите капацитети на здравствениот систем, но експертите велат дека ова не значи дека со ова ниво на подготвеност треба да се чека евентуалниот втор бран.

„Верувам дека Северна Македонија има капацитет да се справи со хипотетички посериозна појава на криза во есен, доколку здравствените власти добро управуваат со своите ресурси и го користат овој период на смиреност за правилно подготвување на капацитетите и соодветната обука на медицинскиот персонал“, вели за СКУП инфектологот Фадил Цана.

Тој е активно вклучен во борбата против КОВИД-19 од евиденцијата на првиот заболен во Клиниката за инфективни болести во Скопје и секојдневно се соочува со пропустите на здравствениот систем, кои придонеле до непотребни нови инфицирани.

За да се елиминираат пропустите, Цана вели дека треба да се извршат итни промени во самиот систем.

„Како прво, раководните служби на клиничките болници во Тетово, Штип и Битола мора веднаш да се реорганизираат и да се сменат, а зошто да не и на неколку општи болници од другите градови, кои во текот на првиот бран се покажа дека воопшто не заслужуваат статус на болници и клинички“, вели Цана и додава: „Општо, како во однос на организацијата, така и од подготовките за справување со оваа состојба, се осмелувам да кажам дека тие повеќе наликуваа на селски ординации отколку на секундарни здравствени установи“.

Вториот важен сегмент на организирањето, според Цана, е „да се продолжи да се зголемува капацитетот за снабдување со лична заштитна опрема и друга здравствена опрема – доволен број болнички кревети, вклучувајќи единици за интензивна нега, обезбедување на лекови и потребни фармацевтски производи во единиците за интензивна нега и реконструкција на складишта за опрема“.

И трето, додава Цана, е потребата за зајакнување на соодветниот капацитет за набљудување. „Ова значи зајакнување на капацитетот за тестирање во големи размери за откривање и следење на ширењето на вируси, следење на контакти и можности за изолирање на позитивни лица со COVID-19. Исто така, треба да има капацитет за серолошко тестирање.“, смета тој.

ИНФЕКТОЛОГОТ ЦАНА: ВТОРИОТ БРАН Е РЕАЛЕН, ПОТРЕБНО Е ПОСЕБНО ВНИМАНИЕ ОД ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ

Др.Фадил Цана

Веројатноста за појава на втор бран, според инфектолот Фадил Цана, е реална и ова е предмет на проучување за што е потребно посебно внимание од здравствените власти.

„Она што е досега познато од сите непознати што ги има овој вирус е фактот дека без вакцина и без широк имунитет, повторното појавување е неизбежно. Пример за аларм за ова е искуството на Сингапур, земја која имаше ненадејно „заживување“ на инфекции, и покрај тоа што беше пофалена за раното лекување на појавата. Ова искуство, иако е многу специфично, ја демонстрира можноста на вирусот силно да се врати на густо населените места и да ја искористи секоја слабост на институциите за јавно здравје, создадени за борба против овие појави“, вели Цана.

Тој смета дека, ако има втор бран, вирусот ќе биде поблаг, затоа што дел од популацијата веќе дошла во контакт со вирусот и се стекнала со имунитет. „Истовремено, вирусот што минува од еден на друг ја губи својата вирулентност и агресивност, а повеќето од луѓето се веќе запознаени со болеста, така што верувам дека нивното однесување нема да го„иритира“ вирусот“, додава Цана.

Крај

Оставете коментар

коментар(и)