ПАРИ – ЗДРАВЈЕ – ЖИВОТ

Кога и онака скромниот буџет се троши нерационално, згора и кога целиот здравствен сием во делот на трошењето на парите на осигурениците е често предмет на разни афери и аферички за корупција и криминал, здрвајето стнува се понедостапно, животот на граѓаните се поскап.

Вака некако според овој редослед од насловот би можеле да ја именуваме темата на оваа сторија на СКУП. Без пари нема здравје – без здравје нема живот.

Навидум просто, па сепак, сложен е, многу се сложени финансиите во македонскикот здравствен систем. Нашите соговорници се согласуваат во едно: Пари во здравството нема доволно но и тие што ги има, што за таа намена ги издвојуваат граѓаните, се трошат не секогаш домаѓински.

Секој вработен во земјава е обврзан да плаќа здравствено осигурување. На сегашната просечна бруто плата од околу 42 илјади денари, се одвојуваат по 170 денари дневно, или околу 4100 денари месечно.  Прилично голема сума за нашиот стандард. Но, секој пријавен вработен придонесува со надеж е дека кога ќе му биде потребно ќе добие бесплатно лекување.

Пари нема, а тие што ги има често се трошат нерационално.

Минатата 2020-та година буџетот на Фондот за здравствено осигурување изнесува 570 милиони евра. Во 2019-та буџетот бил 500 милиони евра, во 2018-та, 478 милиони, додека во 2017-та година сумата е 422 милиони евра.

Професор доктор Нико Беќаровски вели дека здравствената каса на Република Северна Македонија е многу слаба. Споредба направи со состојбите во Словенија.

„Јас не би се согласил комплетно со констатацијата дека здравствениот систем потфрли. Ние мора да разбереме дека…еве да направиме една најобична компарација меѓу Македонија и Словенија со оглед дека се компарабилни држави по население. Значи буџетот на Клинички центар во Љубљана само за лекови е поголем од вкупната здравствена каса во Македонија. Словенија има 11 пати поголеми пари во однос на здравството и троши во однос на Македонија и кога ќе ги видиме резултативе барем од оваа епидемија нешто бројките премногу не се разликуваат“.

Познавачите на состојбите во здравството, сепак, велат дека можеше да се спаси голем број на човечки животи ако имаше подобро управување со состојбата и ако немаше корупција при набавките.

Новинарката Менче Атанасовска Точи со години професионално ја следи проблематиката здравство:

„Па не се само парите во прашање, кога зборуваме за корупцијата. Корупцијата чинеше човечки животи. Имаме многу голема бројка на починати, кои можеа да се спасат, ако имаа навремена здравствена грижа, ако имаа достапни ПЦР тестови во секое време, бесплатни, како што е во сите држави во Европа и ако имавме вакцини. Вакцините да беа набавени на време, мислам дека голем дел од граѓаните ќе се спасеа“. 

Проф. Д-р Никола Пановски е професор на Медицинскиот факултет при УКИМ:

„Не се реагираше на труењето, масовното труење на луѓето со лекови, пред се антибиотици, непотребно, нестручно, несвојствено на протокол и со многу медикаменти. Значи никаква реакција немаше. Јас сам ја намалив употребата на антибиотици за 70%. Меѓутоа и сегашната употреба е непотребна. Да не кажам дека јавно се кажува дека докторите препишуваат двојни токсични дози на лекот сумамед. Кои се недозволени. И дека симптомите што ги добиваат не знаат дали се од Ковид или не. И ни една установа Ниту Комора, ни Министерство, ниту Фармацевтска комора, ни лекарска, ни Македонско лекарско друштво ни Фонд за здравствено осигурување каде без потреба се трошат нашите пари таму, нема никаква реакција, дури направија истрага зошто се дале податоците од Фондот за потрошувачка на антибиотици заборавајќи дека тие се јавни податоци и дека јас сум претседател на Комисија за рационална примена на антибиотици, кога сакам можам да ги добијам“.  

Дали државата не направи доволно и финансиски ги заштити граѓаните?

Експертите велат дека владата не само што не успеала да ги користи и капацитетите на приватните клиники во функција на подобро справување со пандемијата, туку им овозможила да профитираат енормно преку воспоставување на таканаречен здравствен апартхејд.

„Шокантно е тоа што група професори од правниот факултет предложиле до власта да се национализираат приватните болници кога беше најголемиот бран во ноември, па и сега во овој бран за да можат да се сместуваат пациенти со Ковид и таму. Не им било одговорено никако. Министерството можеше да стави лимит на цените, ние новинарите постојано притискавме цела година, да се лимитираат цените во приватните болници, министерот Филипче постојано викаше дека не постои правна можност да се меша во приватните болници. Сега излезе дека постои правна можност. За два дена се направија измените на законот за здравствена заштита и приватните болници се лимитирани на 5.000 евра. Што сметам дека и тоа не е разумна цена. Но она што се случуваше да се остави аванс без да се даде гаранција дека ќе биде“, вели излекуван пациентот, да плати сума од 12, 15 па и 30.000 евра е пљачка на сопствениот народ. За сето ова, еден ден некој треба да одговара“, Атанасова Точи.

Половина милијарда евра го прават Фондот за здравствено осигурување многу атрактивен за менаџирање. Има неколку случаи кога се и злоупотребени од директори или од министри за здравство. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, на 5 мај минатата година си даде оставка, а од Јавното обвинителство тогаш отворија постапка за него, но за жал сеуште нема никакви резултати од тој случај.

Но, дали овие високи суми се трошат за вистинската намена – бесплатно лекување?

Колку граѓаните ги добиле законско гарантираните услуги за време на пандемијата?  

Според Институтот за јавно здравје речиси половина од сите досега тестирани граѓани, ПЦР тестот си го платиле приватно. Од почетокот на пандемија па се до 27 април годинава само приватните клиники направиле 320 646 тестови, од вкупно 716.173 направени тестови заедно со државните клиники. Ако еден тест чини околу 50 евра тогаш граѓаните само за ПЦР тестови им платиле на приватните клиники околу 16 милиони евра

„Точно е тоа дека февруари и март се создаде еден страшен дефицит во однос на тестирањето, меѓутоа тоа се тие можности кои што ги нуди јавното здравство. Дали требаше да се потпишат договори со приватните лаборатории, најверојатно да“, дополнува проферсор д-р Нико Беќаровски од скопска Токсикологија.

Се можеше, а можевме да потрошиме 30 милиони, а сме потрошиле 7, слободно можеше сите тестови да се работат во приватни лаборатории, без пари до еден, вели професор Пановски:

„ Сите тестови можеше да се работат без пари. Дури можеше и лекувањето во приватните болници да се плати дел од Фондот и да останат пари. Тие викаат сме штеделе. Значи 30 милиони евра ќе добиеше Македонија од тој европски фонд. Не доби ништо. Што им било, или не знаење, неспособност или сакале да им свршат работа на приватните болници. Да можат да си работат по какви сакаат цени и да не чекаат по 6 месеци, фондот да им исплати. Ние знаеме како исплаќа Фондот. Што е мотивот кога се ќе беше бесплатно“. 

Слична е сликата и кога станува збор за лекувањето од Ковид 19.

Според податоците на Институт за јавно здравје, досега има евидентирани над 140 илјади заболени, од кои на поголемиот им е препорачана витаминска терапија.

Експертите велат дека оваа терапија и таа која се дава за ублажување на пост-ковид периодот го чинат секој пациент најмалку 50 евра.

Практично тоа изгледа вака. Со првите симптоми заболениот се јавува на матичен лекар, каде бара што е можно побрзо да се закаже термин за тест за Ковид 19. Лекарот вели дека единствен термин е после една недела. Но поради стравот да не се искомплицира оди по приватните болници и плаќа околу 2.500 денари. Доколку тестот е позитивен му се припишува ивермектин и тоа најмалку две кутии кои двете чинат 500 денари, дополнително во аптеката ќе треба да одвоите уште 2.000 за витамин Ц, Д, цинк и селен, кои се по препорака на лекарот. Потоа по 5 дена матичниот лекар ви вели дека мора да се направи анализа на крвта, но дека и за ова ќе мора да се плати од семејниот буџет, односно во приватна лабораторија, бидејќи поради тоа што во државните здравствени установи и за ова нема термини. Во однос на тоа како ќе се покаже крвната слика, односно доколку имате зголемени Д димери ќе добиете рецепт за таблети ксарелто но и тоа не е на товар на фондот, туку едно кутивче од овој лек чини дури околу 2.000 денари. Клексани нема,  одамна, а и да има донесена е одлука дека тие не потпаѓаат под Фондот доколку се работи за Ковид 19.

Сето ова пресметано дава сума од 8.500 денари и тоа доколку се плаќа само за основни потреби при заболување од вирусот, односно доколку не станува збор за покомплицирани случаи. Но ако се земе предвид дека најчесто вирусот се пренесува и на другите во семејството, едно четиричлено семејство ќе треба да плати дури 34 илјади денари. Оваа сума е далеку од просечната плата од околу 28 илјади денари.

„Дел од лековите да… пред се тука би кажал во однос на антикоагулантната терапија, за жал мораа да ја платат од своите џебови, меѓутоа мора да сме свесни дека тие се можностите на здравствениот систем. 30 години во оваа држава процентот што се одвојува за здравството се повеќе и повеќе се намалува. За жал голем дел од приватниците не ги пријавуваат своите вработени или ги пријавуваат на минимален приход“, вели доктор Беќаровски.

Дополнително на товар на граѓаните во април годинава се стави и испитувањето на серолошкиот тест, односно доколку некој сака да испита дали и колку има антитела, ќе треба од свој џеб да плати 736 денари. Утешително….министерот за здравство Венко Филипче сепак остави можност за исклучоци.

Министрот за здравство Венко Филипче во јавна изјава вели:

„Сепак заклучивме дека има категорија на граѓани кај кои што има индикација  да се прават тие испитувања и се договоривме да се врати повторно одлуката да се прават испитувања на антитела на товар на Фондот во Институтот за биохемија, но ќе дадеме соодветни критериуми. Да не биде дека секој, било кој, може да го направи тоа испитување заради тоа што финансискиот терет е премногу голем. Значи согласно тоа дали прележале или не прележале или треба индикација за вакцина во одреден период ќе дадеме критериуми, така да граѓаните ќе можат се уште да ги прават овие испитувања на терет на Фондот“.

Здравјето во земјава е луксуз.

Според познавачите, т.н. воено профитерство во Ковид кризата и те како е присутно во земјава. Министерот Филипче не успеа да ги регулира цените за лекување од ковид во приватниите Болници, Систина и Филип Втори. За лекување се наплатувале и до 30.000 евра.

Министерот за здравство Венко Филипче, со самото доаѓање на чело на Министерството за здравство, се соочи со аферата од 36 милиони евра за реагенси. Јавното Обвинителство поднесе кривична пријава, но како и за многу други случаи, досега нема никаков епилог.

Новинарката Менче Атанасова Точи, одамна ги следи состојбите во здравството. Таа го откри и првиот голем скандал на Венко Филипче во првите денови на неговиот мандат. Според неа, корупцијата во здравството се плаќа со данок во крв.

„Македонија не се справи добро со пандемијата со Корона вирусот, не што не беше подготвена, светот не беше подготвен за вакво нешто, но во вакви ситуации, кога е вонредна ситуација, државата треба да реагира брзо и да биде на страна на граѓаните. Во ситуацијата имавме скапи ПЦР тестови, коишто граѓаните си ги плаќаа од својот џеб, потоа имавме болничко лекување во приватни болници прескапо за коешто државата не стави лимит, не ги контролираше цените. Истотака вакцините беа доцна набавени. Се доцнеше со модуларните болници, се чекаше заменичката министерка за финансии, која што беше од ВМРО, да потпише за да ги земеме парите од Светска Банка. Зарем толку власта немаше можност да направи едни модуларни болници. Тоа се обични бараки и навремено да смести пациенти таму. Нам добар дел од пациентите ни починаа и дома. Матични лекари кажуваат дека многу пациенти и сега доцна се јавуваат на лекар. Се е тоа поврзано едно со друго. Не знам во позадина дали стои корупцијата или стои нешто друго, но факт е дека имавме прескапи ПЦР тестови, каде што се богатеа приватните лаборатории и приватните болници, им се дозволи на приватните болници да се боигатат на сметка на граѓаните и имаме тоа што имаме, ситуација рамна на геноцид на сопствениот народ. Мислам дека еден ден некој треба да понесе одговорност за сето ова што се случува“.

Се на се, здравјето во земјава е луксуз. А кога и онака скромниот буџет се троши нерационално, згора и кога целиот здравствен сием во делот на трошењето на парите на осигурениците е често предмет на разни афери и аферички за корупција и криминал, здрвајето стнува се понедостапно, животот на граѓаните се поскап.

Автори: Кристина Шеќероска и Дарин Поповски – млади новинари, волонтери во институционалниот проект на СКУП во рамките на програмата ЦИВИКА МОБИЛИТАС.

Оставете коментар

коментар(и)