ПАРИ ИЛИ ЖИВОТ

Од почетокот на оваа година регистрирани се 5.649 бришења на фирми, но се уште не се знае колку од нив се затворени како последица на корона вирусот.

„Пари“, ќе рече либералната филозофија. „Живот“ ќе рече егзистенцијалната филозофија.

Можеби вака некако, на овие два спротивставени постулати се „кршат копјата“ на сите влади во сите држави во светот за тоа на што да му даде предност. На животот или на економијата.

Првите велат дека животот е примарен. Вторите дека без првото второто е неодржливо и парактично неможно.

Коронавирусот го фрли светот на колена. Државите ги постави пред тежок избор – да спасат што поголем број животи, или да ја одржат во живот економијата за да има пари за здравсвото и да може да се спауваат ито така што погплем број животи.

Во оваа војна со невидливиот непријател е и нашата држава па, актуелното прашање е дали владините мерки за помош на од Ковид економски погодените од разни сегменти во стопанството на Република Северна Македонија можат да  го залечат стопанството,  посебно субјектите од приватниот сектор?

Актуелната состојба која се влече од март, април 2020-та година е затворени локали, канцеларии, државни граници, „замрзнат“ транспорт, работа од дома, цели фирми во изолација. Економијата не можеше да одржи дистанца од пандемијата и затоа беше меѓу првите „заразени“. Дел од компаниите поминаа со помали симптоми, а дел од нив чекаа ред за „респиратор“. Но, респираторот, наречен државна помош, не успеа да ја спаси секоја фирма.

Дарко Панов е менаџер на туристичка агенција:

„Не можев ниту да замислам дека е возможна ваква криза која преку ноќ може да го сруши она што сме го граделе повеќе од две децении. Од помалите фирми ќе има доста што зимово нема да преживеат и тие ќе згаснат. Ние не можевме да го издржиме тој притисок и тие трошоци и агенцијата ја ставивме во мирување, кое мирување претпоставувам ќе заврши во затварање. Што се случи? Сите пријавени, освен еден, ги одјавивме. И тој еден е останат заради тоа што мораме да функционираме за да можеме да ги вратиме парите од ваучерите или да им дадеме ваучери за наредните патувања на клиентите. И фактички тој вакуум период и овие недиректни мерки доведоа до згаснување“.

Владата предвиде и реализираше четири пакети буџетска помош. За дел од фирмите тие  значеа сламка за спас, но за дел, не беа ни приближно доволно за да го преживеат ударот кој го нанесе корона кризата. Од Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека нивните членки дале се од себе за да спасат што е можно повеќе работни места и дека се покажале солидарни, но, како што велат, нив им е потребна поголема солидарност од државата.

Дрилон Исени е директор на оваа асоцојациоја:

„Со овој капацитет што го има државата, тешко дека ќе успее да ги задржи сите работни места до крајот на годината. Според официјалните податоци, до октомври бројот на невработените е зголемен за 40 илјади лица што е загрижувачка бројка“.

Фатмир Бесими дојде на чело на Министерството за финансии пред три месеци, во еден тежок период за економијата. Тој вели дека тримесечниот карантин им предизвика големи проблеми на малите бизниси и донесе огромни загуби во повеќе индустрии:

„Според тоа што имаме најави, голем дел од фирмите без овие мерки ќе ги отпуштеа дел од вработените, а некои од нив и ќе ги затвореа нивните бизниси, затоа што оперативните трошоци доколку не можат да ги покриваат тоа значи повеќе им се исплати да ги затвараат, па тоа да биде привремено, па да ги отворат после некое време, сепак за економијата тоа е огромен трошок.“

Според податоците објавени на страната на Централниот  регистар, од почетокот на годината регистрирани се 5.649 бришења на фирми, но се уште не се знае колку од нив се затворени како последица на корона вирусот.  Министерот за финансии вели дека се уште нема таква анализа. Статистики се водат единствено за бројот на фирми кои ги искористиле мерките за државна помош.

Бесими додава дека министерството има податоци за тоа колку фирми искористиле од мерките:

„Факт е дека со овие мерки, во овој период предвиден за поддршка на фирмите, околу 120 илјади вработени добиле поддршка преку нивните субјекти во третиот пакет. Отприлика, оваа мерка продолжува и во четвртиот пакет. Значи, станува збор за 120 илјади работни места што се заштитени со овие мерки. Од друга страна, тука се околу 20 илјади фирми што искористиле ваква можност. Потоа, имаа кредити што аплицирале и во „Ковид програма 1“ и во „ковид програма 2“ во Банката за поддршка на развојот. Тука има на 1.500-тини апликации што се во тој период по овие две програми и фирми кои што опфаќаат околу 150 илјади вработени со разни проекти. Значи, и тие добиле средства од развојната банка.“

Од стопанските комори сметаат дека главните проблеми се адресирани, како поддршка на работните места и обезбедување ликвидност преку кредитирањето, но сепак очекуваат повеќе.  Дрилон Исени вели:

„Она што беше до некој степен добро средено, е што се субвенционираа плати, минималните плати, односно на износ на бруто плата. Нели очекувањата на бизнисот беа поголеми, дека и придонесите ќе ги покрие владата, но тоа не беше случај.“

Тримесечниот карантин им предизвика големи проблеми на малите бизниси и донесе огромни загуби во повеќе индустрии. Загубите тешко се надоместуваат, бидејќи укинувањето на карантинот не значеше и нормализирање на работата, туку и работа со третина од капацитетите. Последните бројките од Државниот завод за статистика велат дека просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во септември 2020 година изнесува 67.5 % од нормалното искористување.

Бертан Сулејман е сопственик на кафуле:

„Угостителството е една од најпогодените гранки во кризава. Со тоа што имаме пресметано дека од април до октомври, од 45 до 50% ни се намалени приходите. Државата помогна со Ковид 1 линијата, со безкаматен кредит, ни даде за април, мај и јуни субвенции за плати. Сега повторно ќе има од октомври, ноември, декември субвенции за плати. Мислам дека колку е во можност ни помага, но загубите се големи.“

Секторот угостителство се уште се бори со последиците и дополнително е соочен со предизвикот да се прилагоди на новите мерки за заштита. За туризмот, најголеми проблеми се затворените граници и стравот на граѓаните да патуваат дури и внатре во границите.  На прашањето дали би можеле да преживеат без владина помош, сопствениците на агенции велат:

Марија Јосифовска, сопственик на туристичка агенција:

„Апсолутно не. Апсолутно не. Се уште ги чекаме да поминат мерките на Собрание, односно мерката „Плати“, за октомври, ноември и декември. А понатаму, односно, последователно после таа мерка треба да биде со закон донесена и мерката „Грантови за агенциите“ од 3 до 7 000 евра. Ќе се добие некаква помош и тоа е добро. Но кога ќе се добие навистина не знаеме, немаме ништо конкретно, а се бројат деновите кога многу од агенциите се мислат да стават клуч на врата, затоа што немаме прилив еве два месеци можеби.“

И Дарко Панов, менаџер на туристичка агенција

„Фактички ние веќе имаме наталожено трошоци. Ние и да ги земеме тие средства, ние не можеме да издржиме повеќе од два, два ипол месеци, а сезоната е далеку.“

Според студијата на „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, туризмот и угостителството годинава ќе имаат пад на приходите од 400 милиони долари, а од 12.илјади до 20.илјади работни места се во ризик.

Бертан Сулејман, сопственик на кафуле: „Досега не отпуштивме ниеден вработен, но зимово капацитетот на покриеност на кафичот ни е помал и да видиме какви рестрикции се пред нас, можно е да треба да го смалиме бројот на вработени, на минимум.“

Дарко Панов, менаџер на туристичка агенција:

„Мислам дека требаше да има конкретни и директни мерки. Имаше мерка нели, којашто реално ни помогна малце од малце. Тоа е таа општата мерка за платите, коишто се некои 25 до 30% од трошокот. Збориме за нето плати, не збориме за комплетно со придонеси и така натаму. Исто така имаше една мерка којашто ја дадоа со ваучерите. Меѓутоа таа мерка не ни помага нас, таа мерка ни ги одложува сите оние побарувања кои ги имаат клиентите. Не сметам дека требаше да дојдеме до тоа, но за жал дојдовме и добивме дел од работите што ги побаравме, побаравме многу повеќе. Но искрено, ако платите ги добиеме, а ќе ги добиеме. Ако ги добиеме и грантовите, некако значи ќе бидеме хипотетички задоволени.“

 Според официјалните податоци, во второто тримесечје брутодомашниот производ во земјава паднал за рекордни 12.7%, потрошувачката на домаќинствата за 9.9% а извозот на стоки е во минус од 32%. Значи, извозот бележи пад од 17 % во однос на истиот период лани, а извозот кон Германија бележи пад од 25 %.

Министерот Бесими вели дека ова е последица од затворањето при првиот удар, но и на рецесијата кај нашите трговски партнери, како Германија. Сепак, вели дека мерките кои се носат ќе ги ублажат последиците од оваа криза:

„Нашите проекции беа дека падот би бил некаде околу 5% во 2020. Меѓутоа со оглед на мерките тука имавме околу 0,6 процентни поени разлика, што значи проектираме 4.4 визави 5% со оглед на тоа дека ова е ефектот на амортизирање на тој удар врз економијата од страна на мерките, односно четвртиот пакет. Така да очекувамe дека и четвртиот пакет, кој сега веќе со ребалансот е усвоен. И низа на закони и законски измени ќе почни да ги дава своите ефекти.“

Дрилон Исени:  „Ние анализиравме каква е состојбата во Германија. Во Германија имаат расат на увозот за 7% во време на Ковид, што значи развиените земји го користат ова, но ние како земја не сме успеале да си најдеме некои производи кои би биле интересни за Европската Унија. Ние бараме од државата заедно со, нели државата во соработка со финансиските институции, да обезбеди повеќе вакви кредитни линии за компаниите, бескаматни или со мали каматни стапки, со цел да се поддржат бизнисите. Нели по сите релевантни податоци, депозитите во банките во државата се огромни, се големи и тие треба да им се даваат на компаниите со цел да се искористат во време на кризава.“

И бизнис заедницата и финансиските власти се на ставот дека и компаниите треба да се прилагодат на новата состојба. Коморите во своите рамки работат на обезбедување нови пазари, а министерот за финансии смета дека оние кои сега ќе инвестираат во иноватни и дигитални решенија ќе дојдат до поголема конкурентност на меѓународниот пазар.

Фатмир Бесими: „Веќе не е прашање дали можеме, туку мораме. Ако сакаме да спасиме работни места и економијата од целосно затворање и импактот да се ублажи, импактот од кризата, мора да се најдат решенија, како што правиме. И тоа доколку немаме никакви штедења на ниво на држава, односно на буџет, ние ќе мораме и тоа, а и веќе се прави, значи со задолжување. Значи тоа што сега ги финансираме, дополнителните мерки кои зголемија буџетски дефицит, тоа оди со задолжување значи на пазарот дома и во странство, со цел да можат да се покријат сите овие политики.“

Состојбата со бројот на заболени се менува од ден во ден, што дополнително ја намалува можноста за целосно предвидување на последиците. Како и да е тие ќе бидат големи, а рецесијата е на повидок. Тоа е така насекаде во светот. Сепак, очекувано, побогатите држави, но и побогатите граѓани било каде, како и секоја, така и оваа криза, ќе ја преболат полесно.

Па, „пари или живот“, дилемата од насловот на оваа новинарска сторија останува да лебди во меѓузависноста на овие две нераздвојни егзистенцијалини состојби – живот или пари?

Автор: Виктор Иваноскимлад новинар, волунтер во институционалниот проект на СКУП во рамките на програмата ЦИВИКА МОБИЛИТАС.

Оставете коментар

коментар(и)