Партизација и лоши услови за работа: секој трет полицаец си заминува од МВР

„Оставете го пунктот кај Агросервис, и заминете на обезбедување на куќа, каде е извршен грабеж“, ова беше наредбата која ја доби патрола на сообраќајната полиција на 12 март, веднаш по полноќ. Објаснувањето на дежурниот полицаец по радиоврската беше дека нема луѓе и мора тие да заминат. Причина за ваквата состојба е што бројот на вработени во Министерството за внатрешни работи постојано се намалува. Според податоците на Министерството за финансии објавени во буџетите во последните 11 години, бројот на полицајци е намален за 2. 500.

 

Најалармантна е 2014 година кога во МВР има само 10.800 вработени. Подоцна во неколку наврати се примуваа полициски службеници, но за да се достигне бројот од 13.106 луѓе, фалат околу 2.000 полицајци.

Најлошо е обезбедувањето на Косовската и Албанската граница.

Goce-delcev-Todev

Во полициските станици за граничен надзор во 2004 година, кога ја превземавме границата имавме по 80 луѓе. Сега таму имаме од 25 до 30 луѓе максимално“, вели Гоце Делчев Тодев, претседател на Независниот синдикат на полицијата.

Центарот за истражувачко новинарство Скуп Македонија, разговараше со повеќе засегнати страни во полицијата. Нивното објаснување беше дека состојбата е ужасна. Слабо платени полицајци, уште послабо облечени, хаварисани возила и партизацијата, се причината за заминувањето од Министерството за внатрешни работи.

Во објавените прислушкувани разговори во рамките на проектот „Вистината за Македонија“,  опозицијата тврди дека поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во разговор со министерот за финансии Зоран Ставревски, зборува за лошите услови во кои работат полицајците (2 март 2015 година):

„Луѓево рипаат од радост. Како мали деца се радуваат зошто имале плочки во купатило и прозорите зошто се затвораат. Полицајците спијат на железни кревети, а на ќебињата пишува ЈНА. Албанец е тој што збори и вели, ова министерката за нас што го има направено, (н.з. е супер) не ти дува прозорот, и си викам ее каде живееме“.

Јанкуловска не сакаше да даде изјава за СКУП на ова тема. За состојбите во МВР не се изјасни ниту актуелниот министер Оливер Спасовски, од кој побаравме изјава уште на 21 март.

 

ПАРТИЗАЦИЈА НА ПОЛИЦИЈАТА

 

Во услови на длабока политичка криза, кога улогата на полицијата треба да биде исклучиво како гарант на безбедноста на граѓаните, на повидок излегува длабоката партизација на ова институција.

Pavle-Trajanov

„Партизацијата на полицијата е една од основните причини за заминувањето на полициските службеници од Министерството за внатрешни работи“, смета Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи.

Во МВР се примаат партиски кадри, кои се со слаб претходен систем на образование. Тие се необучени и неоспособени да ги извршуваат задачите на службата во МВР. Тоа ја спречува оваа институција да работи согласно надлежностите и законските овластувања“, појаснува Трајанов.

Тој додава дека граѓаните се почесто се жалат дека не се безбедни, и дека е зголемен бројот на кражби во станови и автомобили.

На политички сплетки се жалеше и претседателот на Независниот синдикат на полиција, Гоце Делчев-Тодев.

„Доколку си активен на избори и трчаш за владеачката партија, без разлика дали е македонска или албанска, тогаш ќе те унапредат. Колку и совесно и добро да ги извршуваш работните задачи, ако не си член на политичката партија на власт, тогаш нема унапредување. Тоа е проблем што до коска ги боли квалитетните кадри во полицијата“, вели Делчев Тодев.

Тој додава дека скоро 20 години нема добиено унапредување во службата иако има завршено Академија.

Во една од прислушкуваните разговори кои ги објави опозицијата, се слуша глас за кој се тврди дека е на Јанкулоска, каде таа се фалеше дека „Министерството е штаб на ВМРО-ДПМНЕ(6 март 2015 година):

„На работа сме си сите ние, штаб имаме. Имаме два штаба, еден кај мене на спрат, кој е месен комитет на ВМРО, кол центар, има кај нас, а другиот ни е долу во сала кај доаѓаат амбасадорите, ОБСЕ. Јас повремено влетувам таму, за да видат амбасадорите дека се е ОК, после си се качувам кај мене на спрат и си работиме партиски работи… “.

 

ПРЕКУМЕРНА РАБОТА ЗА ИСТА ПЛАТА

 

Исплатата на платите е сериозен проблем кој го наметна Владата во изминативе 10 години. Заради недостатокот на луѓе полициските службеници биле приморани да одработуваат и по 400 работни часа месечно, а им се плаќаат само 176.

За Гоце Делчев-Тодев, вакви состојби немало ниту во либералниот капитализам.

„Гордана Јанкулоска потпиша колективен договор со кој ја закопа полицијата. Со овој договор, Јанкулоска ги обврза полицајците за граничен надзор 4 дена да работат, 4 дена да бидат слободни. Со ова, полициските службеници на Северната и западната граница работат по 15 деноноќија месецот, а тоа е околу 370 работни часови, а им се сметаат само 176 работни часа во месецот. Овој закон го нарушува законот за работни односи бидејќи го надминува максималниот број на работни часови, кој може еден работник да ги одработи“, вели Тодев.

Одделот за граничен надзор на Северната и западната граница на земјава должи возила стари и по 45 години.

„Возилата во обезбедувањето на границата се ужасни. Моторни возила за обезбедување на границата последен пат беа донесени во 2005 година. Во полициските станици за граничен надзор, состојбата е повеќе од катастрофална. Најзачуваното возило во полициските станици за граничен надзор имаат поминато 500.000 километри. Може да замислите колку е тоа“, вели Тодев.

Тој додава дека ги замале расходуваните „пицгауери“, од Единицата за брзо распоредување, кои се произведени во 1971 година.

 

„Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.

Оставете коментар

коментар(и)