Партиски вработувања за нефункционални општини

Општина Ранковце е рекордер според бројот на вработени во Македонија. За 10 години, оваа општина го зголемила бројот на вработени за пет пати. Во 2005 година во општината имало 6 вработени, додека во 2014 нивниот број пораснал на 31 лице. Ист процес на вработување во изминативе 10 години како Ранковцеима и Општината Долнени. Но за разлика од Ранковце, оваа Пелагониска општина има 3 пати повеќе жители од Ранковце. Третото место, според растот на вработените во општинската администрација го држи општината Тетово. Таа од 2005 до 2014 година го зголемила бројот на вработени за 4,5 пати. Во Тетово половина од буџетот оди за плати на администрацијата.

Според градоначалникот на Ранковце Момчило Алексовски, превработеноста го отежнува функционирањето.

momcilo aleksovski

Момчило Алексовски

„Најголем товар ни е противпожарната единица. Имаме 9 пожарникари кои земаат плата од општинскиот буџет. Мора прво платите да се измират, па после за останатите функции на општината. Парите што ни следуваат од рефундацијата од државата по основ на Данокот на додадена вредност (ДДВ), не стигнуваат само за плати. Околу 820.000 денари ни стигнуваат од ДДВ, а платите изнесуваат 920.000 денари“, вели Алексовски. Тој е градоначалник од 2013 година, а сите вработувања се направени пред тој да стане градоначалник на оваа Осоговска општина. Бројките се алармантни во скоро сите општини. За секои локални избори само во општините се вработувани од 1.000 до 1.500 административци. Истражувањето на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија покажа дека, од обработени 42 општини во кои живеат околу 1 милион луѓе, во 2005 година работеле 1.385 административци, додека во 2014 година бројката на вработени надминала над 3.100.   Предизборни вработувања   Најголемо вработување во општините е забележано во 2008 и 2009 година, кога и беа локалните избори. Според нашата база на досега обработени општини, само во овие две години се вработени 666 административци. Ова е 10 пати повеќе од 2007 година кога во општинските администрации се вработени само 65 луѓе и 150 пати повеќе од 2006 година кога се вработени само 4 административци повеќе во сите 42 обработени општини. „Во Општина Тетово во 2009 година се вработуваа се и сешто, само да ги добијат изборите во 2009 година. Тогаш за градоначалничката фотеља се бореа тогашниот градоначалник на Тетово Хазби Лика од ДУИ и неговиот наследник Сади Беџети од ДПА. Но и покрај вработувањата, Лика ги загуби изборите“, вели 40-годишниот Муртезан, член на ДУИ од Тетово. Во декември 2007 година во општина Тетово работат 139 административни работници, додека во 2009 година нивниот број нараснува на 236 луѓе. Слична аналогија на вработувања како во Тетово, во 2009 година имаше и во Штип. Во предвечерието на локалните избори во 2009 година и после изборите во Општина Штип бројот на вработени е зголемен за неверојатни 80 проценти. Во декември 2007 година во општинската администрација на градот под Исарот има 84 луѓе, додека во истиот месец во 2009 година нивниот број нараснува на 143 вработени. Зоран Костовски, советник во општината Штип, од ВМРО-Народна партија вели дека ваквата состојба е поради задоволување апетитите на партиското членство кое трча за избори. „Со децентрализацијата градоначалниците добија повеќе моќ и обвластувања и мораше да ги задоволат партиските војници. Тоа го прави секој градоначалник. Затоа и енормно е зголемен бројот на вработени во администрацијата. Најмногу вработувања во општина Штип имаше кога Зоран Алексов беше градоначалник“, вели Костовски. Тој додава дека штетите од оваа политика се огромни. Општината се натоваруа со нови вработувања и со дополнителни трошоци, кои долгорочно го убиваат капацитетот на општините да ги вршат основните функции за кои се формирани. Политиката на вработување за време на локалните избори продолжува и во 2013 година. Во тој изборен циклус најмногу вработени се регистрирани во општина Карпош, и тоа 112 лица, и Тетово каде се ангажирани нови 101 административци. Ваков бран има и во помалите општини. Така, во Дојран за овој изборен циклус бројот на вработени е зголемен за 50 проценти, а Македонски брод, Дебар и Радовиш, една година пред и неколку месеци после изборите го зголемиле бројот на вработени во општинските администрации за скоро 40 проценти.

Во овој изборен круг за прв пат се јавува и позначителен број на намалување на општинска администрација. Тоа се општините Штип, која го намалил бројот на вработени за 35 луѓе во однос на 2011 година или скоро за 20 проценти.

За советникот во општина Штип Костовски, штипскиот градоначалник Илчо Захариев е заслужен за ова намалување.

„Сегашниот градоначалник на Штип, Илчо Захариев, според мене, се обидува да се спротистави на централизацијата на одлучување и на директивите кои му стигнуваат од ВМРО, но дали ќе одолее на тие притисоци не знам. Мислам дека моментално ДПМНЕ му врши многу голем притисок да вработува луѓе“, вели Костовски.

Пример за истакнување во оваа прилика е и Кочани, каде општинската администрација е намалена за 10 посто.

 

Партиите вработуваат, граѓаните плаќаат неефикасна администрација

 

Секое семејство од Македонски Брод за услугите на општинската администрација плаќа цело богатство. Секој месец локалната администрација троши по 1.230 денари од просечната фамилија на овој град.

Во општината се вработени 70 лица, а таа брои 7.141 жител. На секој 102 жители на оваа општина следува по еден вработен во општинската администрација. Според државниот Завод за статистика, последната просечна исплатена бруто плата во 2015 година е 31.455 денари. Кога овие пари ќе се поделат на 102 жители на Македонски брод излегува дека секој жител месечно за администрацијата плаќа по 308 денари. Кога оваа бројка ќе се помножи по 4 колку што е просечното македонско семејство, излегува дека месечно само за плати на општинската администрација просечното семејство од Македонски Брод треба да плати по 1.233 денари.

Слична состојба како Македонски Брод има и во Ранковце, Карпош, Градско и Чашка.

Експертите сметаат дека вработувањето пред избори дава сериозна индиција за корумпирање на гласачите. Една ваква практика, според нив, паралелно се одвива и во државната и јавна администрација.

Молкот на градоначалниците

Градоначалничката не Тетово, Теута Арифи, не даде изјава за превработеноста во општинската администрација. И градоначалникот на Карпош, Стевче Јакомовски,   не одговори на нашите барања за изјава. Се обидовме да стапиме во контакт со градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војневски, но и тој не одговори на нашите повици.

За финансискиот аналитичар и поранешен министер за економија Зоран Витанов, ова се поразителни бројки.

„Жалосно е што во некои општини е зголемен бројот на вработени во општинската администрација за 5 пати, додека во исто време, економската активност во тие општини во изминатава деценија е опадната, најмалку за 5 пати. Можеме ли да замислиме колку ние се правиме недоветни и дека се правиме дека не знаеме математика“, вели Витанов.

За академик Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, ова е резултат на неможноста на албанските партии да вработат луѓе во државната администрација, па затоа ги преполнуваат општините.

Abdulmenaf-Bedzeti

„Вработувањата во општините се чиста милитантност и непотизам, најмала е контролата на овие вработувања токму на локално ниво и овде се трупаат партиска војска“, вели Беџети.

Додека граѓаните партиите продолжуваат да вработуваат армија на гласачи, нивните плати, сепак, се обезбедуваат од данокот на сите граѓани. Наместо за нови инфраструктурни проекти, општинските пари се повеќе се трошат за плати на администрацијата.

 

Неморалот на македонските граѓани и политичари

Zoran-Vitanov

За Зоран Витанов овие бројки го покажуваат неморалот на македонските граѓани и политичари. „Едно семејство ќе плаќа по 1.200 денари за општинска администрација, што е повеќе и од неговата сметка за изнесување на смет, повеќе од сметките за телефон, повеќе од сметките за кабелска телевизија, па често пати повеќе и од сметките за струја. Тоа е фрапантен податок“, вели Витанов. Тој додава дека ако продолжиме, ќе имаме ситуации кога на 50 жители ќе имаме по еден вработен во општинската администрација. На следните избори, ние си ги вработуваме нашите, а не бркаме нивни и бројот на адмионистративци постојано се зголемува.

 

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)