Последното пожарникарско возило од општински или од државен буџет е купено 2008-ма година, a просечна старост на сите пожарникарски возила во земјава е 30 години.
Професијата од нив бара да го ризикуваат својот живот за да се спаси туѓ, но тој ризик не им се признава.
Пожарникарите ги забележуваме само кога се во акција. Кога гасат пожари, спауват од поплави, потреси, кога извлекуваат давеници и повредени во тешки сообраќајки. На нив се сеќаваме кога на некој покрив ќе ни заглави домашното милениче, мачка или папагалче, седоно. И кога треба да убедат некого дека живото е сепак повреден од се` и дека за се` има решение.
А како им е ним, какво им е секојдневието, живото во станицата, во возилото цистерна, под шлемовите, во тешката опрема, никој како да не ги прашува. Како им е и кога се во акција и се гушат во чад и кога се на вежби и кога извлекуваат повредени и кога се на починка по вонредно напорниот ден.
Пред извесно време како ним да им пукна филмот. За прв пат се осмелија јавно на протест. Да прозборат и да ги побараат своите права. Да укажат на застарените возила, необновената заштитна опрема, неадекватните услови за работото секојдневие. А пари за живот, за семејството, за нив, само скромно. И што е најважно, професијата од нив бара да го ризикуваат сопствениот живот за да се спаси туѓ. Па, токму тоа е што пожарникарите ги прави уникатни е што токму тој ризик државата не им го признава.
Пожаеникарската плата колку судијскиот надоместок
Проблемот не е од вчера. Надоместот за опасност при работа не им се исплаќа со години поради празнини во законските регулативи. Затоа уште во 2015-та година нивното здружение поднело тужби, а од лани, по добиена судска пресуда, секој поединечно почнува да добива надомест. Но, пожарникарите не се задоволни со ваквото решение бидејќи нивната плата, како што велат, во моментов е приближно колку просечната во државата или околу 450 евра.
За споредба, месечната плата на пожарникарите е отприлика иста со надоместокот на платата на уставните судии во земјава кој неодамна си го одредиле бидејќи сметале дека нивните работни места носат ризик. Ваквиот „судски“ потег на зафаќање на заедничката каса, буџетот, е и една од причините која пожарникарите ги разгневи уште повеќе. Велат дека нивната работа не се цени, иако тие буквално го ставаат нивниот живот на коцка.
Владимир Симоновски е командант на Противпожарна бригада на град Скопје:
„Службата е таква, таа пред се ги спасува животите на граѓаните и материјалните добра. Знаете како? Некој создавал 40 години, а во рок од три до пет минути, може да остане без ништо. И вие доаѓате во ситуација да го спасите тој момент или да направите некоја интервенција која што може живот да значи. На пример, при интервенција по сообраќајка да исечете возило и патниците заглавени во смачканото возилото да ги спасите. Може да кажам дека лани ги оборивме сите рекорди кои што биле во бригадава и со тој постоечки кадар од педесет отсто од потребно пропишаниот, одговоривме на сите интервенции и во Скопје, надвор од Скопје и надвор од државата“
Последното пожарникарско возило е купено 2008-ма година
На територијата на град Скопје работат 194 пожарникари. На ниво на држава се околу 745. Тоа е двојно помалку од потребната бројка што ја пропишува Законот за пожарникарство кој вели дека е потребно еден пожарникар на 1.500 жители.
„Во 202-ва година очекуваме заминување во пензија на една поголема бројка пожарникари, близу дваесет кои што ќе заминат во пензија. Таа генерација се примила во осумдесетите години во бригадата. И затоа имаме проектирано до крајот на годината да отвориме оглас за 30 пожарникари, наредната за 30 за да дојдеме до оптимална бројка од 230. Планот и програмата е до 2025 да брои преку 260“, дополнува Симоновски.
Се проценува дека с копската противпожарна бригада има стогодишна историја. Но традицијата не помага кога возилата да се застарени, оштетени, кородирани, а опремата како за во музеј. Велат дека и со тие возила и со таквата опрема работат максимално посветено.
„Последното пожарникарско возило од општински или од државен буџете купено 2008-ма година, а пет возила се странска донација. Градоначаниот нам ни се жали дека немаме чизми, возила… Па кој треба да ги купи? Тоа е исто како јас да им се жалам на моите деца дека немаат тоа што им е најнеопходно па јас треба да им го купам тоа. Така и градоначалникот“, додава пожарникар во заштитна опрема на протестниот собир.
Сега просечна старост на сите пожарникарски возила во земјава е 30 години. И облеката на пожарникарите останала иста.
„Нова опрема немаме од 2015-та година. Јас немам резервни чизми…На бит пазар…се снаоѓаш. Со тие, какви се такви…тие колеги што одат во пензија, од нив земи..смени ги, земи подобри…Или за перење како јас. Два пати годишно ги перам зошто немам резервни…ќе го оставиш твоето за перење, ќе дојде ќе си го земе некој друг..ти оставил, не можеш да ги облечеш до овде…ние не сме за жалење, туку за плачење..да застане човек и да плаче..ништо не е инвестирано…еве гледајте..сега да има пожар ако гледате толку возила, нема кој да ги вози…сега во моментов нема ниеден возач тука…треба од испостави да викаме други возила…ама не ти ни даваат можност да ги кажеш овие работи…Јас кога дојдов на работа во 1986-та година тука во Автокоманда, имаше 13 возачи и дополнително 8 по испостави…сега дојдовме до ситуација да имаме само тројца, од кои едниот се јави дека мајка му е болна и не може да дојде…“, раскажува пожарникар од скопската бригада.
Во земјава не постои категоризација на работните места од аспект на можностите за ризик
Милан Петковски е претседател на Македонско здружението за заштита при работа: „Државата да покажува поголема почит кон пожарникарите. Пожарникарите се секогаш професија со најголем ризик на работното место. Тие по основа на својата задача се оние кои први интервенираат на природни непогоди, и често пати се оние кои последни заминуваат. Ризикот на нивната професиоја секогаш вклучува непознаница – имено може да отиде на интервенција да изгаси навидум едноставна барака, но внатре во неа да не знае дека има сад под притисок. Затоа тие треба и мора да бидат класифицирани како професија која исклучително е потребна на општеството и следбено на оваа потреба да го заземе своето место. И ова е првиот чекор – статусот во едно општество“.
Петковски вели дека, во земјава не постои категоризација на работните места од аспект на можностите за ризик. Тој појаснува дека постои проценка на ризик на работно место, а тоа пак е основа за утврдување на степенот на ризик присутен на работното место и тоа треба да се преземе за да се доведе до прифатливи рамки.
Во потрага по своите права, скопските пожарникари досега поединечно го тужеле градот затоа што не им бил исплаќан надоместокот за ризик на работно место. Тие веќе успеаја да добијат уверување од скопскиот градоначалник Шилегов дека нивниот проблем ќе биде решен. Но, што станува со пожарникарите во другите градови каде исто така не е исплаќан ваков надоместок, а платите исто така се неизедначени на ниво на држава.
Државата ги води како администрација, но пожарникарите не се во нивните удобни топли канцеларии
Првиот човек на пожарникарите, Владимир Симоновски има 22 годишен стаж во службата. Вели дека проблемот е стар, дека институциите не покажуваат голем интерес прашањето сепак да се реши навреме:
„Проблемот не е од сега. Тоа е проблем кој се провлекува со години наназад. Делот кога се правеле закони за јавна администрација и државни службеници некој ги сместил пожарникарите во делот на државни службеници. Ние сме сега државни службеници. Дури и во каталогот на работни места во државава не немало као професија. Со дополнителни измени сме ставени како професија и со посебен степен на ризик на опасност при работа каде што законски е одредено дека ќе се добиваат 20 отсто додаток на основната плата кои во 2014-та и 2015-та година не се применуваат од тогашната администрација на градот како исплата на пожарникари. Тоа е во Законот за пожарникарство. Законот за пожарникарство е донесен во 2016-та година. Таму во член 13 многу јасно кажува како е начинот на исплата на пожарникар за тие 20 отсто за степен на ризик на работа“.
Симоновски додава дека пожарникарите не можат да се евидентираат во државна администрација. Додека администрацијата има посебни услови и одредено работно време, пожарникарите често го стават во ризик својот живот работејќи 24/7, значи и дење и ноќе. Но, платите се далеку помали во однос со ризикот и ангажманот кој го имаат.
Просекот на примањата на пожарникар во нето износ со стаж од околу десет години е меѓу 24 и 26 илјади денари. Во тој просек се пресметани сите надоместоци. За тоа каде е промашена целата работа, појаснува претседаелот на македонската пожарникарска организација Владимир Симоновски.
„Еден од факторите е што не е модифицирана една плата за пожарникар на ниво на цела држава. Ако е во Скопје пожарникарот зема 20 илјади денари, треба и во Битола бидејќи истиот е степен на работа. Е сега, помала е единицата, во ред. Но, и во Битола и во Скопје и во Струмица е пожарникар. Локалните администрации ги сметаат платите како што секој тоа си го прав и регулирал во колективниот договор. И сега секаде имаме меур, вакуум простор каде има простор на тужби на пожарникарите спрема општините. Има општина која е послаба финансиски во дел на исплати и може да биде блокирана од страна на пожарникар кој работи за доброто на граѓаните и е во служба на јавниот интерес“.
Да се тргнат пречките за исплата на надоместокот за ризикот на пожарникарската професија
Пожарникарите се надеваат дека повеќе нема да се влечкаат по судските лавиринти за да си го добијат она што им е заслужено и што им следува – надоместокот за тоа што го ставаат својот живот на ризик, спасувајќи туѓи животи водени од чувството на хуманост и солидарност. Решението е во законските измени. Од сегашните прописи треба да се тргнат пречките кои оневозможуваат исплата на заслужениот паричен надоместок за ризикот на пожарникарската професија.
„Во законските измени мора точно да се прецизира и да се направи една и единствена плата која ќе важи на територија на цела држава“, вели Симоновски и додава дека ако во Скопје почетник пожарникар зема 20 илјади денари и дека тоа исто треба да биде и во Битола и во Струмица и во Кичево, а законските измени треба да дојдат од Министерството за одбрана. Пожарникарите очекуваат дека во оваа 2021-ва година ќе има конечно решение за да не се доведуваат во ситуација пожарникарите да ги тужат општините каде што всушност и се вработени.
Автор: Дарин Поповски-млад новинар, волонтер во институционалниот проект на СКУП во рамките на програмата ЦИВИКА МОБИЛИТАС.