Половина милион евра граѓански пари за дно на прволигашката табела

автор: Виолета Кожинкова

сторијата е оригинално објавена на страната на ТВ Ирис

Ilco zahariev

Илчо Захариев

 

„Општина Штип се сочува со сериозни финансиски проблеми. Долгот на општината ја надминува сумата од два милиони  евра“, беше првата изјава на Илчо Захариев, откако ја презеде градоначалничката функција на Штип. Година и половина по оваа изјава, за финансиската кондиција на општината и натаму вели дека е загрижувачка, но неодамна потпиша ребаланс на општинскиот буџет, од каде со претходно одобрените средства, околу 280.000 евра одат во касата на Друштвото за спортски дејности  „Брегалница 2008“ АД, кое го раководи фудбалскиот клуб „Брегалница“. По есенското коло овој фудбалски клуб се бори за опстанок, на претпоследното место. Но што е тоа што локалната власт и натаму ја мотивира да вложува во „вреќа без дно“?

Потегот на оваа локална власт не се разликува од која било претходна. Речиси сите владејачки гарнитури не ги штеделе граѓанските пари за клубот и вложувале и по половина милион евра годишно. Но, и покрај тоа, клубот заврши со  150.000 евра наследен долг и уште дополнителни 30.000 евра за неплатен персонален данок. За овој период од година и пол, Акционерското друштво „Брегалница 2008“ смени дури четири раководства, а резултатот е ист – дно на табелата.

 

Со основањето на ова акционерско друштво, општината практично создаде четвртото општинско претпријатие во кое ги троши парите на граѓаните на Штип.  За две години во фудбалскиот клуб „Брегалница“ се вложени околу половина милион евра граѓански пари. Пред месец и половина, општината одвои дополнителни четири милиони, како што беше објаснето да може да се исплатат платите на фудбалерите од октомври до декември.

Miki Todorov

Мики Тодоров

 

„Наместо да стимулираме клубови кои даваат резултати ние финансираме клубови кои не го оправдуваат вложеното. Ме интересира зошто се потребни тие дополнителни четири милиони денари. Не може да се донесуваат нови играчи. Како може да се се потпишат дополнителни договори со пари што ги нема. Сегашното раководство мора да се смени и да понесе одговорност“, на седница на Советот, коментираше Мики Тодоров, советник во Советот на општина Штип.

За финансирање на ФК„Брегалница“ одат речиси 90 % од општинските пари, предвидени за поддршка на спортот. Годинава во оваа ставка на буџетот се предвидени околу 20 милиони денари. Од нив 17 милиони доби „Брегалница“. За 400 илјади се намали ставката за електрична енергија на општинските стадиони, додека ставката за поддршка на училишниот спорт останува непроменета и изнесува  200.000 денари, а за награди се предвидени 100 илјади денари. „Брегалница“ и лани во периодот септември- декември добила приближно иста сума од општината. Тогаш им биле исплатени 4,6 милиони денари, а клубот ја завршил годината со плус од околу 1,1 милион денари.  Само за споредба на истата седница на која фудбалскиот прволигаш доби четири милиони, ракометниот клуб „Текстилец“ доби поддршка од 30 илјади денари за уплата на котизацијата за учество во есенскиот дел на супер ракометната лига на Македонија. Не треба да се занемари и податокот дека трошоците за комуналии, потрошена електрична енергија и одржување на зеленилото на стадионот не влегуваат во ставката која ја добива клубот, нив дополнително ги плаќа општината.  20 милиони денари тежи програмата за развој на спортот и во планираниот буџет за 2015-та година. Од нив повторно најголемиот дел ќе оди за „Брегалница“.

m-bregalnica-logo

Според кварталниот извештај на „Брегалница“, доставен до Советот на општината, до јуни 2014-та клубот потрошил 10, 4 милиони денари.

Според овој извештај над шест милиони денари се потрошни за плати и премии. За кирии на фудбалерите околу 700.000. На Младинската школа на клубот се потрошени 197 илјади денари, а за репрезентации околу 51 илјада. Во истиот период клубот имал долг од 1,8 милиони денари по основ на неплатен персонален данок. За црвени и жолти картони се платени осум илјади евра.

 

-Со вложување на 300.000 евра во еден клуб, очекувањата се дека ќе се најде во првите четири места на табелата, а со излез во фудбалска Европа, со шанса да ги поврати вложените пари, па и да заработи. Со многу помалку пари, Брегалница некогаш  беше на врвот и влезе во силната втора југословенска лига, вели некогашниот претседател на Брегалница Борис Цеков, според кого, овие резултати се постигнале со речиси волонтерско работење на управата.

Не се знае ниту колку чинат материјалните трошоци. Дел од ставките се општи без прецизирање на точните суми кои како плати ги добиваат тренерите и фудбалерите.

„Зошто не кажете колку потроши Брегалница на тројца фудбалери Срби, со кои беа потпишани договорите, но не играа и ги плаќавте цела година. Едниот од нив и натаму е во Штип и изјавува дека не си оди, бидејќи има цврст договор“, рече советникот од СДСМ Мики Тодоров, на една од седниците на општинскиот Совет.

Бугари, Срби, па и Мексиканци продефилираа по теренот на Брегалница. Јавноста, граѓаните од чии пари се платени, никогаш не дозна колку пари се потрошени по странци, кои иако помпезно најавувани, не ја променија позицијата на Брегалница на дното на табелата.

„Некои луѓе кои се далеку од фудбалот почнаа да доаѓаат во Брегалница мислејќи дека тоа е некаква златна кокошка и дека таму се прават бизниси. И голем дел од досегашните раководства во клубот одеа со таква намера. Јас мислам дека ФК „Брегалница“ тоне и нема да се спаси. Се сомневам и во вистинитоста на она што се прикажува во финансиските извештаи затоа што знам за барем една донација што не фигурира во ниту извештај за работењето на клубот“, вели советникот Зоран Костовски.

Од клубот не зборуваат прецизно за новите долгови, но само за наследените.  „Сметката ни беше блокирана за 400.000 денари, но проблемот го решивме. Но, имаме уште такви извршни решенија, кои чекаат на наплата. Тоа се обврски кои се направени уште пред Брегалница да стане акционерско друштво и била регистрирана како Здружение на граѓани. Со преземањето на лиценцата ги преземавме и обврските„ вели извршниот директор на АД „Брегалница 2008“,  Лазар Петковски.

Според кварталниот извештај висока ставка заземаат т.н непроизводствени трошоци, каде за радиодифузна, административна такса и казнени камати се трошат нешто над еден милион денари. Како планираат да го плаќаат овие пари, за кои течат и камати, никој нема одговор. Излезе и нов долг од 10.000 евра за неплатено гориво на бензинската пумпа на компанијата Буено, која си ги наплати парите преку извршно решение. Долговите се трупаат во ситуација кога поголемиот дел од средствата за  превоз, како и храната се обезбедуваат со спонзори.

 

Познавачите на менаџирањето на клубовите, велат дека фудбалот може да биде добар бизнис. Проблем е што нашите управи клубовите ги гледаат како извор за сопствениот џеб.

„Брегалница во овој момент е буре без дно. И јас се противам на зголемување на буџетот за овој клуб. На една страна имаме извонредно лоши резултати, а од друга огромен трошаџија и никаква отчетност во работата“ смета советникот Јане Миланов.  „Мене ме интересира кој врши контрола на клубот, мене тоа не ми е јасно. Од кога сум јас во Комисијата за спорт, претседателот на клубот само двапати се појави на седница. Јас сум исклучиво против давање пари на екипа која постојано тоне и која едноставно не сака да опстои. За едно момче што требаше да оди на Европско првенство немавме пари, а за овие даваме милиони“, изјави  Миланов,  кој е член на Комисијата за спорт. За претседателот на оваа Комисија, Борче Коцев, отчет за резултатите треба да си даде раководството на клубот. „Брегалница се спонзорира уште од 2008-та година, кога градоначалникот беше од редовите на СДСМ. Тогаш таа беше трета лига, сега е во прва и нормално е трошоците да бидат поголеми. Сепак за резултатите и функционирањето, отчетот треба го даде раководството“, вели Коцев.

Со фудбалскиот клуб управува Друштвото за спортски дејности  „Брегалница 2008“ АД (Биланс на успех).  Според податоците од Централниот регистар, добиени на 12-ти Декември, овластено лице е Лазар Петковски, геолог по професија. Се уште како претседател на Одборот на директори, според Централниот регистар, фигурира поранешниот борач Методи Сичков, иако тој уште летово поради несогласувања си поднесе оставка од функцијата и на негово место дојде сопственикот на менувачница, Мите Митев. Во бордот се уште еден адвокат, професор по народна одбрана и професор по физичка култура.

Најголеми турбуленции клубот имаше пред стартот на есенскиот дел од овогодинешното првенство во првата фудбалска лига. Тогаш преку ноќ беа сменети прво тренерите, па оставка си поднесе тогашниот претседател на клубот Ѓоше Зенделов. Кон крајот на август годинава во јавноста циркулираа официјални соопштенија од тогашниот претседател на одборот на директори во кои промените се оправдуваа со директен налог на штипскиот градоначалник Захариев. Набрзо по тоа на самиот старт на првенството оставка си поднесе и претседателот на Одборот на директори, Сичков. Никој официјално не сака да ги коментира причините за промените иако неофицијално за турбуленциите во клубот беше обвинето мешањето на политиката.

 

И штипскиот градоначалник признава дека финансиската состојба во клубот е многу лоша. На седница изјави дека не е среќен што толку пари одат за клубот додека жителите на некои населби пијат техничка вода и живеат без канализација.

„Штип има населби без канализација, граѓаните ги уништуваат автомобилите по дупките на улиците. Никој не бара спонзори. Сите бараат пари од општината“, рече градоначалникот Илчо Захариев.  „Но ние Брегалница и натаму ќе ја финансираме“, рече пред советниците, Захариев. 

 

Од штипската локална самоуправа велат дека потрагата по спонзор што целосно ќе го преземе финансирањето на клубот и од таа обврска ќе ја ослободи општината продолжува, но не се оптимисти дека ќе се најде решение.

Брегалница по некоја година ќе одбележи сто години од постоењето. Има плејада луѓе и сеќавања зад себе, но, овие генерации остануваат со неодговорени прашања за тоа како се трошат нивните пари и дали сето ова вреди.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)