Помеѓу личната придобивка и јавниот интерес: Дали и медиумите се виновни за кризата?

Кога владата почна да спроведува кампањи и истите да ги рекламира, повеќето од приватните медиуми во Македонија влегоа во трка кој да придобие поголем дел од колачот. Експертите велат дека не се само рекламите, туку и тендерите со кои се купува медиумската наклонетост.

Оваа ситуација во македонскиот медиумски пазар покрена неколку прашања и дилеми: Дали медиумите стануваат параван на бизнисот? Може ли еден медиум како приватна сопственост да води сметка само за сопствените приходи, иако обавува јавна дејност? Дали приватните медиуми имаат обврска да држат сметка за јавниот интерес? 

Со потпишување на Договорот од Пржино, со кој се презеде обврската за реформи во медиумската сфера, се отвори уште едно клучно прашање: дали и медиумите се виновни за политичката криза, со тоа што не се држеа до новинарските стандарди и етиката во нивната работа?

 

БИЗНИС И МЕДИУМИ – ДОБИТНА КОМБИНАЦИЈА

 

Генерално, зад медиумите стојат компании или лица кои првично имаат бизнис интереси. Синергијата помеѓу бизнисот и медиумот често значи добитна комбинација.

minco jordanov

Минчо Јорданов

Според „Форбс“, бизнисменот Минчо Јорданов е најбогата личност во Македонија. Поседува повеќе фирми од разни области, од кои поголем дел од челичниот сектор. Според Википедија, тој е сопственик на дневниот весник „Нова Македонија“ и на „Капитал“.

Заедно со Љупчо Зиков, еден од сопствениците на „Капитал“, преку фирмата „Камбурис и Барба“, членуваат заедно во Здружението Алијанса за позитивна Македонија. Во оваа политичка организација членува и универзитетскиот професор, Владо Бучковски, кој во времето кога беше премиер работеше заедно со Јорданов, кого го ангажираше во својство на вицепремиер.

Vlado Buckovski

Владо Бучковски

Седиштето, пак, на компанијата „Репро оне лимитед“, која индиректно е сопственик на дневниот весник „Нова Македонија“ води до Британските Девствени Острови, каде е регистрирана. Оваа компанија е евидентирана во тамошните институции од 25 октомври 1999 година, додека во Македонија се јавува како основач на компанијата регистрирана во Скопје под името „Нова принт ДООЕЛ“, која пак е сопственик на „Ник Нова Принт ДООЕЛ“, која е издавач на весникот „Нова Македонија“.

Фирмата со ист матичен број како и „Репро Оне Лимитед“, регистрирана исто на Британските Девствени острови, но со слично име „ Репро Оне Лимитед АД Тортола“, се јавува како еден од сопствениците и на неделникот „Капитал“, преку фирма која во Скопје е регистрирана како „Капитал медиа гроуп доо“.

Според Централниот депотизар на хартии од вредност, фирмата „Репро Оне Лимитед“ се појавува како акционер во повеќе фирми. Па така, оваа фирма има 97, 23 % од акциите во Друштво за проектирање производство и монтажа на челична конструкција и опрема и услуги Увоз-Извоз Факом АД, потоа поседува 76, 49 % од акциите во Рудници и Железарница „Институт“ акционерско друштво Скопје, како и 80,96 % од акциите во Рудници и Железарница КПОР АД за кадровски, правни и други неспоменати деловни услуги, а поседува и 22,21 % од акциите во градежната фирма „Бетон“ Скопје, добитник на повеќе тендери во рамките на проектот „Скопје 2014“.

Според Централниот депозитар, до 1 јануари 2009 година „Репро оне лимитед“ се појавува како акционер и во „Макстил“ со 19.38 проценти, фирма поврзана со бизнисменот Минчо Јорданов, каде тој е неизвршен член на Одборот на директори. Од 2009, наместо оваа компанија како акционер во „Макстил“ стои „Минјорк оверсис инц“, додека во најновата состојба може да се видат две фирми како акционери: Дуферко СКОП Инвестмент Лимитед и Дуферко СКОП ЛТД.

Според Википедиа, Јорданов од 1992 година е ангажиран во „Дуферко“ СА од Лугано.

 

ПАРТИИ И ТЕЛЕВИЗИИ

 

Долги години ТВ Сител беше во сенката на Љубисав Иванов Ѕинго, еден од пратениците со најдолг пратенички стаж во поновата историја на Македонија. Во 2012 година кога конечно профункционира Законот за радиодифузна дејност, тој си даде оставка од пратеничката функција поради неусогласеност со членот 11 од овој закон кој им забрануваше на јавните функционери или членови на нивните семејства да поседуваат и медиуми.

dzingo

Љубисав Иванов Ѕинго

Иванов е лидер на Социјалистичката партија на Македонија уште од 1996 година и партнер на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во рамките на владината коалиција составена од повеќе партии.. На веб страната на партијата се наведува дека Ѕинго е основач и повеќе од 30 години генерален директор на фирмата „Силекс“, во рамките на која работат повеќе рудници, фабрики, и разни фирми од повеќе области.  „Сител“, како што се наведува на сајтот е дел од овој конгломерат.

Долгогодишен уредник во телевизијата Сител е Драган Павловиќ-Латас, кој извесно време беше и  главен уредник на дневниот весник „Вечер“. На уредничкото место го замени Ивона Талевска, која претходно беше и заменик-уредник во ТВ Сител.

latas

Драган Павловиќ-Латас

Ivonа

Ивона Талевска

Талевска се повлече од екраните додека работеше во ТВ „Сител“ по избивањето на аферата, во која, наводно, фирмата на нејзината мајка „Висарис“ добила милионски тендер од Министерството за здравство.

Опозицијата го посочи Латас дека, наводно, тој се појавува во дел од снимките кои ги објави опозицијата,  каде, според тврдењата, Латас заедно со екс-шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков разговараат околу начинот за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски.

Емил Стојменов, еден од синовите на познатиот бизнисмен и политичар, Борис Стојменов во јавноста се уште се врзува за сопственоста во ТВ „Канал 5“. Иако, официјално тој веќе не стои во документот за фирмата, како што тоа беше состојбата кон крајот на 2012 година. Сега, наместо него стои името на Вања Гавриловски, директор на печатницата „11 Октомври“. , за кој во медиумите пишуваше дека е близок човек на Стојменов.

boris stojmenov

Борис Стојменов

Според документи кои ги објави Медиапедиа и порталот НОВА ТВ во 1999 година, додека Борислав Стојменов е министер за финансии, неговиот син Марјан, неговата снаа и Вања Гавриловски отвориле заедничка фирма во офшор дестинацијата Панама во Централна Америка. „Медиа педиа“ објави и дека Гавриловски по преземањето на Канал 5 телевизија ја напушта позицијата директор на печатницата „11 Октомври“, но останува во органите на компанијата како член на одборот на директори. Заедно со него член на одборот е и извесна Јелица Псалтирова. „Медиа педиа“ откри дека Псалтирова е директорка на компанијата „Економско биро“ во сопственост на Марјан Стојменов, а во семејните фирми на Стојменови работи континуирано од 1996 година.

sead kocan

Сеад Кочан

Иако на пазарот изминатава година се појавија три нови телевизии – ТВ Нова, ТВ 21 и ТВ Шења – најмногу прашина се крена околу појавувањето на ТВ Нова, која е во сопственост на бизнисменот Сеад Кочан. Тој е познат во јавноста по неговата фирма „Трансмет“, добитник на голем број тендери за градежни работи. Само во 2015 година фирмата на Кочан, „Трансмет“ има склучено договори за градежни работи со државни фирми во износ од 3,2 милиони евра.

Според расположливата документација на Централниот регистар, Кочан се јавува и како сопственик во уште две други градежни фирми.

Фирмата Трансмет е една од топ 10 од 100-те со најголем број добиени тендери во последните пет години, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Во јавноста Кочан го поврзуваа со еден од разговорите на политичките бомби на опозицијата каде наводно се споменува „Сеат Ибица“.

 

БИЗНИСМЕНИ ВО МЕДИУМСКАТА СФЕРА

 

Роберт Димитров, основачот на првиот кабелски оператор во Македонија, или попознат како Роби во јавноста е познат како сопственик и на Телевизијата ТВ 24 вести. Сепак, неговото име не стои на документите кои ја отсликуваат сопственичката структура на телевизијата. Телевизијата, според тековната состојба, е формирана со странски капитал, а сопственик е „Цабле 24 ДОО“ Линц од Австрија.

robi-telekabel

Роберт Димитров

Во 2014 година тој беше затворен за отслужување пресуда за шестмесечна казна затвор поради тоа што во 2012 година го нападнал синот на сопственикот на „Нико Петрол“.

Минатата година Димитров најави затворање на неговиот локал во Штип, „Анџелс Кафе“, поради тоа што, како што изјави „уморни се од инспекции“.

ТВ 24 вести во јавноста важи за телевизија која е избалансирана во информирањето.

Ферик Велија ја наследи компанијата „ВеВе Гроуп“ од татко му Вехби, кој почина во Мај 2009 година. Ова фирма, заедно со Мира Мекси, писателка од Албанија, и американската компанија „Интернатионал Енерги Енгинеринг & Петролеум Консталтинг“ ја основаат ТВ „АлсатМ“, прва приватна телевизија на Албански јазик со национална концесија. Со најновите промени, како ко-сопственик на телевизијата ја нема веќе американската компанија како и името на Мекси. Во моментот Велија е единствен сопственик на телевизијата, дел како физичко лице, а дел преку правниот субјект „ВеВе Гроуп“.

На веб-страницата на „Веве Гроуп“ стои дека компанијата е основана во 1990 година и е регионална консултантска и бизнис група од областа на енергија, инфраструктура, животна средина, социо-економски развој и структурални фондови за Албанија, Македонија и Косово.  Како додатна услуга е ставена и медиумската поддршка и односи со јавноста.

andreja-josifovski

Андреја Јосифовски

Долгогодишниот прв човек на нафтениот гигант „Макпетрол“, Андреја Јосифовски се  најде во жижата на јавноста лани, кога Министерството за внатрешни работи најави дека е поднесена кривична пријава против него и уште дваесет други лица, кои според полицијата се товарат за незаконско прелевање на капитал од Макпетрол во Командитното друштво со акции Оилко, фирма која ја поседува Макпетрол. По пријавата во јавноста се појавија шпекулации дека станува збор за обид за замолчување на ТВ „Телма“, која ја поседува Макпетрол. Од тогаш јавноста не слушна каков е исходот од пријавата.

За разлика од пред четири глодини кога овластено лице за телевизијата беше Ристо Лазаров сега на негово место стои долгогодишниот новинар Атанас Кировски. Околу влегувањето на Кировски во телевизијата имаше различни коментари-од тоа дека тоа е обид за контрола врз медиумот, а од друга страна дека телевизијата сега ќе има покритички настап.

Кировски, инаку, членува во Здружението Копи Рајт, каде се и претставниците на другите национални телевизии.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)