ПОМЕЃУ ЈАВНАТА ФУНКЦИЈА И ПРИВАТНИОТ БИЗНИС: ДРЖАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ ФИГУРИРААТ ВО 65 АКТИВНИ ПРАВНИ СУБЈЕКТИ

  • Државните функционери се уште фигурираат во вкупно 106 правни субјекти, од кои 65 се активни
  • Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ вели дека доколку функционерот сака да се занимава со својот приватен бизнис, тогаш тој треба да се откаже од јавната функција
  • Од новиот состав на ДКСК јавноста очекува конкретни резултати во борбата против корупцијата, а не заштита на коруптивното однесување на функционерите, како што беше случај во изминатиот период

 

Пишува: Бјанка Станковиќ и Ангела Рајчевска       

 

Ја сакаат политиката, но не се откажуваат од бизнисот. Првата активност се поврзува со јавниот, а втората со личниот интерес. Со стапување на функција, не ретко јавните ресурси се стават на располагање на приватниот бизнис.

Но истражувањето на СКУП во рамките на проектот ПЕП покажува дека дури 65 од вкупно 106 правни субјекти, кои ги поседуваат државните функционери, се уште се активни. Еден од нив е во мирување, еден е во постапка на утврдување на статус, а останатите 39 во моментов се неактивни.

 

ЈАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ НА ЈАВНИ ТЕНДЕРИ

 

Според податоците добиени од Централниот регистар на Македонија (ЦРМ), највисоките државни функционери, министрите и пратениците, покрај државните функции имаат и други, споредни улоги со свои бизниси.

Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ вели дека доколку функционерот сака да се занимава со својот приватен бизнис, тогаш тој треба да се откаже од јавната функција. „Кај нас имаме случаи кога пост-фактум се замрзнуваат средства или се истражуваат поврзувања на фирми со јавни функционери за веќе доделени средства. Тоа не смееше да се случи. Но, кога веќе се наоѓаме во таква ситуација, тогаш функционерот треба да има доблест да ги врати парите и да поднесе оставка или пак, тој што го избрал и именувал да го разреши. Меѓутоа, кај нас сите работи се заташкуваат“.

Во јули 2018-та година, Фондот за иновации и технолошки развој требаше да и додели 160.000 евра на фирмата „Каст инвест“ во кој е сопственик Кочо Анѓушев. Истиот месец, тој за БИРН изјави дека поседува само 16 проценти од леарницата и како малцински сопственик не може да им наредува на партнерите што да прават.

„Знаев дека ќе аплицираат, не можам да кажам дека не знаев, меѓутоа никому не сум се јавил за да го добијат грантот“, изјави тогаш Анѓушев.

По бурни реакции од јавноста и обвинувања од опозицијата, Анѓушев ги повика компаниите каде е ко-сопственик да се откажат од средствата од Фондот за иновации. Истото го потврдија и од владејачката СДСМ.

Освен Анѓушев, и Хари Локвенец, кој е дел од владејачката партија, наиде на бурни реакции од јавноста, кога неговата фирма, Друштво со ограничена одговорност за производство промет и услуги увоз-извоз ГИНИС заштитно друштво Прилеп, во 2018-та година доби грант од 10 милиони денари од Фондот за иновации и развој. Локвенец е сопственик и на Друштво за производство, трговија и услуги Хари Локвенец ХА-ем увоз-извоз ДООЕЛ Прилеп.

Професорот Давитковски смета дека јавните функционери во ниту еден случај не смеат и не треба да конкурираат на јавни тендери, а ваквите случаи се „срамота за правната држава“. „Ако сум вицепремиер кога го предавам имотниот лист, потпишувам и изјава за конфликт на интереси, тоа е законска обврска. Значи секој функционер што има потпишано ваква изјава, не смее да конкурира на различни фондови, пример Фондот за развој и иновации бидејќи без разлика дали е во управниот одбор или не, тој е сопственик. Неговиот имот ќе се зголеми на индиректен начин. Затоа за нив велиме дека се „поврзани друштва“ и помеѓу нив има судир на интереси“.

 

Член 7 став 2 од Законот за Собранието на РМ, предвидува:

„Функцијата пратеник е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии, утврдени со закон“.

 

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, според податоците од Централен регистар, покрај министерското столче, ужива во сопственоста на три други субјекти: Фондација за наградување и стипендирање студенти АНЃУШЕВ Скопје, Друштво за производство, трговија и услуги ФЕРО ИНВЕСТ ДОО експорт- импорт Скопје, во кои тој е основач односно сопственик и Друштво за производство, трговија и услуги СТУДЕНЧИЦА МАЛИ ХИДРО ДОО Скопје, каде Анѓушев е претседател на надзорен одбор.

 

„Ако сакаш да се занимаваш со јавна функција, заборави го приватниот интерес. Кај нас, луѓето влегуваат во јавна функција со цел да го зголемат приватниот бизнис“ – Борче Давитковски

 

Министерот за култура, Асаф Адеми е сопственик на Асоцијација за заштита на авторски и сродни права АЗАПС Скопје. Додека, пак, Роберт Поповски, министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност е сопственик на Друштво за телевизиска продукција и услуги ИНФИНИТИ ПЛУС ПРОДУКЦИЈА ДООЕЛ СКОПЈЕ.

Во изјава за СКУП Поповски објаснува дека друштвото е основано 20 февруари 2013 година, а од 30 мај 2017 година истото е во мирување.

 

ТРОЈЦА ПРАТЕНИЦИ ЉУБИТЕЛИ НА СПОРТСКИ ДРУШТВА

 

Пратеникот Стојан Миланов во Централен регистар се води како претседател на Одбор на директори и неизвршен член на Одбор на директори на Друштво за спортски дејности ФУДБАЛСКИ КЛУБ СИЛЕКС АД Кратово.

Во изјава за СКУП, Миланов вели:„Веќе неколку години не сум претседател н одборот на директори и неизвршенн член на одборот на директори во Фудбалскиот клуб Силекс АД Кратово. Кога стапив на функцијата пратеник, до Државната комисија за спречување на корупција доставив допис со кој побарав мислење дали постои судир на интереси доколку истовремено ги извршувам функциите, пратеник во Собрание на РМ и претседател на Фудбалскиот клуб Силекс“.
Оттаму му соопштиле дека помеѓу овие две функции не постои состојба на судир на интереси. Миланов сега се води само како претседател на Фудбалскиот клуб „Силекс“.

Негов колега од гореспоменатата бранша е и пратеникот Крсто Муковски, кој е сопственик на Спортското Здружение КОЊИЧКИ КЛУБ СВЕТИ СПАС Охрид. Додека, пак, пратеникот Зеќир Рамчиловиќ е сопственик на Фудбалски клуб ДОЛНО КОЊАРИ од Петровец.

Во изјава за СКУП за подеталната улога во клубот, пратеникот Рамчиловиќ вели:

Со цел развој и популаризација на спортот во помалите рурални средини, со група пријатели и љубители на фудбалот, во 2013 година го формиравме ФК Долно Коњари. Јас сум еден од основачите на клубот кој во тој период ги понесе организациските и техничките работи за формирање на истиот. Денес за жал, поради обврските, кога имам време одам на утакмица за да им дадам подршка како и секој друг навивач и пред се жител на Долно Коњари“.

 

ОД АДВОКАТИ ВО ДРЖАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ

 

Како сопственици на адвокатски друштва во Централниот регистар фигурираат имињата  на пратениците од СДСМ, Снежана Калеска Ванчева и Сашко Костов.

Калеска Ванчева, која е сопственик на Адвокатското друштво ДЕ ЛЕГЕ Скопје, вели дека има пријавено во ДКСК дека е основач на друштвото, а во анкетниот лист ги има наведено и приходите.

Нејзиниот колега, Сашко Костов изјави дека е адвокат од 1 септември 2013 година, додека од 1998 до 2013 бил советник во државното правобранителство за подрачје Кочани, за потоа да ја обавува функцијата државен правобранител во истиот регион.

„Не поседувам фирми, освен адвокатурата која е право лице, но не е класична фирма и истата во моментот е во мирување“, подвлече Костов.

И Адвокатското друштво Љупчо Николовски, на истоимениот министер за земјоделство, е исто така во мирување.

 

Во Македонија од 91-ва до сега по овој или сличен основ, за жал немаме позитивен пример дека некој бил разрешен поради конфликт на интереси или непријавен имот. Тоа е задолжително, односно абецеда во демократијата.

 

НЕФОРМАЛНИОТ ПРАВЕН ОДНОС ЈА ПОКРИВА МОРАЛНАТА ОДГОВОРНОСТ ЗА НЕСПОЈЛИВОСТ НА ФУНЦИИ

 

Независната пратеничка Никица Корубин е заменик претседател во Здружение на граѓани КАРМ – Центар за културен и археолошки ресурсен менаџмент Скопје.

Во изјава за СКУП таа вели:„КАРМ-Центарот за културен и археолошки и ресурсен менаџмент кој е формиран 2008 година, се уште е активен субјект во формално-правна смисла, но нема активности долго време“.

Вели дека станува збор за невладина и непрофитна организација, чија намера е воведување на европски и светски пракси во археологијата кај нас, преку модернизирање на истата. До 2013 година била претседател на КАРМ, а од 2013 заменик претседател на КАРМ. „Поради карактерот на организацијата никогаш не сум остварувала редовни финансиски примања, ниту сум имала воспоставено било каков работен однос“.

Во врска со неспојливоста на функцијата пратеник и заменик претседател на здружението, таа додаде: „Јас сметам дека нема неспојивост на мојата функција пратеник со улогата на заменик претседател, бидејки тоа не е јавна функција, ниту било кога сум имала било каков формално-правен однос, а и самата НВО е долго време неактивна, во смисла на реален ангажман. Но, претпоставувам дека толкување за тоа дава самата ДКСК“.

Изборот на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) се очекува да даде нов импулс во следењето на случаите на конфликт на интереси и коруптивни активности на носителите на јавни и државни функции. Ова Комисија не функционираше единаесет месеци, откако нејзините седум членови си поднесоа оставки по објавувањето на скандалот за трошењето енормни средства за патни трошоци. Годинава, на 8-ми јануари, по скратена постапка, беше донесен новиот антикорупциски закон. На тој начин, се отвори патот за формирање на новиот состав на Комисијата, од која јавноста очекува конкретни резултати во борбата против корупцијата, а не заштита на коруптивното однесување на функционерите, како што беше случај во изминатиот период.

Оставете коментар

коментар(и)