Помош на социјално загрозени семејства за плаќање сметки

Здружението на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци Љубезност од Скопје во соработка со иницијативата Ways2Help почнаа активност на еднократно плаќање на заостанати сметки за електрична енергија со приоритет на социјално загрозените семејства на кои им е прекината доставата на електрична енергија.

„Детектираните семејства кои ги добиваме преку различни канали на комуникација ги посетуваме, ја проверуваме и потврдуваме нивната веродостојност и за оние за кои што е потврдено дека имаат проблем со редовно плаќање на овие сметки ги поставуваме на заедничка онлајн платформа, а Ways2Help ги објавува и бара потенцијални индивидуални и корпоративни донатори кои преку линк вршат електронско плаќање на посочените сметки. Преку оваа иницијатива досега успеавме да платиме 555 заостанати сметки со вкупен износ од 1.130.651 денар на 76 семејства кои живеат во сиромаштија. На овој начин на нашите крајни корисници им овозможивме да го сочуваат нивниот домашен буџет за други основни потреби“, вели Тони Станковски, претседател на ова здружение.

Исто така, здружението помага во донирање компјутери за децата од социјално загрозените семејства со цел да ја следат онлајн наставата. Станковски вели дека тие објавиле апел за донирање компјутери за овие деца во што им помогнале и претпријатието ЦМИкс и иницијативата Ways2Help. „Добивме и донации во училишни прибори. Во последните дванаесет месеци на деца од социјално загрозени семејства им беа донирани 24 лаптопи и персонални компјутери и 32 училишни прибори“, објаснува Станковски.

Тој нагласува дека работата на здружението се заснова на волонтерска основа. Станковски појаснува дека почнале со делење топли оброци пред домот на Мајка Тереза во центарот на Скопје, а во текот на нивниот организациски развој постепено акцентот на работење се префрла од делење хуманитарна помош кон справување со бездомништвото, вработување и давање други социјални услуги.

Годинава здружението одбележува шест години постоење. Според претседателот на здружението во изминатите шест години тие успеале да реализираат повеќе донаторски проекти, самостојни активности и партнерски активности и тоа: Новогодишна и божиќна трпеза за бездомниците, Топол оброк за бездомниците во Скопје, Рециклирај и донирај, Сезонски собирни пунктови, Нахрани 10.000, Мобилизација на граѓанството и на локалните заедници за помош и поддршка на бездомниците и социјално загрозените лица во зимскиот период 2017-2018, Новогодишни пакетчиња од срце, Прибирање средства за помош и поддршка на бездомници и сиромашни, Мобилизација на граѓанството и локалните заедници во Скопскиот регион за поддршка и помош на бездомниците и социјално загрозените во 2018, 2019 и 2020, Обновување на соништата за справување со осаменоста, Социјална економија без граници, Мобилизација на заедницата во борба против гладта, Акција за помош и поддршка на бездомните и социјално загрозените граѓани во услови на криза со пандемијата на КОВИД-19 и многу други. Како најсеопфатна активност ја споменуваат институционална поддршка што ја добиле преку програмата на Цивика мобилитас.

Во моментов „Љубезност“ се насочени кон вдомување бездомници и работен ангажман на граѓаните кои живеат во сиромаштија.

Оставете коментар

коментар(и)