По патот на мигрантите: Германија виа Гевгелија

Гевгелија, oвој јужен Македонски град, изминативе неколку години беше синоним за коцкање. Но, рајот за коцкарите се претвори во пекол за стотици илјади бегалци и за македонските полицајци.

kosnica

Рано утро, 4 часот. На железничката станица во Гевгелија врие како во кошница. Мигрантите и бегалците кои преку Македонија, сакаат да стигнат до нивното Ел Дорадо, Германија, чекаат превоз за ветената земја. Меѓусебните нервози и кавги за момент престануваат кога се појави синиот воз на Македонски железници кој треба да ги пренесе до Табановце.

kacuvanje na voz

Полицијата го обезбедува пристапот до возот, а мигрантите нестрпливо чекаат да се качат во него. Најголем дел од нив се возат без возни билети. Абдула од Сирија, го испратил својот син да се турка пред шалтерот на македонски железници да извади 14 карти. Само што стигна возот бегалците скокаа преку врати, прозори, го користеа просторот помеѓу вагоните ако можеа.

This slideshow requires JavaScript.

Повеќе од половина од мигрантите немаат ниту документи за престој во земјава.  Во рацете држат само еден лист хартија со нивна слика. Документот е испишан на грчки јазик. За него 18-годишната Мерсиха, студент на економски факултет во Багдад, чекала 20 дена во Грција.

На островот Кос (Грција) пристигнав со мајка ми, татко ми, 2-цата браќа, сестра ми, зет ми и нивното 6 месечно бебенце. Грчката полиција многу бавно ги издаваше документите за престој“, вели Мерсиха.

Нејзиниот татко не дозволи да ја сликаме, ниту да објавуваме било какво видео со нејзе.

Семејството на Мерсиха имаше среќа да се качи на возот, но остана нејзиниот зет со малото бебенце. Со интервенција на полицијата и еден претставник на Меѓународниот црвен крст, и тие беа качени во возот.

Возот тргна за Табановце. Бегалците кои се качија на возот среќни извикуваа пофални зборови за Македонија. Среќни со нив бевме и јас и моите колеги од Шведска, кои снимаа документарен филм со бегалците. Конечно по 10 часа незадоволство и нервози нашите мигранти заминаа.

 

Нова тура, нова гарнитура

 

Девојчето остави силен впечаток врз моите тројца колеги од Скандинавија. Емоциите им беа измешани. Од една страна им беше жал што се разделија од семејството на Мерсиха, од друга страна беа среќни што Мерсиха, заминува на нејзиниот зацртан пат, а тоа е Германија.

Железничката станица во Гевгелија одеднаш се празни. Од преполните перони со бегалци остана само огромна смрдеа и многу расфрлано ѓубре на сите страни.

gubre lekovi

Возевме околу еден километар кон граничниот појас и на пат среднавме курдско семејство од Сирија со нивната стара мајка во инвалидска количка. Ја туркаа количката зошто возрасната жена била изморена и не може да оди. Се симнавме од колата и еден од нашите колеги ја качи бабата и нејзините внуци и ги пренесе до железничката станица. За 20-тина минути се вратија и продоживме кон граничниот камен.

granica

А таму слика уште подраматична. Лесно вооружени 10-тина полицајци, некои од нив само со пендреци, држат околу 1.500 бегалци да не влезат во земјава. Од другата страна на границата на 200 метри, грчките власти организирано испраќаат два бели автобуси преполни со бегалци. Автобусите се истовараат и се враќаат по нови бегалци од Солун. Повеќе од 150 луѓе зачекорија кон Македонија.

Тензијата расте. Кога бегалците видоа дека пријдовме со камери, уште толку се осоколија. Одеднаш се турнаа во полицајците и една група од 30-тина мигранти замина кон железничката станица во Гевгелија.

Едно младо момче околу 20 години, кое мигрантите ни го покажуваа пред 10-тина минути дека е пред колапс, трчаше по шините, за да се отргне од групата и побрзо да стигне до Железничката станица. Крајната цел, Германија, му се виде поблизу, доби сила и зборовите дека не може и дека ќе колабрира веќе не важеа.

 

Железничката станица како камп

 

Железничката станица во Гевгелија само неколку часа беше мирна, немаше гужва. Таму останаа само препродавачите на овошје, сок, цигари, вода, картички за мобилни телефони. Еден детски глас гласно плачеше. Се слушаше низ целата железничка станица. Се обраќа на арапски јазик кон полицаец од граничната полиција. Нејзиниот глас ја распараше целата околина. Полицаецот ја прашуваше што и е. Таа не знаеше да објасни. Целата драма траеше 10-тина минути. Се појави активист на Црвениот крст. Македонец со арапско потекло кој навидум добро го владееше арапскиот јазик. Поразговара со нејзе и се фати за глава. Му објасни на полицаецот дека девојчето сега се разбудило од спиење, а нејзините родители и нејзината група ја немало. Тие заминале со возот за Табановце, додека таа спиела. Криковите на детето ги бодеа во срце присутните на железничката станица.

Набрзо се организираа и со возило на Црвениот крст девојчето замина од Гевгелија.

Случајот со изгубеното девојче на големо се коментираше помеѓу бегалците. Се групираат по 15-тина луѓе, и само по еден оди да добие некоја драгоцена информација, како на пример, кога ќе дојде идниот воз за Табановце или кога ќе добијат документи од полицијата, со што ќе можат легално да заминат за Србија.

Во групата со мајка си, го среќаваме и 13-годишниот Ирфан. Тој е глава на семејството. Со него се и неговата 56 годишна мајка и неговите две постари сестри.

„Сакаме да заминеме од Сирија во западните земји. Имаме полу сестра во Шведска и ќе одиме таму. Во Сирија остана татко ми. Тој е професор по историја на исламот на Универзитетот во Алепо“, вели Ирфан.

Вознемирена од сличката со 12-годишното девојче е и неговата мајка. Таа не му дозволува да замине и да чека ред за добивање на статус на бегалец во Македонија. Не сака нејзините деца да се двојат, од страв да не ги загуби.

This slideshow requires JavaScript.

Јас сум од курдското малцинство во Сирија и сум професорка по англиски јазик во средно школо. Во Сирија беснее војна. Премногу е ризично да се остане таму. Од една страна се силите на Башар ал Асад, а од друга се терористите на Исламската држава“, вели 56- годишната Зејнеп, мајка на Ирфан.

Додека зборувавме со Зејнеп, се слушна сирена од воз. Мигрантите се вознемирија. Започна гужва и бркотница, кој прв да се нареди на перонот. Но набргу потоа рекоа дека сирената е од локомотива која влече товарна композиција за Солун. Страстите се смирија.

Групата на овие бегалци замина следната ноќ во 2 часот. Македонски железници пуштија специјален воз за бегалците кој ги собра сите од железничката станица и заминаа за Табановце.

 

Продадовме се за да заминеме од Сирија

 

Утредента околу 7 часот повторно сме на железничката станица во Гевгелија. Сликата иста како претходниот ден.

„Три години е вака секој ден. Тешко им е на нив, ама тешко ни е и на нас. Од комуналното претпријатие го собираат сметот и ги шприцаат пероните со вода, но џабе е, премногу мириса“, вели 70-годишна жителка на зградата над железничката станица во Гевгелија.

Ја напуштаме станицата и одиме повторно на граничниот појас. Таму за влез тоа утро чекаа околу 200 бегалци.

Го среќаваме средновечниот учител по англиска литература Ахмед Келани. Тука пристигнал со сопругата, две поголеми и две помали деца.

ahmed

„Сакаме да одиме во Германија, Холандија или Норвешка. Бараме нов живот таму. Во Сирија веќе не се живее. Продадов се таму и куќа и кола и се“, вели Келани.

Со него е и неговиот пријател Мустафа. Тој работел како адвокат во градот Кобане.

„Имам 60 години, и ова ми е можеби најважната мисија во животот. Да ја изнесам фамилијата надвор од Сирија. Јас сум Курд и мислам, а во Западна Европа има многу Курди. Се надевам дека моите деца добро ќе се снајдат таму. Во Сирија не се живее веќе“, вели 60-годишниот Мустафа.

mustafa

За околу половина час се формира поголема група и полицијата ги пушти да влезат во Македонија.

 

Такси за 100 евра или воз за беспари до Србија 

 

 

Семејствата на Мустафа и Ахмед за еден час пристигнаа од граничниот камен до Железничката станица.

Ахмед го пријави своето семејство во полициската станица и за околу 3 часа доби документи за престој во земјава во рок од 3 дена. Започна да се договара со локалните таксисти да го превезат неговото семејство до Табановце.

Прва работа што му ја побараа такси возачите на жолтите гевгелиски коли беше документот за престој. Кога видоа дека тој е легално овде рекоа дека можат да се договараат.

„Не смееме да превезуваме патници без документи. Казните се неколку илјади евра, а следува одземање на возилото и затворска казна“, вели 43 годишен Гевгеличанец, сопственик на такси возило, кој не сакаше да му го споменеме името.

Ахмет успеа да се испазари со двајца таксисти за 200 евра да ги пренесат неговите 6 членови до Граничниот премин Табановце.

Мустафа ја чекаше прватапатничка композиција и со нејзе, без документи и само со два возни билети (повеќе не можеше да извади) го смести семејството во мигрантскиот воз и во 20 часот, замина за Табановце.

Решивме да заминеме и ние со автомобил до Кумановскиот граничен премин.

(Продолжува)

Оставете коментар

коментар(и)