ПО ТРАГИТЕ НА ИЛЕГАЛНИТЕ РУТИ: ТРГОВИЈАТА СО ЛУЃЕ НОСИ МИЛИОНИ ЗА ШВЕРЦЕРИТЕ

Горан Лефков

 

Многу бегалци се удавиле во Конска река обидувајќи се илегално да ја поминат границата помеѓу Грција и Македонија. Ова река, која се протега долж граничната линија, преставуваше последна пречка за да се влезе во македонска територија. Ова река сега е исушена и не преставува веќе пречка или опасност. Но, ги нема и бегалците, кои масовно ја поминуваа во изминатите години.

Во текот на денот во овој дел може да се видат само локалните жители, и по некоја кола од пограничните безбедносни сили. Мигрантите ја поминуваат границата ноќно време, без да бидат приметени од полициските патроли.

Локалните жители се плашат да говорат јавно за ова илегална активност. „Многу се организирани, сите се поврзани“, вели еден средовечен маж, кој застана под сенка за да збори со нашата екипа.

„Од Миравци ги превземаат шверцерите со коли и од таму ги носат за Демир Капија, по стариот пат или по најновиот автопат (кој сеуште не е пуштен во употреба), но не ги носат по постоечкиот пат бидејќи има многу полиција. Истиот возач или ги остава во Демир Капија, па ги превземаат Албанци од Кумановско или Скопско, или ги носи до Куманово“, вели нашиот соговорник од кој сакаше да остане анонимен.

Тој не негираше дека и негови блиски луѓе порано биле вмешани во шверцот со мигранти, па затоа инсистираше на анонимност.

Извор: Фронтекс

На Македонскиот дел од Балканската рута, мигрантите најчесто по Вардар стигнуваат до Гевгелиското село Миравци. Од тука до Демир Капија ги носи група која го контролира илегалниот бизнис на јужниот дел од границата.  Потоа, друга група ги превзема и ги носи на северниот дел на земјата, на границата со Србија.

По пристигнувањето во Лојане, натаму ги превземаат локални шверцери, кои имаат роднини во соседните села од Прешевската котлина во Србија.

Новина на рутата е што повремено се активира излезот преку Битола или Струмица, но според полициските службеници од Граничната полиција, многу ретко се користи ова рута.

 

НАЈЕФТИНО Е ПРЕКУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА

 

Забранетото овошје е најслатко и најскапо. Ова е правило кое се повторува и на т.н. Балканска рута за криумчарење на луѓе од Азија и Африка кон богатите европски земји. Сумите за кои се пренесуваат мигрантите низ Македонија се различни, во зависност од тоа на кој начин се поминува рутата.

Според Јасмин Реџепи, од невладината организација за помош на мигрантите Легис, дневно во нивните центри за помош на северната граница се јавуваат понекогаш и до 30 луѓе.

Рутата функционира и сега, бегалците доаѓаат преку криумчари со луѓе. Тие стигнуваат од Солун до северната граница кај Куманово и од тука до Белград на криумчарите колку што јас знам плаќаат по околу 1.000 евра“, смета Реџепи.

Тој додава дека откако функционира рутата воопшто цените се движат околу 1.000 евра.

За разлика од порано кога имаше шанси да поминат бегалците и без да платат на криумчарите, само да ја следат толпата, сега тоа е невозможно и сега услугите на криумчарите се скапоцени.

Дел од бегалците на криумчарите им ја плаќаат целата сума од Солун до Германија, доколку имаат доверба во криумчарите. Најголем дел плаќаат од Солун до Лојане (Кумановско). Од Лојане до Белград плаќаат по околу 1.000 евра, натаму за виси како поминуваат така и плаќаат“, вели Реџепи.

За тие што ќе немаат пари да платат криумчарите ќе побараат од нивните семејства да им испратат пари преку Вестерн Јунион до Куманово, бегалците ќе ги подигнат и ќе им платат, додава Реџепи.

Најефтино е преку Македонија и преку Бугарија. Шверцерите секогаш им даваат по неколку опции на своите клиенти.

Транспорт со камион од Солун до Кумановско Лојане чини околу 1.300 евра, но цената може да оди погоре и подолу во зависност од посредниците. Со кола е нешто поскапо.

Најскапа варијанта за бегалците е набавка на фалсификувани документи по шверцерски канали, најчесто бугарски, и заминување од аеродромот во Солун кон посакуваните европски дестинации. За два часа колку што трае летот од Солун до Минхен, мигрантите плаќаат и до 7.000 евра.

 

МОЗОК НА ГРУПАТА И НАЧИН НА ФУНКЦИОНИРАЊЕ

 

Солун деновиве беше актуелен и во европските истражни органи. Пред околу еден месец во Грција беше екстрадиран и мозокот на најголемата европска шверцерска мрежа на мигранти, 28-годишниот палестинец Џемал Авда. Тој беше уапсен минатиот ноември во Ливерпул, Велика Британија. Во јули беше испорачан во Атина, а во август беше пренесен во Солунскиот затвор, каде го очекува судење и му се заканува казна затвор до 20 години.

Неговата мрежа функционирала на тој начин што врвот на групата ја сочинуваат само палестинци, тоа се неколку луѓе. Главниот за Македонија е палестинец и е со прекар Али Баба. За него се зборува дека е во затвор од 2015 година, но рутата и без него функционира. Во оваа група има припадници на многу националности и карактеристично е тоа што многу често ги менуваат рутите и начините на кумуникација.

„Телефонски ќе се јавиш на еден, и тој број повеќе не е достапен. Тој ќе ти каже во 5 часот на тоа место ќе те чека бел автомобил. Ќе одиш таму разговараш со друг човек. Карактеристично е и што водачите на групите кои ги водат мигрантите не се од иста националност со мигрантите. Не зборуваат на ист јазик. Секој водач си има одредена маршута од каде до каде треба да ги однесе мигрантите, натаму ги превзема друг. Така беше кога јас ја поминував сиријската граница“, вели нашиот соговорник од Сирија.

На овој начин групата на Џемал Овда за 4 години успеала да заработи околу 10 милиони евра од шверцот со мигранти. Најголем дел од овие пари остануваат кај турската мафија.

Групата на Овда комуницира и соработува со локалните шверцерски групи на Балканот. Во Грција во последната година, групата на Овда, регрутирала малолетници да пренесуваат мигранти со коли. Тие немаат возачки дозволи, а и не можат да бидат осудени, бидејќи се малолетни.

Сириската група на шверцери е помала, но често беше во конфликт со групата на Овда. Една таква тепачка беше регистрирана на 1 август 2015 година на Железничката станица во Гевгелија, каде еден член на сириската група беше избоден со нож.

 

СОЛУН – ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА ШВЕРЦОТ

 

Зборно место за договор за наоѓање на мигрантите и на шверцерите им е Железничката станица во Солун. Местото се наоѓа во близина на кафетерија во сопственост на луѓе кои зборуваат албански јазик, најверојатно, поранешни мигранти од Албанија во 90-тите години. На 50 метри од кафеатеријата се наоѓа напуштен неизграден објект. Ова место слободно може да се нарече европска престолнина на шверцот со азиски и африкански мигранти.

Овде се утврдуваат цените и начинот на кој може да заминат во остварување на нивниот сон.

„Првичниот контакт мигрантите со шверцерите го имаат во камповите или помеѓу пријателите во Грција. Тие ќе разберат дека сакаш да заминеш од Грција кон запад и ќе ти пријдат. Сон на секој дојденец овде е да замине во Германија“, вели 22-годишен сириец кој пристана да разговара со нас само под услов да не го објавиме неговиот идентитет. Се плашеше со неговото појавување во јавност да не настрадаат неговите роднини во Сирија.

Помагачи на шверцерите има насекаде. Јас платив 5.000 евра да дојдам од Сирија, преку Турција до Грција, заедно со моето семејство, вели нашиот соговорник.

„Ако немаш пари, тие ќе ти кажат најди 10 луѓе, ти ќе платиш помалку. Ако одредена рута чини 500 евра, тие посредникот ќе го префрлат за 400 евра, додека тој на луѓето што ги врбувал ќе им наплати 550 евра, и така и тој заработува по 50 евра за секој мигрант и влегува во шверцерската пирамида“, вели нашиот соговорник.

Според него рутите постојано се менуваат. Нема постојана траекторија по која се движат како порано.

 

НАЈВНОСЕН НЕЛЕГАЛЕН БИЗНИС

 

До 2001, односно до воената криза, овде миграцијата била избегнувана и одела преку другите страни, односно преку Средоземното море, Италија и Шпанија бидејќи Балканот до 2001 година беше во виорот на војните. Во 2002 и 2003 година отпочна таа цивилна миграција. Македонскиот дел од ова шверцерска рута отсекогаш бил во делот на превозот.

Лојане е собирен центар. Мигрантите ги носат до селото, и подоцна има локални жители што ги префрлаат од другата страна на границата.

До 2012 година имаше неколку успешни акции во кои беа уапсени лица кои вршеле превоз и од Арачиново и од Кумановскиот регион. Во овој шверц имаше Македонци, Албанци, Турци од сите националности.

За Љубомир Ѓурчевски, поранешен помошник директор за криминалистичка полиција и екс началник на СВР Куманово, главните организатори на миграциите на Балканската рута, отсекогаш биле многу повисоки криминалци од меѓународни размери. Дали се тоа Палестинци, дали се пакистанци, ирачани, либијци, сиријци и тн.

„Јас кога бев началник на СВР Куманово имавме по 40-50 мигранти да спијат околу џамијата во село Лојане. Ние како држава не сме биле имуни на тој вид на криминал, трговија со луѓе. Имаме инволвираност на полициски службеници од караулата Белановце и граничниот премин Табановце во транспортот на мигрантите. Тоа е корупција. Полицајците не се имуни на оваа појава и во Македонија и во Србија и во Косово и кај сакате“, смета Ѓурчевски.

Тој додава дека во една акција на полицијата на граничниот премин Богородица, апсен е и братот на македонскиот претседател, Блаже Иванов.

Сите тие што се занимаваа со шверцот кон Сојузна Република Југославија, особено тие што се занимаваа со шверцот на акцизни стоки, цигари, нафта, злато, кафе, сега учествуваат во шверцот на мигранти. Едни те исти извршители, 20 години се бават со шверц на српската и косовската граница, смета Ѓурчевски.

Овде се поставува прашањето кој стои зад тие криминални групи кои се само извршители. Тие се добро покриени од некој моќници од политичкиот систем и во МВР и во судството и во обвинителството.

„На пример, семејството на Зија Асани од Арачиново е една организирана група кај која многу малку дела се завршени со ефективни пресуди. Истото важеше и за Џељаљ Асани од селото Синѓелиќ. Познати на полицијата се и гевгелиската и струмичката врска која се занимавала порано со шверц на цигари и на кафе. Овие две групи, Арачиновската и Гевгелиската шверцерска група тесно соработуваат помеѓу себе“, потенцира Ѓурчевски.

Моментално најактивна од сите групи се шверцерите од кумановското село Лојане. Македонската голгота на мигрантите, жртви на шверцот завршува таму.

Според податоците на Мапедонската полиција во 2016 година се откриени 80 случаи на криумчарење на мигранти, од 123 прекршители, додека во првата половина на 2017 откриени се само 7 случаи. Само за споредба, српската полиција во првите 6 месеци од оваа година открила 140 сторители на делото криумчарење на мигранти во 80 случаи. Тоа е 10 пати повеќе од македонската полиција.

 

ПРИТИСОКОТ ВРЗ ГРЦИЈА РАСТЕ

Деновите во кои ние бевме во Грција од Грчкиот центар за бегалци пријавија дека повторно се зголемува бројот на мигранти во земјата. Во камповите на грчките острови живеат околу 13.000 мигранти, вкупно во Грција живеат околу 60.000 бегалци. За само еден ден влегле 1.000 луѓе.

Последното дипломатско препукување помеѓу Меркел и Ердоган за ослободување на германските новинари од турските затвори, резултираше со 3.000 нови пропуштени бегалци од Турција кон Грција за една недела.

Моментално доста мигранти во Грција влегувале преку реката Еврос, смета новинарот Коста Коукоумакас.

„Пред 2 дена на железничката станица разговарав со мигранти од Африка. Тие ми раскажаа дека платиле 500 евра на шверцерите, само да поминат од Турција во Грција, преку реката Еврос“, потенцира тој.

Политиката е несватлива и за Стефанос Непот, претставник на невладината организација Омнес од Кукуш. Тој не се согласува да се поставуват бариери за луѓето, туку да се остават слободно да патуваат каде сакаат.

 

ШТО СЕ КРИЕ ВО СЛУЧАЈОТ „ЈУГ“?

 

Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија користејќи го законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја побара кривичната пријава од МВР против нивниот службеник Блаже Иванов, но рокот од 5 дена да ја најдат пријавата за Македонската полиција бил краток, па го продолжија за дополнителни 30 дена и до затворањето на овој текст не ја добивме поднесената пријава.

 

Истражувањето е направено во рамките на проектот „Кризно известување во Југоисточна Европа“ Мрежа за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (SEENPM), а финансиски е подржан Неционалниот Фонд за демократија (NED). За содржината на истражувањето одговорен е авторот.

Оставете коментар

коментар(и)