Застарена машинерија, намалена ефикасност и незадоволни граѓани. Ова е сликата на комуналните претпријатија, кај кои изгледа дека ништо не се менува, освен бројот на вработените.
Истражувањето на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија покажа деказа секои избори бројот на комуналци се зголемува. Така во 2005 година во комуналните претпријатија работат 6.034 комуналци, во 2008 и 2009 во очи на локалните избори се вработени дополнителни 1.000 луѓе. Повеќе од 1.000 луѓе се вработени и пред локалните избори 2013 и парламентарните избори 2014 година.
Користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер испративме барања до сите комунални претпријатија преку општините кои се нивни основачи, а одговор добивме од 61 општинa.Вкупниот број на жители кои живеат во општините кои доставиле одговори е 1.715.000.
„Причините за ваквите состојби треба да се бараат во политиката“, смета Јане Вртески, менаџмент консултант за развој на комунални претпријатија и сопственик на консултантската фирма Балкан девелопмент солушнс.
„Бројот на вработени во комуналните претпријатија е поголем од потребниот број за извршување на обврските што ги имаат овие јавни претпријатија. Заради притисокот за партиски вработувања истите немаат квалитетен кадар за извршување на соодветните работни задачи“, додава тој.
НЕМА ПАРИ ЗА ОПРЕМА
Додека општините го зголемуваат бројот на вработените во комуналните претпријатија пред секој циклус на избори, квалитетот на услугите и опременоста во тие претпријатија опаѓа. Возилата за собирање на смет се стари и по неколку децении. Ретки се некои општини претежно од Источна Македонија кои искористија странски фондови за да купат по некој камион за собирање на смет.
Според економскиот аналитичар Зоран Витанов, предизборните вработувања се штетни за развојот на општините.
„И на малите дечиња им е јасно дека се работи за партиски вработувања. Се работи за егоцентрична политика, каде не ги интересира општиот интерес“, вели тој.
Витанов смета дека никој не води сметка ниту за економската логика при менаџирањето на овие претпријатија.
„Ниту градоначалниците, ниту партиите од каде доаѓаатне ги интересира економската логика. Без оглед од која партија доаѓаат, сите го имаат истиот концепт. Таквите вработувања се комплетно непродуктивни“, подвлекува Витанов.
Економскиот аналитичар од Штип, Стојче Самарџиски, вели дека ваквата лоша структура на партиските вработувања на крајот, сепак, ќе ја платат граѓаните.
„Штетите од партиските вработувања во општините се огромни. Граѓаните ги плаќаат овие луѓе преку сметките за извршени комунални услуги, двојно или тројно, а од друга страна, тие ги зголемуваат и фиксните трошоци во претпријатијата“, смета Самарџиски.
Тој додава дека во некои претпријатија има повеќе администрација отколку оперативни работници.
Од друга страна, Игор Спасовски, претседател на Управниот одбор на АДКОМ – Здружение на комуналните јавни претптијатија на Македонија, вели дека состојбата во комуналните претпријатија е на незавидно ниво, но има оправдување за зголемениот број на вработените. Тој смета дека превземањето на нови должности наложиле и нови вработувања.„Поголем дел од комуналните претпријатија работат на прагот на рентабилноста. Цените на услугите на комуналните претпријатија е социјална, а не пазарна и тоа е причината за лошата состојба во која се наоѓаат комуналните претпријатија. Ова го оневозможува нормалното функционирање на комуналните претпријатија и ги отежнува инвестициите во механизацијата и другите активности“, вели Спасовски.
Платите на вработените од џебовите на граѓаните
Охрид и Струга се рекордери според бројот на вработени во комуналните претпријатија. Најмногу луѓе се вработени во Проаква. За 10 години бројот на вработени во Охридските комунални претпријатија се зголемил од 202 вработени во 2005 на 774 луѓе во 2014, или за 4 пати.
Раст на вработените во комуналните претпријатија има и во Штип. Општината има формирано 4 комунални претпријатија. За Зоран Костовски, долгогодишен советник во општина Штип, партиската превработеност не престанува.
„Најнови вработувања има во локалните претпријатија за наплата на паркинг просторот за автомобили во градовите. Сега таму се трупа партиската војска“, вели Костовски.
Тројно зголемување на бројот на вработени во изминативе 10 години има во Пехчево, Македонски Брод, Чучер Сандево и Прилеп.
Од градот под Марковите кули објаснуваат дека многу им бил зголемен обемот на работа во гробиштата, селекцијата на отпадот и другите дејностиод комуналнатасфера.
„ЈКП Комуналец одПрилеп , со зголемувањето на парковските површини и на оперативниот план за одржување на улици и тротоари во населбите, имаше потреба од вработување во двата оддели Метачи и Паркови и зленило“, вели Златко Ристески, директор на ЈКП Комуналец Прилеп.
За зголемувањето на бројот на вработени во прилепските комунални претпријатија во изминативе 10 години секој граѓанин на Прилеп треба да издвои дополнителни 65 денари месечно само за плати.
Секој Охриѓанец за плати на вработените во комуналното претпријатие плаќа по 300 денари. Ова сума граѓаните мора да ја издвојат за 776-те вработени секој месец. Најмногу вработени во Охрид има во Проаква, 269 во ЈП Охридски комуналец има 240, 105 има во Нискоградба, градски гробишта 69, 63 има во ЈП Биљанини извори, 61 охридските гробишта и 36 во градски пазар.
После Охриѓани дебело плаќаат и Стружани, по 230 денари, Ресен Дојран и Гевгелија плаќаат од 160 до 190 денари, додека од поголемите градови Гостивар за плати на комуналците издвојува само 37 денари месечно.
(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)