Изработил: Тим на СКУП Македонија
Кандидатот за претседател на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците е најбогат помеѓу седумината кандидати за претседател на државата. Таравари е неколкупати побогат од останатите претседатески кандидати и во својот анкетен лист има пријавено имот во вредност од 1.276.703 илјади евра. Тој на свое пријавил куќа во Скопје. Поседува моторно возило марка „Волво“, денарски депозит и долг врз основа на кредит. На име на брачен другар има пријавено стан од 94 м2 во Скопје, автомобил „Цитроен Ц4“ и златен накит. На име заеднички имот Травари пријавил уметнички слики од македонски автори. На имот на родители пријавени се две куќи во Гостивар, двор и три деловни простори за кои нема наведено податок за начин на стекнување.
Во ТОП 3 најбогати претседателски кандидати се и Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Максим Димитриевски од ЗНАМ.
Кандидатите за претседател, Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Максим Димитриевски од ЗНАМ „тежат “ скоро идентично, судејки по пријавените анкетни листови во ДКСК.
Јакимовски пријавил имот во вредност од 365.567 илјади евра што е за 22 илјади евра повеќе од лидерот и претседателски кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски кој вреди 334.277 евра.
Стевчо Јакимовски на негово име како недвижен личен имот има само земјиште во село Нерези. Во делот на хартии од вредност пријавил удели како и животно осигрување, депозити и штедни влогови како и побарувања врз основа на заеми. Од друг имот има пријвено камп приколка стекната врз основ на договор за купопродажба и вреден накит за кој нема дадено податок за сопственост и начин на стекнување. На име на брачен другар е пријавен недвижен имот, куќа и земјиште како и моторни возила „БМВ“, „Фаетон“ и депозити. На име на имот на деца има пријавено моторни возила „БМВ“ и „Јамаха“ и друг имот како и штедни влогови. Јакимовски има пријавено имот на родители, насад од малини. На имот на брачен другар пријавен е кредит.
Максим Димитриевски пак на свое лично име пријавил куќа и земјиште во Куманово. Од недвижен имот на свое име пријавил автомобил „Опел Астра“ од 1995 год. Димитриевски пријавил сопственички удели, два кредита, златен накит стекнат со наследство и средства во готово стекнати на друг начин. На име на брачен другар, Димитриевски пријавил куќа со земјиште и земјиште, сопственички удел и златен накит. На имот на деца пријавени се четири девизни штедни книшки и златен накит. На име на родители пријавено е куќа со двор, деловен простор и земјишта сите во Куманово. Пријавил и два автомобила марка „Мерцедес А160“ и џип „Махиндра“. На имот родители пријавен е и денарски депозит.
Претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи „тежи“ 266.991 илјади евра
Кандидатот за претседател на ДУИ, Бујар Османи пријавил имот во вредност од 266.991 илјади евра. Османи на свое име во анкетниот лист навел моторно возил „Ауди А6“ стекнато со договор за купопродажба без да ја наведе неговата вредност. На свое име има кредит и даден заем. На име на брачен другар пријавил плата од 55 илјади денари. На име на родители Османи пријавил куќа со двор во Скопје од 400 м2 стекната со договор за купопродажба и пензија од 15 илјади денари.
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ „најсиромашни“ – Гордана Силјановска Давкова нема имот на свое име, Стево Пендаровски пријавил само „Југо Темпо“ од 1999 година.
Најсиромашни, односно кандидати со најмал имот се кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова со 170.127 илјади евра и Стево Пендаровски од СДСМ со скромни 37.143 евра.
Силјановска Давкова на свое име во анкетниот лист нема наведено никаков имот. Од заеднички имот пријавила девизна сметка, девизна и денарска штедна книшка. На име на брачен другар, Силјановска Давкова пријавила, куќа во Скопје од 107 м2 стекната со договор за градба од 1993 година и и моторно возило „Хонда Шатл“ од 1996 година.
Стево Пендаровски на свое лично име, во анкетниот лист доставен до ДКСК пријавил само моторно возило „Југо Темпо“ од 1999 година. Поседува девизна штедна книшка и трансакциска сметка. На име на брачен другар, Пендаровски пријавил три земјишта во Раштак, како и недвижен имот исто така во Раштак без да се прецизира за каков недвижен имот станува збор. За целиот пријавен недвижен имот нема наведено податок за вредност. Имотот е стекнат со наследство и со договор за подарок. Од подвижен имот, на име брачен другар е пријавен автомобил „Рено Меган“ и една девизна сметка.
Професорката Билјана Ванковска ја нема во регистарот на ДКСК
Претседателскиот кандидат на Левица, професорката Билјана Ванковска ја нема во регистарот на анкетни листови на ДКСК бидејки нема обврска да пријави имот затоа што досега не е била избрана на јавна функција.
Ванковска на социјалните мрежи објави дека води скромна претседателска кампања.
- Секое утро добивам извештај од сметката за изборната кампања, и иако приливот со донации на граѓани е скромен, останувам длабоко трогната кога ќе видам донации од 209, 500, 1000 денари дал кој колку можел, и најважно не му било тешко да оди до банка и да уплати од срце дури и кога никој не го притиска! Водам најскромна можна кампања ама чекорам со обичен и сиромашен ама чесен свет! Благословена сум со вашата верба и грижа. Ви благодарам прекрасни луѓе (најчесто непознати)“, напиша на фејсбук.
Во нашето истражување ги аналзиравме анкетните листови на шестмина од седумтте пријавени кандидати за претседател чија вкупна вредност изнесува 2.450.808 ијлади евра.