„Приоритети“ на МПЦ: Глисери наместо кандила

Според владиката Тимотеј, архиереј на Дебарско-Кичевската епархија, пловилото е купено за сопствени потреби и од сопствени пари.

„Тоа е катамаран, не важно од каде е донесен. Го купивме од кај што се продаваат. Не ни е подарок, плативме 18.000 евра за бротчето. Не e големо бротчето, има многу такви во Охрид“, вели владиката Тимотеј.

Тој додава дека имаат манастир каде не се пристапува со возила, затоа и го купиле бротчето.

Информацијата ни ја потврдија и од Охридската капетанија и посочија дека има многу такви пловила регистрирани во нивната Капетанија. Тие посочија дека ова е прво регистрирано пловило на име на Македонската православна црква.

 

Дали фирмата на Самсоненко и го дала на чување глисерот SACS Stider 8 или им го рентала

 

Македонската православна црква беше актуелна околу случајот со глисерот на SACS Stider 8 за кој пишуваше Канал 77.

На почетокот на јули годинава медиумите известија дека МПЦ и манастирот во Калишта купиле глисер вреден стотици илјади евра. Подоцна Македонската Православна Црва демантираше дека купиле глисер, туку дека тој им е даден на чување во манастирот во Калишта и да го користат за сопствени потреби.

Од Охридската капетанија не известија дека овој глисер е во сопственоост на СИС Травел, фирма на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Но Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија од извори во СИС травел дојде до информација дека глисерот на МПЦ е изнајмен и дека манастирот во Калишта ќе треба да плати за користењето на глисерот, а Сис Травел треба да им изготви фактура на манастирот во Калишта.

Се обидовме да ја потврдиме оваа информација во Македонската православна црква, од таму не упатија на портпаролот на МПЦ, господин Тимотеј.

„Скопска епархија демантира дека тоа е нивен глисер, туку им е даден на чување во манастирот, колку што јас знам и им е даден да го употребуваат доколку сакаат да го употребуваат, тоа беше објаснување од скопската епархија“, вели владиката Тимотеј.

Дали навистина Сис Травел го изнајмувал глисерот на МПЦ, а не го оставил на чување како што тврдеше МПЦ побаравме информација од Давор Стојановски, вработен во Сис травел, но тој се јави само еднаш, не праша зошто го бараме, рече дека не може да зборува сега, да го побараме за два часа, но потоа не одговараше на нашите повици.

 

Не е точна информацијата дека владиците земаат по 2.000 евра плата

Порталот Вработување објави информација дека Архиепископот Стефан земал плата од 3.000 евра, додека владиците земале по 2.000 евра секој месец. Ова за портпаролот на МПЦ е лага.

„Не е точна информацијата дека платите на епископите се 2.000 евра, додека на архиепископот е 3.000 евра. Архиепископот не знам колку зема, а архиереите земаат плата околу 1.000 евра“, вели Тимотеј.

Тој додава дека некои архиереи имаат и пониска плата од 1.000 евра.

Оставете коментар

коментар(и)