Работнички трагедии

од Екипата на емисијата КОД

Додека неколку работници на кров од монтажен објект во кругот на кумановската компанија Искра менувале плексиглас, Јовица Симоновски со една нога стапнал врз една табла на висина од околу 25 метри. Тој 9-ти јули околу 8 часот наутро, кровната табла попуштила и тој бидејќи не бил осигурен со јаже или со појас паѓа од големата височина. Загинува на лице место. Трудовиот инспектор и полицијата вршат увид и откриваат кривично дело- обвинителството по службена должност подига обвинение за дело „предизвикување опасност при градежни работи“ за член 292 од Кривичниот законик став 2. Оваа законска одредба предвидува дека доколку при вакви дела настапи смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку три години. Максималната казна за ова дело е 15 години затвор. Почнува судски процес, а семејството покренува и граѓанска парница. И судењето трае, а Милена пребројува колку судии се смениле во овој процес.

За смртта на Јовица обвинети се тројца. Зоран Богатиновски, раководител на одделот Монтажа во Искра ДС констракшн. Второобвинета е Сандра Пановска, управителка во фирмата во која бил вработен Јовица, а третообвинет е Гркот Димитриос Салептас, сопственик на фирмата, основач на неколку фирми во Куманово и странски инвеститор од 2005-та наваму. Салептас има неколку фирми регистрирани на иста адреса во индустриската зона во Куманово. Покрај делот во добро познатата фабрика Искра, тој е основач и на фирмите ДС Искра Констракшн, ДС Фудс, Одисеас. Јовица во 2005-та почнал да работи во ДС Искра, па бил префрлен во другите фирми на грчкиот бизнисмен. Во времето на смртта тој бил пријавен како лимар во фирмата Одисеас, а монтажната хала каде загинал се водела како имот на ДС Искра Констракшн. И двете фирми се поврзани со Салептас, поради што тој бил третообвинет. Покрај спората судска постапка и сложената сопственичката структура на компаниите на Салептас предизвикува потешкотии при пишувањето на пресудата. Кога сите тројца обвинети се осудени условно, за Салептас е наведено дека е основач на една фирма, а во другата управител. Тоа го обжалува неговиот нов адвокат Димитар Дангов кој смета дека не се поврзани функциите на Салептас со одговорноста за непреземени мерки при трагедијата. Апелациониот суд го прифаќа ова образложение и се се враќа на почеток во кумановскиот суд.
Семејството на жртвата го застапува адвокатот Христијан Георгиевски. И тој се вклучува подоцна откако Симоновска го ангажира незадоволна од претходниот правен застапник. Адвокатот Георгиевски ја застапува тезата дека одговорните управители во фирмите не обезбедиле доволна заштита за вработените и за тоа треба кривично да одговараат. Сам се вклучил во пронаоѓање докази кои биле прифатени при првата пресуда која сега е поништена.

Ваквото тврдење го поткрепиле и колегите на Јовица кои заедно со него биле на кровот трагичното јулско утро. Пред судот изјавувале дека немале доволно опрема.

Фирмата на вработените им обезбедила обука за безбедноста, но доколку Јовица имал сигурносен појас врзан за халата при падот ќе останал закачен да виси на конструкцијата. Кој сега е одговорен за трагедијата треба да утврди судот, но тоа трае веќе петта година. Доколку се применуваше новиот закон за кривична постапка тогаш процесот ќе беше завршен за многу пократко време, но по стариот закон постапката е поспора.

Гркот Димитриос Салептас во Куманово се појави олимписката 2004-та година, а фирмата Искра под негово раководство го произведе столбот за факелот за Олимпијадата во Атина. Наредната 2005-та Салептас издвојува околу 680 илјади евра да ја купи кумановска Искра. Работниците-акционери протестираат, а интересно е што тогаш Салептас се жали на спората судска власт која ја успорува неговата инвестиција.

Истата таа година, Јовица кој е отпуштен работник на поранешниот ЗИК Куманово добива работно место во фирмата на Салептас. Плата 8 илјади и двесте денари, толку земал до смртта.

А фирмата според кажувањата на грчкиот бизнисмен до 2006-та вложила околу 3 милиони евра во опрема за рестартирање на производството во Искра. Бројот на вработени се искачува, а Искра под името ДС односно под иницијалите на грчкиот бизнисмен добива добри зделки. До економската криза 2009-та. Но уште потежок удар Гркот добива во јули 2009-та кога загина Јовица. Одеднаш станува непожелен и поради грчкото потекло и поради трагедијата, но и поради отпуштањето на работниците. Работните услови за фирмата се влошуваат, но синдикатот не успева да ги организира и заштити луѓето.

Последниот удар за странскиот инвеститор е минатогодишниот срам кога работници во друга негова фирма ДС фудс се пожалија дека се малтретирани и дека ги затворал во ладилник за да не ги открие трудовата инспекција. Кризата ја удира фирмата по џеб, се помалку работа, последниот интернационален успех е оваа хала која ДС Искра ја прави за спортски игри во Катар. Во Скопје работат конструкции за галиите во Вардар од проектот Скопје 2014-та. Лошата финансиска состојба на испреплетените фирми на Салептас ја успорува и наплатата на отштетата за семејството Симоновски. Апелациониот суд им пресуди речиси 40 илјади евра отштета кои треба да ги плати фирмата Одисеас. Затоа што не презела мерки за да ја спречи смртта на својот работник. Семејството живее со минимална пензија за трите сираци на Јовица, околу 7 и пол илјади денари месечно. Ветувањата биле големи уште на погребот на загинатиот работник, но останале пусти.

Граѓанската постапка е завршена и правосилна, но проблем е дали осудената компанија има пари.

Бранителот на Салептас во кривичната постапка вели дека е добро што двете постапки оделе истовремено и дека граѓанската отштета е пресудена во интерес на семејството на жртвата. Проблем е што во кривичната постапка се уште не е утврдена вина и одговорност за управителите во ДС Искра.

Граѓанската постапка можела да се избегне доколку фирмта веднаш по несреќата или во текот на изминатите 4 и пол години се договорила и спогодбено ја платила отштетата на семејството. Но ветувањата оттаму останале неисполнети. Потоа престанале да комуницираат со семејството на Јовица кој загинал како нивен работник во нивен објект. Дури и се лутеле на Милена зошто обвинителот ги гони по службена должност.

Кумановската приказна е само една во која се испреплетува тешката работничка судбина, жртвите на капитализмот, економската криза и спорото судство. Приказна која покажува дека живите се сеќаваат на загинатите, ама институциите не се трудат да ги излекуваат раните од трагедиите.

Приказната за рударите од САСА





Ги испратиле на работа, како и секој ден, но дома  ги дочекале во ковчег двајцата рудари од рудникот Саса, Диванис Ивановски и Војо Стаменковски. Сега на семејствата, им останале само купишта документи во рацете, многу нејаснотии и прашања кои ги тераат да бараат одговори, но и одговорност од рудникот, каде животите ги изгубиле нивните хранители.
– Животот е многу тежок, да испратиш некој здрав и прав, а да ти го донесат во кутија е болно – вели Калина Ивановска.
– Сама сум , болна сум, шеќер имам..многу е тешко…- вели Станка Стаменковска.

Двете вдовици обвиени во црно и со солзи во очите,велат дека долго време чекаат обвинителството да започне постапка за кривична одговорност за рудникот.
– Очекуваме и од обвинителот, одиме молиме…. се се заташкува ние плаќаме со крв невини луѓе – вели Ивановска.
– По смртта на мојот сопруг сакам да испадне вистината на виделина, документите си стојат во обвинителството – вели Стаменковска.

Диванис загинал на 3 мај 2011 година , имал само 48 години, несреќниот Војо загинал на 10 мај 2012, на 50 годишна возраст.

По нивната смрт сите се прашуваа, како загинаа искусни рудари со повеќедецениски работен стаж во јамите на рудникот. Дали нивната смрт е несреќа при работа или пропусти во протоколот за работа на  рудникот? Поранешниот претседател на рударскиот синдикат во Саса, има докази во рацете кои упатуваат на пропусти од страна на рудникот. Според него Диванис загинал додека работел на место во јамата коешто не било обезбедено за што зборува и записникот од рударскиот инспекторат што семејството го чува како доказ.
– Има докази за кривична одговорност. Рударскиот синдикат има наложено дека објектот треба да се санира, раководтсвото на рудникот Саса не го спровеле тоа и интерно го отвориле објектот – вели Сашо Јовановски, поранешен претседател на синдикатот на рударите во Саса.

Несреќниот рудар Војо паднал од висина од 40 метри, а претходно се затрул со јаглерод моноксид што го докажува и обдукцијата.

– Војо паднал од 40 метри, ускопот не бил извентилиран, паднал човекот, но бил жив и два саати немало амбулантно возило, а другиот доказ е дека објектот не бил дозволен з а работа од рударскиот инспекторат – додава Јовановски.

Доказите ги има и обвинителството, но зошто досега обвинителството не покренало постапка е прашањето што ги мачи семејствата на рударите? Јавниот обвинител во Делчево, Бранко Тричковски, за КОД ги демантираше обвинувањата на семејствата, тој беше дециден, дека случаите не се заташкани, тие се во процедура, а семејствата ќе бидат и писмено известени за текот на постапката.
Од рудникот Саса, се изненадени од обидите на семејствата Ивановски и Стаменковски да бараат кривична одговорност од рудникот.

– Ние не можеме да ги коментираме бидејќи…не сме надлежни институции, но фамилиите со спогодбата се обврзале – вели Максим Прохоров, директор за инвестиции во рудникот.

Колкава е висината на средствата што рудникот ги исплаќа на семејствата на жртвите, Прохоров не открива.
– Секој пат ние потпишувавме спогодби со семејствата во висина како што покажува судската пракса во Македонија, но тој просек е повисок во споредба од тоа што с е пресудува, исто така ги плаќаме и трошоците околу погребите – објаснува Прохоров.

Двете вдовици потврдија дека добиле обештетување од рудникот, согласно правилникот и осигурувањето на рударите, но за нив  е поважна кривичната одговорност на фирмата, па затоа ангажирале и адвокат. Тие велат дека нема лесно да се откажат и доколку обвинителството не ги процесуира делата, тие ќе поднесат приватни тужби. Поддршка добиваат само од поранешниот претседател на синдикатот, кој вели дека поради неговата борба за правата на рударите, тој бил прогласен за технолошки вишок и избркан од работа, па сега и тој води судска битка со рудникот за да ја докажи неправдата што му е нанесена.
–  Но јас, како синдикат кој ги покренав, овие прашања бев отстранет од синдикат на незаконит начин, имав поддршка на 65 од членовите..мене ми е жал, ама Саса е еден од најпрофитабилните рудници, тоа е ризница на благодродни метакли, ги повикувам..да седнеме и д аги решиме сите спорни работи во Саса, тие можеби сакаат шминка и козметика, ние може д а напишеме цела енциклопедија со крв д а ја отпечатиме – вели Јовановски.

Во Саса за 4 години животот во јамите го загубиле 8 рудари, но само овие две семејства се охрабриле и бараат кривична одговорност од рудникот за смртта на нивните сопрузи рудари.

Државна трудова инспекција 



Пораката СРЕЌНО, над јамите што водат кон земја, на рударите им посакува повторно да излезат од рудниците и да го видат написот. Но и оние работници кои работат неколку метри високо над земјата се помолуваат за среќа, живи и здрави да се симнат. Но вистинската среќата за овие луѓе е во какви услови работат тие.  Во анализите за профит рудниците се меѓу првите пет најпрофитабилни фирми.  Во 2013-та година со профит од 34, 3 милиони евра годишно рудникот САСА е на четврто место како профитабилна компанија – пишува весникот Капитал. Истражувањето е направено во ноември минатата година. Истиот период рудникот доби казна од 34 илјади евра за непочитување повеќе одредби од законите за безбедност и здравје при работа. 10 инспектори ваквата состојба ја утврдиле по загинување на еден од работниците 30 годишениот Јанче Дојчиновски одржувач на машините. Од државниот инспекторат за труд објаснуваат дека во овој случај законот е прекршен  во делот на изјавата за безбедност при работа и не била целосно заштитната опрема, а исто така не биле направени редовно здравствените прегледи за вработените.

Минатата година од 16 594 вкупни надзори на инспекторатот кај 15 и пол илјади се најдени неправилности кај градежни компании и рудници. На сајтот на МВР во 2013 година 157 луѓе загинале во несреќен случај на работа. а 1338 се со повреди. Црната индустрија не брои само профити, туку и жртви. Прават огромни профити, но и казните за нив се многу повисоки, многу повеќе ги чинат отколку на пример да вложат во заштита на работниците.

Во градежништвото и  рудниците често грешат и работниците. Годините искуство ги ослободува некогаш да не ги испочитуваат напишаните процедури до крај. И поздравот СРЕЌНО пред да влезат во рудникот не може да им помогне пред црната судбина да го остават живото во јамата. Ризична професија е и градежништвото. Најголем број од загинатите  или повредите на скелето каде работат се поради непочитување на нормите на ризикот на работата. Но, и тука надзорот на работниците треба да реагира за постапките на работниците. Најчесто во законскиот рок од 24 часа работодавачот треба да пријави повредена на работа. Но, и многу често работниците се присилени да молчат или во пред докторите да каже дека дома се повредил.

Каде најчесто штедат газдите?

Во лекарските прегледи, несоодветно обуки за конкретно работно место, опрема, проценка на ризик при работата. Голем дел од грешките е смената на работникот од едно на друго работно место. Како по некое непишано правило грешките одма се прават. Работник кој немал обука го возел возилото, возел наназад и го прегазил колегата. Во многу случаи работниците се свесни дека така не треба, но од страв да не ја изгубат работата не пријавуваат. Со интернет технологијата може и анонимно да се пријави на www.dit.gov.mk  доколку работникот е изложен на ризик при работата.

Правата на рударите и градежните работници треба да ги заштити синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, од таму велат дека состојбата кај нивните членки е многу подобра. Најчесто работниците бараат бесплатна правна помош, во делот на отказ од работа.

Но, градежните работници и рударите, велат дека никој доволно не ги штити, за нив синдикатот е поблизок до државните институции од колку до нив.

На листата на казнети на стартот на годината се најде и радовишки Бучим со 110 илјади евра, раководството на рудникот не пријавило хаварија во Меденска и Тополничка река, плус било утврдено непочитување на работнички права со што рудникот го чини плус 10 илјади евра. За инспекторите со плаќањето на овие средства газдите може да купат нова опрема и да го намалат загадувањето. Меѓу редови објаснија ќе им остане профитот, и плус да ги стимулираат со награда и работниците.




















Оставете коментар

коментар(и)