Регионалните депонии – децениски ветувања без реализација

Пишува: Горан Лефков

Модерна регионална депонија во Овчеполијата во 2027 година. Ова е ветување на секој градоначалник од Источниот и Североисточниот плански регион. Но дали овој сон ќе стане јаве до 2027 година?

Според податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање, вкупните трошоци за поставување на системот за отпад, со изградба на 4 регионални депонии, транспортни средства и контејнери, треба да чини 83 милиони евра. Од нив 21 милион се за набавка на камиони, 16 за набавка на контејнери, додека за изградба на депонии и претоварни станици се предвидени 46 милиони евра.

Депонијата во Свети Николско треба да биде првата од регионалните депонии кои треба да бидат изградени во Северна Македонија и каде треба да завршува отпадот од целата држава.

„Според планот, треба да имаме 5 регионални депонии на територијата на Северна Македонија. Тие се лоцирани, Дрисла во Скопје, Мечкуевци во Свети Николе, во Русино за Полошкиот регион, Мегленци, Општина Новаци е за Југозападен и Пелагониски регион и во Доброшинци ќе биде за Вардарски и Југоисточен“, вели Ана Каранфилова Мазневска, раководител на секторот за отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Оваа депонија е единствената надеж за спас од хаосот со отпадот на Општина Виница, каде градоначалник е Миле Петков.

„Веќе сме влезени во регионалниот проект за депонијата во Свети Николе, финансиран од Швајцарската влада. Тоа е проект во којшто сме вклучени сите општини од Источниот, Североисточниот регион и Свети Николе како дел од Вардарскиот регион. Моментално се изработува техничка документација за затворање на постоечките општински депонии“, вели Петков.

Тој додава дека се изработува и техничка документација за отворање на претоварна станица на територијата на Општина Виница поточно кај Истибања и ќе ги опслужува Кочани, Виница, Берово, Делчево, Пехчево, Македонска Каменица.

„Во меѓувреме градовите треба да ги исчистиме малите диви депонии, да го однесеме ѓубрето, прво на Виничката депонија, па подоцна ќе го носиме на Кочанската депонија, и кога ќе се затвори и таа, тогаш сите носиме во Свети Николе. До крајот на оваа година очекувам да се распише тендерот за изградба на депонијата“ вели Петков.

Количината на отпад расте, а точни податоци нема

Отпадот од домаќинствата постојано се зголемува. Од година до година имаме се повеќе отпад.

„Рапидно расте количината на отпад што го создаваат домаќинствата. Нема производ што не е амбалажиран. Целата таа амбалажа може да се рециклира“, вели Кирил Зајков, директор на ЈКП Исар од Штип.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во Источниот регион во 2020 година се создадени 105 милиони килограми отпад, додека собрани се 85 милиони килограми. Во Североисточниот плански регион се создадени 62 милиони килограми отпад, а собрани се 40 милиони. Овие два региони треба да го депонираат отпадот во Депонијата во Свети Николското село Мечкуевци. Ако годишно се собираат по околу 200 милиони килограми отпад, од овие два плански региони, планот е до 2035 година, 10% или 20 милиони килограми да завршат на оваа депонија.

Македонскиот информативен центар за животна средина ги систематизира извештаите од општините. Сепак, само околу една третина од општините доставуваат извештаи, и покрај нивната законска обврска. Понатаму, податоците не се со особено висок квалитет заради тоа што околу 25% комунален отпад не се собира, а општинските депонии не се опремени со мостни ваги.

Недостаток на административни и законски капацитети за новите депонии

Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина се единствените земји во Југоисточна Европа коишто сè уште немаат основано Агенција за заштита на животната средина (АЗЖС).

Според Планот за уѕправување со отпад 2021-2031 година, Стапките на селектирање и рециклирање се многу ниски, информациите и податоците за видовите отпад се неадекватни, а клучните институции кои се надлежни за оваа проблематика имаат ограничени капацитети.

По прегледот на моделите на АЗЖС во повеќе земји од ЕУ, секоја нова агенција би инкорпорирала функции кои во моментов ги врши Управата за животна средина, Канцеларијата за просторни информации, како и други сектори во МЖСПП. Спојувањето на овие тела и групирањето на функциите во еден субјект може да ја подобри ефикасноста и да покаже поголема посветеност на заштитата на животната средина во земјата.

Додека се формира Агенција за животна средина, неопходно е Секторот за управување со отпад да ги зајакне своите капацитети со цел поефикасно да ги реализира своите функции.

Во моментов, Секторот брои 10 вработени. Како што Република Северна Македонија се приближува кон Европската Унија, неопходен предуслов е земјата да има солидно опремен, обучен и професионален сектор за да може да се справи со зголемениот наплив на работа кој ќе произлезе од потребата да се одржат, надгледуваат и надоградуваат стандардите на Европската Унија, се наведува во планот за управување со отпад изготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Беше направена детална анализа и споредба на капацитетите на централната власт за планирање и спроведување на политиките на управување со отпад. Ќе биде потребно време за да се зголеми бројот на вработени и на дијаграмот подолу е прикажан нов среднорочен план за Секторот за управување со отпад на својот премин кон инкорпорирање во Агенција за животна средина.

Но сепак состојбата со системот за депонирање на отпад е прилично хаотична.

„Моментално имаме вакуум во законските решенија. Имаме закон за новата депонија во Свети Николе, а стариот закон е повлечен. Ова е вакуум простор каде депонија немаме, а треба да ги затвораме постоечките“, вели Зајков.

Тој додава дека не може јавното претпријатие да го менаџира отпадот на начин на којшто е сега поставена состојбата.

Квалитет на податоци за отпадот

Системите за податоци за отпад во Македонија се слабо развиени. Владата, во соработка со производителите, треба да финансира и да воспостави соодветен систем за собирање податоци кој треба да им овозможи на сите засегнати страни да доставуваат податоци и извештаи во стандардни формати. Ова ќе биде задолжително за сите текови отпад. Сите вклучени страни (трговците на мало, собирачите, собирните места на општините, давателите на услуги треба да известуваат на претходно утврден начин за да се создаде сеопфатен збир на податоци подготвен за ревизија. Предтретманот, третманот, инсталациите за отстранување отпад, трговците на

мало и големо и другите актери со отпад треба да го користат истиот систем за да обезбедат сеопфатна база на податоци која овозможува оцена на ризикот, проверка на усогласеноста, анализа и известување.

Системот на податоци, исто така, ќе создаде стабилна база за институциски и индустриски развој и прецизна повторна подготовка на следниот Национален план за управување со отпад.

Производителите, колективните постапувачи и тие што подлежат на обврски, исто така, ќе мора да финансираат компатибилни системи за да можат да ги доставуваат податоците и да поднесуваат извештаи за нив. За ова барање, исто така, ќе бидат потребни средства за финансирање од капитал и приходи од нивна страна.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)