Репрезентацијата галопира – директорите со исти апетити како и министрите


ДОКУМЕНТАЦИЈА


 

Авторки: Ангела Рајчевска

                  Бјанка Станковиќ

                  Kристина Атовска

 

Само две од вкупно девет агенции во државава имаат правилник за трошење на средствата за репрезентација. Додека пак, јавните претпријатија скромни во изборот на нарачки, но и не и за трошоците за репрезентација.

 

Иако на фактурите не се евидентирани коњско месо, бифтеци од бизон, дивеч, јастрози, октоподи и најразлични спрецијалитети, истражувањето на СКУП покажа дека не изостануваат скарата и алкохолните пијалоци. Дневните ручеци достигнуваат над 100 евра, сума која, многумина во Македонија ја заработуваат на месечно ниво.

 

 

АГЕНЦИИТЕ БЕЗ ПРАВИЛНИЦИ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

 

 

Само две од вкупно девет Агенции до кои испративме Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер располагат со Правилник за трошење на средства за репрезентација.

 

Сите службени ручеци во Агенција за катастар на недвижности,  се проследени со квалитетна ракија, вино, пиво и богата софра во елитни ресторани. Директорот и заменикот немаат службени картички, нивниот правилник е во фаза на подготовка. Додека правилникот се изготвува, во 2017 година, од дел од фактурите за ресторантски услуги што ги добивме, вкупно 22, биле издвоени цели 399.577 денари, односно близу 7 илјади евра за една година.

 

Реакција од Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Борис Тунџев реагираше на текстот за репрезентацијата во јавните претпријатија кој го објавивме. Тој вели дека поголемиот дел од трошоците за репрезентација биле направени во време на неговиот претходник.

“Вкупните репрезентации за цела 2017 година се скоро 1 и пол милион денари. Јас го имам поделено за да имате точна информација, се она што оди на трошоци, расходи за репрезентации кои што по оваа ставка одат репрезентациите за ручеци, се во однос 1:6. Значи до август биле милион и триста, а од август до крајот на годината се 200 илјади денари”, тврди Тунџев. Според него, тој има потпишано само 3 износи за репрезентации во вкупна вредност од 31.500 денари од август 2017 година, кога е и назначен за директор. “Потребно е да потенцирам дека овие репрезентации кои што се дадени, тоа се репрезентации кои што се дадени по основ на делегации што не посетиле, односно едната е за посета на консултанти од „ИМПУЛС“ проектот, другата е посета на консултанти од Холандскиот катастер кои што се ангажирани преку „СПАЦИЈАЛ“ проектот и третата репрезентација е за претставници од Советот на геодети на Европа каде што оваа година бевме оваа институција примени како асоцијативни членки”, нагласува тој.

 

Во Агенција за филм, поранешната директорка, Мими Ѓоргоска Илиевска, и актуелниот директор, Горјан Тозија, своите службени картички најчесто ги користеле во странство. Покрај вообичаените трошоци, за посетите на Берлин, Стразбур, Истанбул, Кан, Ница, Братислава и Виена, поранешната директорка Ѓоргоска Илиевска, за период од февруари до јули 2017-та година има потрошено 407.465 денари или околу 6.600 евра. Актуелниот директор, Тозија, го продолжува трендот на патувања и за почетокот од неговото раководство и неговите посети на Торонто, Берлин и Трст троши 160.564 денари или околу 2.600 евра. Агенцијата нема правилник за користење на средства за репрезентација.

Горјан Тозија, директорот на Агенцијата за филм, преку неговиот адвокат Лефко Таневски реагираше на  ова истражување со барање за демант и извинување.

Меѓу другото во реакцијата стои дека „Мотивацијата на директорот Тозија да патува во Берлин, Трст и Торонто, секако не е за да посети некоја светска метропола, туку внимателно одбрани патувања од многуте покани на фестивали, манифестации и работни состаноци каде РМ членува и каде се одлучува за новите стратегии за европскиот и светскиот филм кои секојдневно пристигнуваат во Агенцијата за филм…“

Целата реакција во оригинална форма можете да ја прочитате на следниот линк.

СКУП ќе продолжи и понатаму да истражува и објавува како и во наведениот текст. Нашата намера воопшто не е никого да навредиме и/или омаловажиме ниту овој ниту во било кој текст или видео. СКУП се занимава со истражување на системската корупција и криминал или пак со сомнежите или индициите кои укажуваат на корупција или криминал.

Сите податоци во текстот се од официјални документи и сите тие документи се објавени на линкот ДОКУМЕНТАЦИЈА (веднаш под поднасловот).

 

Во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности, службената картичка на директорот не се користи за репрезентација, но на податоците од документите по кои се книжени промените на сметките на репрезентација, може да се забележи дека оваа агенција за минатогодишните службени ручеци има потрошено 265.510 денари или приближно 4.300 евра. Во просек, нивните службени ручеци се движат од 5.000 до 75.000 денари и истите се регулирани со Правилникот за репрезентација.

 

Агенцијата за вработување има правилник за користење на репрезентација според кој, покрај директорот и заменик директорот, користење на средства од репрезентација имаат и членовите на управниот одбор. (СКЕН-ПРАВИЛНИК).

Што се однесува до минатогодишните трошоци. Поранешниот директор Влатко Поповски, за 4 месеци потрошил 97.985 денари или околу 4.500 евра. Неговиот заменик, Арбен Зибери, следејќи го примерот на директорот, исто така не штедел на репрезентатвните трошоци. Зибери за само 3 месеци потрошил цели 68.847 денари, близу 1.200 евра. За разлика од Поповски и Зибери, актуелната директорка, Билјана Јовановска, на почетокот од своето управување со агенцијата, за 3 месеци, успеала да потроши само 18.241 денари, односно околу 300 евра.

 

Во Агенција за млади и спорт, актуелниот директор Дарко Каевски, го следи трендот на претходникот Марјан Спасески, со вкупно 59.768 денари , т.е близу 1.000 евра потрошени за репрезентација за 5 месеци. Неговиот претходник, Марјан Спасески, за првите 8 месеци од 2017 година има потрошено 69.454 денари, малку повеќе од 1.000 евра. Репрезентативните трошоци на Спасески и Каевски не се регулирани со Правилник.

 

Агенција за квалитет и акредитација на здравствени установи нема правилник за користење на репрезентација и директорот и заменик директорот немаат користено службени картички. По однос на фактурите и сметкопотврдите за репрезентација кои ги има реализирано Агенцијата за нејзините потреби за 2017 година, вкупно се остварени 21.912 денари  или околу 350 евра, во кои се наоѓа и угостителска услуга во вредност од 9.200 денари.

 

Во Агенцијата за разузнавање директорот и генералниот помошник не поседуваат службени платежни картички. Но, тие редовно се снабдуваат со набавки за потребите на Кабинетот на директорот на Агенцијата, Зоран Иванов. На менито со набавки, за период од јануари 2017-та, до јануари 2018-та, најчесто се сервираат индиските ореви, бадеми, лешници, бајадера, шери и виски Џек Даниелс. Оваа агенција, исто така,  нема изготвено Правилник за користење на средства за репрезентација.

 

Директорот на Агенцијата за пошти не поседува службена картичка и „агенцијата не е имател на информација за Правилник за користење на репрезентација“ се вели во одговорот на нашето барање. Додека пак, од добиените сметки, покрај 18.480 денари за набавка на вода, се наоѓаат и угостителска услуга од 16.305 денари, новогодишни пакетчиња во вредност од 14.400 илјади денари, фактура во вредност од 20.933 илјади денари од Друштво за угостителство трговија и услуги МАРСТЕФ и една фактура со детски играчки во вредност од 6.201 денар. (СКЕН ОД ФАКТУРИТЕ).

 

Фотокопиите од изводи од службена картичка на директорот и заменикот директор во Агенцијата за електронски комуникации, согласно внатрешната организација на менаџирање со документи, спаѓаат во категорија на интерни документи. Во агенцијата, дополнително, не постои правилник за користење на средства за репрезентација.

 

Доставените фактури и сметки оставаат впечаток дека директорите секојдневно уживаат ручеци со скара и алкохолни пијалоци. Неопходно е регулирање на репрезентативните трошоци во Агенциите. Потребно е скромно однесување и примери што ќе покажат на народот дека назначените директори ја извршуваат нивната примарна функција, а не аздисуваат со парите на народот.

 

ВО ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЕВИДЕНТИРАНИ РУЧЕЦИ НАД 150 ЕВРА

 

 

Ситуацијата со трошоците за репрезентација во јавните претпријатија не е многу поразлична од онаа во државните агенции. Како и директорите од агенциите, надлжените од јавните претпријатија ги посетуваат истите скопски, но и други ресторани ширум Македонија. На фактурите се сретнуваат имиња на добропознати ресторани како: „Пелистер“, „Енрико“, „Дојрана“, „Корнер Баба Цана“, „Џино“, „Балканика Рустикана“, „Биг Фиш“, „Бела Виста“, „Гостилница Дукат“, „Лира“, „Фурна“, „Боними“ и многу други.

СКУП ги побара трошоците за репрезентација од некои јавни претпријатија во периодот од јануари 2017 до јануари 2018 година. Според добиените документи, најмногу пари се потрошиле во „Комунална Хигиена – Скопје“, околу два милиони денари или близу 42.000 евра.

Од ова претпријатие најчесто се правени нарачки за кафе, какао, сокови, минерална вода и чаеви. Од „фајнарт Мултимедија дооел“ и „Нулта медија адвертајзинг“, се нарачувале пенкала, календари, нотеси, украсни кеси, чадори, ѕидни часовници, запалки, едукативни сликовници и маици. Но надлежните освен овие нарачки, посетувале скопски ресторани меѓу кои „Казабланка“, „Пелистер“, „Дојрана“, „Рагуза“, „Енрико“, „Буре етно бар“ и други.

 

Од јавното претпријатије “Водовод и канализација”- Скопје за репрезентација во период од една година потрошени се приближно 700.000 денари или околу 11.700 евра. Уживале угостителски услуги во „Гама ексклузив“, „Барбакан“, „Кај Џино“, „Ла тераца“, „Енрико“, „Меана Б“ и други. Ручеци и нарачки за топли оброци се дел од она што го има на фактурите испратени од ова претпријатије.

 

”Градски паркинг” – Скопје правеле нарачки од „Тинекс“, а ги посетувале и „Воденица“, „Пелистер“, „Сушико“, „Таверна Ели дооел“, „Ореов лад“, „Амигос“, „Конак Чардак дооел“, „Буре етно клуб“, „Ла тераца“, „Визиана“, „Карпе дием“, „Гнездо“, „Казабланка“ и други. Потрошени се 598.044 денари или околу 9.700 евра.

Евидентирано е и патување во Холандија на Б.Јакимовски, за кое потрошени се нешто повеќе од 1000 евра.

 

Од Македонски железници-Транспорт АД – Скопје надлежните уживале нарачки во „Македонска куќа“, „Дојрана“, „Воденица мулино“, „Дома“, „Дојрана“, кои за една година ги чинеле околу 380.000 денари или 6.000 евра.

 

Лозова жолта, пива, коњак бренди, сокови, скара, мешани салати, сирење на скара се дел од нарачките што ги има на сметките за репрезентација од Јавното претпријатије за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми„. Посетите во „Дојрана“, „Корнер Баба Цана“, „Џино“ и други скопски ресторани за една година ги чинеле околу 317.000 денари или близу 5.000 евра.

На сметките што се добиени од Ј.П ”Паркови и зеленило”- Скопје, евидентирани се безалкохолни, алкохолни пијалоци, кафе, чорби, риба крап, поховани даски, скара и друго. Од „Паркови и зеленило“ биле гости во „Љуц Костадиновски“, „Фурна“, „Биг Фиш“, „Калабрија и други ресторани во Скопје. Правени се нарачки од „Рамстор“ и „Гранап дооел“, а вкупната сума која е потрошена за една година е нешто повеќе од 170.000 денари или близу 2.800 евра.

 

Друштво за изградба, управување и издавање на повеќенаменска сала „Борис Трајковски„ ДООЕЛ – Скопје за репрезентација потрошиле приближно 105.000 денари или околу 1600 евра. Најчести посети имале во рибна гостилница „Сидро“, „Старо Буре“, „Конак Чардак“ и „Таверна Ели“.

Од Спортскиот центар изјавија дека сегашниот управител Александар Петровски користи репрезентација само во ВИП Кугланата која се наоѓа во комплексот на Спортскиот центар , и тоа кафе еспресо, вода, чај… и дека најголемиот дел од трошоците се направени во времето на претходниот управител Златко Перински

 

Од документите што ги испратија АД „Аеродроми на Македонија„ – Скопје може да се заебележи дека најчесто се правеле нарачки на кафе и чај, а неколку пати имале посети во „Буши ресорт спа“, „Ла тераца“ и „Плаза де торос“. Ова акционерско друштво за една година потрошило околу 100.000 денари или околу 1.500 евра на сметка за репрезентација.

 

Од Ј.П ”Службен весник на Р.М”-Скопје, надлежните во случајов, Лука Кржалоски и Марко Костовски, имале посети во „Калабалак“, Кафе бар „Темов“, „Паб Комедија“, „Баба Цана – Скопје“, „Кај баба Цана – Куманово“ и „Фурна“, каде што вкупно потрошиле околу 130.000 денари или близу 1.200 евра.

 

Ј.П. „Македонска радиодифузија„ – Скопје потрошиле околу 60.000 денари или 1.000 евра, а од добиените документи има сметки за угостителски услуги во ресторан „Олимпиа“, „Стејџ продукција“ односно ресторанот во МКЦ и други.

 

Најмалку средства за репрезентација во период од една година потрошиле Ј.П. „Македонија пат“ – Скопје, односно околу 30.000 денари или 500 евра. Во добиените документи има фактури за кафе, сокови, чаеви, минерална вода. Меѓу нив има и фактури за неколку ручеци за кои биле платени од 400 до 1000 денари.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)

Оставете коментар

коментар(и)