Решение за злоупотребите: Обележување на службените коли

Автор: Теодора Цветковска

 

Граѓаните и понатаму реагираат – службените возила се користат и за приватни цели. Македонија е мала земја со слаба економија, но тоа не ги спречува функционерите од сите нивоа да уживаа во привилегиите што им ги нудат функционерските фотељи. Речиси секоја државна институција има службен автомобил, без разлика дали има потреба од истиот. Дури и најскромната и најмалата државна институција во државава има свој возен парк.

Пред околу две години, јавноста ја разбранува веста за сообраќајката на Диме Спасов кој тогаш беше министер за труд и социјална политика. Неговиот случај за сообраќајната незгода во доцните ноќни часови со службениот џип беше предмет на истрага која се уште остана нецелосно разјаснета. Оваа вест предизвика и негодувања и коментари со потсмев за тоа како високи државни функционери располагаат со државен имот.

 

Властите се менуваат, навиките остануваат

 

И по минатогодишната смена на власта медиумите продолжуваат да регистрираат појава на злоупотреба на службени возила од носители на јавни функции.

Како резултат на медиумскиот притисок, неодамна падна првата политичка „жртва“ токму поради злоупотреба на службеното возило. Имено, директорот на Јавна безбедност на македонската полиција беше разрешен од својата должност откако медиумите објавија дека неговата ќерка со службениот џип на татко и била возена на одмор на море во камп во Грција.

Од истото министерство, неодамна првиот човек на специјалната единица Алфи е регистриран на викенд во Охрид со својата службена „Шкода“. Јавноста го оцени и овој чин за крајно не етичен.

Не само владините функционери. Ваквата злоупотреба е честа појава и на локално ниво. Во предизборието во 2016- та година локалните новинари во Крушево на дело ја регистрираа директорката на тамошната гимназија како со гимназискиот автомобил „ Форд Фокус“ си обавува приватни и партиски активности.

 

Манчевски: „Не мислам дека тоа ќе го реши проблемот, во прашање е и безбедноста“

 

Во отсуство на повисоки морални вредности кај политичарите и кај носителите на јавни функции, а со цел да се спречат или барем да се намалат злоупотребите во конкретниов случај на службените автомобили на високо позиционираните лица со јавни овластувања, СКУП предлага решение –да се обележат службените коли.

Првото несогласување дојде од Министерот за информатичко општество и државна администрација Дамјан Манчевски. Тој за СКУП вели:

Лично немам ништо против идејата да се обележат службените возила, секако ако тоа е во согласно закон, и процедури за протокол и безбедност, но не мислам дека тоа ќе го реши проблемот.

И сега голем дел од службените возила се лесно препознатливи, па тоа не беше пречка во минатото да се злоупотребуваат и без притоа никој да не одговара за тоа.

Главната поента и промена е дека сега постои одговорност за злоупотреба, за разлика од порано кога сите функционери носеа по дури и неколку службени возила цело време дома. Свеснота кај функционерите дека законите важат подеднакво за сите, и дека доколку ја злоупотребат својата положба за тоа ќе одговараат, ќе ја намали злоупотребата повеќе од обележувањето на автомобилите“.

Што се однесува до „безбедноста“  што како аргумент да не се маркираат службените автомобили на високите владини функционери ја посочува министерот за информатичко општество и државна администрација, еве пример, со велосипед „безбедно“ и во веќе небезбедната Европа министрите и денес одат на работа и од работа.

Наспроти министерот Манчевски, неговиот владин колега, министерот за отчетност и транспарентност Роберт Поповски има поинакви ставови. За оваа сторија на СКУП тој изјавува:

„Се согласувам со ваквата иницијатива и се надевам дека ќе биде разгледана од „Служба за општи и заеднички работи“ . Наречете го маркирање, обележување, сепак вакво нешто е потребно за да се спречи злоупотреба на службените возила од страна на државните службеници. Најприфатливо решение според мене е поставувањето на ГПС уреди во автомобилите , затоа што на тој начин функционираат и многу приватни компании.

Постојат правила како и кога треба да се користат службените автомобили и затоа е важно секој државен службеник да е совесен и да ги почитува службените добра кои доаѓаат заедно со неговата функција.

Јас како министер немам ништо против да се возам во службено возило кое ќе е маркирано ,но не со лого бидејќи тоа ја нарушува  безбедноста, сепак ГПС уредите се најприфатлива варијанта“.

 

Граѓаните – сведоци на злоупотребата на нивните пари

 

Над  94% од граѓаните во интернет анкетата на СКУП сметаат дека службените возила се злоупотребуваат, а над 58% сметаат дека маркираните автомобили помалку би се злоупотребувале.

Ако парите со кои се купени владините возила се на граѓаните, тогаш и за оваа тема нивниот глас е најреспектабилен. Оттука, граѓаните сакаат да знаат кој, кога и во кој период од денот и ноќта, во делник, викенд и празник, ги вози службените коли купени со нивните, буџетски пари. Па поучени од досегашните регистрирани злоупотреби на државните автомобили, тие недвосмислено ја поддржуваат иницијативата за нивно јасно видливо бележење.

Нивните ставови и барања ги запишаа и во обемната интернет анкета на СКУП:

 

 

Повеќе истражувачки стории на СКУП во последниве три години открија фрапантни бројки за тоа колкав број на службени автомобили имаат институциите на во основа сиромашната македонска држава. Енормни бројки за тоа колку автомобилите во државна сопственост трошат за гориво, сервисирање, осигурување и регистрации. Еве неколку примери:

Само скопскиот „возниот парк“ има 30 автомобили, од кола за градоначалникот до пониските ешалони во локалната администрација.

Во Кочани, од скромниот општински буџет одржуваат дури 18 возила.

За министерствата и за другите институции на државно ниво бројките се повеќекратно поголеми.

Град Скопје за пет години потрошил 6 милиони денари само за гориво. Кочани три милиони, а малото Лозово за едното возило кое го поседува дало речиси половина милион денари.

Ваквите енормни трошоци на употреба и злоупотреба на државни и народни пари е незамисливо во земјите со развиена демократија и со посилни економии – реагираат граѓаните. Нашата анкета покажа дека 94.1 % од граѓаните сметаат дека постои злоупотреба на службени возила од страна на државните службеници. Ваквиот процент посочува на силна недоверба на луѓето во институциите на власта.

 

За потребите на ова новинарска тема на СКУП, центарот за истражувачко новинарство, разговаравме и со директорите на неколку државни агенции.

Заменик директорот на МИА – Македонска информативна агенција во државна сопственост Халит Ајдини не покажа подготвеност да одговори на нашето прашање. Инаку, агенцијата располага со две службени возила кои исклучиво ги коритат директорот Драган Андоновски и заменикот директор, кај нив на располагање им се 24 часа и се не обележани дека се службени, односно на нив го нема логото на МИА.

Но, директорот на „Агенцијата за воздухопловство“  Горан Јандреоски вели дека „маркирањето на службените возила не е тоа круцијално за заштита од корупција.“

„Сметам дека злоупотребата  се базира на лична одговорност, совест и морални вредности. Не сум поддржувач маркирање затоа што е можно, од лични причини на поединци, да дојде до оштетувања на опремата за која одговорното лице на било која организација е одговорно за движен и недвижен имот.“, подвлече тој.

Сепак Јандреоски додава дека без предрасуди со гордост би управувал возило со ознака и логоа на институцијата на која е одговорен.

Александар Младеновски од неодамна е нов директор на Технолошки индустриски развојни зони – ТИРЗ. Тој вели дека во неговата дирекција досега немало злоупотреби на службени автомобили.

„Како институција сметаме дека доколку маркирањето на службените возила би овозможила поголема сигурност за во иднина да нема злоупотреба, би подржале таква владина одлука. Што се однесува до мене јас би се возел во обележан автомобил со цел да се распознава во однос на останатите возила во сообраќајот секако, со, крајна цел, како и досега кај нас, така и во иднина да нема никаква можност за нивна злоупотреба“.

Побаравме став и од Агенцијата за администрација. Оттаму велат дека маркирањето на службените возила како процедура треба секако да е некаде пропишана со закон или со подзаконски акт донесен од институциите на државната власт.

„Пред донесувањето на овие прописи треба да се отвори јавна расправа на која би се утврдиле придобивките од ова решение компарирано со искуството од одредени земји кои веќе го применуваат и на крај и на крај сметаме дека доколку овие чекори се исполнат, секако би се воспоставил ред во користењето на службените возила во смисла на тоа кој има право да ги вози службените возила и кога, (во работно време или после работното време), за кои цели да се користат прашања кои секако мораат да бидат уредени во одредени прописи“.

Директорот на СОЗР, Служба на владата на РМ за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски, вели дека нивните се ВИП возила за функционери од прв ранг, министри, претседател на држава, претседател на Собрание, премиер.

„Тие возила од безбедносен аспект нема шанси да бидат маркирани. Не можете да му ставите ГПС на премиер, МВР тоа никогаш нема да го дозволи. Не се проблем министрите, ние имаме правилници си има процедура. Не може никој да патува без патен налог. Агенциите и можеби треба да го направат тоа со маркирањето. Пред да дојдам јас ни тука ни во Владата не функционираа патните налози и не се почитувало. Јас воведов правилници и секој одговара ако ги прекрши правилата“.

Практиките во светот покажуваат и поинакво однесување и на највисоките функционери, кога станува збор за користење на државните ресурси.

 

Високи функционери – скромни во патувањето

Автентично преку фотографии покажуваат примерите на однесувањето на функционерите во богатите и демократски развиените држави:

Француската министерка Сесила Дифло на своето „возило“

Поранешниот лондонски градоначалник Борис Џонсон

Деновиве медиумите и социјалните мрежи ја пренесоа фото веста на која се гледа како младиот австриски канцелар Себастијан Курц како најобичен граѓанин, а во својство на премиер, за своето службено патување во странство користи евтина, нискобуџетна авио компанија, нешто се уште незамисливо за нашиот балкански бирократски менталитет.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Возило на царината во приватен паркинг!

А ова е пример од кај нас, од Скопје. Возило на македонската царина катадневно после претпладневното работно време се паркира пред станбена зграда во квартот „Буњаковец“. Дали само за потребите на „сопственикот“ за до работа и за од работа?

„Ние не сме ЈСП“ , вели директорот на СОЗР. Ама затоа и не сме ниту Австрија, Британија, Франција.

Властите се менуваат, прописите исто така, па сепак, како што велат и граѓаните, со навиките за привилегии и со нова политичка култура ни оди бавно. Актуелните европските искуства се позитивни, но нашите „корисници“ на јавните пари тие искуства се уште не ги допираат. И, како што вели еден од испитаниците во нашата анкета: „Пак ќе ги возат , ама барем ние ќе ги гледаме“ .

 

 

Примери од обележани автомобили на приватни фирми

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)

Оставете коментар

коментар(и)