Самохраните родители живеат со 25 денари на ден

Евгенија Јанакиеска

Рашо Радулов

 

Мојата ќерка се вика Сена. Живее со мене. Веќе една година сум без работа, а од државата не добивам ни пет денари. Се обидував цела година, одев постојано да молам по институциите за да ми помогне некако државата. Нема  каде не одев. Работев во една приватна болница пет години. Ме избркаа бидејќи моето малолетно дете кога беше многу болно немаше кој да го чува. Се обратив во Центарот за социјални грижи со документот од кој се гледа дека сум добила отказ. Од таму ми рекоа дека не ги интересира што веќе немам работа бидејќи моето дете примало 2.000 денари алиментација од таткото Суад. Ниту дошле ниту прашале дали јас навистина ги земам тие 2.000 денари“.

Ова е животната приказна на триесетичетиригодишната Тереза Христова од Скопје, која апелира да и се помогне со бесплатна правна помош од адвокат бидејќи таа е невработена и не може да си ги плати ни сметките. Приказна многу слична на животните приказни на уште голем број самохрани мајки и еднородителски семејства во Македонија. Заглавени  во лавиринтот на институциите, постојано бараат помош. Социјалната помош е мала, а при тоа потребно е да се исполнети одредени услови. Па така, за само 744 денари детски додаток од државата месечно родителот треба да помине скапа, но и мачна процедура, собирајќи документи од десетина институции. Но, и да се добие оваа сума, детскиот додаток не е доволен да ги покрие основните трошоци.

Парите не се единствениот проблем. Родителите кои се дел од еднородителски семејства се ограничени да работат во две смени бидејќи градинките работат само во прва. Ова го стеснува изборот на работни места на кои родителот може да конкурира на пазарот на трудот – пред се бидејќи голем дел од работите предвидуваат повеќе од една смена. Понатаму, деновите за боледување се недоволни, а работодавците немаат минимум толеранција доколку родителот ненајавено не може да се појави на работа дури ни за еден ден. Дополнително, овие семејства се соочуваат и со ненајавено прекинување на здравственото осигурување, па така се принудени на приватно лекување кое е многу скапо и за најголемиот дел недостапно.

Еднородителските семејства барајќи помош и помагајќи си едни на други, го создале здружението „Една може“. Бесплатни совети, психотерапевтска помош, правна помош, решавање на станбени прашања, собирање на парични средства за да се подмират стопираните сметки на членовите, чување на деца едни на други, барање и наоѓање работа се само дел од она што го нуди здружението, а родителите не го добиле од државата.

„Лани реализиравме истражување за детскиот додаток. Според истражувањето, жените сами мораа да ги обиколат сите институции и шалтери во оваа земја, па да си извадат документи, да платат многу пари, а тие пари да не им бидат вратени ни после една година на користење детски додаток. На еднородителски семејства од разведени родители им следува детски додаток со тоа што доколку е мајката невработена до скоро не можеше да има право да поднесе документи за да зема детски додаток. Но, ако сте невработена, ако сте и самохрана мајка, па и го немате правото на тие 700 денари, не знам за која еднаквост зборуваме во ова општество“, вели Дороти Пачкова, претседателка на здружението „Една може“, кое брои повеќе од 3000 членови.

Во Македонија недостасуваат 24 часовни сервиси за помош, недостасуваат градинки во повеќе смени, како и приоритетни запишувања во нив на деца од еднородителски семејства, но и предност во вработувањето. Самохраните мајки не само што немаат приоритет на пазарот на трудот, туку и се стигматизирани при барање на работа, а неретко и омаловажувани. Работодавците најчесто го делат ставот дека тие не можат да се посветат доволно за да бидат успешни и способни да донесат профит за компанијата.

Јас сум самохрана мајка на Илон, прекрасно момче што во август ќе полни две години. Како самохран родител се соочувам со многу предизвици, но не би го сменила родителството за ништо на светот. Мој најголем предизвик беше вработувањето. Во текот на бременоста бев осигурена во фирма во која сама си ги плаќав придонесите за да остварам право на породилен надомест. По истекот на овој надомест почна моето долготрајно барање работа. Иако квалификувана со запишани магистерски студии тешко беше да се стигне и до интервју. На интервјуата на кои бев многу често, самохраното родителство не беше сметано како причина плус. Дури во една компанија менаџерката- и сама мајка на две деца ми даде образложение дека многу е веројатно дека би си ја замразила работата бидејќи ќе ми одзема од семејното време со синот. И не ме примија. Во една меѓународна мисија, за која имав работено претходно, еден од членовите на комисијата на интервјуто, имаше и потсмешливи коментари од типот: може во ова ќоше да го ставиме бебето. Страшна е некултурата и несовесноста на луѓето во однос на судбините на другите луѓе“ ни го пренесе своето искуство скопјанката Маја Величкова.

Савка Тодоровска од Националниот совет на жени вели: „Во нашето општество поголем број невработени се самохрани мајки. Можеби е тоа стереотип, па нашата организација се грижи за надминување на стереотипи. Но, во ситуација каде што мајката самата се грижи за децата, неопходни се сервиси, неопходна е помош за да може таа да ги надмине сите овие проблеми кои што се всушност секојдневни и целодневни. Затоа мојата порака до општеството е отворање на сервиси од сите видови кои ќе можат да им ја олеснат работата на мајките да го надминат проблемот за грижата на децата за да можат да заработуваат и да не бидат на социјална помош“ вели таа.

Женското лоби на Македонија постои од 2000 година и во себе вклучува неколку здруженија. Иако добро запознаени со сите проблеми со кои се соочуваат еднородителските семејства,  сепак немаат направено многу по однос на ова прашање во овие 17 години. На нашето прашање што до сега Македонското женско лоби има направено за самохраните мајки, го добивме следниов одговор:

„Досега, директна програма која се бави со прашањето на самохраните мајки сме немале. Но, индиректно биле целна група на сите наши програми, а посебно на програмите кои се занимавале со двојната дискриминација на жените. Прво по основа на род, а потоа врз основа на самохрана мајка“, ни објасни Даниела Димитриевска од Женското лоби на Македонија.

Лилјана Поповска, поранешна претседателка на Клубот на жени парламентарки смета дека самохраните родители никогаш немале некој посебен третман во општеството. „Тие само делумно ја добија помошта во смисла на формално признавање на нивната положба и во поглед на посебни државни програми преку кои влегоа во оние ранливи групи кои добија приоритет при доделување станови, грантови, самовработување или за започнување за бизнис како и во делот на заштита како жртви на семејно насилство. Но проблемот со овие програми беше тоа што истите беа слабо буџетирани“ потенцира таа. Според неа, опсегот на самохраните родители кои влегле во овие проекти не бил голем и голем број родители останале без државна помош.

 

Министерството за труд и социјала најавува законски измени

„Ќе се направи измена и дополнување на Законот за семејство, со прецизно дефинирање на статусите „самохран родител“ и “еднородителско семејство“, вели Жаклина Величковска министерство за труд и социјална политика-раководител на одделение за односи со јавност- Ве информираме дека не се исклучува ниту можноста од трансформација на детскиот додаток во некој друг вид додаток, а во кој и каков ќе треба заедно МТСП, Центрите за социјална работа, граѓанските организации, граѓаните и меѓународните организации да најдеме начин како да ги структурираме правата и да дадеме одговор на различните ризици. Во таа насако формирана е и работна група која што ќе направи анализа за состојбите и можностите и ќе работи на измена и на дел од Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита.

 

 

Што предвидува Законот?

Детски додаток е право на детето и се обезбедува како паричен надоместок за покривање на дел од трошоците во подигање и развој на детето.
Право на детски додаток остварува еден од родителите на детето, државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Републиката, за дете државјанин на Република Македонија и на редовно школување во Републиката, ако родителот е: вработен во трговско друштво, јавно претпријатие, јавна установа, установа и друго правно лице кое врши стопанска дејност и друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единица на локална самоуправа и друго домашно и странско физичко лице и правно лице кое вработува работници, со најмалку половина од полното работно време, односно со него изедначеното работно време; корисник на правата од пензиско и инвалидско осигурување, според одредбите на Законот за пензиско и инвалидско осигурување;невработено лице кое прима паричен надоместок; корисник на постојана парична помош;воен инвалид и корисник на семејна инвалиднина; земјоделец-обврзник на данок од приход кој врши земјоделска дејност како единствено и главно занимање и занаетчија кој врши стари занаети и занаетчија кој врши занаетчкиски дејности кои се дефицитарни.

По исклучок ако родителот или член на неговото семејство е сопственик на деловен простор, основач на трговско друштво или установа, не може да оствари право на детски додаток за дете.

Странски државјанин кој има живеалиште на територијата на Република Македонија може да оствари детски додаток за дете согласно Законот за заштита на децата и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Македонија.

Детски додаток се остварува во зависност од возраста на детето и материјалната состојба на семејството. Право на детски додаток се обезбедува на дете до наполнување на 18 години живот и доколку детето од училишна возраст е на редовно школување и тоа: на дете кое е редовен ученик во основно училиште до завршувањето на школувањето за толку години колку што трае редовното школување, заклучно до 31 август во годината; и на дете кое е редовен ученик во средно училиште, за секоја учебна година заклучно со 31 август во годината но најдолго до наполнување на 18 години живот.

На дете на кое му престанало својството на редовен ученик не му следува детски додаток и правото му престанува од првиот ден на наредниот месец по престанување на тоа својство.

Дете кое наполно и трајно или за подолго од една година ќе остане неспособно за работа пред наполнети 15 години од животот или за време на редовното школување, има право на детски додаток за време на траењето на неспособноста на детето, но најдолго до 18 години живот. Како наполно и трајно неспособно за работа се смета и дете на кое му е признато право на работно оспособување се до негово успешно завршување, но најдолго до наполнување на  18 години живот.

По исклучок право на детски додаток има дете кое поради болест или повреда е спречено редовно да ја посетува наставата и заради таквата спреченост вонредно го продолжува образованието согласно со закон.

Детски додаток следува за децата  кои родителот ги издржува и тоа за деца родени во брак или вон брак, посвоени деца, како и за внуци, браќа, сестри и за други деца земени на издржување.

За децата земени на издржување, детски додаток следува и кога тие имаат родители, ако:

  • родителите им се наполно или трајно неспособни за работа;
  • се на издржување казна затвор;
  • им е одземено родителското право и
  • родителите се на редовно школување.

За деца земени на издржување детски додаток следува во случај кога и родителите и децата немаат имот или приходи од кои децата можат да се издржуваат.

Детски додаток следува и за дете кое е без родителска грижа, а е сместено во згрижувачко            семејство.

Детски додаток не следува:

  • за дете кое поради воспитување, школување или оспособување е во завод или установа во кои целосно бесплатно е згрижено за време додека е во заводот или установата и
  • за дете државјанин на Република Македонија за кое родителот остварил право на детски додаток согласно со прописите на друга држава.

Материјалната состојба на семејството се утврдува врз основа на приходите кои ги остварува семејството и бројот на членовите на семејството.

Приходи врз основа на кои се утврдува материјалната состојба на семејството се сметаат приходите остварени по сите основи на сите членови на семејството како приход на семејството, и тоа:

  1. плата и надоместоци на плата (намалени за придонесите утврдени со закон);
  2. пензиски примања согласно со закон;
  3. паричен надоместок за невработени лица;
  4. постојана парична помош;
  5. социјална парична помош;
  6. приходи по основ на: имот и имотни права; по основ на вршење самостојна дејност, по основ на вршење занаетчиска дејност и други на данок подложни приходи (од авторски права,  права од индустриска сопственост, договор за дело, вештачење, повремени приходи);
  7. приходи по основ на  вршење земјоделска дејност кој претставува катастарски приход кој служел како основица за утврдување на данокот од приход од земјоделска дејност;
  8. приходи по основ на привремена  работа во странство;
  9. примања остварени во странство на  работници деташирани во странство;
  10. алиментација и стипендии и
  11. цивилна инвалиднина.

Како приход не се сметаат: посебен додаток, надоместоци за телесно оштетување, паричен надоместок за помош и нега од друго лице, еднократна парична помош, еднократна парична помош за новороденче, родителски додаток за дете, приходите на згрижувачкото семејство, паричен надоместок за трошоците за згрижено лице во згрижувачко семејство, помош во случај на елементарни непогоди, субвенции по основ на вршење на земјоделска дејност како единствено занимање и алиментација која ја дава родителот за издршка на детето од разведен брак.

При утврдување на правото на детски додаток, вкупно  остварените приходи во претходната година од точките 1, 2, 3, 4, 5, 8, 9, 10 и 11 и  вкупно остварените приходи од претпретходната година од точките 6 и 7 на сите членови на семејството поединечно се собираат и се делат со 12, односно на онолку месеци за колку се остварени. Просечните месечни приходи на семејството се делат со бројот на членови на семејството.

Семејство во смисла на овој закон го сочинуваат брачните, односно вонбрачните другари, децата родени во брак, вон брак или посвоени, посиноци, внуци без родители земени на издржување и малолетни браќа и сестри (доколку немаат родители и се без средства за егзистенција), кои сочинуваат заедница на живеење, стопанисување и трошење.

За член на семејство не се сметаат: лицата на кои државата им обезбедила целосно бесплатно издржување, кои престојуваат најмалку шест месеци во странство или се наоѓаат на издржување на казна затвор.

Право на детски додаток има дете во семејство чии приходи по сите основи по член на семејство изнесуваат до 2.490 денари, а за дете на самохран родител  изнесуваат до  4.980 денари.Износите се усогласуваат со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Висината на детскиот додаток изнесува:

  • за дете од предучилишна возраст  и за дете ученик во основно училиште  716  денари;
  • за дете ученик во средно училиште до наполнување на 18 години живот 1.136 денари;

За децата наполно и трајно неспособни за работа, висината на детски додаток се определува на следниот начин:

  • за дете наполно и трајно неспособно за работа до навршени 15 години живот   716 денари;
  • за дете наполно и трајно неспособно за работа над 15 години живот до наполнување на 18 години живот 1.136 денари.

Вкупниот месечен износ на детски додаток за децата за кои родителот го остварил правото изнесува 1.800 денари. Износите на висините и вкупниот месечен износ  се усогласуваат  со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Со преминувањето на детето од основно во средно училиште се променува висината на детски додаток од првиот месец на учебната година.По исклучок за дете кое наполно и трајно или за подолго од една година ќе стане неспособно за работа пред наполнети 15 години  живот  или за време на редовното школување како и за дете на кое му е признато право на работно оспособување висината на детски додаток се променува од наредниот месец по наполнување на 15 години живот.

 

Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.

 

 

 

Оставете коментар

коментар(и)