автор: Горан Лефков
Неговата приказна за доаѓањето во Македонија е полна со случајности. Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко уште од моментот кога ја регистрираше првата фирма во Скопје го привлече вниманието на македонската јавнот, особено на новинарите.
„Значи излегувавме, јас гледам беше 5 октомври отприлика. Значи треба да биде топло, ама беше ладно, беше многу тмурно во Русија, беше топло, многу дојдовме овде, нешто невреме било, врне дожд, значи излегуваме, значи катастрофа. Јас гледам и си велам, што е ова. Да резервни, немaвме некаде и слетавме така. Дојдовме во хотелот, таму на Водно се сместивме и сабајле гледам зелено убаво, градот не е модерен беше се старо, значи сега е топ“.
Ова интервју од Фебруари 2014 година е едно од неговите ретки појавувања во јавноста. Навидум наивна приказна за убавините на Скопје го донела овде. Ростов на Дон е градот од каде стигнува Самсоненко. Во родниот град е познат по спортските обложувалници Бет Сити, кој е меѓу најпознатите брендови во цела Русија.
ТОЈ ДОАЃА ПРЕКУ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“, НЕГОВИТЕ ФИРМИ ПРЕКУ ОФ-ШОР
Самсоненко во Македонија доаѓа есента 2006 година. Само неколку месеци по победата на партијата на Никола Груевски. Во Македонија стигнува преку аеродромот Александар Велики, но неговите фирми пристигнуваат преку оф шор-дестинации.
Додека во Македонија неговата бизнис империја постојано се ширеше, неговите фирми во Русија се предмет на опсервации на руските судови. Скуп Македонија дојде до серија на документи кои покажуваат дека чести гости на фирмата на Фортуна, сопственост на мајката на Самсоненко се инспекциските служби.
Во една од пресудите на Арбитражниот суд во Република Татарстан, се поништува одлуката на Федералната даночна служба за донесување на административна казна против компанијата „Фортуна“. Според документите, инспекторите утврдиле нерегуларности во работењето на ова обложувалница, која вршел исплата на добивките без употреба на контролно-фискалната каса.
„Федералната служба за даноци најде неправилности низ цела Русија. Не само во Ростов дом, во Сибир и другите региони“, вели Андреј Захаров, новинар истражувач од Русија.
Во Македонија прв бизнис му се обложувалниците Бетсити Балкан. До 2011 година како вработен во фирмите на Самсоненко се појавува поранешниот пратеник на партијата на Груевски, Александар Пандов.
Сегашниот проект менаџер во фирмите на Самсоненко во Македонија е Ратко Капушевски поранешен директор на салата Борис Трајковски.
Иако СКУП-Македонија испрати неколку барања за интервју, Сергеј Самсоненко и неговите преставници не сакаа да се појават со изјава во овој документарец.
Бизнис-активностите на Самсоненко уште на сајмиот почеток го привлекуваа вниманието на медиумите.
„Јавното приватно партнерство помеѓу Самсоненко и Општина Аеродром е така, интересна една комбинација, тоа е најверојатно единственото јавно-приватно партнерство во кое партнерот, нема никакви обврски кон општината. Тие него му ја даваат салата на 35 години во тендер кој е нетранспарентен, во тендер во кој не постојат никакви технички и економски критериуми за општината на потенцијалните понудувачи и на крајот се постави прашање за легалноста на тој тендер и незапазувањето на правните процедури по кои се доделува“, вели Сашка Цветковска, истражувачки новинар во Нова ТВ.
Според неа, на последниот ден од рокот за кој се прибираат понуди за јавно приватно партнерство е склучен договорот со самата компанија, а тоа е Бет Сити Лимитед за доделување на 35 години под концесија на салата на МЗТ.
Владо Апостолов, новинар истражувач во БИРН, исто така ги има истражувано бизнис-активностите на Самсоненко во Македонија.
„Она што беше тригерот за целото истражување беше едно случајно на страницата на Централниот регистар видовме како фирмата која што го градеше спортскиот центар во Јане Сандански излегува од сопствеништвото на спортскиот центар, на местото на таа фирма доаѓа лично Самсоненко. Кога ја проверивме таа фирма која е претходниот сопственик испадна дека е кипарска фирма и тука се запалија светлата. Секогаш кога ќе имате комбинација русин и Кипар, нешто е тука во најмала рака интересно, да не кажам потежок збор. Кога ја проверивме таа фирма која е кипарската сфативме дека сопственик на кипарската е пак фирма од Белизе сместена на иста адреса накоја што се сите овие други фирми коие се актуални во Македонија и коишто се поврзани со бизнис елитата блиска до ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беше тригерот, тоа беше поентата, сомнежот чии се тие пари, како е тој дојден до тие пари“, вели тој.
СОМНЕЖ ЗА ЛЕГАЛНОСТА НА ПАРИТЕ
Самсоненко во Русија моментално има 4 активни фирми на негово име.
Во 2016 година ја затвора фирмата Бизнис Центар Орион. Пред една година фирмата Здравје Радово од Струмичко, станува сопственик на фирмата Здрав е-агро во Ростов. Самсоненко поседува 50% од акциите во Здравје Радово, воедно тој е сопственик и на 15% Здрав е-агро.
Во Фирмата Фортуна од Ростов на Дон еден од сопствениците се појавува Раиса Самсоненко, родена 1941 година и е мајка на Сергеј Самсоненко.
Експертите велат дека самото појавување на фирмите со седиште во од оф-шор земји јавува сомнеж за легалноста на парите. Тие алармират дека земјава е претворена во мека за валкани пари.
„Главниот кочничар на системот на спречување на перење на пари во Република Македонија, беше и сеуште е Министерството за внатрешни работи. Минстерството за внатрешни работи ги кочело тие процеси и информациите добивани од Управата за спречување на перење пари ги злоупотребувало за свои лични цели. Ние можеме да претпиставуваме, не можеме да тврдиме дали земале провизија од одредени предмети, дали ги злоупотребувале за свои политочки цели или имале тотално низок степен на професоналност па не знаеле да се справат со таквиот тип на извештаи“, вели Ване Цветанов, поранешен директор на Дирекцијата за спречување на перење на пари.
Тој потсетува дека „во тоа време министер за внатрешни работи беше Гордана Јанкулоска, директор на УБК беше Сашо Мијалков, директор на Бирото за јавна безбедност беше Љупчо Тодоровски“.
Симптоматично кај бизнисите на Сергеј Самсоненко во Македонија е што главни негови дејности се обложувањето и спортските клубови. Тој ги поседува обложувалниците Бетсити Балкан, фудбалскиот клуб Вардар и женскиот и машкиот ракометен клуб со истиот бренд.
КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ
Ваквата сопственост се коси со член 25 од Ети кодот на ФИФА во кој се вели:
„Луѓето поврзани со овој код им е забрането да земаат дирекно или индирекно учество или да се поврзуваат со било какво обложување, коцкање, лотарии или слични активности или трансакции поврзани со фудбалските натпревари. Ним им се забранува да имаат удели во компании, концерни и организации кои промовираат и организираат вакви настани или трансакции“ .
Конфликт на интереси во ваквите однесувања на Самсоненко гледаат и фудбалските работници во земјава.
„Влијанието на спортските кладилници врз клубовите каде што имаат сопствено учество е огромно и дека е со висок степен на криминал и корупција“, вели Љубомир Ѓурчевски, поранешен член на Управен одбор на Фудбалската Федерација на Македонија .
Можноста за местење на резултати, според него, е огромна.
„Конфликтот на интереси е тука. Профитот е немилосрден. Јас никогаш не би го исклучил, но како спортски работник секогаш ќе се залагам да тој конфликт биде надминат. Господинот Сасмоненко треба да се изјасни, дали ќе го напушти едниот дел од бизнисот или другиот, дали ќе остане само како бизнисмен со спортски кладилници или ќе вложува во фудбалот и фудбалските клубови“, вели Ѓурчевски.
Од каде извира моќта на Самсоненко во Македонија? Новинарите истражувачи одговорот на оваа прашање го наоѓаат во неговата блискост со владејачката гарнитура.
„Најголемата контраверза која нас како новинари не интересираше, беа, линковите на компаниите кои потоа тој ги превзема кои се во офф шор дестинации кои делеа исти адреси на други оф шор компании кои ние во претходи истражувања ги поврзувавме со кумот на господинот Миле Јанакиески, Дејан Панделевски со бизнисменот Орце Камчев, со порталот и неделник Република и други контраверзни функционери, моќници и бизнисмени“, вели Сашка Цветковска.
Блискоста со владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ не ја криеше ни самиот Самсоненко. Тој јавно се појави во спот нарачан од ова партија во 2014 година со отворена подршка на Никола Груевски.
новинари: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ
(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)