Сведоштва на армиски Скорпиони: „Лепеза“ е голема измама – не добив ни лиценца, ни работа!

автор: Стојанка Митреска

        

Зоран Карадаковски, поранешeн армиски скорпион, тврди дека бил изигран во Лепеза“, програма на македонското Министерството за одбрана, поддржана од Кралството Норвешка, и дека не ја добил заслужената лиценца за обезбедување, иако посетувал предавања во касарната во Штип, во која е сместен еден од трите центри на македонско – норвешкиот проект за преквалификација на воениот кадар.

Zoran Karadkovski (2)

Зоран Карадаковски

 

Карадаковски пред завршувањето на војничката кариера во АРМ, вели дека како и многу негови колеги бил на обука во рамки на програмата „Лепеза“ за да добие лиценца за обезбедување. За документот ( лиценца) издаден од Комората на Република Македонија за обезбедување на лица и имот што сега го поседува Карадаковски тврди дека си платил од свој џеб, наместо, како што му било објаснето, трошокот да биде покриен од норвешката донација. Поранешниот армиски скорпион бара од одговорните во „Лепеза“ да му ги вратат парите за лиценцата што сам си ја платил, а Министерството за одбрана да истражи зошто не била испочитувана процедурата во случајот со Карадаковски и не било постапено по примерот на другите војници на кои им било платено за обуки за лиценци за обезбедување, за возачки дозволи, за странски јазици…..

Од Лепеза“ не добив ништо. Бев на предавања во касарната во Штип, ми ветуваа дека ќе останам да работам во Армијата, но се беше џабе. Барам да ми ги вратат барем парите што полагав. За лиценцата платив 26.000 денари“, вели Карадаковски, поранешен армиски скорпион, а сега вработен во Агенцијата за обезбедување лица и имот „Никоб“ во Скопје.

Zoran Karadkovski (4)

„Лепеза“ е програма на Министерството за одбрана (МО) за преквалификација на воениот кадар, финансиски и стручно поддржана од Кралството Норвешка. МО со норвешката помош и поддршка веќе осум години уште во времето кога ресорот одбрана го водеше Лазе Еленовски ја спроведува транзицијата на припаднците на Армијата на Република Македонија, кои по истекот на договорите се принудени да ја напуштат армијата, и да почнат нова кариера како цивилни лица. Обуката се спроведува во три центри во Македонија – Скопје, Кичево и Штип.

Војникот Карадаковски тврди дека бил на обука во време кога „Лепеза“ во јавноста беше претставена како проект со кој Министерството за одбрана покажува целосната грижа за војниците кои со наполнети 35 години, беа принудени да ја напуштат службата во АРМ. Подоцна беа направени измени во Законот за служба во АРМ со кои на војниците им беше дозволено да останат на работа до 38 годишна возраст, а од 2012 година возрасната граница за професионалниот армиски кадар е до 45 години. Карадаковски, после сите постигнати успеси во дисциплината атлетика, после сите донесени пехари од натпреварите каде што учествувал како претставник на Армијата, ја напуштил службата на 35 годишна возраст, една недела пред да бидат направени измени во Законот за служба во АРМ со кој се пролонгира рокот за војниците до 38 годишна возраст. Во последните неколку месеци пред истекот на договорот за работа, војникот постојано добивал уверувања од старешините и како што вели, лажни надежи дека ќе остане на работа, дека ќе му го продолжат договорот, дека нема да  заборават што направил Карадаковски за АРМ:

Zoran Karadkovski (5)

Имам сертификат по АБХО, поради кој ми ветуваа дека ќе добијам чин водник, но и за тоа ме лажеа. Се натпреварував во атлетика (трчање) и ја преставував АРМ, на многу натпревари, имам добиено дипломи, пехари, медајли кои останаа во касарната да сведочат што јас сум направил за Армијата“, вели Карадаковски кому старешините не успеале ни лиценцата да му ја платат што му следува поради неговата одлука за враќање во цивилниот живот преку „Лепеза“.

Сепак, овој поранешен војник вели дека најголемото разочарување, освен во „Лепеза“, го доживеал кога бил спречен да учествува на голем спортски предизвик надвор од Македонија, за кој се подготвувал многу пожртвувано:

Се подготвував да одам на маратон во странство на 21 километар и на 42 километри како претставник на АРМ. Но, на лекарските прегледи наводно излезе дека ми нашле тумур, а после тоа за еден месец бев отпушен од работа со изговор дека имам 35 години старост. Подоцна ниту еден лекарски преглед не ја потврди дијагнозата што ми ја кажаа. И не само тоа, имав 15 дена слободни денови и плус годишен одмор и ако сакаа да ми дадат барем една недела од слободните денови јас ќе бев повторно вратен на работа, зошто после една недела откако ме отпуштија ги донесоа измените на Законот во служба во АРМ со кој можеше да се остане на работа до 38 години. Ме избркаа буквално на последниот ден од истекот на договорот. Тоа никому се немаше случено, иако претходно три месеци наназад поднесувавме барање за продолжување на договорот“, се присетува Карадаковски и со горчина зборува за неправдите на работното место на кои, како што тврди бил сведок, со оглед на тоа што подолго време работел канцеларсиска работа,  како евидентичар на чета, под команда на Вториот батајлон:

Се работеа тајни работи. Колеги кои беа отпуштени од АРМ и немаа никакви чинови, преку ноќ ги враќаа назад, им даваа чинови водници и ги вработија во граничната полиција. Министерството за внатрешни работи има многу по ферски однос кон вработените, во споредба со АРМ и поради тоа искрено би сакала да работам во полиција“, вели Карадаковски кој дури и по напуштањето на АРМ бил принуден преку судски спор да тера правда:

Не ми беа платени ниту слободните денови, ни годишниот одмор, па морав да тужам за да ми го платат барем годишниот одмор. Слободните денови им ги простив. Поради начинот на кој постапија со мене, би сакал да го заборавам тој период. Но, неправда не можам да поднесам“, додава Карадаковски со надеж дека сепак можеби „Лепеза“ ќе ја исправи сторената неправда.

Според Министерството за одбрана професионалниот војник Зоран Карадаковски во периодот кога го доставил барањето да биде дел од „Лепеза“ се случило затворањето на амбасадата на Кралството Норвешка во Република Македонија поради што конечниот текст и договор за соработка биле усогласени во втората половина на 2013 година, а Договорот бил потпишан во јануари 2014 година во времето на поранешниот министер за одбрана Талат Џафери.

Одговорот на Министерството за одбрана ви го пренесуваме во целост:

 „На поранешниот професионален војник Зоран Карадаковски работниот однос му престанал на ден 06.06.2007 година, додека барање за вклучување во Програмата ЛЕПЕЗА доставил на 17.09.2012 година, односно пет години и три месеци по престанокот на службата во Армијата.

На крајот на 2007 година, сите поранешни професионални војници, вклучувајќи го и Зоран Карадаковски, беа информирани за можностите за вклучување во програмата ЛЕПЕЗА, а во програмата се вклучија 17 поранешни професионални војници. Бидејќи вклучувањето во Програмата е право и лична определба на секој поединец, Карадаковски тогаш одлучил да не се вклучи во Програмата.

Зоран Карадаковски по повеќе од 5 години, односно на 17.09.2012 година доставил барање за вклучување во Програмата. Комисија од Министерството за одбрана го разгледа и одобри неговото барање за стручно оспособување, за добивање на лиценца за обезбедување на лица и имот, согласно член 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во АРМ од 24.02.2011 година.

Поради затворањето на амбасадата на Кралството Норвешка во Република Македонија конечниот текст и Договор за соработка со Кралството Норвешка, со кој се обезбедени финансиски средства за реализација на активностите се усогласени во втората половина на 2013 година, додека Договорот е потпишан во јануари 2014 година.

Со измените на Законот за служба во АРМ од 06.02.2014 година, на поранешните професионалните војници, на кои работниот однос им престанал заради исполнување на старосната граница од 35, односно 38 години возраст и кои биле невработени на 31.12.2013 година, Владата на РМ им обезбедува вработување во државните институции. Бидејќи Зоран Карадаковски согласно податоците од Агенцијата за вработување на Република Македонија немаше статус на невработено лице на 31.12.2013 година, не постоеше законска можност за негово вработување во државна институција, согласно одредбите од наведениот закон. Бидејќи суштината на Програмата ЛЕПЕЗА е обезбедување на помош и поддршка за вработување во цивилни структури, а Карадаковски во меѓувреме е веќе вработен, не постои правна можност за понатамошно користење на Програмата ЛЕПЕЗА од негова страна.“

 

„Лепеза“ е добра приказна, ама сепак ќе одам во странство

 

За „Лепеза„ низ призмата на искуството на отпуштени инженери, професионалци со стаж во мировните мисии ( посебно во Авганистан) војници што работеле во логистика, врски можат да се слушнат контрадикторни коментари:

Лепеза“, ме научи како да размислувам за бизнис, како да направам пари, а не само да чекам плата. Подолго време, психички се подготвував за мојата идна кариера, зошто бев свесен дека по истекување на договорот, ќе мора да си одам од АРМ, иако се уште сум млад и можам да работам. „Лепеза“ беше пријатно искуство, но сега кога треба да се направат конкретни чекори, оди бавно и тешко. Ќе почнам приватен бизнис, но не знам каде ќе стигнам, со оглед на ситуацијава во државава. А, можеби ќе одам и во странство, во подобар живот“, вели еден од курсистите на „Лепеза“.

PRIRACNIK-ZA-TRANZICIJA-LEPEZA1_Page_01

Планирај ја иднината, наместо да се трудиш да го смениш минатото“, со оваа девиза, сместена под насловницата на прирачникот за транзиција „Избери втора кариера“ , наменет за кадарот во транзиција, „Лепеза“, по примерот на странските искуства се обидува да го внесе воениот кадар во нов професионален живот. Сепак, дел од војниците, соочени со горки искуства сами решаваат да го одберат својот професионален пат.

Зоран Ангеловски, поранешен војник во армискиот ВИНГ вели дека  Лепеза“ е пералница на пари –„ ја измислија за да им најдат работа на старешините и на офицерите“. Ангеловски, како што се присетува, откако се уверил како што вели дека „Лепеза“ е мамка за губење време во институцијата на која и служел повеќе од 10 години, извадил бугарски пасош и решил возачката дозвола да ја искористи во потрага на подобра живеачка надвор од Македонија. Како возач на камион, Ангеловски сега работи и живее во Дизелдорф, сосе фамилијата.

Професионалните војници со кои разговаравме, а кои преку проектот за преквалификација ја запечатиле својата војничка кариера се согласни во едно – дека „Лепеза“ е добро смислена приказна со која воениот кадар во подготовката за цивилниот живот се испраќа со порака дека државата не е маќеа, туку татковина која се грижи за своите војници и нема да ги остави на улица. Велат дека проектот е потребен и корисен, но имаат замерки на неговата реализација.

Акцијата „Армиско оружје“  саботажа на „Лепеза“

 

Проектот „Лепеза“ е планиран и реализиран елемент на подсистемот на одбраната, наречен Менаџмент со човечките ресурси. Во фазата на трансформација на АРМ, како дел од сегментот човечки ресурси, било оценето дека возрасната структура на постојаниот состав на армијата и бројната состојба не соодејствува со планираната и потребната, согласно НАТО партнерските цели. За да му се помогне на воениот персонал за полесна адаптација во цивилниот живот, а земајќи го во основа американскиот модел, во 2005 била предложена „Лепеза“, а во 2006 почнал  да се реализира проектот, како дел од планот на Министерството за одбрана. Било замислено финансиската конструкција на проектот да биде дел од буџетот на Министерството за одбрана, а дел од донатори (домашни и странски). Отворањето на центарот на „Лепеза„ во Скопје се случи на 14 декември 2006 година, напладне во касарната Гоце Делчев во општина Аеродром, пред целиот офицерски кор од Генералштабот и пред клучниот персонал од Министерството за одбрана.

Sofe

мајор Горан Софески

Токму тој ден во попладневните часови МВР изврши серија приведувања на лица офицери и државни службеници по акцијата „Армиско оружје“ со што го саботираше проектот „Лепеза“. Понатамошното опстојување на Лепеза во новонастанатите услови со одлука на Лазе Еленовски како министер за одбрана доби криминогена улога, без дебата и дискусија за целисходноста на Лепеза (под)офицерскиот кор ја изгуби вербата во искреноста на проекот во кој ги вметнаа и професионалните војници како дел од програмата“, вели мајор Горан Софески, кој е во исчекување на повик од „Лепеза“ со оглед на тоа што до почетокот на неговата цивилна кариера остануваат уште неколку месеци.

Не знам зошто, но се уште немам повик од “Лепеза“. Вообичаено е, кадарот во транзиција да го контактираат неколку месеци пред истекот на рокот за пензионирање“, се чуди Софески.

 

Професионалните  војници, како што вели Софески, се ресурс на одбраната кој не подлежи на нормативниот дел од „Лепеза“ во таа фаза, бидејќи нивните договори за работа во делот обврски на работодавачот нема предвидена ставка за грижа на МО по истекот на договорот.

Новонастанатата ситуација особено по 2008 та година кога стана јасно дека Република Македонија нема да биде дел од НАТО, наместо да се укине програмата „Лепеза“ или да се преоцени нејзината целисходност, се одлучи таа да постане дел од секторот за менаџирање на човечки ресурси како одделение, а центарот во Кичево и Штип да добие по еден советник. Дуалноста во јасноста на проектот и денес создава реални основи за злоупотреби на персоналот на МО кој има раководна позиција. Па, така денес во систематизацијата на МО проектот „Лепеза“, веќе не е проект туку одделение за транзиција кое има центри за транзиција, нешто што е надвор од дефинираниот и вообичаениот начин на опис на елементите на системот на одбраната“, оценува мајорот Софески.

Шематски приказ на систематизацијата во Секторот за човечки ресурси

Shema

 

Министерството за одбрана на нашето прашање дали во Договорот за соработка е предвидено во процесот на враќање на воениот персонал во цивилен живот да бидат вклучени и професионалните војници посочува дека по оваа основа, 225 поранешни професионални војници ги искористиле бенефициите кои им биле овозможени преку Програмата ЛЕПЕЗА (професионална ориентација за втора кариера, стручно оспособување за цивилни професии и помош и поддршка за вработување).

Со Програмата за самовработување (грант во висина од 3500 евра), Програмата за вработување кај познат работодавач, Програмата за обука за вработување од Оперативниот план за вработување на Владата на РМ, спроведувани преку Агенцијата за вработување, голем број на професионални војници продолжија со втора карира по престанокот на службата во АРМ“, се вели во одговорот на Министерството за одбрана.

Мајор Софески го проблематизира и тоа што во буџетот од 2009 до 2014 година „Лепеза“ не се споменува во ниту еден облик и покрај фактот дека е сегмент кој за да функционира треба да има своја сметка.

Од една страна „Лепеза“ нема своја посебност во системот на МО, а од друга страна таа има свој дел во Планот за развој на одбраната (2011-2020) 6.3.3.1.5.:

Во следните три години Програмата “Лепеза” ќе продолжи да се развива и подобрува со цел да се обезбеди поголема поддршка на воениот персонал кој се враќа во цивилен живот.“ (извор: Долгорочен план за развој на одбраната 2011-2020).

Важно е да се истакне дека опфатот на „Лепеза“ со долгорочниот план добива проширување од почетната идеја бидејќи според Законот за служба на АРМ (Сл.весник на РМ бр.77/12) воен персонал подразбира:

  1. Воен персонал, во смисла на овој закон, е:

а) активен воен персонал

– воен старешина-офицер и подофицер и

– професионален војник;

б) воен персонал на стручно оспособување, односно обука

– војник на доброволно служење на воениот рок,

– лице на стручно оспособување и усовршување за офицер, односно подофицер и

– питомец на Воената академија и

в) активен резервен персонал

-лице од резервниот состав на Армијата поставено на должност согласно со актот за

формација на Армијата.

  1. Цивилен персонал, во смисла на овој закон, е:

– цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата.

 

Или кога би сакале да бидеме малициозни би рекле дека и војниците кои три месеци отслужуваат воен рок би требало да подлежат на проектот „Лепеза“, што е надвор од секаква логика и здрав разум“, коментира мајорот пред пензија.

Што вели МО ?: Обуки за 421 лице, буџетот „топ сикрет“

Вкупно 421 лице (поранешни припадници на АРМ – офицери, подофицери и професионални војници, кои ги исполниле законските услови) ги искористиле погодностите кои им ги обезбедило Министерството за одбрана. Како што нагласуваат во ресорното министерство во оваа бројка се опфатени лицата во досегашниот период на функционирање на „Лепеза“. Тоа значи од при крајот на 2006 година кога почнува  практичната реализација на програмата „Лепеза“,  донесена во 2005 година, како дел од Стратегијата за управување со човечки ресурси во Министерството за одбрана.

Иако не станува збор за информација која би била под заштита на „строго доверливо“, ниту за класифициран документ, Министерството за одбрана не одговори на нашето прашање за буџетот, односно колку пари досега се добиени како донација од Кралството Норвешка за проектот „Лепеза“.

Инаку, оваа програма, како што информира МО, на професионалните војници им понуди широка лепеза на можни обуки за цивилни професии:

Вкупно 225 војници ги посетуваа стручните оспособувања за цивилни професии. Најголема заинтересираност кај професионалните војници имаше за обуките од доменот на автосообраќајна струка (професионални возачи на транспортни возила и на автобуси, со добивање на сертификат за меѓународен транспорт), за обуката за добивање на лиценца за обезбедување на лица и имот, обуки за занаети, информатичка обука, обука за странски јазици, но и обука за започнување и водење на сопствен бизнис. Поранешните професионални војници имаа можност за искористување и на понудените обуки преку Агенцијата за вработување на РМ, како и на мерките за вработување и самовработување“.

Министерството за одбрана го нагласува и тоа дека професионалните војници имаат исклучителни работни и морални квалитети, како и широк опсег на знаења вештини и способности кои се преносливи во цивилните структури.

Посочуваме дека основна цел на програмата „ЛЕПЕЗА“ е подготовка и обезбедување на квалитетна помош и поддршка на лицата за транзиција (офицери, подофицери, професионални војници и цивилен персонал на служба во Армијата) на кои им престанува службата во Армијата, за враќање во цивилен живот, давање на високо ниво на општи и специфични знаења, вештини и квалификации, како и помош и поддршка за вработување во цивилниот сектор т.е. започнување на втора кариера во цивилните структури“, објаснуваат во МО со детали дека во периодот од 2006 година до 2009 година, основна цел на програмата „Лепеза“ била да даде поддршка на трансформацијата на Армијата и на процесот на редукција на воениот персонал. Во тој период, програмата функционирала по принципите на програма-проект, од која произлегуваат повеќе проекти, а била финансирана од страна на Кралството Норвешка.

„Воспоставено е посебна организациска структура при Секторот за човечки ресурси на Министерството за одбрана, во чиј состав функционираат три центри за транзиција (во Скопје, во Штип и во Кичево). Низ повеќе видови на обуки вработените се оспособени за извршување на задачите од процесот на подготовка за враќање во цивилен живот“, велат во МО .

Со Законот за служба во АРМ од 2010 година, подготовката за враќање во цивилен живот стана постојана функција на управувањето со човечки ресурси во Министерството за одбрана и во АРМ. Со Законот за служба во АРМ е дефиниран пакетот за враќање во цивилен живот кој опфаќа: советување за справување со промените и избор на втора кариера во цивилните структури, стручно оспособување за цивилни професии и советување и поддршка за користење на програмите и проектите на Владата на Република Македонија за вработување или самовработување.

На нашето прашање за извесноста на проектот или за негово евентуално повлекување, Министерството за одбрана истакнува дека проектот продолжува да биде „одлична можност за подготовка за враќање во цивилен живот на офицерите, подофицерите и цивилниот персонал на кои им престанува службата во АРМ, поради  структурни реформи или загубена здравствена и физичка способност“.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)