Северна Македонија прва пилот-земја во регионот за етичка примена на ВИ во новинарството

Северна Македонија е првата пилот-земја во регионот која, со поддршка на УНЕСКО, започнува процес на поврзување на универзитетите и медиумските редакции за одговорна и етичка примена на вештачката интелигенција во новинарството и медиумското образование.

Активностите се спроведуваат преку СКУП-Македонија, во рамките на проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративни алатки за вештачка интелигенција и медиумското покривање на ВИ преку образование по новинарство во Северна Македонија“, поддржан од Интернационалната програма за развој на комуникациите на УНЕСКО (IPDC).

Проектот вклучува серија тренинзи и предавања наменети за новинари и уредници, со фокус на основите на ВИ, генеративните алатки и нивната употреба во медиумското известување, со посебен акцент на етичките принципи.

Вукојевиќ: Медиумите се меѓу најпогодените од развојот на ВИ

На првата сесија предаваше експертот за вештачка интелигенција Борислав Вукојевиќ од Универзитетот во Бања Лука.

Тој оцени дека малку области се толку силно погодени од брзиот развој на вештачката интелигенција како медиумите.

Според Вукојевиќ, предностите што ги носи ВИ им овозможуваат на корисниците поголема слобода при изборот на алатките и начинот на нивната примена, но придобивките за новинарството и општеството зависат од тоа како технологијата ќе биде тестирана и поставена во професионалните процеси.

„Вештачката интелигенција може да придонесе во новинарството и општеството само ако се тестира и се постави на правилен начин“, е една од клучните пораки од сесијата.

Фокус на етиката, не само на технологијата

Програмата не е насочена само кон совладување на новите ВИ-алатки, туку и кон прашањата што нивната употреба ги отвора за професионалните стандарди, одговорноста и довербата во медиумите.

Целта е новинарите и уредниците подобро да ги разберат можностите, но и ограничувањата и ризиците од генеративната ВИ, како и начините на кои таа може да се интегрира во редакциската работа без да ги поткопа основните принципи на новинарството.

Преку поврзувањето на академската заедница и редакциите, проектот треба да придонесе кон развој на знаења и практики за користење на ВИ во новинарството во функција на јавниот интерес.

Оставете коментар

коментар(и)