Автори: Евгенија Јанакиеска
Никола Рашо Радулов
„Бев сместена во Пелагонија и искрено требаа врски. Имав другарка на којашто и беше пријател тој што беше претседател на домот и преку него влегов, иако ги исполнував сите услови, ми требаше за полесно да влезам. И понатаму наредните години бев во Пелагонија, но не се сеќавам дали фаќав врски, но требаа-за подобри услови, за поубава соба. Живеевме четири цимерки во една соба, а да бидеш сместен во апсолвентска соба беше неостварлива желба. Сум чекала саат само за во читална, сум си носела столче од едниот крај на домот до другиот, сме чекале по саат време во кујна за едно парче стек“.
Ова e личното искуство на дипломираната Елена Кузмановска, додека била станарка на студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје за тоа како се добивало легло во студентските домови. Но, слични искуства имале и дел од нејзините колеги-станари во другите студентски домови.
„Не знам дали престојувале луѓе кои не се студенти, само една година престојував во студентски дом. Но, со сигурност можам да кажам дека многу од леглата се добиваа преку СПУКМ. Лично познавам студенти кои биле принудени да доаѓаат да гласаат за избор на претседател на СПУКМ само за да не ја изгубат собата“, вели М.С.
Еден друг поранешен студент И.Ј. раскажува како ги поминал четирите студентски години во Скопје:
„Сите четири години од студиите ги поминав во студентските домови во Скопје. На почетокот не знаев за никакви проневери со леглата, но како што почнавме да се запознаваме меѓу себе, така почнуваа да се шират разни гласини. Со сигурност можам да кажам дека дел од апсолвентските соби се доделуваа на додипломци, со врски, а за една од личностите и дека не е воопшто на студии. Сум слушал се, дел од тоа сум видел, сепак немам разбрано за некакви санкции кои се однесуваат на тоа“.
Со години кружат разни гласини за тоа како и кој се и на кој начин во Македонија може да дојде до студентска соба.
Станарските искуства говорат дека во домовите се сместуваат и државни службеници, возачи на функционери, а приказните одат дотаму дека во студенстските домови постојат и таканаречени тајни соби кои ги нема на ниту еден список, дека во домовите живеат лица кои веќе го немаат статусот на студенти, дека е јавна тајна дека има делење на соби на партиски подобни луѓе, дека потоа дел од нив се препорадаваат на тие што немат врски па се до тоа дека соби им се издаваат и на млади брачни парови. Листата на ваквите девијантни појави, според кажувањата на станарите, е долга. Сепак, со години не само што институциите молчат и што никој не реагира, туку уште позагрижувачки е фактот што и никој не ги демантира ваквите гласини.
Како до студентско легло?
Секоја година кон крајот на летото се распишуваат конкурсите и почнуваат апликациите за легла во студентските домови. Ако не во сите, во повеќето од нив, условите за престој се граничат со елементарно човечки. Но, тоа, со години по ред не ги спречува студентите да бараат место за свое сместување. Државните субвенции за собите и за мензите го прави своето –студентските соби и кујни да се единствената можна опција да се престојува во универзитетските центри.
Поради скромниот студентски буџет и финансиските можности на нивните родители, за мнозинството бруцоши и постарите студенти, домовите и натаму остануваат единствена најевтина можност за сместување. Поради овие елементарно егзистенцијални причини и покрај лошите услови студентските домови и натаму се најтрактивни сместувачки капацитети. Бројот на кандидати е огромен зашто да се плаќа кирија за стан и трошоци за режија, за струја, вода, греење, за голем дел од македонските семејства е преголем залак.
По објавување на конкурсот секој студент прво треба да пополни електронска пријава, а потоа да ги собере потребните документи и да аплицира. Распределбата на вкупниот број на расположливи места во домовите се дели во неколку групи, од кои 40% за студенти чиишто родители имаат пониски приходи од висината на минималната плата, деца без родители, студенти со посебни потреби, студенти од семејства кои примаат социјална помош, или чиишто родители се невработени, дел од местата се резервирани за најдобрите студенти, а преостанатиот, за студенти по останатите критериуми пропишани со закон. Но, колку ова кореспондира со релната слика, со објективните потреби?
Истражувањето на СКУП покажа дека се уште многу нешта во врска со потребниот број легла и елементарните услови во студентските домови, не се решени.
Покрај многубројните проблеми кои постојат во студентските домови, два од нив се најзагрижувачки. Ова особено се однесува на условите во кои живеат студентите и корупцијата во распределбата на студентски легла.
Во разговор со Атанас Бојчев, директор на Студентски центар Скопје, дознавме дека списоците се целосно во надлежност на Министерството за образование и наука. Тоа се списоци кои по завршување на конкурсот ги составува комисија од троjца членови и нивни заменици. Но, и покрај тоа што немале увид во исполнувањето на условите, членовите на комисијата за избор забележувале дека нешто не е во ред, вели Бојчев:
„Ние немаме увид во тоа кој ги исполнува условите, а кој не. Меѓутоа до сега, во изминативе години, евидентно е дека има и станари со скапи возила, лица кои и според возраста едноставно се познава дека не се студенти и не ги исполнуваат условите за сместување. Ние не можеме некого да вселиме, го немаме тоа право, но подоцна ако има проблеми можеме да го отселиме. Но, кога доаѓаат за вселување немаме надлежност нешто да направиме.”
Студентската организација исклучена од можноста за решавање
Студентски парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, за првпат годинава немаат свој претставник во Комисијата која одлучува за кандидатите за сместување во студентските домови, вели Давор Поповски, претседател на СПУКМ:
„Министерството за образование и наука нас како СПУКМ не нè вклучи во процесот за сместување на студенти. Ние пуштивме допис до министерството дека сакаме да имаме членови во комисиите кои се одговорни за сместување на студентите во студентските домови, но ова е првпат министерството да не одговори на нашето барање на СПУКМ да му се овозможи да има увид во тоа дали процесот на сместување е транспарентен за сите студенти.“
Во студентската организација, вели нејзиниот претседател, се запознати со одредени нерегуларности при изборот на студенти кои ќе престојуваат во домовите:
„Во СПУКМ има стигнато бројни жалби во однос на ова прашање, особено од студенти кои аплицирале во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Тие се сместени во друг студентски дом или воопшто не се сместени. Наместо да бидат во „Гоце Делчев“, а исполнуваат едни од најбитните услови за добивање легло во студентскиот дом, односно би требало да имаат највисоки бодови. Најголем број од апликантите кои нè исконтактирале се деца без родители, деца со невработени родители или деца со многу ниски примања кои се и едни од главните услови за добивање високи бодови при процесот на аплицирање.”
Девијациите се евидентни, но министерството молчи, а студентите само шепотат
Меѓу станарите студенти се зборува за тоа дека легла се издавале на лица кои воопшто не се студенти, дека апсолвентските соби не се доделувале за тие за кои се наменети, не се доделувале на додипломците, како и за други девијации:
„Во однос на ова прашање до сега немаме информации дека се даваат соби на луѓе кои не се студенти. Но ова се уште не можеме да го знаеме со сигурност бидејќи процесот на сместување се уште трае. Ако ова навистина се случува, веднаш ќе ја известиме јавноста“.
Поставивме барање за слободен пристап на информации од јавен карактер. Првото прашање се однесуваше на начинот на бирање на кандидатите откако ќе ги поднесат потребните документи, односно дали се врши по електронски пат или со комисија. Одговорот не беше задоволителен- раководителот Кенан Сали го цитираше делот од законот кој се однесува на постапката за аплицирање и условите кои треба да се исполнуваат, но ништо за начинот на бирање.
На второто прашање дали министерството ќе направи ревизија на студентите кои живееле во студентските домови изминативе години, врз основа на сериозни индиции дека постојат луѓе без статус на студент кои ги користат услугите на домовите, одговорот беше кус и повторно, не многу прецизен:
„После сместувањето Министерството за образование и наука ќе направи проверка на лицата кои престојуваат во студентските домови. Секој студентски дом функционира на различен начин, имаат соодветни простори кои ги издаваат на гости летно време и така натаму… Тие одлуки ги донесуваат управните одбори посебно во секој дом,” напиша во одговорот Кенан Сали.
Молк на студентите од домовите, молк на институциите, молк на официјалните претставнички тела на студентите, никаков демант, ниту убедување сите овие години дека начинот на доделување соби е легален. За сериозните индиции за корупција во студентските домови, само неколкупати е проговорено или напишано во јавноста.
Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.
„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.