СКАНДАЛ: Новинарите-„закана за безбедноста“ на ДКСК

„Вие сте закана за безбедноста на институцијата и не можете да влезете внатре“. Овој непријатен одговор го доби екипата на СКУП-Македонија од лице кое се претстави дека е шефот на обезбедувањето на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 6 април 2016 година. Со ова, новинарите беа спречени да поднесат барање за слободен пристап до информациите, согласно Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Голготата на СКУП во ДКСК започна на 6 април 2016 година околу 11 часот. Влеговме во објектот на улица Даме Груев бр. 1, каде на вратата нé пречека вработена како обезбедување во Комисијата во цивилна облека. По прегледување на личната карта нé запиша во книгата и нé праша „што бараме во Комисијата“.

И објаснивме дека сакаме да поднесеме барање за слободен пристап до информациите од јавен карактер до архивата на институцијата.

„Дајте ми го барањето, јас ќе го однесам до Архива“, беше последниот љубезен одговор што го добивме од вработената.

За не повеќе од 2 минути, лицето кое се претстави дека работи во Архивот на Комисијата со нашите барања се качи по скалите на вториот спрат, каде и се наоѓа кабинетот на претседателот на Комисијата, Горан Миленков.

После 10 минути, на пријавница се врати вработената од обезбедувањето, со нашето барање без архивски печат.

„Горан Лефков, вие сте од Кочани. Ќе заминете во Кочани и барањето ќе си го пуштите по пошта“, одговори вработената од обезбедувањето, враќајќи ни ги двата листа хартија кои требаше да бидат заверени во архивата на ДКСК.

На прашањето зошто не можеме да ги поднесеме директно во архива, таа револтирано одговори: „Епа не можеш да ги поднесеш овде, земи си ги листовите и оди жали се каде сакаш, во Собрание, во Влада, во суд“.

ДКСК, по се изгледа, не била вклучена во проектот промовиран од владата на екс-премиерот Никола Груевски, со кој „и беше ставен крај на шетањето од шалтер до шалтер“ на граѓаните. Според тој многу рекламиран владин проект, доколку не сте на вистинскиот шалтер, службеникот е задолжен да ве однесе на потребниот шалтер. Но, ова е за реклама, додека СКУП се соочи со поинаква реалност.

Инаку за 10 месеци, Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија поднесе 68 писмени барања и најмалку 20 обиди да поднесе усни барања, на кои скоро и да немаше ниту еден одговор.

 

Средба со шефот на обезбедувањето

 

Помина еден час додека ние чекавме да нé пуштат до архивата на ДКСК. Чекајќи  излезе вработената во обезбедувањето и нé замоли да „излеземе со нејзе надвор и да запалиме цигара“. Откако ние одбивме, таа излезе самата. Откако заврши со цигарата не праша:

„Планирате уште да седите овде или да го повикам шефот на обезбедувањето?“.

Одговоривме дека доколку нé пуштат да влеземе во архива и да ги завериме документите ќе заминеме веднаш.

После час и половина чекање се појави лице од обезбедувањето кој ни нареди да си ги земеме документите и да заминеме оттаму. И нему му одговоривме дека барањата сме ги донеле во архива на заверка.

„Сакаш ли да ти ги искинам документите и да ги фрлам во канта“, ни се обрати средновечниот човек од обезбедувањето на ДКСК.

По 10 минути повторно ни ја побара личната карта. Му ја дадовме, ја однесе во фотокопирот, ја ископира и листот го врати во пријавница. Повторно ги зеде двете барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер кои сакавме да ги доставиме до Комисијата.

„Како може да бараш вакви документи? Кој ти дава вакви документи? Зотшо си доставувал многу барања во Комисијата?“, ни се обрати тој видно изнервиран и ни ги фрли барањата на земја.

Dokumenti

Му објаснивме дека имам законско право да ги поднесам овие барања и дека ние сме новинари и дека ни требаат информации од јавен карактер.

„Ти си закана за безбедноста на Комисијата“, тивко прошепоти лицето од обезбедувањето, одбивајќи да објасни зошто новинари би биле закана за ДКСК.

Но, по 15 минути дообјаснување ни рече да ги земеме документите фрлени на земја и да заминеме со него во архивата. Влеговме внатре каде архиварката ги завери нашите барања за не повеќе од една минута, по голготата од речиси два часа.

 

Што крие ДКСК?

 

Сличен проблем за влез пристап до архивата на ДКСК, СКУП имаше и на 27 јануари 2016 година. Влеговме во архивата за да ги завериме барањата за информации од јавен карактер, но архиварката ни рече дека не може да ги прими и замина на вториот спрат во Комисијата.

„Ќе идам до горе, да го земам печатот. Таму ми е печатот“, рече вработената во архивата.

Ни рече да излеземе и го изгасна светлото во канцеларијата. По 10 минути чекање пред архивата од обезбедувањето ни рекоа да ја напуштиме просторијата и да чекаме надвор.

Пред влезната врата на ДКСК се сретнавме со еден гостин на Комисијата од Германија, кој рече дека работи на проект на Европската унија за оспособување на ова институција. Кога му ставивме на знаење за ДКСК во однос на неспроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и пречките кои им ги прави на новинарите,  тој се согласи да нé придружува до архивата за да ги завериме барањата. Со интервенција на господинот од Германија барањата беа поднесени.

 

Славко Ѓорѓиески недостапен за спроведување на Законот

 

Лицето Славко Ѓорѓиески е задолжен за помош на странките при спроведување на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Иако го баравме 10-на пати на пријавницата на Комисијата, тој никогаш не се појави пред нас да ни помогне, иако зема плата за тоа.

Оставете коментар

коментар(и)