Дана Ламбевска
И покрај најавените мерки за намалување на аерозагадувањето, Скопје и натаму руши рекорди во регионот. Во ноември Скопје стана познат како еден од десетте најзагадени градови во светот, а државава се рангираше на 34-тото место на листата на најзагадени земји во светот за периодот од 2018 до 2021 година.
Скоро и да нема ден кога во државава нема евидентирано зголемен степен на загадување, иако во претходниот период беа најавени низа мерки за субвенционирање со обновливи извори на енергија, клими, субвенции за греење на пелети…Се субвенционираше купување на инвертори за загревање, користење на соларни панели, се даваа субвенции за велосипеди, тротинети. Но, со почеток на енергетската криза сето ова падна во вода. Борбата за енергенси ја засени битката против аерозагадувањето.
Мерењата покажуваат дека вредностите посебно во однос на штетните ПМ 10 и ПМ 2.5 честички се намалени во однос на истиот период од 2017 година, но, повторно тоа не не спаси да ги полниме вестите од светот и повторно да станеме познати по аерозагадувањето.
Дополнително, мерните станици и годинава стануваат актуелни.
Министерството за животна средина и просторно планирање во моментов има 21 фиксна и една мобилна станица за следење на квалитетот на воздухот, но дел од нив се застарени или им е потребно сервисирање.
„Автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух во Куманово е исклучена поради настанат дефект на логерот за собирање на податоци во станицата. Се бараат начини, час поскоро, како да се надмине проблемот и да се овозможи комуникација со автоматската мониторинг станица“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму појаснуваат дека поради настанати дефекти или поради дотраеност на поединечни мерни инструменти, во моментов нема податоци од мерните инструменти во Центар, Карпош, Кочани и Гевгелија.
Се чека сервис на инструментите од мерните станици Според информациите кои ги добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање, во моментов се чека поправка на инструментите во дел од мерните станици. Па така, се чека на сервис на: · NO2 – Инструментот за мерење на азотни оксиди од автоматската мониторинг станица Центар не е во функција поради дотраеност. Замена на истиот е планирана во рамките на проект за набавка од ИПА 2 програмата. · CO – Инструментот за мерење на јаглерод моноксид од автоматската мониторинг станица Карпош не е во функција поради дотраеност. Замена на истиот е планирана во рамките на проект за набавка од ИПА 2 програмата. · CO – Инструментот за мерење на јаглерод моноксид од автоматската мониторинг станица Кочани моментално е на сервис и калибрација. · PM2.5 – Инструментите за мерење на PM2.5 од станиците Центар и Карпош се исклучени поради дотраеност на истите. Нивна замена е предвидена во рамките на проект за набавка финансиран од ИПА 2 програмата. · PM10 – Инструментите за мерење на PM10 од мониторинг станиците во Кочани и Гевгелија се моментално на сервис и калибрација. |
Од Министерството уверуваат дека мерните инструменти од Автоматските мониторинг станици за квалитет на амбиентен воздух се сервисираат редовно, при што во моментов средствата кои се одвојуваат за инструментите ги задоволуваат минималните потреби според производителот на мерните инструменти, но и додаваат дека „секогаш може да има отстапување во однос на неочекувани дефекти на мерните инструменти кои не се пропишани од страна на производителот во согласност со работните часови на мерните инструменти“.
Од ресорното министерство потенцираат дека од Буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање во 2021 година се набавиле две нови автоматски мониторинг станици за квалитет на амбиентен воздух кои се поставиле во Прилеп и Берово, додека во 2022 година се реализирала набавката на уште една нова автоматска мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух која се поставила во Охрид. Од министерството потврдуваат дека имаат недостиг од компетентен кадар за одржување на станиците. Но, додаваат дека во тек се конкурси за пополнување на работните места за сервис и одржување на станиците.
Една од најагилните невладини организации која го следи и алармира за загадувањето е О2 иницијативата.
„Речиси и да речиси да нема некакви отстапувања од состојбата изминатите години. Нема никакво подобрување, нема никакви драматични мерки кои ќе влијаат на намалувањето и како и вообичаено, единствениот спас се поволни метеролошки услови (ветер и дожд). Во овој период имаме зголемени вредности на PM10 и PM2.5 на речиси сите мерни места, од Берово до Скопје. Во овој дел од годината, греењето со дрва, нафта, мазут, јаглен е главната причина за загадувањето и има најголем удел, потоа се индустријата, сообраќајот и градежните активности“, вели Ели Пешева, од Иницијативата О2.
Во однос на најавените мерки за субвенциите со инвертори, таа смета дека оваа мерка влијаела минимално врз намалувањето на загадувањето на локално ниво, а поставувањето на фотоволтаици го заменува во голем дел централното фосилно производство на струја. Според неа, „промена на начинот на греење е решавање на половина од загадувањето во зимскиот период“, но таа додава дека „се чини дека сме многу далеку од оваа точка“. Пешева смета дека неопходно е да се продолжи со замена на начинот на греење, преку приклучување на топловодна мрежа, поставување на топлински пумпи, користење на геотермални води, поставување на фотоволтаци за локално напојување на струја на инвертерите, топлинските пумпи и сл.
„Паралелно треба да се работи на построги гранични вредности во индустријата, кои ќе треба да се постигнат преку новиот закон за контрола на индустриски емисии и кој треба да биде донесен, но се работи за подолг временски период, бидејќи со законот во последната верзија е предвидено тој да стапи на сила за две години. Мора да се употребуваат најдобри можни достапни технологии, да се намали употребата на кокс, мазут, нафта, јаглен и да има префрлување на гас секаде каде што е тоа можно“, потенцира таа. Како можни решенија таа ги наведува: контролата на емисиите во сообраќајот и исклучување на возила кои со издувните гасови влијаат на надминување на граничните вредности, чист, организиран, еколошки јавен транспорт, развиени и безбедни велосипедски патеки низ градовите, со што користењето на возила ќе се намали на минимум. Потоа, предлага да биде ставено под контрола палењето на отворено кое го имаме низ целата година, но доаѓа до израз во пролетните месеци и тоа е проблем кој се уште не е решен. Непознати сторители постојано палат гуми, кабли, земјоделски отпад, стрништа, депонии. Таа додава и дека потребни се стриктни стандарди при градење и зазеленување или поплочување на голите запуштени површини, како и контрола на прашината која доаѓа од градежни активности, од запуштени голи површини на земјиште има голем удел вон грејната сезона. Пешева нагласува и дека е жално што повторно буџетот за животна средина предвиден за наредната година е многу мал и е под еден процент. Во буџетот за 2023 година, како што нагласува, нема предвидени средства за „темпираната бомба на депонијата со хром“ на Југохром, каде канцерогениот шестовалентен хром понира уште подлабоко, загрозувајќи го изворот за вода, Рашче.
Ректорот на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски со години го следи загадувањето во државава. На универзитетот уште од 2015 година имаат поставено лабораторија Амбикон, во чии рамки е и одделот за животна средина, преку која се следи загадувањето.
„Субвенционирањето на инвертери, соларни панели, велосипеди, скутери дава резултати и има позитивен тренд на намалување на загадувањето во претходниот период. Ако се смета дека доминантен извор на аерозагадување во урбаната средина се старите начини на греење, старите печки на дрва, возилата и слично, субвенциионирањето за замена на истите се едно и единствено решение“, вели Мираковски. Прашан за причината зошто Скопје се еден од најзагадените градови во светот, тој одговори: „Граѓаните најверојатно поради енергетската криза се враќаат на старите извори на греење. Инаку, претходно од 2015 година па наваму, согласно извештаите од Министерството за животна средина имаме благ пад на аерозагадувањето. Тоа не се драстични падови, туку информациите од одредени мерни станици согласно тие извештаи не го пробиваат лимитот на просечната дозволена годишна вредност. Сепак, ако има околу 70 илјади горилници , печки, тогаш е потребно да се заменат барем 50-60 илјади за да има ефикасност во намалувањето на загадувањето. Тие се опциите за поефикасен начин на затоплување во домовите во урбаните средини. Субвенциите треба да се засилат“.
Мираковски се надева дека енергетската криза нема да трае долго. Тој смета дека топлотните пумпи се еден од најефикасните начини на греење. „За тоа дека се очекува замена на гасот со мазут вели дека е многу опасно и дека искрено се надева дека тоа нема да се случи. Но ако се случи, ако нема други опции најверојатно треба да се бира да се загреат граѓаните по цена на загаден воздух. Ако се одбере таа варијанта нема време да се преземат мерки за заштита од загадување бидејќи оџаците се дизајнирани за загревање на гас и дискутабилно е каква опрема имаат за прочистување и заштита на воздухот и голема е веројатноста дека аерозагадувањето во тој случај би било големо“, вели тој.
Мираковски е дециден дека „дефинитивно не сме спремни за заштита на воздухот во услови на енергетска криза“. Според Мираковски, дизелот е лош за загревање во однос на загадувањето, ама мазутот е катастрофален.
„И граѓаните што се загревале со сопствени топлотни пумпи на струја преминуваат во вакви услови на енергетска криза на нешто што е поевтино. Дека зимава ќе биде прилично загаден воздухот е се поизвесно“, смета Мираковски. Тој нагласува дека фотоволтаиците се пат кон иднината, но треба добро да се испланира поставувањето на вакви капацитети.
ЕУ регулатива ЕУ регулативата се состои пред се од Директиви за регулирање на аерозагадувањето. Една од нив е ЕУ Директивата за квалитет на амбиентиот воздух која ги поставува стандардите за 12 аерозагадувачи, меѓу кои и штетните ПМ 10 и ПМ 2.5 честички. Директивата, исто така, предвидува висококвалитетна мрежа за мониторинг која се состои од 4000 мониторинг станици (распоредени во членките на ЕУ) за мерење на квалитетот на воздухот. Онаму каде нивоата на загаденост се поголеми од лимитираните вредности, земјите членки треба да подготват план за квалитет на воздух или програма за да ги детектираат изворите. Дополнително, информациите за квалитетот на воздух треба да се презентираат пред јавноста. |
Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.