автори:
Бјанка Станковиќ
Ангела Петровска
Ангела Рајчевска
Сликите со скапи и луксузни возила од кои излегуваат натокмените функционери можеби до скоро граѓаните ги замислуваа како сцена од некој филм, но во последно време тоа стана стварност и на овие простори. Да не се случеше епизодата со прочуениот службен џип со кој поранешниот заменик министер за труд и социјала Диме Спасов се „прослави“ неславно во медиумите дека учествувал во две сообраќајни несреќи кој знае кога во јавноста ќе се отвореше прашањето какви возила имаат министерствата и воопшто јавните институции, кој ги вози и дали некој сноси одговорност за нив?
СКУП направи поопсежно истражување за возните паркови на институциите и откри фрапантни податоци: дури 27 службени возила на Министерството за труд и социјална политика не се пронајдени на службениот паркинг на министерството за време на вонредниот попис направен на 12 септември минатата година. Од нив, за три возила се задолжени државни службеници во министерството, но и тие не можеле воопшто да бидат најдени за да влезат на листата на попишани автомобили во септември минатата година. Додека, уште седум не се ни побарани бидејќи за нив постоеле одлуки дека тие се отстапуваат на користење на други јавни институции. Меѓу нив, е и џипот марка „Туарег“ со скопски регистарски таблички, кој стоеше во соопштението на Министерството за внатрешни работи дека предизвикало две сообраќајни несреќи длабоко во ноќта меѓу 28-ми и 29-ти октомври 2016 година.
(НЕ)УСПЕШЕН ПОПИС
Настанот со екс-министерот Диме Спасов предизвика голем интерес во јавноста од две причини: прво, што тогаш заменик министерот се возел со службено возило „во ниедно време“ и што џипот со кој управувал од страна на сопственикот, Министерството за труд и социјална политика бил позајмен на Агенцијата за вработување, која пак, му го отстапила на користење на министерот подоцна заменик министер Диме Спасов.
На нашето барање по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер кое го испративме до Министерството за труд и социјална политика во декември 2016 година, добивме одговор во кој е содржан извештајот за извршен вондреден попис на возниот парк од септември 2016 година. Во него се наведува дека за време на вонредниот попис на паркингот биле најдени само 10 службени влозила, додека голем дел ги немало за да може да се направи увид.
„Комисијата на ден 12.09.2016 година електронски побара од Секторот за финансиски прашања листа на службени возила кои се во сопственост на МТСП. На првиот состанок како одговор на барањето добиена е листа од 17 возила. Бидејќи листата не беше целосна, однсоно голем дел од службените возила кои се во сопственост на МТСП не се наоѓаат на листата и со таквата листа не може да се изврши целосен попис на влозилата“ се вели во писмениот одговор кој го добивме од ресорното министерство. Иако, тогашната министерка Фросина Ташевска-Ременски побарала од Секторот за финансиски прашања да достават целосна листа на службените возила, односно листа на возила кои не се во состав на претходно доставената листа и било одговорено дека е потребно време податоците да се изготват. Конечната листа и била дадена неколку дена подоцна.
Министерството за труд и социјална политика, исто така, потврдува дека 7 возила од својот возен парк отстапила на користење на други институции за кои е таа надлежна. Но, институциите располагаат со сопствен буџет, па е нејасно дали Министерството купило 7 возила повеќе отколку што му биле потребни, или пак, е тоа планиран „трик“, а судејќи според примерот на (зло)употребата од страна на Диме Спасов кој го користел службениот џип кој е во иницијална сопственост на МТСП и кој е префрлен на користење на Агенцијата за вработување, а таа, пак, му го отстапува на користење на својот генерален шеф, на министерот односно подоцна заменик министерот Диме Спасов. Во една ваква процедурална акробација практично е невозможно, каков и што е и впечатокот на граѓаните, да се има јасна слика за тоа каде е возилото и кој, како и за кои намени се користи.
Исто така, две возила во моментот на пописот не биле дадени на увид на Комисијата за попис. „До Комисијата во електронска комуникација доставена е Изјава од страна на државниот службеник Михајло Коштимовски кој воедно е и член на Комисијата, со која потврдува дека возилата Рено Клио СК 6542 АЛ и Пежо 307 СК 987 НТ се наоѓаат во затворениот дел на овластениот сервис и комисијата во текот на увидот не беше во можност тоа да го утврди“, се нагласува во одговорот кој го добивме од Министерството за труд и социјала.
КАДЕ ИСЧЕЗНУВААТ АВТОМОБИЛИТЕ?
„Дел од тие возила беа потоа пронајдени, но до крајот на мојот мандат не добивме официјален допис ниту документ од Агенцијата за вработување за користењето на возилото-Туарег кое го управувал Диме Спасов, а за кое побаравме документ од нив“, кусо ни одговори во телефонски разговор, екс-министерката за труд и социјала, Фросина Ташевска-Ременски.
Самиот факт што Министерството за труд и социјална политика не знае каде се и кој ги вози „исчезнатите“ автомобили, ги потврдуваат сомнежите на граѓаните регистрирани во електронската анкета на СКУП.
Статистиката ги регистрира следниве истражувања:
95 од 100 испитаници сметаат дека има злоупотреба на службените возила во РМ.
90% изјаснија дека е потребна зголемена контрола и регулација на службените возила на РМ.
На прашањето како да се спроведе зголемената контрола и регулација, 53,49 отсто ги сметаат паричните казни како најдобро решение а 46,51 отсто велат дека санкциите како отстранување од функција, одземање на возилото, зголемена локална контрола, суспендирање на сторителот од работното место без плата на минимум 3 месеци, систем на негативно бодување и раскинување на работниот однос ќе помогнат во решавањето на ваквите проблеми.
Анкетата покажува дека граѓаните се силно убедени дека во нашава земја, службените возила повеќе се злоупотребуваат отколку употребуваат. Тие кога станува збор за злоупотреба на службени возила оделно, најмногу прстот го вперуваат во министерствата. Дали ваквиот сомнеж е и поради најновиот случај на злоупотреба на службено возило на заменик министерот за труд и социјала, Диме Спасов. Тој користел службено возило надвор од работното време. Притоа сообраќајната незгода што ја предизвикал го сврте вниманието на пошироката јавност со што се откри дека и еден висок државен функционер како што е министер ги злоупотребува средствата што им припаѓаат на граѓаните.
Честите злоупотреби на службените возила за лични потреби експертите велат дека придонесува кон се помалата доверба на државните институции во јавноста. Анкетата покажува дека граѓаните бараат рационално корисење на службените возила, кои во крајна линија се купени со парите на граѓаните и, аналогно на тоа ,се и во сопственост на граѓаните:
СКУП побара одговор и од Министерството за внатрешни работи за тоа дали кај нив е пријавено исчезнување на возила од Министерството за труд и социјална политика. Оттаму до објавување на сторијата не добивме одговор.