СКУП истражува: Што „набилдаа“ функционерите во изминативе 10 години?

автор: Горазд Чомовски

 

Скромен, насмеан и “народен” човек. Вака повеќето граѓани го опишуваа премиерот со најдолг стаж во поновата историја на Македонија во не толку далечната 2006 година кога запливуваше во политичките води. Но, од тогаш до денес не само што имаше турбуленции во политичка кариера на сега веќе екс-премиерот Никола Груевски, туку и во неговите банкарски сметки, за кои прашање е колку би се поистоветиле со описот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во кој многумина гледаа надеж за посветла иднина.

 

КАКО „СЕ МНОЖЕЛЕ“ ПАРИТЕ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ?  

(кликни на сликата за повеќе детали)

Data from scoop.silk.co

 

Од “скромните” 40-тина илјади евра во не толку далечната 2006 година па до денес неговиот имот се зголемил најмалку пет пати бидејќи сега на неговото салдо кое се мери на над 30-тина сметки, картички и депозити има над 222.000 евра во различни валути. Заедно со имотот на неговата сопруга, заедничкиот имот се искачува до сумата од 230.000 евра. Иако и во 2006 година, а и сега нема недвижен имот и возила, сепак, Груевски со тек на времето очигледно станал љубител на уметнички слики кои сега вредат нешто над 10.000 евра.

СКУП ги истражуваше и другите функционери за тоа какво салдо набилдаа во изминативе 10 години. Ретко кој од нив останал на “чиста нула”.

Идниот можен мандатар на новата Влада и лидер на СДСМ, Зоран Заев кој политичката кариера ја почна како градоначалник на Струмица како единствен личен имот го навел побарувањето на заем во износ од 4,3 милиони денари или близу 70.000 евра. Иако важи за богат политичар, се друго куќа, земјиште, деловен простор, акции, па дури и депозити се водат на името на неговите родители, сопругата и децата. Дали е вистинито или не, судејќи според официјалните податоци, скоро идентична слика од претходните години.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за десетина години или од периодот од 2006 година досега, на своето банковно салдо за четири пати ја зголемил сумата. Па така, неговите 3.868 евра кои ги поседувал 2006 година в банка, сега станале 12.333 евра.

Пред 10 години тој пријавил стан вреден 150.000 евра и земјоделско земјиште во Кичево од 7.668 квадратни метри вредно нешто над 150 илјади евра. Нив ги нема во новиот имотен лист на Ахмети.

И неговиот колега, Мендух Тачи од ДПА го зголемил салдото на банкарските сметки, па наместо 26.031 евра колку што имал 2006 година сумата се зголемила на 158.618 евра. Го зголемил и имотот. Па така, пред 10 години имал две куќи во Тетово, од кои едната е поголема и е 1186 квадратни метри со овоштарник. Сега ги поседува исто така двете куќи, но пријавил и деловен простор кај куќата со помала квадратура која сега, за разлика од порано е далеку поголема.

 

ПАРИ, КУЌИ И СТАНОВИ

 

Како што поминувале годините не само што растел имотот на кумот на екс-премиерот Груевски, Зоран Ставрески и неговата сопруга, туку и нивните салда в банка. Од 21.000-те евра колку што поседувале во 2006 година, сега неговиот имот, заедно со тој на сопругата се движи некаде околу 168.000 евра.  Со сопругата земаат и рента од стан во износ од околу 1400 евра.

Пратеничката Силвана Бонева можеби се прочу во јавноста по големите суми за патни трошоци, но таа, и во 2006 година, како и сега, не пријавила скоро ништо како личен имот, туку како имот на брачен другар и имот на родители. Според ова, веројатно и го заслужува епитетот „најскромен пратеник“.

Од двете куќи кои ги пријавила како „имот на брачен другар“ во 2006 година, едната се води како „куќа за одмор“ во Стар Дојран. Како имот на брачен другар се пријавени и земјоделското земјиште од 2520 квадратни метри и двор од 254 квадратни метри.

И нејзиниот партиски колега од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски во 2006 година живеел на грбот на родителите. Како единствен личен имот пријавил дека зема “друг приход” во износ од 24000 денари годишно. И сега како и тогаш, двете куќи во Охрид и село Согле, и станот во Велес и земјоделските земјишта се водат на име на неговите родители. На негово име се води земјоделско земјиште во Б.Село од над 1000 квадратни метри. А во текот на својот десетгодишен политички ангажман се подновил со Мерцедес, акции и штеден влог, за кој не дал податок од каде му се парите.

Министерот без ресор, Павлески нема промени во имотната состојба, а исто и неговата колешка во Владата, министерката за култура, Елизабета Канческа -Милевска, која во една изјава за медиумите од поодамна кажа дека “живее на картички”.

Ако се суди според документите, на картички изгледа дека живее и нејзината колешка во Парламентот од СДСМ, Радмила Шеќеринска.  Таа имала десетина денарски и девизни картички и штедни книшки уште во 2006 година, иако износот не го пријавила. Бројот на овие картички и книшки е сега поголем, а вкупно на нив има околу 27.000 евра. Но, таа зема и кирија од еден од становите во износ од 12.000, иако не пишува дали се овие пари во денарска вредност.

Но, се зголемиле и недвижностите со кои располагаат со нејзиниот сопруг. Па, наместо три, Шеќеринска и нејзиниот сопруг сега поседуваат вкупно 4 стана од кои еден во Охрид, а трите се во Скопје. Но, нивната квадратура не е иста како во 2006 година, туку многу поголема од онаа пријавена пред десетина години.

 

„КУПИ КУЌА, КУПИ СТАН“

 

Со уште еден стан плус на нејзиното конто, својата десетгодишна политичка кариера ја заокружила и нејзината колешка од ДУИ, Теута Арифи. Арифи во текот на својот десетгодишен политички ангажман се здобила со уште еден стан во Скопје, со што вкупната бројка на станови кој сега го поседува е пет, заедно со станот во Тетово. Куќата во Тетово која ја пријавила како имот на родители сега ја нема во имотниот лист. Има уште едно возило “шевролет каптива”. И сега зема хонорар, но е намален и е 30.000 денари, а има и кредит од 50000 евра.

И Оливер Спасовски од СДСМ го зголемил својот имот. На неговото салдо стои дека недвижниот имот го добил најмногу во форма на подарок. Па така, наместо една куќа во 2006 година во Куманово, сега тој поседува две куќи, земјиште и шума во Куманово и Старо Нагоричане. Сега има и уметнички слики, а најголеми промени има во салдото во банките, каде од 120000 денари или 2000 евра, сега оваа сума се искачила на над 6000 евра.

Екс-претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски секој месец инкасира и пари од закупнина. Но за разлика од 2006 година кога пријавил дека има 100 евра плус приходи, која ја има како сума и се води како закупнина од деловен простор, тој секој месец зема и дополнително пари од киријата за издаден стан која месечно изнесува 43.665 денари или 710 евра.

Кредитот од 6000 евра на име на неговата сопруга во 2006 година, сега го нема на списокот на имотот кој го поседува како функционер.

Но, затоа тој го збогатил својот возен парк. Па така, наместо сеат ибица и цитроен ксара, Велјановски сега поседува два фолсквагени во вкупна вредност, а неговите деца имаат мотор „Јамаха“. Сето тоа вреди нешто над 3 милиони денари или попрецизно 50 215 евра.

 

ФУНКЦИОНЕРИ СО ДВОЈНИ ФУНКЦИИ

 

Инаку на сајтот на Државната комисија за спречување на корупција за голем дел од функционерите стојат по две графи. Па така, Елизабета Канчевска-Милевска можете да ја најдете и како пратеничка, и како министерка. Истото е и со Владо Мисајловски, актуелниот министер за транспорт и врски, кој, исто така, може да го најдете и како директор на ЈП за државни патишта. Тоа се случува и со Иван Стоилковиќ, Бил Павлески и други.

 

Заедно со неговата сопруга поседува четири штедни книшки и две девизни сметки, но во Комисијата не пријавил колку пари има  на сметките.

Вредноста на парите кои ги има на сметка не ги пријавил ниту некогашниот министер за надворешни работи, а актуелен пратеник, Антонио Милошоски, кој пријавил три трансакциски сметки заедно со неговата сопруга со опис „плата и заштеда“, како и „приход од кирија“ веројатно алудирајќи на киријата од 6100 денари која ја пријавил за рента на неговиот стан во Ахен, Германија. Во 2006 година живеел на кредит, а сега во 2017 година е животно осигуран.

 

ХАОС СО ИМОТНИТЕ ЛИСТОВИ

 

И неговиот колега во Собранието, генералниот секретар Жарко Денковски не дал податок колку пари чуваат во банка заедно со неговата сопруга, ниту како се стекнале со парите заедно, иако навел дека имаат две книшки. Исто така,

сега ги нема двата стана со квадратура од 165 и 77 квадратни метри со вкупна вредност од 6.6 милиони денари или 108 845 евра. Но затоа, во имотниот лист на две места навел „средства од продажба на недвижен имот“ во вкупна вредност од 3.690.036 денари или точно 60.000 евра. Со исклучок на Цитроенот Ц4 кој го поседува од 2006 година кога станал функционер, Денковски и неговата сопруга сега поседуваат Пежо 207 и Ауди „Ку“ 7. Освен кредитот од 40.000 евра, Денковски, сега со сопругата, во меѓувреме зеле уште три кредита и сега заедно отплаќаат кредити во износ од 81.000 евра.

Кај лидерот на Демократската партија на Србите, Иван Стоилковиќ податоците во двете графи не се идентични во целост, па не се знае кој имотен лист е обновен и важечки, а кој е со поодминат датум. Па така, тој во 2006 година пријавил стан од 70 квадратни метри вреден 35000 евра во Куманово, додека во поновиот имотен лист стои дека тој поседува стан од 106 квадратни метри во Куманово од 1991 година. Додека во другиот имотен лист стои дека има стан од 107 квадратни метри од 2007 година. Во двата имотни листа кои во моментов се активни на веб страницата стои дека Стоилковиќ е сопственик на земјиште. Во едниот пишува дека тој поседува земјиште од 6000 квадратни метри во с. Стрновац, додека во другиот стои дека има земјиште од 700 квадратни метри во Куманово. И за двете земјишта нема наведено колку вредат. Нема цена ниту кај моторните возила кои ги поседува. Во едниот лист стои дека има Ауди, а во другиот освен Ауди, стои дека поседува и возило Фолксваген. За разлика од 2006 година, каде стои дека е ко-основач на друштвото за трговија „Ламас Ко“, во поновите имотни листови тоа не стои.

 

Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.

 

 

 

 

Оставете коментар

коментар(и)