Случај Јовчевски: наместо заштита, добил отказ

Случајот на Јован Јовчевски е многу интересен и уникатен за историјата на македонското укажување. Примил информација од укажувач, ја процесуирал и наместо да го заштити државата, тој останува без работа и на улица.

Пишува: Горан Лефков

Државата не ги сака укажувачите. Ова е кратката реченица со која го започнавме разговорот со Јован Јовчевски, несуден укажувач, иако неговиот случај е единствен во Северна Македонија. Единствен можеби и во Европа бидејќи тој се јавува како офицер за пријавување на неправилности во ОТА (Оперативно техничка агенција) и како укажувач. За жал на крајот останува без работа.

Неговата голгота започнува во 2019 година. Тој е еден од првите луѓе што ја основаат ОТА.

„Јас тогаш со одредени луѓе од Министерството за внатрешни работи бев упатен со наредба да се оформи Агенцијата. Успешно го направивме, ја оформивме и правно и институционално. Во соработка со тие луѓе. Официјално во 2019 година започнавме со работа во ОТА (Оперативно Техничка Агенција). Го раскинавме договорот со МВР. Преминавме во ОТА.“, вели Јовчевски.

Почутувајќи го законот за укажувачи при основањето себеси се поставил за офицер за укажувачи во ОТА. Ова набрзо ќе му го претвори животот во кошмар.

„Јас како обвластено лице за прием на пријави од укажувачи добив 2 пријави од вработени, подоцна уште една. Го истражив случајот, видов дека се работи за незаконски дејствија и се работеше за разумни сомневања кон директорот Зоран Ангеловски. Од тие причини јас направив контакти со надлежни институции со Државната Комисија за спречување на корупција, со Јавното Обвинителство, со Судот, во поглед на тоа што може да се превземе. Ги нотирав пријавите ги оформив како што налагаше Законот за заштита на укажувачи, и фактички од таму и почнаа проблемите. За нецела една година против мене беа поведени 4 дисциплински постапки, две парични казни, два откази од работа, суспензија од работа, суспензија на мојот безбедносен сертификат, и конечно без одлука на Судот даден ми е отказ со одлука од ОТА“, вели Јовчевски.

Се обративме и до ОТА, од каде што го добивме овој одговор:

„Причина за отказот на договорот за вработување во Оперативно – техничката агенција на Јован Јовчески е тоа што тој како службено лице за време на вршење на службата изврши кривично дело потврдено со правосилна судска пресуда и тоа:

http://www.sud.mk/wps/portal/vsrm/sud/odluki/!ut/p/z1/jZDNbsIwEISfpYdcs0vJj-nN0JAWElBLLRJfqkCNSeXEkTHk9RvKoarUBva2q29WMwMcMuB1cSplYUtdF6rbcx68j_AxGIwnmCznIUGasihh8fPMXwxh_Q0EsechmWNCVq9jpBGG5G1EMZ4i8Fv0-M_QG_U9AO9_vwZ-DbkAPRFnwKXSm0tdtN4MiQRuxE4YYdyj6c57a5vDg4MOtm3rSq2lEu5WVw7-Jdnrg4XsNwl5FzT8cbF8moZIWTTwKXm59xIPVmejZdWoclvaVH8IBbk1RwFNxViGn746JbtFSu–AN2b5NI!/p0/IZ7_6G4408K0LOHF70AUE15A8Q24L4=CZ6_90D61BC0LOK780AMUELUGIJ5N3=NJdocumentDownload=/?caseId=9A8FDA40-8398-40A8-A149-58DCCFC7AA69&connected=false

На поранешниот вработен Јован Јовчески, од страна на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации му беше одземен безбедносниот сертификат, што пак е еден од неопходните посебни услови за работа во Оперативно – техничката агенција.

Исто така, би сакале да посочиме на член 31 од Законот за Оперативно – техничка агенција, кој ја уредува обврската за доверливост на директорот и работниците во Оперативно – техничката агенција кои се должи да ги чуваат како тајна податоците до кои дошле во

својата работа, не само за време на мандатот, односно вработувањето во Оперативно – техничката агенција, туку и пет години по неговото завршување, односно престанување на вработување, што особено се однесува на лични податоци или класифицирани информации во согласност со закон“, се вели во одговорот од ОТА. 

Голгота во институциите

Веднаш по примените претставки од укажувачите, тој се обраќа до Јавното Обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата. Но и од двете институции наидува на молк.

„Пријавата е поднесена до Јавното Обвинителство на 20 март 2020 година, барањето за институционална заштита, јас го имам поднесено во Април 2020 година. За еден месец поднесов барање за институционална заштита и до Јавното Обвинителство и до Државната Комисија за спречување на Корупцијата. Кога се исполнети условите на надворешно заштитено укажување. Институциите до кои е доставено барањето се должни во рок од 8 дена да превземат мерки за заштита. Јас чекам од Јавното обвинителство 15 или 18 месеци на одговор на моето барање. Четири известувања имам испратено до Државната Комисија за спречување на Корупцијата до Биљана Иванова и Ирена Поповска“, вели Јовчевски.

На конференцијата на Светскиот ден на укажувачите 2022 година, претставниците на Државната комисија за спречување на корупција, потенцираа дека не се запознаени со ваков случај, за да подоцна државниот секретар во Антикорупциска комисија Ирена Поповска го повика Јовчевски и му каже дека се работи на предметот, но до ден денешен, тој нема добиено статус на укажувач и сертификат од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Случајот предаден кај сомнителна судијка

Делото на суд против Јован Јовчевски го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ. Таа уште во извештајот на Стејт Департментот од 2016 година, беше посочена како судијка преку која се прават политичките манипулации во Кривичниот суд во Скопје.

„Во еден неофицијален разговор ја прашувам Судејке покрај толку докази како е возможно да донесете негативна одлука. Ми рече: Знаете професоре, ние сме платени од државата. Таквото поданичко сфаќање е неразбирливо. Јас сум свесен дека со постапкиве ќе одам до Стразбур. Јас можеби и ќе издржам, но што со оние луѓе што биле храбри, со интегритет настапиле во одбрана на јавен интерес, во одбрана на правото или правата на луѓето, владеењето на правото“, вели Јовчевски.

Тој додава дека судијата Елена Јосифивиќ, која е позната во јавноста по своите контраверзни одлуки, направи толку процесни грешки. 

За разрешување на Елена Илиевска Јосифовиќ имаше  барање до Судскиот совет од страна на поранешното СЈО, но тоа беше одбиено.

Истата судијка јавноста ја брануваше и со пресуди за Љубе Бошкоски, за убиството на хрватскиот ракометар ТОТ, како и за сообраќајна незгода каде за усмртување на човек досуди условна казна за возачот.

По оваа пресуда, Јовчевски се жали и до Европскиот суд за човекови права во  Стразбур. Во јануари годинава доби потврдно писмо дека неговите документи се примени и веќе се работи на случајот Јовчевски против Северна Македонија.

Оставете коментар

коментар(и)