Соларната експанзија во енергетиката ги уништува земјоделските површини

Пишува: Миле Ѓорѓиоски

Екипа на СКУП Македонија

Северна Македонија веќе има над 30% инсталиран капацитет за обновливи извори на енергија. Ако се реализираат и најавите за инвестиции на неколку големи компании повеќе од половината инсталирани капацитети ќе бидат од обновливи извори на енергија.

Ентузијазмот ги држи инвеститорите и понатаму, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

„Има огромен интерес за изградба на фотоволтаици. Од први јануари до денес имаме издадено дозволи за 164 мегавати инсталиран капацитет на фотоволтаици и од минатата година, тоа ќе дојде околу 280 мегавати. Тоа е капацитет што е половина од капацитетот на РЕК Битола, со тоа што бројот на часови на работа на РЕК Битола е 3 пати поголем“, вели Бислимовски.

Тој додава дека ако се направат големите инвестиции што се најавуваат Акула 400 мегавати во Штипско, ветерницата во Крива Паланка и 200 мегавати когенеративна постројка во Скопје, тогаш ќе има многу поголемо производство.

Бенефитот од отворањето на пазарот го има почувствувано и Крсте Ѓоргиев, бизнисмен од Радовиш.

„Инвестирав во соларни панели на кровот од мојот објект за да ги намалам трошоците за електрична енергија. Дополнително ја намалив неизвесноста околу функционирањето на мојот бизнис, со тоа што ги намалив штетите по мојот бизнис од екстерните шокови, како испорака и цена на електричната енергија“, вели Ѓоргиев.

Позитивниот аспект од отворањето електроенергетскиот систем за производството на електрична енергија е многу голем за економијата и стопанските капацитети.

Според Зоран Митрески, управител на „Ефикс електрикал“, компанија за проектирање и инсталација на соларни панели, земјава има големи ресурси во делот на енергетиката.

„Добро е тоа што се отвори пазарот на енергетиката. Порано беше таква ситуација што државата не дозволуваше пристап на граѓаните до мрежата. Иако постојано увезуваме електрична енергија од 30 до 40% за задоволување на потребите. Ние сме во тој златен прстен каде имаме перфектна температура од -25 до +25 степени целзиусови“, вели Митрески.

Тој додава дека ова мора да го искористиме како отскочна даска во економскиот развој на земјава во следниве 6-7 години. Ова, според него, е одличен ресурс.

Експресна инсталација со долгорочни последици

Овој нов пазар беше нова можност и за политичарите. Користејќи го нивното влијание и отсуство на мерки за заштита на јавниот интерес, многу политичари од владејачките партии инвестираа во соларни панели. Се поставуваа панели насекаде, без државата да поведе сметка за своите стратешки интереси кога се работи за производство на основна храна.

„Не може енергетиката да има предност пред прехранувањето на луѓето“, смета Борис Анакиев поранешен професор на катедрата за Агроекономија при Земјоделскиот Факултет во Скопје.

„Првокласното земјиште треба да се користи за производство на храна. Наша стратешка цел е да обезбедиме доволно храна за населението и сточниот фонд. Порано за време на Југославија имаше стратегија со која не се дозволуваше на земјоделско земјиште со повисок бонитет да се градат објекти, односно да се пренаменува во градежно“, смета Анакиев.

Сончева енергија може да се произведе насекаде во државава. Во Северна Македонија има над 10.000 објекти во државна сопственост за дел од нив, државата ги нема ниту во евиденција. Тие можат да се искористат за поставување на соларни панели на крововите, ќе дадат дополнителна заштита на крововите и објектите, а нема да се зафаќа и дополнително земјоделско земјиште.

Експертите ги спомнуваат автопатиштата и експресните патишта кои, според официјалните податоци, во земјава се простираат на 290 километри. За овие површини државата веќе извршила експропријација и тие се префрлени во градежно земјиште. Овие 290 километри или 290.000 метри ако ги множиме со 50 метри минимум ширина на овие објекти, колку што фаќаат автопатиштата со заштитната ограда, излегува дека тоа е површина од 14,5 милиони метри квадратни. За да се инсталира капацитет на соларни панели од 1 киловат, се потребни 10 метри квадратни површина на соларните панели, тогаш добиваме инсталиран капацитет од 1,5 гигавати инсталиран капацитет или над двапати поголем капацитет од трите блока на РЕК Битола заедно.

Бенефитот за патиштата ќе биде двоен. Во лето, соларните панели ќе држат сенка и нема да се загрева асфалтот, а со тоа и создавањето на колотраси од тешките возила и деформирањето на асфалтната површина ќе се избегне. Кога ќе врне дожд ќе се избегне лизгавоста на коловозите и во зима кога ќе паѓа снег, асфалтната површина ќе биде заштитена и екипите за чистење ќе имаат помалку работа.

Доколку се инсталираат соларните панели само на автопатиштата на државно земјиште државата ќе спаси околу 1.500 хектари земјоделско земјиште. Просечната потрошувачка на леб во Македонија изнесува околу 67 килограми по жител годишно. За еден килограм леб е потребно околу 0,8 килограми брашно, а за секој килограм брашно е потребно просечно 1,3 килограми лебно жито. Или за да прехраниме еден човек годишно ни требаат околу 87 килограми жито.

Со овие 1.500 хектари што ќе бидат спасени ако се постават соларни панели на автопатиштата, доколку земеме дека просечно производство на жито по хектар во Македонија е 3.000 килограми излегува дека годишно ќе произведеме 4,5 милиони килограми пченица и да прехраниме еден град од 51.000 жители. Тоа е град со големина малку помал од Прилеп.

„На запад покрај патиштата има државно земјиште кое е национализирано, нека се инсталираат соларни системи таму. Не мора во Свети Николско најплодното земјиште да се узурпира со соларни панели. Никаде во светот не се дава прва, втора и трета категорија земјишта бидејќи тоа се стратешки површини за производство на храна“, вели Митрески.

Тој додава дека во Швајцарија веќе поставуваат соларни панели на пругите на просторот помеѓу шините и праговите.

Во Македонија како железнички пруги имаме 699 километри. Оваа површина од 699.000 метри квадратни, доколку го земеме просторот помеѓу шините, и на нејзе можат да се постават теоретски 69 мегавати инсталиран капацитет, или нешто помал инсталиран капацитет од ТЕЦ Осломеј.

За жал никој од надлежните не водеше ред кога се поставуваа овие панели, да се заштити националниот интерес.

Балансирање: за странците мајка за домашните маќеа

Експресната експанзија на соларните панели веќе создаде проблеми при балансирањето на електричната енергија. Пристап до мрежата им се дава на сите компании, но за време на пиковите на соларните панели веќе има преголема понуда на струја и цената паѓа. Државата подготвува нов закон со кој дополнително ќе ги оптовари идните бизниси да инвестираат двојно повисоки суми во батерии за да ја складираат струјата бидејќи ќе немаат пристап до мрежата во пиковите, вели Марко Бислимовски.

„Понатаму мора да се воведат и батериите, бидејќи без батерии сите ќе имаме проблеми. До октомври сите институции ќе бидеме готови и ќе ја поднесеме новата регулатива, да компаниите со соларните панели инвестираат и во батерии за складирање, бидејќи вака е неодржливо. Цените на електричната енергија во сончеви периоди, за викенди знае да падне и на 0 денари за мегават час електрична енергија“, вели Бислимовски.

Ова, и тоа како ќе ги оптовари бизнисите со огромни трошоци. Батериите знаат да бидат и двојно поскапи од инвестицијата во соларните панели, а во некои случаи и тројно. Вредноста на струјата моментално од понеделник до петок на берзата во Будимпешта се движи од прилика од 90 до 120 евра за мегават час. За време на викенди, цената на струјата знае да падне и до 0 денари за мегават час на берзите бидејќи за викенди индустријата не работи, а соларните панели и понатаму произведуваат, со тоа што се појавуваат вишоци на електрична енергија на берзата и за да не дојде до исклучување на системите и намалување на производството, се спушта цената на 0 денари, за да се стимулира потрошувачка на тие вишоци.

„Дојдени се во Македонија мултинационални компании кои се заинтересирани за производство на електрична енергија бидејќи ние имаме перфектни услови за развој за производство на електрична енергија. Овие странци што доаѓаат да инвестираат 300, 400 а слушам некои и 800 мегавати инсталиран капацитет и мора да бидат приклучени во енергетската мрежа. Овде веќе ни се јавува проблем. Имаме сонце, имаме простор, но немаме капацитет на мрежата да ја прима струјата и сега слободните капацитети во мрежата ќе ги дадат на странците, првокласно земјиште ќе им дадат на странците, а од домашните производители се бара да леат дополнителни пари за складирање барем на 50% од произведената струја“, вели Митрески.

Овде е потребно и државата да инвестира во дополнителни капацитети за балансирање на пиковите на производство на електрична енергија.

Постојат неколку модели на балансирање на пиковите на производство на електрична енергија.

Балансирање со батерии, тоа е состојба кога покрај основната инвестиција за соларни панели, ќе се набават батерии, кои ќе ја складираат електричната енергија кога ќе има вишоци, односно кога ќе има сонце во текот на денот и ќе ја трошат таа струја вечерта, кога нема сонце. Ова е најлошиот модел на балансирање кој троши многу метали за производство на батерии, второ, батериите имаат неколку години век на трајност, трета работа е што ваков систем чини од 50 до 150% повеќе пари од самата инвестиција за набавка на соларни панели.

Многу добар модел е користење на електролизери, за производство на водород. Водород најлесно се добива на два начини, првиот е со разложување на природниот гас или метанот кој има хемиска формула CH4, еден атом на јаглерод и 4 атоми на водород. Со хемиски процес се одвојува атомот на јаглеродот и се добива 4 атоми на водород.

Вториот интересен начин и многу применлив кај нас е со инвестициите во сончеви системи е електролиза на водата која има хемиска формула H2O. Два атоми на водород и еден атом на кислород. Се зафаќа водородот со таа електролиза, преку вишокот на енергија и водородот се складира, подоцна со агрегати кои работат на водород се согорува и се произведува повторно електрична енергија во текот на ноќта или во дневни пикови кога ќе нема сонце за производство на електрична енергија, без воопшто да се загадува животната средина.

„Јас бев кандидат за градоначалник на Прилеп и во мојата програма, доколку бидам избран, ветив изградба на една таква централа, нека чини и 10 милиони евра, што е многу мала инвестиција која ќе обезбеди развој на цел еден град од 100.000 жители колку што е Прилеп и околината“, вели Зоран Митрески.

Третиот и најчист и најбезбеден начин на складирање или балансирање на вишокот на електрична енергија е преку систем кој крева тежина со помош на мотори нагоре, во моменти кога има вишок на електрична енергија, а кога нема, се спушта истата тежина, придвижува турбина, слично како кај хидроелектраните, и се произведува струја.

Дистрибутерот ги „ограбува“ домаќинствата

Монополската позиција на дистрибутерот на електрична енергија најскапо ја плаќаат домаќинствата. Единствениот дистрибутер на струја за домаќинствата им ја откупува струјата на домаќинствата за 1,8 денари, а им ја продава за 8,5 денари истата електрична енергија што е разлика од околу 500%. Таа осцилација кај правните лица кои произведуваат електрична енергија од соларни панели и ја продаваат на слободниот пазар е околу 9%.

Со други зборови кажано, мегават час, домаќинствата го предаваат по 30 евра на енергетскиот оператор, а го купуваат по 135 евра.

Дополнителен проблем е што во мрежата домаќинствата можат да уфрлат само производство од инсталиран капацитет од 6 киловати.

„Енергетскиот оператор ЕВН се плаши демек ако домаќинствата се вклучат со повеќе од 6 киловати инсталиран капацитет, ќе се распадне енергетската мрежа, што не е баш така. Секаде во регионот едно домаќинство може да биде приклучено со капацитет од 30 киловати. Ние немаме конкуренција и затоа ЕВН ги одредува условите. Има земји каде што има по 3-4 снабдувачи, самите компании за дистрибуција на електричната енергија дозволуваат на домаќинствата да инсталираат и до 30 киловати панели на крововите, додава Митрески.

Кога ќе има конкуренција на пазарот со дистрибуција на електричната енергија, граѓаните ќе бидат многу позаштитени. Монополите воопшто не се добри за економијата, а од државниот монопол, полош е само приватниот.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)