Социјалните мрежи и медиуми – лост за ширење на авторитарни пропаганди

Пишува: Горан Лефков

Социјалните мрежи се најсилното оружје на руската пропаганда. Лаги, манипулации, извртувања на вистината. Тоа е рецептот со кој режимот на Путин го „бомбардира“ демократскиот свет. Со започнувањето на војната во Украина, Европската Унија ги забрани руските канали од каде се ширеше руската пропаганда, како „Раша Тудеј“, „Спутник“ и останатите телевизии и медиуми. Тогаш започна да се зголемува руската пропаганда преку средствата за комуникација на социјалните мрежи.

Главниот таргет на руската пропаганда денес е социјалната мрежа Фејсбук, бидејќи за разлика од традиционалните на Фејсбук нема ригорозна контрола на таа пропаганда. Сè може да се објави, вели Горан Георгиев, истражувач во Центарот за истражување на демократијата, од Софија.

Друга причина зошто се оди на Фејсбук е дека руската пропаганда таму е многу поефикасна, за разлика од традиционалните медиуми каде има и друга содржина и руските пропагатори не се сигурни дали пораката ќе стигне до корисниците за кои е наменета, вели Георгиев.

Во Центарот работат на истражување за активностите на руските амбасади на Балканот, вклучувајќи ја и руската мисија во Скопје. Вистиномер веќе објави за активностите на социјалните мрежи на оваа амбасада.

Русија и нејзините сојузници прават сè за да овозможат нивниот став да преовладува на социјалните мрежи.

Заради нивните активности, Мета – сопственикот на социјалната мрежа Фејсбук, мораше да го раскине договорот за модерација на коментарите на Фејсбук со канадската компанија Телас, со клонови во повеќе балкански земји.

Имаше истражување на Би-Би-Си за модерацијата на персиски јазик која се случувала во Есен во Германија, каде во оваа компанија имало луѓе кои се компромитирани и обучени од иранските тајни служби.

Истото се случува и во нашиот регион. Во Телас работеле Бугари кои ги модерирале содржините и на бугарски и на руски јазик на Фејсбук. Тие ги блокирале профилите на луѓе кои ја критикувале Русија, иако тоа е критика која не ги нарушува правилата за користење на Фејсбук. Тие ги бришеле критички настроените коментари, а ги оставаат да се шират руските дезинформации.

Интернет просторот податлив за пропаганда

Падот на традиционалните медиуми, кризата на финансирањето на весниците и телевизиите доведе до една клучна пресвртница, посебно преку информирањето на младите. Иако, телевизијата, со приближни 75 отсто сѐ уште е прв медиум за информирање во земјата,  важно е да се напомене дека нешто повеќе од 50 отсто од корисниците на интернет, исто така, го користат за информирање и за читање вести.

Овие трендови беа и тоа како употребени од тоталитарните режими, како Русија и Кина, за проширување на своето влијание во Балканските земји.

Од истражувањата на СКУП Македонија, произлезе дека за разлика од пред 10-на години кога големи руски тајкуни купуваа цели телевизии, како што беше случајот со Телевизија „Алфа“ во Бугарија, на претседателот на партијата Атака, Волен Сидоров, сега трендовите се селат на интернет.

Според истражувањето на Институтот за глобални анализи од Софија, руското влијание најмногу се шири преку српските портали, „Спутник“ и „Информер“.

Способноста на Кремљ да навлезе во информативните екосистеми на државите на Југоисточна Европа зависи од обемноста на „локалната инфраструктура“ на сајтовите и профилите кои ги подржуваат политиките на Кремљ, се наведува во публикацијата на Институтот за глобални анализи од Софија, објавена во декември минатата година.

Потврда за ваквиот пристап пристигна од Христо Грозев, еден од основачите на светски познатата мрежа на истражувачки новинари Белингкет, кој живееше во Виена, но сега е преселен на безбедна локација и со зголемена заштита, заради опасноста по неговата лична безбедност. Тој годинава објави имиња на лица во Бугарија и Источна Европа кои биле плаќани да шират руска пропаганда. Директно беше споменато и името на делчевецот, Дарко Тодоровски, по што тој изјави дека анализите се лично негови како докторанд во Русија.

Во јуни минатата година, Лена Бориславова, шефицата на кабинетот на поранешниот бугарски премиер Кирил Петковизјави дека има долга листа на јавни личности, политичари, новинари и професори кои биле плаќани од руските служби.

Он лајн просторот како моќна алатка за дезинформации

Социјалните мрежи заземаат сè поголема и поголема улога во информирањето на граѓаните.  „Нешто повеќе од 50 отсто од корисниците на интернет го користат за информирање и за читање вести“ се наведува во Извештајот на МИМ. Овој процент кај младите од 15 до 29 години оди и до 85 отсто.

Но, за разлика од традиционалните медиуми, социјалните мрежи се многу голема алатка во рацете на дезинформаторите. Ниската медиумска писменост на граѓаните во Северна Македонија е плодно тло, за овие дезинформации.

Опасноста од дезинформациите и лажните вести се големи и за општества со многу поразвиена демократија и медиумска писменост. Примерот на групите од Велес при изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, како и Брегзит, покажаа дека никој не е безбеден и имун на дезинформации во онлајн просторот.

Потребно е да се направат неколку чекори со кои ќе се овозможи повисока брана за овие дезинформации да продрат во онлајн просторот.

Според Румена Филипова, истражувач во Глобалниот центар за аналитика, регионот на Југоисточна Европа  е таргет на авторитарните режими во ширењето на дезинформациите.

Потребно е да има квалитетни новинарски стории кои ќе ги информираат граѓаните за опасностите во онлајн просторот, подобрување на мониторингот над сопственоста над медиумите и поголема транспарентност за потеклото на капиталот на овие сопственици, воспоставување на силна регионална мрежа за поддршка на истражувачкото новинарство и зголемувањето на медиумската писменост, вели Филипова.

Веднаш по агресијата врз Украина, режимските структури во Москва регрутираа т.н. „сајбер војници“ кои имаа задача да се вклучуваат во Телеграм и Јутуб канали и да ставаат коментари со кои ја оправдуваат агресијата врз Украина.

Според Андреј Захаров, истражувачки новинар од Русија, ова е веќе користен модел на окупација на Сајбер просторот.

Уште во 2017 година ги открив т.н. фабрики на тролови, додека работев во РБК. Тие имаа за задача да креираат дезинформации што одат на линија на ставовите на Кремљ и да ги пласираат за поддршка на недемократските режими во светот. Така се случи да се фабрикуваат многу лаги и дезинформации на изборите во САД и за Брегзит, вели Захаров.

Годинава РБК повторно објави дека режимот врши регрутации на таканаречени армии на сајбер војници.

Опасноста на српските сајтови за Северна Македонија

Во најновото истражување на Бирото за општествени истражувања БИРОДИ, српските портали „Спутник“ и „Информер“, се ударните тупаници на руската пропаганда во земјите на поранешна Југославија. Нивна поддршка се и руските енергетски компании кои работат во Србија, преку реклами и финансирање на постоечки српски медиуми.

Иако овие портали и медиуми излегуваат во Србија, сепак преку онлајн просторот тие се пренесуваат и во С. Македонија.

Скоро да нема Македонец што не разбира српски јазик. Содржината на проруските портали во Србија е лесно достапна за македонските читатели. Постарите генерации во училиште го изучуваа српско-хрватскиот јазик, исто така во тоа време мажите служеа воен рок во Југословенската народна армија и сето ова дополнително ги прави српските пропагандистички портали моќна алатка на руската пропаганда врз македонското население.

Една од насловниците на „Информер“. Фото: скриншот

„Вистиномер“, на почетокот на годината објави дека Северна Македонија беше споменувана на „Спутник“  за теми кои одеа на линија со ставовите на руската пропаганда.

Тие во 2022 година беа доста активни, промовирајќи ги руските позиции. Така, кога на „Информер“ ќе напишете „Северна Македонија“, се појавуваат повеќе од 30 текста само за поврзаноста на Северна Македонија и Русија. Одлуката на македонската влада да протера 5 руски дипломати во 2022 година беше користена за промовирање на руската страна во приказната. За подгревање на страстите користеа изјава од Иван Стоиљковиќ, пратеник во македонското Собрание од српската заедница, во која тој изјавува дека протерувањето на руските дипломати од С. Македонија е како да протерате Срби од Македонија.

Стоиљковиќ, многу често беше присутен со свои изјави и ставови во овие портали. Тој и двајца пратеници на Левица, беа единствените во македонското Собрание кои гласаа против усвојувањето на декларацијата за поддршка на Украина.

Исто така,  во текстовите  можат да се идентификуваат теми во кои се говори дека Северна Македонија ќе има проблеми со енергетиката и прехранбените производи. Истите наративи можат да се најдат и во руските медиуми, како „Раша тудеј“.

Присутни во проруските портали во Србија беа и заканите на руските официјални лица дека ќе забранат извоз на гас за Северна Македонија и Црна Гора, по забраната за прелет на авионот на Сергеј Лавров на овие земји.

Медиумски влијанија на Турција и Кина во Северна Македонија

Турција традиционално е присутна помеѓу муслиманите на Балканот, а своето влијание го пренесува преку Турската национална телевизија и агенцијата Анадолу. Таа е присутна најмногу во Косово, Босна и Херцеговина, С. Македонија и дел во Албанија. Преку овие медиуми се форсира турската позиција во војната во Украина, како посредник помеѓу завојуваните страни.

Во делот на муслиманска пропаганда, покрај турските организации и канали на социјалните мрежи можат да се најдат и неколку невладини организации и канали кои ја шират пропагандата на екстремниот ислам во С. Македонија. Претежно кај Албанците и Македонците муслимани.

Кинеската пропаганда на голема врата во С. Македонија влегува преку инвестициите што ги имаат во инфраструктурни проекти, но забележани се и активности преку Кинескиот универзитет со седиште во Будимпешта.  Во „Неделниот брифинг“ имаат многу слични ставови и пристап со руската пропаганда.

Иако оваа пропаганда е нова, сепак стартуваше прилично агресивно. Подиректен канал за влијание на кинеските информациски кампањи е Фејсбук и тоа страниците на кинеската амбасада во Скопје и на Институтот Конфучиј, кој е присутен на Фејсбук речиси од самото формирање во 2013 години, иако во почетокот имаше многу мал број објави во споредба со денес.

Иновативни форми на пласирање на малигни влијанија

Последното нешто што го прават руските амбасади на социјалната мрежа Фејсбук е техника позната како црна пропаганда. Ова е техника на психолошка војна.

Тоа се координирани постови од руските тајни служби. Како функционира таа? Ќе објават скриншот од  веб-сајт кој за нас е познат како портал кој објавува руски дезинформации. Во текстот на тој скриншот ќе објават содржина како:

„Ова е веб-сајт кој е создаден од Западот и тие кажуваат дека е на руските служби, а всушност не е, за да ние, властите на Русија, да изгледаме како лошите“, вели Георгиев.

Чест извор на дезинформации во С. Македонија знае да биде и самиот Твитер профил на рускиот амбасадорот во Скопје, Сергеј Баздникин. Ова дирекно укажува дека во војната со дезинформации е вклучена и официјалната руска администрација.

Се користат сите достапни методи и модели. Од постови на социјалните мрежи до организација на настани каде ќе се промовира „руската вистина“. Таквите тенденции се повторуваат скоро во секоја држава.

Во Бугарија тие организираат и настани дури и злоупотребуваа деца заради нивната пропаганда. Најсвеж пример е кога во Варна, (каде поддршката на Возраждане – проруска партија во Бугарија е најголема), се организираше настан на кој требаше да одржи говор руската амбасадорка Елеонора Митрофанова, а на учениците им беше кажано доколку не дојдат на настанот дека ќе им напишат неоправдани изостаноци од училиште. Планот беше овој настан да се споделува на социјалните мрежи, а говорот на Митрофанова требаше да ја содржи руската пропаганда

Меѓу најновите истражувања на оваа тема е и она на Метаморфозис спроведено во периодот од ноември 2021 до април 2022 година. Заклучокот е дека дезинформациите засилено почнале да се шират веднаш штом избила војната во Украина, на 24 февруари 2022. Но, исто така и дека „најголем број дезинформациски написи потекнуваат од социјалните мрежи – дури 152 од анализираните написи биле лични постови на „Фејсбук“, а само осум биле медиумски написи.“  Исто така, дезинформациите во најголема мера се базирале на медиумски написи во домашните или странските медиуми (дури 76 од сите дезинформациски написи), а потоа и на објави на социјалните мрежи (38 објави, од кои 19 на „Фејсбук“, а 14 на „Твитер“). Во помала мера дезинформациите се засновале и на објави на „Јутуб“ (16), веб-страници (13), како и на други извори.

Оставете коментар

коментар(и)