Само тројца министри од Владата на Христијан Мицкоски, пријавиле оружје во анкетните листови. Најчесто е ловечко оружје.
Изработил: Тим на СКУП Македонија
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за европски прашања, Орхан Муретезани и министерката за образование и наука, Весна Јаневска се единствени министри од Владата на Христијан Мицкоски кои во своите анкетни листови поднесени до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) пријавиле оружје.
Според достапните податоци оружје на свое име поседуваат министерот Андоновски и Муртезани, додека министерката Јаневска пријавила оружја на име на својот брачен другар.
Министерот Андоновски во анкетниот лист како советник во советот на Град Скопје пријавил три оружја, како министер само едно
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во анкетниот лист како министер поднесен до ДКСК пријавил податоци за оружје. Тој како лична сопственост пријавил оружје без да се наведе за каков вид станува збор кое вреди 100 илјади денари. Како правен основ на стекнување е наведено дека е стекнат со договор за подарок. Сепак, тимот на СКУП Македонија ги провери и претходните анкетни листови и забележа дека министерот Андоновски, како советник на град Скопје пријавил уште две оружја на име на родител и брат, но во новиот анкетен лист како министер тие не се наведени. Тогаш тој пријавил оружје на име на брат во вредност од неверојатни половина милион денари, стекнато со договор за подарок, без да се прецизира за каков тип на оружје станува збор. На име на негов родител тогаш пријавил и уште едно оружје во вредност од 120 илјади денари, стекнато со наследство, без дополнителни податоци за типот и видот на истото.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани исто така пријавил оружје на свое име. Тој во анкетниот лист поднесен до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) како министер навел дека поседува оружје кое вреди 45 илјади денари. Притоа не е наведено за каков тип на оружје станува збор ниту пак е наведен правниот основ врз кој е стекнато оружјето. Претходно, во анкетниот лист како Советник во Општина Сарај што го има поднесено Муртезани, а за кој поседуваме податок, нема пријавено оружје.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска во својот анкетен лист пријавила оружје, но за разлика од своите колеги, министрите Андоновски и Муртезани, оружјето на Јаневска е на име на својот брачен другар.
Во анкетниот лист пријавени се две оружја без да се наведе нивниот вид и тип. Едното е наведено дека е добиено со дозвола и вреди 30 илјади денари, додека второто е добиено како подарок од Министерството за внатрешни работи (МВР), со идентична вредност како и првопријавеното оружје.